Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 521–522

Кирил Трајковски Спасиков

УДК 929Трајковски Спасиков, К.

Илустрација, стр. 521

КИРИЛ ТРАЈКОВСКИ СПАСИКОВ

(27.11.1951-13.10.2012)

Кирил Трајковски Спасиков беше археолог достоинственик на нашето време и извонреден претставник на малобројната генерација истражувачи на средновековните стратуми од македонската археолошка почва. Животниот пат му започнува во Штип, каде што постојано живее до завршување на гимназиското образование, потоа продолжува во Белград, каде што студира археологија на Филозофскиот факултет до дипломирањето во 1976 година, по кое се преселува во Скопје, каде што живее и работи од 1977 година до крајот на својот животен и работен век во 2012 година. Работните обврски и професионалните активности ги спроведуваше во Одделот за археологија во Музејот на Македонија. Не дочека да поработи во новиот Археолошки музеј на Македонија од каде посакуваше, низ прозорецот од својата канцеларија на третиот кат, секојдневно да ги гледа водите на Вардар, но барем таа „негова“ археолошка просторија од новиот музеј стана седиште и библиотека формирана од стручната литература која ја поседуваше нашиот археолог, а основана од британската „Фондација Кирил Трајковски“ од Лондон.

Плодовите од неговите археолошки опсервации низ научни толкувања презентирани на научни собири во земјата и странство и публикувани во стручни списанија, сигурно ќе останат како незаобиколни придобивки за македонската средновековна археологија и историја. Од повеќето македонски археолошки простори во кои „престојуваше“ Кириловиот персоналиум, највпечатливи се две археолошки стратиграфски основи: првата, Мородвиз-Моробиздон, со проектите Средновековен Моробиздон 1980-1999 година, средновековната археологија на Брегалница 1987-1989 година, а придружно и рановизантиски град кај Коњух (пилот-проект) 1998 година, и втората, Кастелот над Пчиња 2008-2012 година. Од првиот научен прилог „Истражувања во Мородвис“ 1980 (објавен во Зборникот на Археолошки музеј X-XI, Скопје 1983, 133-142), преку „Византийско-славянските отношения в восточной Македонии“ (објавен во Труды VI, том III. Москва 1997: 308-314); „Три нови епископски средишта источно од Вардар, Християнската идея в историята и културата на Европа (Материали од VIII лятна среща, посветена на 2000-годишнината од рождението на Исус Христос, Варна - София 114-119); „Култот на моштите во Брегалничката Долина“ (Folia Archaeologica Balcanica I, „In Honorem Vera Bitrakova-Grozdanova“. Скопје 2006: 439- 445) и уште дваесеттина други, па cè до најновиот синтетички труд „Најкуса историска и археолошка слика на Македонија од IX до XIV век“ (објавен посмртно во МАКЕДОНИЈА, Милениумски културно-историски факти, том 3. Скопје 2013: 1464-1523), Кирил Трајковски го изоде патот на мисијата со која целосно ја дооформи својата исклучителна археолошка физиономија. Останаа и недоречености. Кирил беше докторант на АИМ-БАН во Софија, Република Бугарија, со наслов на докторската дисертација: „Епископијата Брегалница и Моробиздон од VII до XIV век“, но не стигна да ги финализира активностите во таа насока. Не стигна, затоа што мораше да замине засекогаш во длабоката иднина.

Паско Кузман