Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 55–69
Археолошки истражувања на неолитската населба Церје-Говрлево во 2008 и 2009 година
Содржина
Вовед
Во текстот подолу ќе бидат претставени резултатите од истражувањата на неолитската населба Церје-Говрлево кои беа изведени во периодот септември–октомври 2008-2009 година. Истражувањата на локалитетот во спомнатите години беа плод на соработката меѓу М. Билбија (Музеј на град Скопје) и проф. д-р М. Гуштин (Научно-истражувачки центар Копер, Универзитет на Приморска, Република Словенија).
Истражувањата беа извршени под раководство на гореспомнатите имиња, додека за теренската работа се грижеа м-р Љ. Фиданоски (Музеј на град Скопје) и д-р А. Томаж (Словенија). Освен нив, во стручната екипа беа вклучени и: м-р Г. Наумов, м-р А. Ивковска, И. Толевски, Ц. Вучковска, М. Митовски, Н. Хаџи-Николов и В. Чали.
Природни и географски карактеристики
Церје-Говрлево се наоѓа на јужната падина на планината Водно (Каршијак), 15 km југозападно од Скопје, 1,5 km југоисточно од селото Говрлево и 2 km југозападно од Долно Соње, на 500 m н.в.1 Станува збор за зарамнета тераса (денес земјоделска земја) во месноста наречена Церје, расположена во помала котлина опкружена со ниски ридови, која опфаќа околу 15 ha (сл. 1). Северната страна на терасата завршува со падините на Водно, западната и источната страна е затворена со пониски ритчиња, додека на југ е речиси целосно отворена. Од источната и од западната страна на терасата на која лежи локалитетот во минатото течеле две помали рекички - Чифлички и Церешки. Оттука потекнува името на месноста Церје, што, пак, означува меѓуречје. Во ваквиот природен „амфитеатар“ денес се сместени неколку села: Долно Солње на североисток, Чифлик на север, Барово и Света Петка на северозапад и Говрлево на запад. На јужниот раб на локалитетот уште од минатото е познат лековитиот извор каде е изградена црквичката на Светите врачи Кузман и Дамјан, а над терасата на која се наоѓа локалитетот, во месноста Брзовец, се наоѓа манастирот Св. Трифун.
Осврт на досегашните истражувања
Локалитетот е случајно откриен од З. Георгиев 1975 година, кога во еден ископ за бунар во профилот забележал неолитски артефакти.2 По неколку години, во 1981 година, тој заедно со М. Билбија вршат рекогносцирања на теренот, при што ги определуваат границите и карактеристиките на локалитетот.3 Во следната, 1982 година, М. Билбија, во рамките на проектот Систематски археолошки истражувања на неолитските и металодобните култури во Скопската Котлина започнува со систематски археолошки истражувања на локалитетот. Во периодот меѓу 1982 и 1985 година се отворени 5 латинично нумерирани квадрати со димензии 4 х 4 m со вкупна површина од 80 m2 (без контролните профили), чиј простор работно е наречен сонда I.4 Со овие истражувања се добиени основните податоци за локалитетот - стратиграфијата, особеностите, како и неговата временска и просторна рамка. Во тој контекст е потврдена неолитска населба од раниот и средниот неолит, но со присуство на културни манифестации од доцниот неолит, енеолитот, бронзеното и железното време. Не треба да се исклучи и можноста за постоење доцнонеолитска населба, но таа, поради упадите од подоцнежните праисториски култури и интензивната земјоделска обработка на земјата, не дозволува сигурен археолошки контекст.
Во рамките на проектот Систематски археолошки истражувања на неолитската населба Говрлево во текот на 2000 година, под раководство на М. Билбија и во организација на Музејот на град Скопје, се отворени 6 латинично нумерирани квадрати со димензии 4 х 4 m, а истражуваниот простор е наречен сонда II. Димензиите на сондата при отворањето се 8 х 12 m, а со проширувањата од 2004 година со димензии од 1,5 х 4 m (квадрати VII и VIII) на нејзината источна страна и временските влијанија, таа се зголемува на приближно 9,5 х 13 m и вкупна површина од околу 120 m2 (со контролните профили). Овие истражувања се изведени во периодот 2000-2002, 2004 и 2008-2010 година.5 Во 2003 година е официјализирана соработката на Музејот на град Скопје и Универзитетот Приморска во Копар (Словенија), а проектот станува партнерски меѓу двете институции. Исто така, со истражувањата од 2004 г. и наваму, воведени се и современите методи на археолошки истражувања, како користењето тотална станица и документирањето на одделни стратиграфски целини со посебна нумерација (локуси).
Стратиграфија
Археолошките истражувања на локалитетот во 2008 година претставуваат продолжение на проучувањата на населбата од кампањата во 2004 година кои беа објавени во истово стручно гласило.6 Во тој контекст, целосното внимание беше посветено на определувањето и документирањето на границите и непосредната околина на една неолитска куќа, чии остатоци беа откриени уште со истражувањата во 2004 година (сл. 2-4). На нејзината северна и североисточна страна, во квадратите III, IV и VIII беа откриени повеќе јами со различни форми и димензии, вкопани во т.н. протостерилен слој, кој се карактеризира со темнокафеава боја и отсуство на археолошки материјал, освен малото количество фосилни полжави (сл. 7). Неговата дебелина варира и се зголемува во правецот северозапад-југоисток меѓу 0,1 и 1,2 m, што со сигурност се должи на големиот пад на теренот во тој правец, достигнувајќи до 4 m длабочина на источната страна на сондата (сл. 5). Според неговата глинеста структура, отсуството на археолошки материјал и неговото идеално хоризонтално простирање само во источната страна на сондата, може да се претпостави дека е еден вид протостерилен слој, веројатно геолошки настанат од некакво водено наслојување (сл. 6 и 7). По исцрпувањето на овој слој, во квадратите III, IV и VIII беше документирана здравицата која се карактеризира со бледа жолтокафеава глинеста земја прошарена со бели варовникови седименти. На овој простор од сондата, поради големиот пад на теренот, во правецот север-исток, здравицата е документирана на длабочина од 1 до 4 m (сл. 5).
При проучувањата на западната страна на гореспомнатата куќа, во квадратот I, беше истражуван просторот меѓу остатоците од куќата и комплексот печки откриени во 2004 година, при што беше посветено особено внимание со цел добивање увид во евентуалната врска меѓу комплексот печки и куќата (сл. 4). На длабочина меѓу 2 и 2,5 m беше утврден дебел, сив, глинест слој со аморфно простирање во правецот запад-исток, полн со керамички фрагменти, камења и огромен број животински коски. Веројатно станува збор за некаков вид депонија, имајќи го предвид големиот број керамички фрагменти и животински коски расфрлани без некаков ред. По документирањето и чистењето на овој слој беше откриен неколку сантиметри дебел, тенок, пепелив, црн слој, исто така со аморфно простирање, во правецот запад-исток (сл. 9). За разлика од погорниот слој, тука количеството на археолошки материјал беше многу сиромашно. Со документирањето на слоевите на овој простор беше увидено дека не постои конкретна врска меѓу комплексот печки и куќата. Од друга страна, од хронолошки аспект беше добиена претстава за соодносот на слоевите во овој дел на сондата, особено кај овие два исклучително важни недвижни објекти - куќата и комплексот печки. Соодветно на тоа, според овие слоеви може да се заклучи дека комплексот печки уште во постарите истражувања наречен„работилница“ припаѓа на порана фаза од куќата.
Во 2009 година истражувањата на локалитетот беа сконцентрирани на остатоци од гореспомнатата куќа и слоевите на нејзината западна страна, односно целата јужна страна на сондата (квадратите I, II, VI и VII). При отворањето на внатрешноста на куќата, на длабочина над 2 m, беше отстранет горниот темнокафеав хумусен слој со мало количество археолошки материјал, како: керамички фрагменти, камења и животински коски (сл. 2). Со исцрпувањето на слојот и тука беше документирана големата денивелација на теренот, при што на целата јужна страна од квадратот I таа достигнува длабочина до 3 m. Со други зборови, северозападниот агол на куќата се наоѓа на 2 m длабочина, а југоисточниот агол има длабочина од 3 m (сл. 10). По отстранувањето на темнокафеавиот слој беше видливо присуството на поголем број силно деструирани фрагменти куќен лепеж со жолта боја, кој веројатно потекнува од ѕидните платна. Во текот на истражувањата беа откриени и точните димензии, поставеноста и инвентарот in situ на објектот којшто беше документиран во квадратите I, II, III и VII. Станува збор за добро зачувана куќа со квадратна основа и димензии 5,5 х 5,5 m, поставена во правецот север-југ, со благ отклон кон југозапад (сл. 11). За разлика од поголемиот број неолитски куќи откриени во Македонија, кај оваа темелот е многу дебел слој набиена глина (0,5 m), врз кој биле густо наредени цепени дрвени стебла со дијаметар меѓу 0,1 и 0,15 m (сл. 12 и 13).7 Врз стеблата бил поставен слој набиена земја премачкан со повеќе слоеви кал, што всушност претставува под на куќата. На северната и западната страна на куќата беа откриени отисоци од дрвени колци со дијаметар меѓу 0,06 и 0,1 m, со меѓусебно растојание од 0,15 до 0,3 m. Од посебен интерес претставуваат отисоците од колци на западната страна на куќата бидејќи таму нивниот ред е удвоен (сл. 14 и 15). Оваа нетипична техника за подигање ѕидови е исклучително ретка во балканскиот неолит и веројатно се должи на техниките на статика, кои, очигледно, неолитскиот човек од Церје-Говрлево добро ги совладал. Ова уште повеќе се потврдува и со стратиграфските податоци од силната денивелација чиј геоморфолошки интензитет се зголемил по напуштањето на куќата. За жал, освен изобилството деструиран лепеж од ѕидните платна, покривната конструкција, која веројатно била дрвена, не е зачувана. Од густите редови отисоци од колци на ѕидните остатоци добро се гледа типичната неолитска техника за градење ѕидови - дрвена носечка конструкција премачкана со повеќе слоеви кал. Што се однесува до инвентарот на куќата, во југозападниот агол беше откриена калотна печка, веројатно со правоаголна основа (сл. 16 и 17). Таа беше делумно зачувана во основата (со димензии 0,7 х 0,9 m), додека калотата е целосно уништена. Начинот на изработката е добро познатата техника за балканскиот неолит - директно на подот врз темел од неколку слоја мали камчиња и поситни фрагменти од керамички садови. Со истражувањата на нејзината западна страна, во непосредна близина на југозападниот агол на куќата беа откриени две јами, една до друга, со неправилна кружна форма и дијаметар од 0,7 до 0,9 m, и длабочина од 0,6 m (сл. 14). Веројатно станува збор за подоцнежни јами кои уништиле дел од куќата, а со тоа и западната страна на печката. Веднаш до нив, на самиот југозападен агол на куќата беа откриени три камени мелници превртени наопаку. Слична ситуација беше откриена и во северозападниот агол на куќата каде што имаше уште 2 камени мелници превртени наопаку, евидентирани уште со истражувањата во 2004 година. Освен овие движни наоди, до печката беше откриен и антропоморфен модел на куќа, како и помал број фрагменти и неколку керамички садови (сл. 18 и 19). Генерално, малото количество движен материјал во оваа куќа е нетипично не само за овој локалитет туку и за неолитот воопшто, имајќи предвид дека во зачуваните куќи се откриваат голем број движни наоди. Според бојата на лепежот и подот, како и состојбата на откриените керамички садови, куќата била уништена од опожарување.
На границата од квадратите II, III, VII и VIII, по документирањето и отстранувањето на остатоците од куќата и нејзиниот темел, под нејзиниот североисточен агол, на длабочина меѓу 2,3 и 2,8 m, во слој од светлокафеава хомогена земја беше откриено скелетно погребување (сл. 20). За жал, при поставувањето на темелот на куќата покојникот во голем дел е оштетен, ситуација која многу добро се увиде благодарение на отисоците од колци кои директно го уништиле погребувањето (сл. 21). Од зачуваните остатоци, черепот, горниот дел од градниот кош и дел од горните екстремитети беше констатирано дека станува збор за погребување во згрчена положба, поставено во правецот североисток-југозапад.
Под темелот на куќата и погребувањето, во квадрат II, на длабочина од 3 m, во гореспомнатиот протостерилен, темнокафеав, глинест слој истражуван во 2008 година, беа откриени шест големи и неколку помали јами (сл. 22). Големите јами се карактеризираат со дијаметар од околу 1 m и речиси исто толкава длабочина, додека распоредот им е во два реда, во правецот северозапад-југоисток. Како и помалите јами чии димензии се значително помали, кај сите беше откриено исклучително мало количество археолошки материјал. Со оглед на тоа дека во ниту една од нив немаше присуство на органски материи или пепел, нивната намена cè уште е нејасна.
Паралелно со истражувањата на куќата, беше продолжено со истражување на наведениот простор меѓу куќата и комплексот печки (квадратите I и VI). Акцентот на истражувањата во овој простор беше ставен на дефинирање на темелот на калотната печка од комплексот печки, истражен уште во 2004 година. Во тој контекст, при проучувањата беше утврдено дека печката е фундирана директно на глинестиот слој, а не врз слој од камења, што е вообичаено за неолитските печки во куќите. При истражувањето на западната страна на печката, во сив глинест слој, беше откриен ред од отисоци од колци според кој беше претпоставено дека претставува некаков вид лесна, дрвена, покривна конструкција за конкретната печка (сл. 23). Со документирањето и отстранувањето на печката, на длабочина меѓу 3 и 3,5 m, врз основа на уште неколку отисоци од дрвени колци, беше увидено дека всушност целиот комплекс печки веројатно бил покриен со поголема дрвена конструкција која покривала простор со димензии 3 х 1 m (сл. 24).8 Со отстранувањето на овие слоеви, кои, меѓу другото, изобилуваа со археолошки материјал, на длабочина меѓу 3,5 и 3,7 m, беа евидентирани уште неколку отисоци од дрвени колци (сл. 25). Но за разлика од претходните, овие се карактеризираат со поголеми димензии и според тоа ограничуваат поголем простор, веројатно на поголем објект, кој, за жал, не беше зачуван. Бидејќи овие отисоци беа документирани во поран слој, како и нивната различна позиција од претходните, како и различните димензии беше заклучено дека и тука постоел некаков, поран и поголем објект. Каква би била врската меѓу евентуалните објекти не може со сигурност да се каже, меѓутоа, може да се претпостави дека подоцнежниот веројатно бил обнова на пораниот објект, за кој не може ништо повеќе да се каже.
Движни наоди
Во рамките на истражувањата од овие две кампањи беше откриено големо количество археолошки материјал составен од фрагментирани кермички садови и животински коски. Во помало количество беа откриени и разновидни предмети од керамика, камен, животинска коска и школка.
Керамичкитесадовипретставенинајмногуодфрагментигисодржаттипичнитенеолитски форми кои се среќаваат во Македонија. Оттаму беа откриени фрагменти од плитки и длабоки паници, разновидни грневидни садови, купи и аскоси, сите рачно изработени од фино или грубо прочистена глина. Според формата садовите се карактеризираат со заоблена профилација, но повремено беа откривани и примероци со биконусна профилација. Керамиката добиена од овие истражувања може да се подели на фина и груба. Во рамките на фината керамика влегуваат речиси сите погоре наведени форми, особено купите, кои се карактеризираат најчесто со добро мазнета површина, неретко бојосувана и полирана (сл. 19). Во оваа група керамички садови се среќаваше и бело сликана керамика на црвена основа, а неколку фрагменти со вакво сликање беа откриени во куќата. Фината керамика е изработена многу добро, при што глината е добро прочистувана, а печењето се одвивало на високи температури. За разлика од оваа керамичка група, грубата керамика во која најчесто влегуваат грневидните садови и аскосите, без исклучок, се карактеризираат со следниве особености: глиненото тесто, речиси секогаш содржи големо количество плева, кај неа доминираат неукрасени фрагменти, а тие кои имаат украс најчесто содржат барботин, импресо, релјефни аплицирани ленти и брадавици, и нивни комбинации. Како што е кажано и во други наврати, аскосите се една од најважните карактеристики на локалитетот.9 Во однос на застапеноста на бојата на керамичките садови, доминираат фрагменти со црвени, кафеави и сиви нијанси, а поретко и со портокалови нијанси.
Со овие истражувања беше откриен и поголем број антропоморфни модели на куќи (во литературата познати и како жртвеници од типот Голема Мајка), а поретко и антропоморфни и зооморфни фигурини, како и разновидни фрагменти од жртвеници и култни масички. Посебно се издвојува еден антропоморфен модел на куќа којшто беше откриен веднаш до печката во истражуваната куќа (сл. 18). Глиненото тесто на овие предмети најчесто е мешано со органски остатоци (плева, животински отпадоци, семиња итн.), а печењето било на релативно ниски температури, што се гледа најдобро од „бисквитниот“ профил (недоволно испечени т.е. црни во средишниот дел на профилот). Генерално, се среќаваат примероци со груба површина, но понекогаш тие имаат добро мазнета површина, а поретко и полирана. Што се однесува до боите, и тука откриените примероци се карактеризираат со истите бои како и тие на керамичките садови.
Како и во претходните истражувања така и во овие, беше откриено големо количество животински коски, главно, како дел од основната исхрана, но и како суровина за изработка на алатки и предмети со различни намени. Врз основа на првичните анализи на зооостеолошкиот материјал, од овие истражувања на локалитетот доминирале домашните форми животни: овца, коза, говедо, свиња, и поретко куче, а од дивите видови: диво говедо (тур), елен, срна, дива свиња, а поретко и: дабар, лисица, волк, мечка и др. Оттаму, може да се каже дека сточарството во Церје-Говрлево била доминантна земојделска гранка, а ловот веројатно имал секундарна улога, состојба која е потврдена и на други неолитски локалитети во Македонија.10
Со овие истражувања беше откриено и големо количество предмети со различна намена, особено алатки, најчесто изработени од керамика, камен, животинска коска и школка. Соодветно на тоа, беа откриени фрагменти и цели лабрети, како и камени и керамички дискоидни плочки. Од камените алатки се издвојуваат: секирите, теслите, длетата, сечилата, стругалата, јадрата и мелниците, а од коскените алакти: иглите, шилата, гладилките и стругалата.
Хронологија на локалитетот
Хронологијата на локалитетот е разгледувана во повеќе наврати, при што и со овие истражувања се потврдува дека населбата, освен упадите од доцниот неолит, енеолитот, бронзеното и железното време егзистирала во раниот неолит (Амазбегово I) и во двете фази од средниот неолит (Амзабегово II-III), според хронологијата на М. Гимбутас за локалитетот Амзабегово.11
Врз основа на поновите истражувања на локалитетот (2004, 2008 и 2009), треба да се подвлече дека хронологијата за овој локалитет директно произлегува од неговата сложена стратиграфија, карактеристична по присуството на голем број слоеви низ сондата, како и нивната застапеност низ квадратите. Исто така, влијанието на геоморфолошката состојба на теренот довела до нееднаква застапеност на слоевите и хоризонтите на локалитетот во оваа сонда. Токму затоа тука се среќаваат слоеви со голема варијација во длабочината и протегањето. Оваа состојба е потврдена со големиот пад на теренот, а со тоа и на слоевите во насока северозапад-југоисток.
Накусо,споредстратиграфскатасликавоистражуванитеквадрати,какоиспореддвижниот археолошки материјал, слојот во кој припаѓаат куќата, погребувањето, комплексот печки и објектите со лесна дрвена конструкција, меѓу нив, е ранонеолитски, како и соодветните слоеви откриени со овие истражувања. Оттаму, може да се каже дека на длабочина од 3 m па надолу, во јужната половина на сондата постојат повеќе ранонеолитски слоеви.
Користени илустрации:
Сл. 1. Фотографирал И. Алексовски.
Сл. 2, 3, 5-10, 12-19, 21-25, фотографирал А. Огорелец. Сл. 4. Исцртал А. Огорелец, дигитализирала А. Шеќерова. Сл. 11. Фиданоски Љ. - Томаж А. 2010, сл. 6, 67.
Сл. 12. Фиданоски Љ. - Томаж А. 2010, сл. 7, 68.
Белешки
- Георгиев З. - Билбија М., 1984: 39; Bilbija M., 1986, 35. ↩
- Георгиев З. - Билбија М., 1984, 39. ↩
- Bilbija М., 1986, 35. ↩
- Фиданоски Љ., 2011а, 54. ↩
- Фиданоски Љ., 2011а, 54; Фиданоски Љ. - Томаж А., 2010, 64. ↩
- Фиданоски Љ., 2011а. ↩
- Санев В., 1994, 29; Grbić et al., 1960, 28; Симоска Д. - Санев В., 1975, 43. ↩
- Фиданоски Љ. - Томаж А. 2010, 67. ↩
- Bilbija M. 1986, 36; Фиданоски Љ., 2009, 131; Фиданоски Љ., 2011б. ↩
- Ивковска А., 2009. ↩
- Bilbija M., 1986, 36; Фиданоски Љ. - Томаж А., 2010, 70; Фиданоски Љ., 2011а, 59-60; Gimbutas M., 1976, 29. ↩
Summary
Archaeological Investigations of the Neolithic Settlement Cerje – Govrlevo in 2008 and 2009
The complex stratigraphy of the site was once again documented and confirmed during these excavation campaigns in which several Early Neolithic strata with different content, depth and spreading were registered. As already known from the past investigations, the large slope of the terrain in the northwest-southeast direction, influenced directly on the different thicknes and occupation area of the layers in the whole trench and particularly in its southeast part. Large denivelation as the result of the slope of the terrain was documented with the removal of the adequate cultural layers in the excavated trenches. At some place the denivelation was over 1 m.
Particularly important are several archaeological units from the Early Neolithic such are: the remains of a fired house with the burial beneath, as well as the wooden construction buildings from the complex of kilns. The house was built according to the well-known Neolithic techniques – wooden armature covered by several layers of mud (wattle and daub), and atypical floor made of wooden substructure also covered by layers of mud. A domed kiln was documented in its interior. The small number of moveable finds, such are the hand mills set upside down, and the traces of fire have made us think of some kind of ritual for abandonment on purpose.
The scope of moveable finds is mainly composed of pottery sherds, fragments of figurines, animal bones and stone. The pottery vessels have the characteristic shapes, colours and decoration of the Early Neolithic. These excavations revealed large quantity of anthropomorphic models of houses, rarely altars, and anthropomorphic and zoomorphic figurines. Based on the archaeozoological analysis it is known that the domestic animals such are sheep, goat, cattle, pig and dog dominate over the wild animals in the settlement such are the aurochs, fallow deer, roe deer, wild pig and rarely beaver, fox, wolf, bear etc. From economic aspect, we can say that the animal husbandry was the primary branch of agriculture as opposed to hunt which had secondary role. Besides this common content of the Balkan Neolithic sites, there were other objects made of ceramic, stone, bone or shell with utilitarian and non-utilitarian purpose. Particularly frequent are stone discoid plates, axes, adzes, blades and hand mills and less frequent are bone pins, awls, smoothers and spatulas.
The well preserved remains of the Early Neolithic house once again confirms the high achievements of the Neolithic man from Cerje-Govrlevo, particularly considering the technique of constructing foundation on an uneven terrain. In other words, setting up a grid of wooden poles over the hard packed clay, and under the layers of mud, as well as the double row of poles for the walls undoubtedly show the architectural knowledge of the ancient man and his awareness of the natural geological processes.
Библиографија
- Георгиев З. - Билбија, М., 1984, Неолитска населба кај Говрлево, Културно наследство IX, Скопје, 39-48.
- Ивковска А., 2009, Сточарство и лов, во: Неолитските заедници во Република Македонија, Скопје, 83-108.
- Санев В., 1994, Младо камено време, Археолошка карта на Република Македонија, том I, МАНУ, Скопје, 26-42.
- Симоска Д. - Санев В., 1975, Неолитска населба Велушка тумба кај Битола, Maced. acta archaeol. 1, Прилеп, 25-88.
- Фиданоски Љ., 2009, Производство на керамички садови, во: Неолитските заедници во Република Македонија, Скопје, 109-154.
- Фиданоски Љ., 2011а, Археолошки истражувања на неолитската населба Церје- Говрлево во 2004 година, Maced. acta archaeol. 20, Скопје, 53-76.
- Фиданоски Љ., 2011б, Неолитски аскоси од Скопскиот Регион, Maced. acta archaeol. 20, Скопје, 77-90.
- Фиданоски Љ., - Томаж, А. 2010, Под житните полиња: археолошки истражувања на неолитскиот локалитет Церје-Говрлево, Македонско наследство, Homage to Milosh Bilbija, год. XIV, бр. 36-37, Скопје, 61-72.
- Bilbija M., 1986, Cerje, Neolitsko naselje, Arheološki pregled 26, Ljubljana, 35-36.
- Gimbutas M., 1976, Anza, Neolithic Macedonia, As reflected by Excavation at Anza, Southeast Yugoslavia, Los Angeles.
- Grbić M. - Mačkić M. - Nadjš P. - Simoska D. - Stalio B., 1960, Porodin, Kasnoneolitsko naselje na Tumbi kod Bitolja, Bitolj.