Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 527–528
Драгиша Здравковски
ДРАГИША ЗДРАВКОВСКИ
(1952-2015)
Речиси пред три години македонската археологија и музеологија изгубија една исклучителна благородна личност. Нешто повеќе од една деценија ја имав таа привилегија мојот професионален живот да го делам со колега кој во моите сеќавања секогаш ќе остане запаметен, пред cè, како човек кој го сакаше животот, знаеше искрено да му се радува и несебично да ја дарува својата милост. Драгиша Здравковски беше човек со многу доблести - правдољубец, професионалец, широк дух, толеранција, аналитички ум, умешност со леснотија да го спои теориското со практичното, честопати самокритичен. Тој беше еден од ретките џентлемени и хроничари во македонската и балканската археологија. Во моите сеќавања ќе биде запаметен и по неизмерната љубов кон своето семејството, пријателите, колегите, татковината, вербата во Бога. Борец кој ѝ пркосеше на својата кобна болест, и никогаш не се пожали на неа...
Длабоко сум уверена дека со смртта на Драгиша Здравковски македонската археологија, особено музеологијата, останува посиромашна за едно големо научно искуство, визија, стратегија и дипломатија, кои се неопходни во нашите секојдневни професионални предизвици.
Животниот пат на овој голем човек започнува во 1952 година во малото и питомо овчеполско гратче Свети Николе. Истражувачкиот и љубопитен дух, но и големата љубов кон археологијата го однесе во главниот град на нашата земја, каде во 1979 година дипломира на Катедрата за историја на уметноста со археологија. На истата катедра во 2004 година го одбрани својот магистерски труд, а во 2006 година и докторската дисертација. Во 2008 година Драгиша Здравковски е избран за научен соработник на Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет, а од 2008 до 2012 година беше вонреден предавач по предметот Археологија на Блискиот Исток 1 и 2.
Во 1981 година се вработува како археолог - кустос за младо камено време во Музејот на Македонија. Работниот и животниот век го завршува како археолог - кустос советник за неолит во Археолошкиот музеј на Македонија. Во текот на својот професионален живот ги извршува и функциите програмски директор и в.д. директор на Музеј на Македонија. Богатата и плодна работна кариера на Драгиша Здравковски може да се следи на повеќе нивоа од заштитата на културното наследство, неговата презентација и валоризација.
Почнувајќи од своите студентски денови, па речиси до крајот на неговиот живот, тој работи со голем жар на истражувањето на повеќе археолошки локалитети во Македонија и во странство. Резултатите од истражувањата ги објавува во многубројни стручни публикации за културното наследство. Неговиот личен интерес е предисториската археологија, но работи и на други научни проблематики во македонската археологија. Драгиша Здравковски водеше перманентна грижа за збогатување на музејскиот фундус, особено на една од најатрактивните и научно најпредизвикувачки збирки во македонската археологија - неолитската.
Професионално се ангажира и во организирањето на голем број изложби поставени во Музејот на Македонија, низ Македонија и во странство. Посебно се залага за завршување на постојаната музејска поставка Етнологија на Македонија, во која Драгиша Здравковски внесува многу труд, енергија, време и знаење. Во периодот по осамостојувањето на Република Македонија своето големо професионално искуство, како и многубројни лични пријателства, Драгиша Здравковски ги употребува за организирање на изложбите за познатите Теракотни икони од Виница во неколку реномирани музеи во повеќе европски културни, научни и политички центри, во периодот 1992-2002 година. Теракотните икони од Виница ја имаа културната дипломатска мисија и станаа најекспортиран музејски бренд на Република Македонија препознатлив во културната и научната јавност. Драгиша Здравковски паралелно работи и на донесување и поставување големи изложби од странство во Македонија. Како програмски директор и како в.д. директор на Музејот на Македонија покажува големо разбирање за современото ликовно творештво, за младите уметници и грижа за постарите.
На полето од издавачката дејност Драгиша Здравковски е секретар на Редакцијата на реномираното археолошко списание Macedoniae acta archaeologica од бр. 8 до бр. 15 и член на Претседателството на Македонското археолошко научно друштво. Драгиша Здравковски беше претседател и член на повеќе управни одбори и совети на неколку музејски институции во Македонија, како и разни работни комисии. Тој беше и член во Советот за култура на Министерството за култура. Во 2014 година Драгиша Здравковски е предложен за највисоката државна награда„23 Октомври“ што се доделува за особен придонес на полето на културата на Република Македонија.
Ангажманот како коавтор на проектот Неолитското село во Тумба-Маџари, презентацијата и афирмацијата на културното предисториско наследство на Република Македонија, заслужено му се верификува преку неколку признанија.
Дел од наведените професионални активности се непобитна потврда за богатата кариера на Драгиша Здравковски во полето на археологијата и, воопшто, на музеологијата, искажана преку истенченото чувство за важноста, и улогата во негувањето на националниот дух, користејќи го вешто во афирмацијата и презентацијата на културното наследство во Република Македонија и во странство.
Времето веројатно ќе покаже дека јас сум една од една од ретките и среќните во македонската археологија што судбината за соработник и пријател ми дари човек како Драгиша Здравковски. Се надевам дека некогаш нашите патишта повторно ќе се сретнат таму некаде во непознатото, а јас дотогаш со почит и љубов ќе го негувам споменот за него и неговото дело!
Елена Стојанова-Канзурова