Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 529–530

Радмила Пашиќ

Илустрација, стр. 529

РАДМИЛА ПАШИЌ

(1931-2015)

За развитокот на археолошката дејност во Македонија од круцијално значење беше генерацијата македонски археолози што својата активност ја врзуваа за седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Тогаш, со реализирањето на низа повеќегодишни континуирани истражувања на различни археолошки пунктови, главно, во Скопско, Повардарјето и во Пелагонија, се создаде вистинска клима за подем на македонската археологија и музеологија до височини што го претставуваа самиот врв на тогашната југословенска археологија.

Меѓу носителите на тие активности, со својата посветеност и професионалност, се истакнуваше Радмила Пашиќ. Родена во Струшко, но со образование стекнато во Белград, каде дипломирала и магистрирала на Катедрата за археологија на Филозофскиот факултет, Радмила претставуваше вистински претставник на своето време. Таа беше еден од тие стручњаци што ја отворија вратата за систематски археолошки истражувања на железното време во Македонија, а со тоа и за формирање на една од најбогатите и најзначајните збирки во тогашниот Археолошки музеј на Македонија.

Како кустос за железно време целиот работен век го помина во Археолошкиот музеј и го посвети на откривање, научно вреднување и афирмирање на археолошките вредности од помладата праисторија во Македонија. Со нејзината теренска активност отпочнаа истражувањата во Скопско, на локалитетите во Волково, Орешани, Бразда, Нерези, Студеничани. Денес овие локалитети претставуваат едни од најзначајните пунктови за познавање на железното време и раната антика во Скопската Котлина. За истакнување се и нејзините ископувања на Орлови Чуки во Стар Караорман и на Дабици во Сопот.

Сепак, најголемиот дел од нејзината професионална активност беше поврзана со истражување на региониот на Долното Повардарје, поточно, со реализирањето на повеќегодишните ископувања на железнодопските некрополи во Гевгелиско (Сува Река и Милци) и Валандовско (Марвинци и Дедели). Токму нејзините откритија го афирмираа тој регион како еден од најразвиените култури на Балканот, познат во науката како Гевгелиска или Долновардарска група на железното време. Денес е незамислива сликата за железното време на Балканот без податоците обезбедени со теренските активности на Радмила Пашиќ, како и постојаната музејска поставка на нашиот најголем, денес државен музеј без наодите од нејзините ископувања. Тие што имаа среќа да соработуваат и да бидат во нејзина близина имаа многу што да добијат и да научат од Радмила Пашиќ на професионално поле. Еден од тие среќници бев и јас како нејзин прв соработник уште од студентски денови, па cè до нејзиното прерано заминување, за што вечно ќе ја има мојата благодарност.

Драги Митревски