Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 523–524
Владо Маленко
ВЛАДО МАЛЕНКО
(1.9.1938-20.10.2013)
Владо Маленко е еден од столбовите на „средната генерација“ македонски археолози, таа генерација која мораше да ги довршува пионерските зафати на„првата генерација“, што, пак, подразбира, да се соочува истовремено со неотповикливата заштита на археолошкото културно наследство и со афирмацијата на археолошката професија во рамките на нејзината поширока димензија, односно во создавањето на археолошка наука со материјали и теми од македонските археолошки простори. Маленко повеќе се гордееше со откривањето, спасувањето и заштитата на културното наследство отколку со достигнувањата на неговата професионалност во рамките на вкупноста на поимот археолошка наука.
Владо Маленко – човекот, охриѓанец со завршено гимназиско образование во Охрид и Кичево и завршено високо образование на Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Белград 1965 година, својот работен век го започнува во Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид, а по интеграцијата на оваа институција со Народниот музеј од истиот град во 1973 година, продолжува со работа во новоформираната установа. Во професионалната работа се здобива со звањата виш конзерватор и кустос советник - конзерватор, а од 1986 до 1990 година е директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј - Охрид, во чие време, покрај другото, се случи и најзначајниот културен настан тогаш во Охрид - отворањето на Музејот Робевци (25.8.1990) по неговата реконструкција која траеше речиси дваесет години.
Владо Маленко – археологот, остави неизбришливи траги во рамките на заштитата на културното наследство на Охрид и Македонија, а во сферата на археолошката наука не ќе можат да се заобиколат неговите истражувачки резултати, без разлика дали резултатите биле или не биле целосно објавени, без разлика дали тоа му се допаѓало некому или не, без разлика дали тоа биле случајни или не, во следните истражувачки археолошки потфати:
* откривањето на најубавата скулптура (со помали димензии) од пантеликејски мермер на египетската божицаа Изида во Охрид (Карабегомала, 1967), т.н. „Охридска Изида“ уште во времето на неговата младост (Владо, 29 години);
* тој ќе остане незаобиколна личност - истражувач на некрополата Требеништа, на локалитетите Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка, во четвртата кампања реализирана во 1972 година на просторот од некрополата, кога беа откриени 23 гробни конструкции од вкупно 56-те кои досега ја сочинуваат оваа славна некропола од архајскиот период, а на која често, аналитички и синтетички, навраќаат европски и светски научници;
* неговите истражувања на ранохристијанската базилика Свети Еразмо во 1974-1975 година, особено исклучително значајната раносредновековната некропола на просторот од самата базилика и западно од неа со гробови и гробни прилози (вкупно 124 гроба) со хронолошка припадност од IV-V до XII век (доцноантички гробови на тегули и две целини на раносредновековни гробови од хоризонталната стратиграфија, односно гробови од VII-VIII век и гробови од IX-XII век). Од нив за науката се особено значајни тие од првата група на раносредновековни гробови (вкупно 33 на број од VII-VIII век) кои припаѓаат на Комани-Круа културата;
* зарем ќе може некој од професионалните археолози да зборува и пишува на тема антички театри (грчко-римски тип) без да се споредува со античкиот театар во Охрид, без да се наведат археолошките истражувања на Владо Маленко (1977, 1884-1985, 1999-2000) на овој архео-архитектонски антички спектаклен објект, како и неговите конзерваторско-реставраторски ангажмани и реконструкцијата на тој антички комплексен објект во старото градско јадро на Охрид;
* археолошките истражувања на комплексната некропола Дебој во Охрид (1978-1979), особено богатите гробови со златен накит од македонско-хеленистичкиот период;
* ревизионите археолошки истражувања на комплексот Свети Пантелејмон (1999-2002) во рамките на проектот Возобновување на Светиклиментовата црква на Плаошник во Охрид, неговите извештаи, печатени информации и вкупните ангажмани во реализацијата на тој проект.
Има уште многу други, но горенаведените истражувачки зафати на Владо се и ќе бидат понатаму, во иднината, незаобиколни резултати и четива без кои аналогните археолошки опсервации во рамките на македонската и европската археолошка наука не ќе можат да бидат целосно фундирани на повисоки научни рамништа.
Паско Кузман