Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 517–519

Душанка Кораќевиќ

УДК 929Корачевиќ, Д.

Илустрација, стр. 517

ДУШАНКА КОРАЌЕВИЌ

(1934-2011)

Животот е како птица – пролетува

Како пролет – поминува

Милош Црњански

Во доцната есен 2011 година во родниот Крагуевац (Република Србија), заврши животниот пат на археологот Душанка Кораќевиќ. Родена е на 22.12.1934 година во близина на Крагуевац, каде завршила основно и гимназиско образование во 1956 година. Дипломирала во 1963 година на Филозофскиот факултет во Белград на групата за археологија. Нешто подоцна, една случајност ќе го определи нејзиниот натамошен животен правец и професионалната кариера. Имено, катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година ќе биде пресвртница што ќе ја определи нејзината натамошната судбина и професионално ќе ја поврзе со римскиот град Скупи, кој, исто така, настрадал во страотен земјотрес во 518 година. Според нејзините кажувања, егзистенцијалните и професионалните потреби ќе ја поттикнат да се јави на барањето за вработување археолог во Музејот на град Скопје, објавен на огласната табла на Филозофскиот факултет во Белград. Во моментите кога раните и последиците од земјотресот cè уште не биле зацелени, кога стравот cè уште преовладувал, кога речиси никој не сакал да дојде во разурнатото Скопје, Душанка одлучила да го прифати професионалниот предизвик и животот да го продолжи во сосема нова и непозната средина. Така, во 1964 година се вработила во Музејот на град Скопје, каде што останала полни 32 години, cè до пензионирањето во 1996 година.

Во првите неколку години по вработувањето, како единствен археолог во Музејот, освен како редовен член на стручната екипа која го истражува археолошкиот локалитет Скупи, работи на заштитни и друг вид интервенции на археолошките локалитети од различни временски периоди од праисторијата cè до средновековниот период. Во 1966 година почнува професионалната соработка со проф. М. Гарашанин од Филозофскиот факултет во Белград, кој на барање на Музејот на град Скопје ќе изработи студиозна долгорочна програма за плански и систематски археолошки ископувања и истражувања на археолошкиот локалитет Скупи. Основна цел на овој стратешки документ била утврдување на положбата, периметарот, топографијата, урбанистичката структура, хронологијата, културната стратиграфија и различните градежни етапи на римскиот град Скупи (Colonia Flavia Scupinorum). Во рамките на Проектот, во периодот од 1966 до 1980 година, Душанка Кораќевиќ го застапува Музејот на град Скопје и работи како кораководител на теренските истражувачки работи на локалитетот Скупи. По повлекувањето на проф. М. Гаршанин во 1980 година, Д. Кораќевиќ продолжува самостојно да раководи со Проектот за археолошки ископувања и истражувања на градската територија на локалитетот Скупи, cè до заминувањето во пензија во 1996 година.

Во периодот од 1966 до 1976 година систематските археолошки истражувања на Скупи имаат карактер на редовни годишни проекти, додека подоцна во периодот од 1976 до 1989 година се реализираат во рамките на три повеќегодишни научно-истражувачки проекти. Првиот проект со наслов Урбанизмот и архитектурата на римскиот град Скупи, Д. Кораќевиќ го реализира заедно со проф. М. Гарашанин во периодот 1976-1980. Следните два проекти кои имаат идентичен наслов Централното подрачје на античкиот град Скупи и меѓусебно се надоврзуваваат, ги реализаира самостојно во периодот од 1981 до 1986, односно 1987-1989 година.

Во рамките на тие големи археолошки проекти ќе бидат откриени најголем број од истражуваните архитектонски градби во Скупи: цивилната базилика, ранохристијанската базилика со крстилница, градската вила - вила урбана, градската бања, хореумот, градбата со апсида, улицата кардо, доцноантички микростанбен комплекс, делови од неколку градби со неутврдена намена и др.)

Во наведениот период од 1966-1996 година, освен мали прекини во 1968, 1990 и 1992 година, Д. Кораќевиќ активно и континуирано ископува и истражува на локалитетот Скупи.

Беше следбеник на старата добра дескриптивна и фактографска археолошка школа, каде акцентот, пред cè, е ставен на перфекционизмот при изработката на теренската документација и применетата методологија на археолошки истражувања. Согледувањата и резултатите од археолошките истражувањата ги презентира во поголем број статии, главно, во македонските стручни списанија како Macedonia acta archaeologica, Лихнид, Жива антика и друго. Освен од областа на археологијата, публикува неколку статиии поврзани со епиграфијата.

Остави дваесетина стручно-научни трудови, публикувани, главно, во домашните стручни списанија. Освен неколку, посветени на инцидентни откритија од областа на праисторијата, сите останати трудови се однесуваат на археолошкиот локалитет Скупи. Основната професионална преокупација ѝ беше насочена кон урбанизмот, градежните развојни фази и архитектирата на римската колонија Скупи.

Во 1984 година ја релизира изложбата Античко Скупи, која беше придружена со исклучително вреден каталог. Оваа изложба ќе предизвика голем интерес кај културната јавност во Скопје, Македонија, но и пошироко во поранешна Југославија. Поради тоа, изложбата ќе биде презентирана во Пула, Сараево и Загреб во периодот од 1988-1989 година.

По пензионирањето работи на сумирање и синтетизирање на сознанијата и резултатите добиени од долгогодишните истражувања на централното градско подрачје на Скупи. Тоа ќе резултира со издавање на исклучително вредна монографија со наслов Скупи - Градска територија во 2002 година. Носталгијата кон родниот крај и семејството ќе бидат одлучувачките фактори поради кои во 2003 година ќе се врати во родниот Крагуевац, каде ќе го заврши својот животен пат во доцната есен 2011 година.

По заминувањето во пензија, нам, на нејзините долгогодишни соработници, нѝ остави завет да го довршиме тоа што таа со децении посветено, сериозно и упорно го прибираше и колекционираше во Музејот на град Скопје. Иднината ќе ја валоризира нејзината професионална работа и дела, кои остануваат втемелени во сознанијата и достигнувањата поврзани со истражувањата на Скупи и воопшто римската археологија во Македонија. Во секој случај, нејзините трудови ќе бидат незаобиколни за сите сегашни и идни истражувачи на колонијата Скупи и воопшто римската археологија на Република Македонија.

Ќе ја паметиме како конзервативно воспитана личност со нагласена индивидуалност, гордост, достоинственост, чесност и моралност. Тие вредни карактерни особини и високи доблести честопати за неа претставуваа преголемо оптоварување и препрека во секојдневното живеење, комуникацијата со пријателите и соработниците. Тоа ќе резултира со бројни, добронамерни шеги и анегдоти, кои во моментите на создавање понекогаш делуваа саркастично, но набљудувано од денешен аспект, кога Душанка повеќе ја нема меѓу нас, добиваат сосема друга димензија и како повторно да ја оживуваат и враќаат меѓу нас.

Нам, на нејзините колеги и продолжувачи на нејзината професионална работа, ни останува да го негуваме споменот на археологот, но и колешката, пријателката и, пред cè, човекот Душанка Кораќевиќ.

Почивај во мир драга Душанка. Скопје, 2012 година

Ленче Јованова