Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 485–502

Животински остатоци од неолитската населба Карталица, село Извор, Велешко

УДК 903.4(497.713)(083.824)”634”

Содржина
  1. Материјал и методи
  2. Распределба на коскениот материјал по видови животни
  3. Домашни животни
  4. Мали преживари (Ovicaprinae)
  5. Овца (Ovis aries L.)
  6. Коза (Capra hircus L.)
  7. Говедо (Bos taurus L.)
  8. Домашна свиња (Sus scrofa domesticus L.)
  9. Куче (Canis familiaris L.)
  10. Диви животни
  11. Благороден елен (Cervus elaphus L.)
  12. Дива свиња (Sus scrofa L.)
  13. Тур (Bos primigenius Boj.)
  14. Срна (Capreolus capreolus L.)
  15. Волк (Canis lupus L.)
  16. Зајак (Lepus europaeus Pall.)
  17. Јазовец (Meles meles L.)
  18. Заклучок

Локалитетот Карталица е лоциран на зарамнета тераса во падините на планина Руен, 300 m источно од селото Извор, Велешко, во близина на реката Изворчица.

Долгогодишните археолошки истражувања од страна на ЛУ Народен музеј - Велес, под раководство на Трајанка Јовчевска,1 покажуваат дека станува збор за неолитска населба со период на живеење во средниот (Анзабегово II-III) и доцниот неолит (Анзабегово IV), според хронологијата на Гимбутас.2 Оваа населба претставува продолжеток на животот од соседниот локалитет Ѕунивер (ран неолит), каде по опожарување на населбата, жителите ја одбираат повисоката и попросторна тераса - локалитетот Карталица. Животот на Карталица продолжил низ целиот среден, па cè до самите почетоци на доцниот неолит, каде по опожарување на населбата животот на оваа населба целосно згаснува.

Материјал и методи

Археозоолошката збирка од Карталица се состои од вкупно 2473 коски и коскени фрагменти од кои 1923 припаѓаат на средниот, а останатите 550 на доцниот неолит. Од вкупниот материјал, 1741 коски и коскени фрагменти или 70,40% се определени до вид, а останатите 732 или 29,60%, кај кои не беше можно точно видово определување, до генерална таксономска категорија на големина (табела 1).

Таксономското или видово определување беше отежнато како од високиот степен на фрагментираност, така и од силната калцинација присутна на материјалот од овој локалитет. Од тие причини е направена и таксономската група „определени до класа големина“, каде коскените фрагменти кои ја сочинуваат оваа група врз основа на големината се поделени на три подгрупи: големи преживари (Bos/Cervus), средни по големина (Ovis/ Capra/Capreolus) и групата (Sus scrofa dom./Sus scrofa) каде не беше можно точно видово определување. Во овие групи најчесто влегуваат мали фрагменти од дијафизите на долгите коски како и фрагментирани ребра и прешлени кои не носат доволно информации за точно видово определување.

Распределба на коскениот материјал по видови животни

Распределбата на коските по видови животни, број на коски и минимален број на индивидуи, изразено во бројки и проценти е дадено во табелата 1, додека распределбата на материјалот по видови коски од секој вид животно во табелите 2 и 3. Проучениот материјал, претставен во овој труд, опфаќа коски и коскени фрагменти од диви и домашни животни (мекотели и птици не се вклучени во овој труд).

Археозоолошката збирка од Карталица која брои 2473 коски и коскени фрагменти е релативно мала, поради што определени се вкупно само 12 таксономски групи, од кои 5 припаѓаат на домашните форми (говедо, овца, коза, свиња и куче), а останатите 7 на дивите животни (тур, дива свиња, елен, срна, волк, зајак и јазовец).

Од вкупниот број видово определени коски, 1590 или 91,32% припаѓаат на домашните, а останатите 151 или 8,66% на дивите животни. Во средниот неолит од вкупно 1327 видово определиви коски и коскени фрагменти, 1207 или 90,95% припаѓаат на домашните животни, а останатите 120 или 9,03% на дивите. Во доцниот неолит бројот на домашните животни се зголемува на 92,51% за сметка на што опаѓа бројот на дивите (7,48%).

Разгледувајќи ја застапеноста на домашните животни по број на коски, со 800 или 50,31% од вкупниот број на домашни животни, јасна е доминацијата на малите преживари, т.е. овца/коза. Веднаш по нив следуваат говедото со 32,83%, свињата со 15,97% и кучето со 0,80%. Истата ситуација ја забележуваме и при разгледувањето на застапеноста на домашните животни врз основа на определениот минимален број на индивидуи. Со 59,18% од вкупниот број индивидуи на домашните животни, овца/коза повторно ја имаат водечката улога, по кои следуваат говедото со 21,77%, свињата со 15,65% и кучето со 3,40%.

Кога станува збор за групата на дивите животни, како и на повеќето неолитски локалитети, водечката улога ја има еленот со 39,74%. Второто место го зазема дивата свиња со 29,80%, по кои следи турот со 13,25%, срната со 11,92%, зајакот со 3,31%, волкот со 1,32% и на крајот јазовецот со единечен примерок или 0,66%. При разгледување на застапеноста на дивите животни, врз основа на утврдениот минимален број индивидуи, ситуацијата е малку поразлична. Со 40,62%, како по бројот на коски исто и по бројот на индивидуи, еленот се наоѓа на прво место. Веднаш по еленот следат дивата свиња и срната со еднаков број определени индивидуи или 15,63%, потоа турот и зајакот повторно со ист број индивидуи или 9,38%, волкот со 6,25% и јазовецот со 3,12%.

Бидејќи археозоолошката збирка од локалитетот Карталица се состои од коски и коскени фрагменти од два периода, среден и доцен неолит, разгледувана е и поодделно по периоди, во рамките на одделно разгледуваните животни со цел да се регистрираат евентуалните промени.

Домашни животни

Мали преживари (Ovicaprinae)

Како што е познато, определувањето и издвојувањето на коските од овца и коза е многу тешко и честопати невозможно. Од тие причини, од вкупно 800 коски и коскени фрагменти кои припаѓаат на малите преживари, определени до вид (овца и коза) се само 187 или 23,37%, а останатите 613 или 76,62% кај кои не беше можно точно видово определување, влегуваат во групата овца/коза.

Малите преживари заземаат 45,95% од вкупниот број видово определиви коски и 50,31% од домашните животни како и 48,60% од вкупниот број определени индивидуи или 59,18% од тие кои припаѓаат на домашните животни (табела 1). Во средниот неолит, од вкупниот број на домашните животни тие заземаат 48,55% од бројот коски и 60,00% од минималниот број на индивидуи. Во доцниот неолит застапеноста по број на коски се зголемува на 55,87%, додека по минималниот број на индивидуи се намалува на 57,14%. Бројките покажуваат дека независно дали се разгледува материјалот како целина или поодделно по периоди, малите преживари, поточно, овцата и козата, имаат водечка улога во однос на останатите домашни животни, како по број на коски така и по број на индивидуи.

Возрасниот состав кај малите преживари е разгледуван како целина (овца/коза, овца и коза) (табели 6 и 7). Во средниот неолит забележуваме дека возрасните индивидуи (64,03%), од кои 59,47% припаѓаат на групата adultus и 4,56% на групата senilis, се во малку поголем број од невозрасните (35,97%). Кај невозрасните индивидуи најзастапена е групата juvenilis со 20,86%, потоа групата subadultus со 14,39% и групата infantilis во многу помал број или 0,72%. Во доцниот неолит бројот на возрасните индивидуи е уште поголем (66,86%), од кои 60,35% припаѓаат на групата adultus, а останатите 6,51% на групата senilis. Од невозрасните индивидуи (33,13%) повторно најзастапена е групата juvenilis со 22,48%, по кои следат групите subadultus со 8,28% и на крај групата infantilis со 2,37%.

Овца (Ovis aries L.)

Од вкупниот број коскени фрагменти определени како мали преживари, 119 или 14,87% припаѓаат на овцата (табела 1). Гледано поодделно по периоди, овцата во средниот неолит е претставена со 88 коскени фрагменти или 15,02% од бројот на малите преживари и 7,29% од бројот на домашни животни. Во доцниот неолит со 31 фрагмент, овцата зазема 14,48% од бројот на малите преживари и 8,09% од домашните животни. Во однос на определениот минимален број на индивидуи, таа е застапена со најмалку 23 индивидуи од кои 17 од средниот и 6 од доцниот неолит.

Коскениот материјал од овца, од двата периода, е многу фрагментиран но пронајдени се и доволен број фрагменти погодни за мерење (табели 4 и 5). Цели черепи како и цели коски не беа пронајдени. Добиените резултати од мерењата споредени со вредностите од останатите неолитски локалитети во Македонија не покажуваат отстапки, со исклучок на проксималната ширина на еден радиус од средниот неолит, кој со 35,4 mm ги надминува останатите вредности.3 Височина на гребеноt беше пресметана само за овцата од средниот неолит. Врз основа на најголемата должина на два астрагалуса, користејќи ги коефициентите на Teichert,4 добиени се височини на гребенот од 56,93 cm и 60,33 cm и средна вредност од 58,63 cm.

Коза (Capra hircus L.)

Козата во Карталица е претставена со 68 коски и коскени фрагменти или 8,50% од бројот на малите преживари и 4,28% од домашните животни. Разгледувано по периоди, во средниот неолит таа претставува 8,87% од бројот на мали преживари и 4,31% од домашни животни, додека во доцниот неолит 7,48% од малите преживари и 4,18% од домашните животни (табела 1). Во однос на определениот минимален број индивидуи, од вкупно 15, 11 припаѓаат на средниот, а останатите 4 на доцниот неолит.

Степенот на калцинација и фрагментација дополнително го отежнаа видовото определување на фрагментите од коза поради што се извршени мал број мерења. Овие мерки споредени со, за жал, малобројните податоци од другите неолитски локалитети во Македонија, не покажуваат некакви отстапки во вредностите (табели 4 и 5). Исклучок прават неколку коски од средниот неолит, како: проксимална ширина на еден радиус која благо ја надминува вредноста од Анзабегово (мешани слоеви), дисталната ширина на еден метакарпус и проксималната ширина на еден метатарзус, кои ги надминуваат останатите вредности соодветни за споредбени анализи.5 Цели коски и черепи не се пронајдени поради кое не беше можно пресметување на височина на гребен.

Говедо (Bos taurus L.)

Меѓу домашните животни, со 522 коски и коскени фрагменти или 32,83%, говедото се наоѓа веднаш по малите преживари (табела 1). Од овој број, поголемиот број коскени фрагменти (407) припаѓаат на средниот неолит, што претставува 33,72% од бројот на домашните животни во средниот неолит од Карталица. Во доцниот неолит говедото е претставено со 115 коскени фрагменти или 30,03% од домашните животни. Од вкупно 32 определени индивидуи, 23 се од средниот, а останатите 9 од доцниот неолит.

Одреден број од коскените фрагменти кои припаѓаат на говеда беа погодни за мерење (табела 4 и 5). Добиените вредности од мерењата, како од средниот така и од доцниот неолит, со неколку исклучоци, се вклопуваат во границите на добиените вредности од останатите неолитски локалитети во Македонија. Разгледуваните рогови од средниот неолит покажуваат поширок дијапазон, каде најниските вредности се вклопуваат со оние од останатите локалитети, меѓутоа највисоките забележително ги надминуваат. Кај останатите измерени фрагменти од средниот неолит се забележуваат отстапки кај еден дистален крај на хумерус, чија должина е многу помала од споредбените вредности и кај еден проксимален крај од метакарпална коска, чија вредност, пак, е повисока во однос на останатите локалитети. Во доцниот неолит не се забележани никакви отстапки.

Врз основа на должината на една цела тибија од средниот неолит, според коефициентите на Matolcsi6 е пресметана височина на гребен од 116,44 cm. Височините на гребен помагаат во определувањето на типови раси на говедо, како што се примигениот тип на говедо или крупното говедо, потоа брахицерниот тип или ситно говедо и крстоската која може да биде добиена со вкрстување на овие два типа или со дивото говедо (тур). Добиената височина на гребенот од тибијата, како и најголемите должини на неколку цели астрагали, калканеуси и првите фаланги, послужија за определба на типовите раси на говедото од Карталица. Пресметаната височина на гребенот од 116,44 cm, внесена во шемата на Илев7 за определба на типовите раси на говедо укажува на крстоска. Во средниот неолит, користејќи ја повторно истата шема, од вкупно 32 коски, од кои 5 астрагали, 4 калканеуси и 23 први фаланги, 12 припаѓаат на брахицерниот тип говедо, 11 на крстоската и 9 на примигениот тип на говедо. Во доцниот неолит од вкупно 4 разгледувани коски, од кои 2 астрагали и 2 први фаланги, 2 припаѓаат на крстоската и 2 на примигениот тип на говедо.

Во однос на возрасниот состав кај говедото, и во двата периоди е јасна доминацијата на возрасните животни. Во средниот неолит возрасната група adultus е застапена со 77,24%, групата subadultus/adultus со 3,45%, subadultus 7,24%, juvenilis со 11,03% и infantilis со 1,03% (табела 6). Во доцниот неолит групата adultus е претставена со 77,01%, subadultus/adultus со 1,15%, subadultus со 9,19%, juvenilis со 11,5% и infantilis со 1,15% (табела 7).

Домашна свиња (Sus scrofa domesticus L.)

Домашната свиња, со 254 коски и коскени фрагменти или 15,97% од домашните животни, се наоѓа на третото место веднаш по малите преживари и говедото. Застапеноста на домашната свиња опаѓа, движејќи се од средниот кон доцниот неолит. Во средниот неолит таа е застапена со 202 коскени фрагменти и претсавува 16,74% од домашните животни во тој период, додека во доцниот неолит со 52 фрагменти зазема само 13,58% од бројот на домашните животни (табела 1). Истото се забележува и кај минималниот број индивидуи, во средниот се двојно повеќе од доцниот неолит, поточно, од вкупно 23 индивидуи, 16 се од средниот, а 7 од доцниот неолит.

Добиените вредностите при мерењата на коскени фрагменти од домашна свиња не отстапуваат од тие од другите неолитски локалитети во Македонија (табели 4 и 5). Врз основа на најголемите должини од неколку цели коски, добиени се и податоци за височината на гребенот. Во средниот неолит, од најголемата должина на две цели коски, метакарпус III, според коефициентите на Teichert,8 добиени се височини од 75,17 cm и 77,02 cm. Користејќи ги истите коефициенти, пресметани се височини од 70,16 см и 70,88 cm од должините на два цели астрагалуси, како и една височина од 69,70 cm пресметана од најголемата должина на една цела коска, метакарпус IV. Разгледани заедно сите добиени височини се движат од 69,70 до 77,02 cm, со средна височина од 72,58 cm. Во доцниот неолит е пресметана височина на гребен од една цела коска, метакарапус IV, каде според горенаведените коефициенти е добиена височина од 71,49 cm.

Определените возрасни групи кај домашната свиња покажуваат малку поголем број на невозрасните индивидуи за сметка на возрасните. Во средниот неолит 56,61% претставуваат невозрасни индивидуи, од кои 4,76% групата infantilis, 23,81% juvenilis (на возраст од 6-12 месеци), 12,17% juvenilis (на возраст од 12-24 месеци), 15,87% subadultus и возрасните индивидуи или групата adultus 43,39% (табела 6). Во доцниот неолит бројот на возрасните индивидуи, т.е. групата adultus со 51,02%, во однос на средниот неолит малку се зголемува (табела 7). Кај групите на невозрасните индивидуи групата juvenilis е најбројна и зазема 32,66% кои подеднакво се поделени меѓу групата juvenilis (на возраст од 6-12 месеци) и juvenilis (од 12-24 месеци). По нив следи групата subadultus со 10,20% и на крај infantilis со 6,12%.

Куче (Canis familiaris L.)

Вообичаено, кучето е застапено со многу помал број во однос на останатите домашни животни. Во Карталица тоа е претставено со 14 коскени фрагменти и зазема само 0,88% од бројот на домашните животни. Бројот на коскените фрагменти во средниот неолит е многу поголем од оној во доцниот. Во средниот неолит со 12 коскени фрагменти тоа претставува 0,99% од среднонеолитската домашна фауна, додека во доцниот со 2 фрагмента само 0,52% (табела 1). Определениот минимален број на индивидуи речиси подеднакво е поделен во двата периода. Од вкупно 5 определени индивидуи, 3 припаѓаат на средниот, а останатите 2 на доцниот неолит.

Вредностите добиени од мерливите коскени фрагменти од двата периоди во Карталица целосно се вклопуваат во рамките на расположливите споредбени вредности од другите локалитети (табели 4 и 5).

Определувањето на возрасни групи кај кучето покажа јасна доминација на возрасните индивидуи. Во средниот неолит 83,33% припаѓаат на возрасните индивидуи поточно, групата adultus, а останатите 16,66% подеднакво се поделени меѓу невозрасните групи, поточно, групата juvenilis (8,33%) и групата subadultus (8,33%) (табела 6). Во доцниот неолит двата определени фрагменти од куче припаѓаат на возрасни индивидуи (табела 7).

Диви животни

Благороден елен (Cervus elaphus L.)

Ако ја разгледаме застапеноста на дивите животни од неолитските локалитети, еленот најчесто е застапен во многу поголем број во однос на другите диви животни. Истото го забележуваме и во материјалот од Карталица, и тоа во двата периода. Еленот е претставен со 60 коскени фрагменти или 39,74% од вкупниот број на дивата фауна од овој локалитет. Од нив 49 се од средниот, а останатите 11 од доцниот неолит. Во средниот неолит еленот зазема 40,83% од среднонеолитската дива фауна додека во доцниот неолит застапеноста малку опаѓа и претставува 35,48% (табела 1). Од вкупно 13 определени индивидуи од елен, 10 се од средниот, а останатите 3 од доцниот неолит.

Поради фрагментираноста, многу мал број од коскените фрагментите од елен, како од средниот така и од доцниот неолит, беа погодни за мерење, додека цели коски и черепи не се пронајдени (табели 4 и 5). Добиените вредности од мерењата споредени со вредностите од останатите локалитети не покажуваат никакви особени отстапки.

Во однос на определената возраст кај еленот, во двата периода е јасна доминацијата на возрасните индивидуи. Во средниот неолит само 14,70% отпаѓаат на невозрасните индивидуи, од кои 2,94% на групата juvenilis и 11,76% на групата subadultus. Останатите 85,29% припаѓаат на возрасните индивидуи, поточно, групата adultus (табела 6). Во доцниот неолит застапеноста на невозрасните животни е малку поголема 22,22% и е претставена само со групата subadultus, додека бројот на возрасните индивидуи, т.е. adultus опаѓа на 77,78% (табела 7).

Дива свиња (Sus scrofa L.)

Иако обично во помал број, дивата свиња, исто како и еленот, е едно од најзастапените диви животни на неолитските локалитети. Во Карталица, со 45 коски и коскени фрагменти или 29,80% од вкупниот број на диви животни, дивата свиња се наоѓа веднаш по еленот (табела 1). Во двата периоди таа е речиси подеднакво застапена. Во средниот неолит дивата свиња претставува 30,00% од дивата фауна, додека во доцниот неолит 29,03%. Од определените 5 индивидуи од дива свиња, 4 се среднонеолитски, а само една припаѓа на доцниот неолит.

Како и кај останатите животни на овој локалитет, исто и кај дивата свиња бројот на мерливите фрагменти е многу мал, но и покрај тоа неколку коски беа погодни за пресметување на височината на гребенот (табели 4 и 5). Врз основа на должината на три цели калканеуси и еден метатарзус III од средниот неолит, според коефициентите на Teichert9 пресметани се височини на гребен кои се движат од 80,13 cm до 90,78 cm и средна вредност од 83,19 cm.

Определениот возрасен состав кај дивата свиња во двата периода е доста различен. Во средниот неолит со 82,76% јасна е доминацијата на возрасните индивидуи. Од нив 79,31% припаѓа на групата adultus, а останатите 3,45% на групата senilis (табела 6). Во доцниот неолит, обратно од средниот, со 57,14%, доминантни се невозрасните индивидуи еднакво поделени на групите juvenilis од 6-12 месеци (28,57%) и subadultus (28,57%) (табела 7). Возрасните индивидуи се претставени само со групата adultus (42,86%).

Тур (Bos primigenius Boj.)

Определените 20 коскени фрагменти од тур претставуваат 13,25% од вкупниот број на диви животни (табела 1). Од нив 15 фрагменти се од средниот, а останатите 5 од доцниот неолит, претставувајќи 12,50% од среднонеолитската и 16,13% од доцнонеолитската дива фауна. Од вкупно определени 3 индивидуи, 2 припаѓаат на средниот и 1 на доцниот неолит.

Малиот број мерливи коскени фрагменти кои припаѓаат на тур, за жал, не дозволуваат да се каже нешто повеќе во однос на растот, како и евентуалните промени преминувајќи од среден кон доцен неолит (табели 4 и 5).

Во однос на определените возрасни групи повеќе од јасна е доминацијата на возрасните животни, и тоа во средниот неолит со 90% додека во доцниот неолит 100% (табели 6 и 7). Невозрасните индивидуи се застапени само во средниот неолит, и тоа со групата subadultus која претставува само 10%.

Срна (Capreolus capreolus L.)

Како и на останатите неолитски локалитети, споредено со еленот, срната е застапена во многу помал број, поточно, само 18 коскени фрагменти кои претставуваат 11,92% од вкупниот број на дивата фауна. Од нив поголемиот број (16) припаѓаат на средниот неолит, а останатите 2 фрагмента на доцниот, претставувајќи 13,33% од среднонеолитската и 6,45% од доцнонеолитската дива фауна (табела 1).

Иако срната е претставена со мал број коскени фрагменти, дел од нив беа погодни за мерење (табели 4 и 5). За жал, поради малата база на археозоолошки анализи од други неолитски локалитети во Македонија, немаше можност вредностите од Карталица да бидат споредени со други вредности. Цели коски кои би овозможиле пресметување на височина на гребен, не беа пронајдени.

Од определените возрасни групи се гледа дека возрасните животни доминираат, и тоа во средниот неолит со 86,67%, додека во доцниот 100% (табели 6 и 7). Невозрасните индивидуи се застапени само во средниот неолит, со групата subadultus, која претставува само 13,33%.

Волк (Canis lupus L.)

Волкот е претставен со 2 коскени фрагмента кои произлегуваат од две различни индивидуи. Двата фрагмента, кои припаѓаат на возрасни индивидуи, се од средниот неолит и претставуваат 1,32% од целокупната дива фауна и 1,67% од среднонеолитската.

Зајак (Lepus europaeus Pall.)

Со 5 коскени фрагменти зајакот претставува 3,31% од вкупниот број диви животни во Карталица (табела 1). Од нив еден фрагмент е од средниот неолит, претставувајќи 0,83% од среднонеолитската дива фауна, а останатите 4 од доцниот неолит и претставуваат 12,90% од доцнонеолитската дива фауна. Сите фрагменти припаѓаат на возрасни индивидуи.

Јазовец (Meles meles L.)

Јазовецот е претставен само со еден фрагмент од возрасна индивидуа од средниот неолит и претставува 0,66% од општата дива фауна и 0,83% од среднонеолитската.

Заклучок

Досегашните археозоолошки анализи од неолитските локалитети пред cè во Македонија, но и пошироко на Балканот, покажале дека со преодот од среден кон доцен неолит се зголемува бројот на домашните за сметка на што опаѓа бројот на дивите животни10 (табела 8). Во тој поглед, Карталица не прави отстапка, иако е видно забележлив помалиот процент на домашните животни и пропорционално поголем на дивите, како во средниот така и во доцниот неолит.

Кога се разгледува видовата застапеност на животните по периоди, особено кај домашните животни, во Карталица се забележуваат одредени разлики споредено со останатите неолитски локалитети во Македонија. Застапеноста на свињата и говедото очекувано се зголемува од средниот кон доцниот неолит. Малите преживари, т.е. овцата и козата, како во средниот така и во доцниот неолит, остануваат доминантни меѓу домашните животни. Разликата од останатите локалитети е во тоа што, бројот на овца и коза движејќи се од среден кон доцен неолит, на останатите локалитети постепено се намалува, додека во Карталица се забележува благ пораст. Кај дивите животни во доцниот неолит, веројатно пропорционално на општата состојба на опаѓање на бројот на дивите животни, следено од среден кон доцен неолит, се забележува намалено присуство на секое животно пооделно. Исклучок прават турот и зајакот каде е регистрирано благо зголемување.

Кога ќе се погледнат резултатите од определените возрасните групи, и кај домашните и кај дивите животни, во двата периода очигледна е доминација на возрасните индивидуи. Отстапка прават домашната свиња од средниот неолит и дивата свиња од доцниот неолит, каде доминантни се невозрасните, т.е. младите индивидуи.

Бидејќи станува збор за материјал од два периода, среден и доцен неолит, пресметана е висина на гребен со цел да се утврдат евентуалните промени во растот на животните. За жал, поради фрагментираноста на материјалот, многу малку коски беа погодни за пресметување на висина на гребен. Кај козата не беа пронајдени цели коски поради што не е пресметана висина на гребен, додека кај овцата е измерена висина само за средниот неолит која се движи од 56,93 cm до 60,33 cm. Кај говедото е пресметана висината на гребенот за средниот неолит од 116,44 cm, која внесена во шемата за определба на типовите раси на говедо, определено е како говедо од типот крстоската. При определбата на типовите раси на говедото во средниот неолит речиси подеднакво се застапени трите типа говеда (примигено, брахицерно и крстоска), додека во доцниот неолит регистрирани се само примигеното и крстоската кои се подеднакво застапени. За домашната свиња се пресметани висини на гребенот како за средниот така и за доцниот неолит. Во средниот неолит се движат од 69,70 cm, до 77,02 cm додека во доцниот е пресметана една висина од 71,49 cm.

На крајот, употребувајќи ги информациите за природните живеалишта11 на секое од животните присутни на овој локалитет, во комбинација со добиените резултати од археозоолошкиот материјал од Карталица, може да се направи обид за евентуална реконструкција на климата и околната средина во овој регион, или во објаснувањето на улогата на ловот и сточарството во обезбедувањето на храна. Процентуалната застапеност на овцата и козата, кои иако доминантни како во средниот така и во доцниот неолит, споредени со застапеноста на другите локалитети, укажува на значително помало присуство (табела 9). Кај говедото забележуваме спротивна тенденција, односно како и на останатите среднонеолитски и доцнонеолитски локалитети, тоа го зазема второто место меѓу домашните животни, но во Карталица се забележува видно поголемо присуство од вообичаеното. Ова би можело да укажува на предел со постудена и повлажна клима. Понатаму, присуството на одредени диви животни, како и нивната процентуална застапеност укажуваат на планински предел со густи шуми, како и постоење водни површини. Првична потврда за тоа е постоењето на реката Изворчица, веднаш до локалитетот, каде по добиените информации некогаш постоело езеро. Во овој контекст, поволната околина особено за дивите животни можеби ја објаснува cè уште важната улога на ловот, како во средниот така и во доцниот неолит.

Илустрација, стр. 493
Таб. 2. Застапеност на видовите животни по скелетни елементи во средниот неолит.
Таб. 2. Застапеност на видовите животни по скелетни елементи во средниот неолит.
Таб. 3. Застапеност на видовите животни по скелетни елементи во доцниот неолит.
Таб. 3. Застапеност на видовите животни по скелетни елементи во доцниот неолит.
Илустрација, стр. 496
Илустрација, стр. 496
Таб. 4. Преглед на мерките од коските и коскените фрагменти во средниот неолит.
Таб. 4. Преглед на мерките од коските и коскените фрагменти во средниот неолит.
Илустрација, стр. 496
Илустрација, стр. 497
Илустрација, стр. 497
Илустрација, стр. 497
Илустрација, стр. 497
Таб. 5. Преглед на мерките од коските и коскените фрагменти во доцниот неолит.
Таб. 5. Преглед на мерките од коските и коскените фрагменти во доцниот неолит.
Илустрација, стр. 498
Илустрација, стр. 498
Илустрација, стр. 498
Таб. 6. Застапеност на видовите животни по возрасни групи во средниот неолит.
Таб. 6. Застапеност на видовите животни по возрасни групи во средниот неолит.
Илустрација, стр. 499
Илустрација, стр. 499
Илустрација, стр. 499
Таб. 7. Застапеност на видовите животни по возрасни групи во доцниот неолит.
Таб. 7. Застапеност на видовите животни по возрасни групи во доцниот неолит.
Карталица Анзабегово IV Таб. 8. Застапеност на диви и домашни животни на неолитските локалитети во Македонија.
Карталица Анзабегово IV Таб. 8. Застапеност на диви и домашни животни на неолитските локалитети во Македонија.
Карталица Таб. 9. Сооднос меѓу домашните животни на неолитските локалитети во Македонија.
Карталица Таб. 9. Сооднос меѓу домашните животни на неолитските локалитети во Македонија.

ANIMAL REMAINS FROM THE NEOLITHIC SETTLEMENT KARTALICA

VILLAGE IZVOR, VELES REGION

Белешки

  1. Јовчевска Т., 2006; Јовчевска Т., 2008а; Јовчевска Т., 2008б. ↩
  2. Gimbutas M., 1976, 29. ↩
  3. Bökönyi S., 1976, 345; Moskalewska A. L. - Sanev V., 1989, Tab. 8, 68. ↩
  4. von den Driesch. A. - Boessneck J., 1974, 339. ↩
  5. Bökönyi S., 1976, 353. ↩
  6. Matolcsi J., 1970, 118. ↩
  7. Илиев Н., 1994. ↩
  8. von den Driesch A. - Boessneck J., 1974, 341. ↩
  9. von den Driesch A. - Boessneck J., 1974, 341. ↩
  10. Ивковска А., 2009, табели 6-9. ↩
  11. Bailey D.W., 2000, 133. ; Bökönyi S., 1986, 71. ↩

Summary

Animal Remains from the Neolithic Settlement Kartalica Village Izvor, Veles Region

The site Kartalica is located on a flat terrace on the slopes of the Ruen Mountain, 300 metres to the east of the village Izvor, in the Veles region, near the Izvorčica River. It is a Neolithic settlement with live span in the Middle (Anzabegovo II-III) and the Late Neolithic (Anzabegovo IV) according to the chronology of Gimbutas.

The archaeozoological collection of Kartalica is comprised of 2473 bones and bone fragments in total, of which 1923 belong to the Middle Neolithic and the remaining 550 belong to the Late Neolithic. Twelve taxonomic groups are defined out of 1741 bones and bone fragments that could be determined. Five groups belong to domestic forms (cattle, sheep, goat, pig and dog), while the remaining 7 belong to wild animals (aurochs, wild pig, fallow deer, roe deer, wolf, rabbit and badger). From the determined bones, 91.32% belong to domestic animals and 8.66% to the wild animals. In the Middle Neolithic, 90.95% belong to domestic animals, while the remaining 9.03% belong to the wild animals. In the Late Neolithic, the number of domestic animal increases to 92.51% which leads to a decrease of the percentage of the wild animals (7.48%).

Looking at the representation of the domestic animals, it becomes clear that the small ruminants i.e. sheep/goat are dominant, which is followed by the cattle, pig and dog. Speaking of the wild animals, as in most Neolithic sites, the fallow deer has the leading role, second comes the wild pig, followed by the aurochs, roe deer, rabbit, wolf and badger.

Compared to the rest of the Neolithic sites in Macedonia, the site Kartalica is no different regarding the ratio between wild and domestic animals, as well as the presence of domestic animals. Analyzing the ratio between wild and domestic animals in Kartalica, the domination of the domestic animals is pretty clear and it increases with the move from the Middle Neolithic to the Late Neolithic. Regarding the representation of domestic animals, the small ruminants i.e. sheep/goat have the leading role in both periods.

Библиографија