Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 535–536

Ѓорги Димовски-Гого

Илустрација, стр. 535

ЃОРГИ ДИМОВСКИ-ГОГО

(1980-2016)

Тешко се помиривме со реалноста дека меѓу нас го нема нашиот Гого, а уште потешко се наоѓаат зборови за да се опише прераната загуба на еден скромен, упорен, трпелив, самопрегорен уметник, скулптор, конзерватор, керамичар, сликар, иконописец.

Својата љубов кон керамиката и вајарството Гого ја усовршуваше во Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ - Скопје, отсек керамика, на Факултетот за ликовни уметности - Скопје, каде што дипломираше 2005 годиина на Отсекот за вајарство со конзервација и реставрација, а во 2011 година се здоби со звање магистер на ликовни уметности од областа - вајарство.

Уште за време на студирањето, а и подоцна со самото вработување, беше активно вклучен во повеќе проекти во нашата установа, и тоа на изработка на техничка документација од локалитетот Хераклеја Линкестис, конзервација и реставрација на ѕидното фрескосликарство, конзервација и реставрација на праисториска и античка керамика, исцртување и конзервација на мозаици, изработка на кукли манакени за етнолошки музејски експонати изработка на копии од музејски предмети од локалитетот Хераклеја Линкестис за потребите на сувенирницата. Од 2010 година е вработен на неопределено работно време во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Битола.

Неговата темелност, прецизност, инвентивност и креативност посебно доаѓа до израз на неговите авторски монументални скулптури на Карло Велики (Министерството за надворешни работи - Скопје), Јарослав Мудриот (Министерството за надворешни работи - Скопје), Мелпомена (Македонски народен театар - Скопје), Терпсихора (Македонски народен театар - Скопје), Јован Владислав (мост „Око“ - Скопје).

Покрај сите овие активности, Гого посебно внимание посветуваше на својата надоградба со учество на повеќе семинари и симпозиуми за конзервација и реставрација, и тоа во Прилеп (2002), Солун - Грција (2007), Битола - ИМГ (2008), Струмица - ИМГ (2009), Охрид (2010), а посебно во меѓународниот археолошки проект Balkan Heritage - како предавач во работилниците за техничка документација и конзервација на керамика.

Со овие дела учествуваше на повеќе групни изложби, и тоа во Скопје (2006), Битола (2005-2006), Прилеп (2008) и на сите изложби на Друштвото на ликовни уметници - Битола. Неговите самостојни изложби беа во Битола (2005) и Струмица (2008).

Неговиот вложен труд, неговата креативност и перфекција беа соодветно наградувани со добивањето на прва награда на конкурс за Споменик на битолските бранители - Битола, втора награда за Коњанички споменик на Никола Карев - Скопје, втора награда за Споменик на дедо Кољо Добровенски - Општина Новаци, трета награда за Коњички споменик на Карпош - Скопје, изведбена награда на конкурс за скулптурите на Мелпомена и Терпсихора - Македонски народен театар - Скопје, како и прва награда за идејно решение за подигање на спомен-обележје на Александар Турунџев 2016 година, која е добиена постхумно.

Неговиот ентузијазам и креативниот творечки занес нагло беше прекинат со неговата ненадејна и прерана смрт. Тоа е реалноста. Иако физички Гого не е меѓу нас, споменот на неговиот лик и дело ќе бидат дел од нас, неговите колеги, соработници, пријатели.

Нека му е вечна слава.

Лидија Достовска