Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 525–526

Марија Василевска

Илустрација, стр. 525

МАРИЈА ВАСИЛЕВСКА

(8.11.1959-29.10.2013)

Потекнува од семејство во кое мајката беше учителка, а таткото филозоф. Во текот на своето образование се истакнуваше како педантен, интелегентен ученик. Дипломирала историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Својот работен ангажман го започнува во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Битола во раните осумдесетти години на минатиот век.

Севкупниот нејзин професионален ангажман речиси триесет години беше целосно и оддадено посветен на праисториските археолошки истражувања во Битолско, наследувајќи го обемниот, систематизиран и светски афирмативен материјал од нејзината колешка, истакнатиот археолог Драгица Симовска.

Покрај неколкуте обемни стручни публикации, нејзиното работење особено беше сконцентрирано во доменот на интензивни теренски истражувања. Од 1.11.1996 година се стекна со звањето виш кустос.

Нејзиниот целосно посветен ангажман придонесе да се открие огромен археолошки материјал од речиси сите епохи на праисторијата.

Покрај тоа, таа во текот на својата речиси фанатично предана работа, формираше и работилници со учество на поголем број конзерватори и студенти, реконструирајќи го во сите аспекти праисторискиот универзум.

Исклучителен познавач, кој заедно со нејзината колешка Драгица Симовска, го вброи Битолскиот музеј во еден од светските праисториски центри.

Во праисториските депоа на Битолскиот музеј денес има материјал за презентација, претставување и афирмација на еден цел нов музеј – праисториски музеј од пелагониските локалитети. За идејата и веќе речиси дооформената реализација потребно е сериозно да се размисли - нешто со што научниот археолошки свет сигурно би ја обележал Битола во светската научна и културна карта. Нејзиниот придонес на ова поле допрва ќе биде превреднуван и актуелизиран.

Од безброј апсурдни и несфатливи причини речиси никој во Македонија, освен неколкумина стручњаци, не знаат дека Битола и Битолско во светската цивилизација воопшто има свое место, кое е исклучиво во доменот на праисториската култура која е во неверојатно изобилие зачувана речиси во своевиден земјен трезор, без траги на посериозна деструкција и распаѓање.

Овој сегмент cè повеќе го привлекува вниманието на светската научна јавност.

Пелагонискиот Регион е сигурно безрезервно обележан, исцртан, потврден во цивилизациските наслаги на човештвото воопшто.

Откривањето, раслојувањето, датирањето, хронологијата, генезата на оваа cè уште недообјасната култура во севкупната нејзина богата симболика и комуникација со спиритуалниот свет на човекот, ја истакна, предочи, разоткри археологот Марија Василева како своевиден беспрекорен цивилизаиски корпус и основа за формирање на своевиден центар на праисторијата кој постојано ќе се надоградува, продлабочува, дообјаснува, бришејќи го стереотипот за разликата во историските цивилизациски хиерархии на човештвото.

Таа добро знаеше и го откриваше говорот на една длабока култура која беше во совршена хармонија со животот и смртта, со Земјата и Вселената, со мислата и чувствата за постоењето. Знаеше дека има многу пораки кои во испечената глина, во нејзините безбројни форми е скриен говорот на слободниот човек кој постојано беше во корелација со севкупното постоење надвор од сите понатамошни „рационалистички“ ограничувачки стеги на субцивилизациските авторитарни „култури“.

Имаше визија, љубов, верба и целосна посветеност за значењето на оваа безвремена порака кон нас и кон подлабокото толкување на животот.

За жал, остана речиси потполно осамена во севкупната своја мисија на разоткривањето, постојано опкружена од апсурдно незаинтересираниот однос на средината, институциите, државата кон истражувањето на оваа тема, која на ова тло cè уште постои со своевидна светлина, значење и мисла, можеби многу понапред од денешната потполна материјалистичка цивилизациска деструкција и рамнодушност.

Владо Ѓорески