Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 453–461
Групен наод на луксузен накит
Филозофски факултет - Скопје
Институт за историја на уметноста и археологија
Во 2010 година, за време на археолошките ископувања на Скопското Кале (сл. 1), откриен е групен наод од луксузен накит: пар наушници и аграфа за закопчување на наметка.1
Ова депо било скриено под еден камен во ѕид формиран со кал. Наодите се откриени во редот камења непосредно над подното, земјено ниво, од скромен објект на неколку метри источно од резиденцијалниот монументален комплекс сместен на најдоминантниот дел од Скопското Кале2 (сл. 2).
Наушниците се изработени од позлатена бронза и вметнат полублагороден украсен камен. Тие се зачувани речиси потполно, со незначителни оштетувања. Одместо-наместо се прекриени со дива патина, а делумно се излижани или, пак, бронзената, зелена патина го пробива мошне тенкиот златен премаз3 (сл. 3, сл. 4).
Според своите морфолошки карактеристики, тие припаѓаат на кружниот тип. За разлика од првата група, каде украсниот корпус е во вид на полн круг, овие наушници припаѓаат на втората група со разновидни отсечки во горниот дел.4 Во случајов, станува збор за петтата варијанта каде кружното украсно тело има триаголен исечок.5
Сепак, целокупниот изглед, начинот на изработка, материјалите од кои се направени, димензиите (h = 55 mm, d = 41 mm) и тежината (а. 14,38 g, б. 13,93 g) се по многу нешта специфични и ги детерминираат овие примероци во уникатни примероци кои можат да се именуваат како вариетет скопско кале од типот кружни наушници од втората група, петта варијанта.
Нивниот украсен корпус има облик на плоскат цилиндер со триаголен исечок. Тој е оформен од два потковичесто исечени дела од позлатен бронзен лим, споени на надворешните рабови со лента од истиот материјал широка 6 mm, колку што изнесува и пресекот на корпусот.
Надворешните површини се декорирани со мошне тенки, мазни или впредени филигрански жички од кои се обликувани украсните мотиви; по рабовите има низи од крукчиња, додека во внатрешните полиња „Ѕ“ спирали со повеќе намоти. Нивната минуциозна изведба наликува на вез. Меѓу спиралите, странично и во долниот дел, се сместени мали шупливи полукалоти од лим како замена за украсните камчиња.
Во средишниот дел од лицевата, видлива страна, вметнат е полублагороден украсен камен - проѕирен, горски кристал со нијанси во боја на чад.6 Во основата камчињата се квадратни (а = 14 mm; h = 4 mm). Начинот на којшто се тие зацврстени за подлогата со четири метални нитни од страните е мошне карактеристично техничко решение забележано кај луксузниот накит од XIV век. Тоа се среќава и кај наушниците од кочанското депо и кај наушниците и венецот од богатата остава од Маркови Кули- Варош, Прилеп, како и кај други поединечни или групни наоди од ова време.7
Задната страна на наушниците од Скопско Кале е декорирана на ист начин како и предната, со тоа што во централниот дел наместо украсен камен е поставена полукружна шуплива полукалота од лим.
Надворешното, кружно поле кое го обиколува корпусот, е украсено со пет радијално поставени цевчиња од намотана жичка. Овој манир во декорирањето е вообичаен кај кружните наушници, како и кај луксузните зрачести типови од XIV век, но и кај обнародените подоцнежни варијанти.8
Теглето е лачно, изработено од впредени, подебели жички. Тоа е зацврстено за корпусот со два шарнира што е, исто така, типично за луксузните наушници од XIV век, но и за подоцнежните имитации. Несомнено е, според тоа, дека овие наушници не биле носени протнати во ушната школка, туку дека виселе околу ушите и образите прикачени на некој вид клиски.9
Во народните дијалекти од Македонија за овој вид накит се употребуваат зборовите: ушници, образници, узобраски, наметушки итн.10
Целокупниот изглед на наушниците од Скопско Кале соодветствува со еден опис од 1375 година забележан во дубровничките архиви. Имено, во депозитот на Јаков Манчетиќ, писарот Ненац Чохориќ, покрај другото, споменува и кружни наушници запишувајќи: „...
Unum par çerçelorum auri rotundorum scalariscorum cum lapidibus preciosis…“.11
Кружните наушници се посведочени и на фрескоживописот на ктиторските портрети, кај владетелките, благородничките и кај светителките од висок род, кај невестите итн. Меѓу највпечатливите примери се тие насликани на портретите на кралицата Симонида од Старо Нагоричино и Грачаница (сл. 5), на кралицата и царицата Јелена од Лесново, Бела Црква, Дечани, од црквата Св. Константин и Елена - Охрид итн.12 Тие се среќаваат и кај ликовите на младите светителки, кај Христовите девици13 (сл. 12, сл. 13), кај невестите во сцени од свадбата во Каана (сл. 6) итн. Една еволуирана форма детално е прикажана и на ктиторскиот портрет на Милица од Матка од самиот крај на XV век.14
Најмаркантниот археолошки наод на кружни наушници од Македонија е златниот, раскошно изработен примерок со вметнати полублагородни камчиња (тежок 83 g) од кочанското депо со скапоцености од средината на XIV век.15 Од XV век потекнуваат елегантните златни кружни наушници од Кратово.16 Во XV-XVI век во употреба се обнародени варијанти од овој тип наушници, некогаш и со ориентални примеси, со прикачени трепетушки. Тие се изработени од бакарен лим со евтини изведбени техники.17
Аграфата најдена заедно со парот наушници во скриеното депо на Скопско Кале, без сомнение, била дел од иста колекција велмошки накит (сл. 7).
И аграфата е изработена од позлатена бронза во техника на ковање, дополнета со филигран и гранулација. Но таа не е целосно зачувана. Недостасува задниот дел кој се состоел од кружна основа со цевчест испуст со кој таа се закопчувала, придржувајќи ги краевите од наметката.
Горниот украсен дел од аграфата е кружен, односно во вид на цилиндер. Видливата надворешна плоштина била декорирана со шупливи полукалотести испакнатини поредени во вид на осумлистна розета околу средишниот дел во кој имало украсен камен кој сега не- достасува. Очигледно е дека полукалотите биле замена за украсното камење и бисерите кај поскапоцените предлошки. Секоја од овие полукалоти е окружена со фини филигрански жички и со гранулирани партии.
Овој вид накит како археолошки наод е мошне редок. Меѓутоа, во Македонија се откриени неколку исклучително луксузни примероци.
Пред cè, тоа е групниот наод од две поголеми и три помали аграфи откриени кај црквата Св. Атанас во Варош, Прилеп (сл. 8, сл. 9). Тие, како драгоценост на видно велмошко семејство биле засолнати во една вкопана јама, веројатно во немирните времиња на доцниот XIV век.18 Овие аграфи се сребрени, некои со остатоци од позлатување, раскошно декорирани, со зачувано или отпаднато украсно камење во средината. Сите имаат иста конструкциска шема: дводелни се, со цевчести испусти како специфичен механизам за закопчување на задната страна.
Прилепските примероци се богато украсени со гранулација и филигран. Околу надворешниот раб се поредени полукалотите коишто го доловувале впечатокот на бисери или полублагородни камчиња.
Потврда за ова се двата скапоцени примерока на аграфи кои се откриени за време на конзерваторските зафати во апсидниот дел од црквата Св. Софија во Охрид.19 (сл. 10). Кај нив со сигурност се забележуваат скапите и сложени, златарски техники и присуството на вметнати украсни камења и бисери на горната видлива страна, така како што најчесто се прикажани и на фрескоживописот.
Аграфите и по својот морфолошки изглед, и по скапоцените материјали, и по изработката, претставуваат реминисценција на античките кружни, плочести фибули, носени на десното рамено или на градите. Со нив се закопчувале патрикиските плаштови20 (сл. 11).
Потврда за тоа има и во пишуваните извори. Имено, византиските благородници од рангот илустрес во VII век, меѓу останатите аристократски инсигнии, носеле и пурпурна наметка со фибула.21
Во Правилникот за патрикии (Patricius Ordo) од XI век се наведува и наметката (mantus) како еден од патрикиските атрибути.22
Членот 48 од Душановиот законик ја споменува бисерната свита – наметка меѓу велмошките обележја. А таа, секако, се закопчувала на градите или на десното рамено со скапоцена аграфа.23
Кружните фибули на десното рамено или на среде гради коишто потоа се преточуваат во луксузни аграфи се забележуваат и во нумизматичката, доцноантичка и средновековна продукција на монети.
Највпечатливи се, сепак, претставите на средновековниот фрескоживопис. Тие се насликани на ктиторските портрети кај личности со висок хиерархиски ранг (сл. 13) и кај мажите и кај жените (сл. 12). Повеќето од нив се кружни, но ги има квадратни, (сл. 15) правоаголни и ромбоидни. По правило се декорирани со бисери.24
Во палеологовската и поствизантиската уметност светите воини и маченици во сцените на Небесниот двор се прикажани со велмошки инсигнии, како стратези на Великиот цар. Покрај појасите, инсигниските обележја се претставени и преку бисерните наметки закопчани со раскошни примероци на аграфи25 (сл. 14).
Нема сомнение дека парот наушници и аграфата од Скопско Кале се колекција на женски велмошки накит.
Манирот во изработка, намелените димензии и тежина, квалитетот на употребените материјали, односно метали, севкупниот изглед, како и местото на наодот, даваат основани претпоставки за вредноста и временската определба на овој накит.
Се чини дека тој е изработен во втората половина на XIV век. Нивната сопственичка или имател, сеедно, во некаква неволја ја засолнува оваа драгоценост кон крајот на XIV век, и никогаш повеќе да не се врати по неа.
Белешки
- За отстапениот материјал му благодарам на д-р Драги Митревски, раководител на археолошките ископувања на Скопско Кале. ↩
- Податоците за начинот на откривање на овој групен наод ги добив од д-р Марјан Јованов, раководител на истражувачки сектор. ↩
- Заради кревкоста наодите се само превентивно исчистени и се делумно заштитени во лабораторијата на Музејот на Македонија. Во таква состојба се и документирани. Цртежите ги изработи археологот Давча Спасова, а фотографиите се од м-р Орданче Петров. ↩
- Радојковић Б., 1969, 132; Алексова Б., 1957, 14; Манева Е., 2012, сл. 1-15; Манева Е., 2013, Inventaria Archaeologica Personarum I, 25-34. ↩
- Во депо од XVI век од Сашка црква, Ново Брдо (Косово) се откриени слични наушници од петтата варијанта на вториот тип. Тие, веројатно, биле дел од семејни драгоцености скриени во XVI век, но би можеле да се датираат порано. Зечевић Е., 2006, 242, 243, кат. бр. 147. ↩
- Експертизата на полублагородниот, украсен камен ја изврши минерологот Дејан Шкартов – дипл. инж. ↩
- Манева Е., 1992, Т.24 (24/23аб), Т.27, Т.31(58/43); Манева Е.,2005, 23, fig. 10, cat. no. 24 ab-26ab. ↩
- Maneva Е., 2005, cat. no. 23ab, 24ab; Maneva Е., 2007, cat. no. 11-13ab. ↩
- Манева Е., 1992, Т.38(м/3). ↩
- Манева Е., 2012, сл. 1-15. ↩
- Ковачевић Ј., 1953, 144, n. 393; Радојковић Б., 1969, 133, n. 262. ↩
- Ковачевић Ј., 1953, 144-146. ↩
- Во црквата Св. Богородица Љевишка - Призрен (1306/1307), циклусот „Христовите невести“, св. Варвара, св. Катарина(?), св. Ирина и св. Недела се прикажани со неколку варијанти на кружни наушници. Радовановић J., 1988, 73. црт. 7, 8. ↩
- Суботиќ Г., 1980, сл. 104. ↩
- Maneva Е., 2005, cat. no. 23ab. ↩
- Maneva Е., 2005, cat. no. 29. ↩
- Maneva Е., 2007, cat. no. 11-13ab. ↩
- Манева Е., 1992, 27, 28, Т.97; Манева Е., 2005, cat. no. 70a-e. ↩
- Единствените, достапни податоци за нив ни се познати преку 2-3 недоволно јасни фотографии и според усното кажување на колегата Владо Маленко од Охрид. ↩
- Преку мозаичните портрети на Јустинијан и Теодора од Сан Витале - Равена може да се воочи генезата на овие видови средновековен луксузен накит. Маркантните, кружни фибули со кои се закопчани пурпурните, царски плаштеви, во средниот век постануваат еден вид брошеви со специфичен механизам за зацврстување, различен од античкиот. ↩
- Werner Ј., 1984, 40-42. ↩
- Werner Ј., 1984, 40-42. ↩
- Благојевић М., - Петковић С., 1989, 171 ↩
- Ђурић С., 1985, 87-92, сл. 104, 106, Т.IV. ↩
- Грозданов Ц., 1988, 5-34. ↩
Summary
Luxurious 14th Century Jewellery from a Hoard Discovered in Skopsko Kale
Excavations at Skopsko Kale (Skopje Fortress) in 2010 uncovered a pair of 14th century earrings and an agraffe (clasp) for fastening a dignitary’s cloak. The earrings are of the circular type, crafted of gilt bronze, inlaid with semi-precious stone, and richly decorated with filigree. The agraffe is decorated in a similar manner, though with minor damage. This kind of jewellery has been attested in fresco paintings of dignitaries of high birth and hierarchical rank. The hoard is from a collection of jewellery that belonged to a woman of noble birth and was hidden during the turbulent late 14th century.
Библиографија
- Алексова Б., 1957, Округли наушници од Демир Капија, ГИНИ бр. 1, Скопје,7-30.
- Благојевић М. - Петковић С., 1987, Србија у доба Немањића, Београд
- Грозданов Ц., 1988, Христос Цар, Богородица Царица, небесните сили и светитевоини во живописот од XIV и XV век во Трескавец, кн. XII-XIII, Скопје, 5-19.
- Ђурић С., 1985, Љубостиња, Црква Успење Богородичиног, Београд.
- Зечевић Е., 2006, Ново Брдо, Београд.
- Ковачевић Ј., 1953, Средњовековна ношња Балканских Словена - Студија из историје средњовековне културе Балкана, Београд.
- Манева Е., 1992, Средновековен накит од Македонија, Скопје.
- Maneva E., 2005, Ancient Jewellery from Macedonia - Middle Ages, Skopje.
- Maneva E., 2007, Ancient Jewellery from Macedonia, Necropolisis Vodoča, Skopje.
- Манева E., 2012, Unum par çerçelorum – наушници – заушници – ушници – образници – наметушки – обеци – обетки... Жива антика, Монографија 10, Скопје, 1-14.
- Maneva E., 2013, Inventaria Archaeologica Personarum I, Necropolisis Vodoča, Skopje.
- Радовановић J.,1988, Невесте Христове у живопису Богородице Љевишке у Призрену, Иконографска истраживања српског сликарства XIII и XIV века, Београд.
- Радојковић Б., 1969, Накит код Срба, Београд.
- Суботиќ Г., 1980, Охридската сликарска школа од XV век, Охрид.