Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 531–532
Живојин Винчиќ
ЖИВОЈИН ВИНЧИЌ
(1930 – 2017)
Живојин Ж. Винчиќ е роден на 27.10.1930 година во Крагујевац, СР Југославија, а починал на 20.09.2017 година во Скопје. Потекнува од сиромашна фамилија и во раните години од своето детство останува без своите родители. Основното и средното образование го стекнува во Белград, Нови Сад и Шабац, поради што дел од својот живот во раната младост го поминува како селски слуга, рибарски чирак, бродар и партизански курир. Апсолвира на Теолошкиот факултет во Белград во 1955 година, а во 1959 година, дипломира на Филозофскиот факултет во Белград - група археологија. На истиот факултет ги завршува магистерските студии во 1982 година, со одбрана на научниот труд „Хидроинсталации на античките градови во Србија и Македонија“. Во 1992 година се стекнува со титула доктор по археолошки науки со одбрана на тема „Тиквешијата во светлината на археолошките истражувања“.
Од 1960 година е вработен во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата - Скопје, како референт по археологија, каде во текот на неговиот работен век ги стекнува сите потребни звања, кои се доделувани од страна на матичната институција по основ на неговите стручни достигнувања. Се пензионира во 1996 година. Во истиот период веднаш по неговото пензионирање е ангажиран од страна на неговата матична институција како управник на археолошкиот локалитет Стоби.
Во текот на работниот стаж, господин Живојин Винчиќ, бил ангажиран на голем број проекти од областа на археологијата и заштитата на најзначајните споменици на културата во Република Македонија, како што се „Св. Пантелејмон“ - гробот на Св. Климент - Охрид, „Св. Леонтие“ - Водоча, комплексот цркви во с. Мородвиз и други.
Најзначајни негови ангажмани во делот на археологијата се на археолошките локалитети: Хераклеја Линкестидска, Стоби, Скупи, Баргала, Идомене - с. Марвинци и многу други, повеќе или помалку познати археолошки локалитети, коишто резултати во најголем дел се објавени во стручната литература на републичко и сојузно ниво. Автор е и коавтор на археолошките карти на територија на општинските собранија (стара поделба): Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Радовиш, Куманово, Кичево и Гостивар. Автор е на археолошките подлоги на: Варош - Прилеп, Демир Капија, Нов Дојран и Кочани. Учесник е на бројни конгреси и симпозиуми во земјата и странство. За активностите на полето на заштитата на културното наследство ја добива највисоката титула - конзерватор-советник, а за истражувачките достигнувања во полето на археологијата од страна на Битолскиот Универзитет и Научниот совет на Институтот за Старословенска култура во Прилеп, избран е во научен советник.
За успешната и плодна соработка од повеќе органи и организации од областа на културата во Република Македонија, има добиено признанија и благодарници.
Како врвно признание се смета Медалот за храброст, Орден на трудот со сребрен венец и Јубилеен медал за заштита на спомениците на културата на СФРЈ.
Миле Велчовски