Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 427–442

Археолошки истражувања на средновековната тврдина Исар-Кале - Штип во 2009 година

УДК 902.2:9049497.731)”2009”

Содржина
  1. Празнење на северната цистерна (цистерна бр. 2)
  2. Откопи на северното бедемско платно и северната кула на акрополата
  3. Празнење на јужната цистерна (цистерна 1)
  4. Јужно бедемско платно
  5. Јужен дел од западното бедемско платно
  6. Откопи во внатрешниот простор на кула 5
  7. 2. Локација Стара Кланица
  8. 3. Локација Чекичан Скала
  9. Резиме
Формула

Тврдината Исар се наоѓа во западниот дел на денешниот град Штип, на доминантно возвишение меѓу реките Брегалница и Отиња. Тврдината е со правец на простирање север-југ и со должина од околу 350 m, а од коритото на реката Брегалница се издига на околу 100- 150 m. Ерозивните сили го одделиле возвишението со длабоки клисури, од север и од запад реката Брегалница, а од југ суводолицата на реката Отиња. Во времето на феудализмот, кога потребата од сигурна заштита и одбрана била неопходна, таквата природна положба е искористена и на највисоките делови од возвишението е изграден средновековен град (сл. 1).

Крстосницата на патиштата што се наоѓа во подножјето на тврдината ја зголемува важноста на оваа местоположба. Брегалничката Долина уште од најраните времиња на човековата егзистенција претставува многу значајна сообраќајница што ги поврзува северните и источните балкански простори. Особено значајна улога Брегалничкиот Басен добива во римско време. Во доцната антика во Брегалничкиот Регион е создадена голема мрежа од тврдини и населби, како Баргала, Крупиште, Мородвис, Виничко Кале, Црешка. Повеќето од нив своето постоење го продолжиле и во средниот век. Овој период е карактеристичен по големите етнички промени и прегрупирање на целиот Балкански Полуостров. Особено големи промени настануваат со преселувањето на Словените кон крајот на VI и VII век. Досегашните истражувања проследени со документирани научни сознанија укажуват дека инвазијата на Словените врз Рановизантиското Царство се карактеризира со пустошење и уривање на градовите и населбите. Подоцна, врз доцноантичките и рановизантиските градови Словените формираат нови живеалишта и мали населби, а на некои од нив подоцна никнуваат и утврдени средновековни градови. Раносредновековната словенска населба, која подоцна поминува во организиран и утврден град Штип, никнала врз урнатините на античкиот Астибо и византискиот Стипион.

Средновековната историја на градот која започнува со населувањето на Словените на ова подрачје е проследена со бурни настани. Во IX век, за време на владеењето на бугарскиот хан Персијан и неговиот наследник Борис (852-889 год.), Македонија, а со тоа и Брегалничкиот Регион, потпаѓа под бугарска власт. Од 976-1014 година средновековната тврдина, односно градот Штип се наоѓа во составот на Самоиловата држава. Периодот од падот на Самоиловото Царство, па cè до големото проширување на српската држава на југ кон Македонија, кога Штип за подолго време останува под српска власт, се карактеризира со чести менувања на господарите: до 1197 година Византија, до 1207 година Бугарија, потоа господарот на Просек - самостојниот господар Стрез до 1214 година, Епирското деспотство до 1216 година, Бугарија до 1246 година, па Никејското Царство до 1254 година итн. Во овој период чести се навлегувањата на Печенезите, Куманите и Норманите во Македонија. За време на кралот Милутин (1282-1321 год.) Штип потпаѓа под српска власт и претставува гранично подрачје на српската и византиската држава. Потоа, за кратко време, повторно паѓа под византиска власт. Српските феудалци за време на владеењето на Стефан Дечански (1321-1331 год.) го присоединуваат Штип кон српската држава. Феудален господар и управител на Штип во тоа време е протосевастот Хреља. По повлекувањето на Хреља со градот управува Јован Оливер. Од 1335 година, па cè до доаѓањето на Турците во Источна Македонија управуваат браќата Константин и Драгаш Дејановци.

Сл. 1. Исар - панорама.
Сл. 1. Исар - панорама.

Според предвидениот план и програма за работа, археолошките истражувања на средновековната тврдина Исар-Кале - Штип, кои се дел од капиталните проекти финансирани од Владата на Република Македонија во 2009 година, се изведуваа на следните локации (сл. 2).

1. Локација акропол - истражување на акрополниот дел од средновековната тврдина.

2. Локација Стара Кланица - откривање на средновековната црква Св. Власије.

3. Локација Чекилан Скала - откривање на претпоставениот средновековен тунел.

Сл. 2. План 1 - тврдина Исар.
Сл. 2. План 1 - тврдина Исар.

1. Акропол

Истражен и откриен е речиси во целост акрополот на тврдината, највисокиот и најутврдениот дел (феудалниот дворец) со површина од 1705 m2. На високото зарамнето плато од Исарот со приближно елипсовидна форма и правец на протегање север-југ, во должина од 120 m, регистрирана е целокупната зачувана архитектура од бедемските ѕидни платна, одбранбените кули, два влеза (јужен и северен), јужна и северна цистерна, еднокорабна црква и други објекти. Најголемиот дел од наведените активности се реализирани со истражувањата во 2008 год., а со годинешните истражувања истите се речиси во целост додефинирани (сл. 3).

Откопи по должината на западното бедемско платно бр. 7 во северното крило на

акрополот

Во текот на јуни се продолжи со откопите на просторот по должината на западното бедемско платно бр. 7, во северното крило на акрополот, опфаќајќи ги квадратите В12 и В13.

Во квадратот В13, во непосредна близина на северната цистерна, цистерна бр. 2, регистрирани се делови од темелни остатоци на помал објект со приближни димензии од 6,00 х 5,00 m граден од камен и кал, најверојатно од времето на раниот османлиски период. Од просторот во и околу објектот прибран е ситен керамички материјал од раниот османлиски период, како и дел од керамичко луле (сл. 4)

Празнење на северната цистерна (цистерна бр. 2)

Објектот е лоциран во квадратите В15 и Г15. Цистерната е со димензии 10,00 х 5,20 m, внатрешна површина од 7,50 х 4,00 m и ориентација северозапад-југоисток. Градена е од (кршен гранитен и во помала количина речен камен, а за врзивен материјал употребен е бел варов и црвен хидростатен малтер). За време на откопите, празнењето на цистерната во нејзината северозападна половина на ниво од 2,50 m е откриена подна површина од печени тули - произведени во поново време. Во шутот се пронајдени поголем број на чаури и пачки - делови од шаржери од стрелачко војничко оружје. Овие податоци јасно укажуваат дека објектот во поново време бил во секундарна употреба за привремен престој на воени единици, како за времето на Балканските и Првата светска војна така и за времето на поранешна Југославија (сл. 5).

Сл. 3. План 2 - Акропол.
Сл. 3. План 2 - Акропол.
Сл. 4. Северно крило од акрополата.
Сл. 4. Северно крило од акрополата.

Празнењето на цистерната во југоисточната половина е изведено до ниво од 4,20 до 4,50 m. На ова ниво е констатиран подот на цистерната изведен од камени плочи поставени врз слој од хидростатен малтер. Во моментот на откривање регистрираната подна површина е во добра состојба.

При овие длабоки откопи на насип од градежен шут регистрирана е поголема количина фрагментирани керамички садови карактеристични за доцниот среден век. Истовремено, регистрирана е иако во помала количина и фрагментирана керамика од доцната антика. Во отстранетиот шут пронајдени се и делови од железни предмети - ковани железни клинови и делови од железни алатки. Следеа откопи и во северозападната половина на објектот со отстранување на длабоки насипи на градежен материјал (шут: камен, малтер, фрагментирани тули и тегули; делови од питоси и други керамички садови, како и делови од потполно кородирани и распаднати железни предмети. На ниво од околу 4,50 m од денешната највисоката точка од северозападниот ѕид на цистерната откриен е во целост добро зачуваниот под на цистерната. Подот е изведен од камени плочи поствени врз моќен, многу квалитетен слој на црвен хидростатен малтер (сл. 6).

Сл. 5. Северна цистерна.
Сл. 5. Северна цистерна.
Сл. 6. Северна цистерна по истражување.
Сл. 6. Северна цистерна по истражување.
Сл. 7. Северна кула.
Сл. 7. Северна кула.
Сл. 8. Јужна цистерна.
Сл. 8. Јужна цистерна.

Со цел да се регистрира подната супструкција на цистерната во североисточниот агол на подот поставена е мала сонда. Со овие сондирања во подот на објектот констатирани се неколку слоеви хидростатен малтер поставувани директно на карпестата подлога.

По ѕидовите на средишните и долните партии на цистерната зачувани се заштитните слоеви од црвен хидростатен малтер. Во југоисточниот дел од североисточниот ѕид, во слојот на хидростатниот малтер, констатирани се фрагментирани керамички плочки поставувани во функција на зајакната издржливост на хидростатниот малтер.

Откопи на северното бедемско платно и северната кула на акрополата

Северното бедемско платно, констатирано во квадратите Б17, Б18, В17 и В18, регистрирано е единствено во темелната основа. Неговата зачуваност е делумна. Остатоците од темелната основа на бедемското платно лежат директно на карпестата почва од теренот. Бедемот однадвор, т.е. од север е со тростран полигонален завршеток. Челото на бедемот е со должина од 2,00 m, североисточниот дел е долг до 7,00 m, а откриениот северозападен дел изнесува околу 8,00 m. На поедини места зачуваната широчината на бедемот изнесува над 2,50 m (сл. 7).

На североисточниот дел од бедемот видливи се две градежни фази, првата од времето на доцната антика, а втората средновековна. На овој дел од бедемот навнатре се регистрирани остатоци од подна површина од камен и малтер во вид на калдрма што упатува на подна површина од внатрешна одбранбена кула - северна кула на акрополот (кула 7).

Празнење на јужната цистерна (цистерна 1)

Цистерната е лоцирана во квадратите Б8 и В8, непосредно пред денешните објекти на МРТВ. Вкопана е во карпестата почва на теренот со внатрешна површина од 8,00 х 4,00 m и ориентација север-југ. Градена е од кршен гранитен камен и малтерисана е со моќен слој од црвен хидростатен малтер. Северниот и јужниот ѕид се со широчина од 0,80 m, а источниот и западниот 0,60 m. На длабочина од 3,20 m северниот и јужниот ѕид се проширени за 0,30 m. На ова ниво -3,20 m, во средишниот дел на објектот во растресит слој на земја регистриран е завршниот дел од вкопаната громобранска лента од инсталациите на дел од релејните објекти на МРТВ, кои ги оневозможија натамошните истражувања. Последните откопи во длабочина до 5,40 m се изведени само во североисточниот дел на објектот. На ова ниво е констатиран подот на цистерната, изведен од камени плочи поставени врз моќен слој од хидростатен малтер (сл. 8).

Наоди: пронајдена е релативно голема количина фрагментирана доцносредновековна керамика. Застапени се неколку типови керамички садови: грниња, амфороидни стомни, подници, чинии, паници, чајници, чаши (сл. 9, 10).

Регистрирани се и неколку мермерни фрагменти од античка скулптурална и архитектонско-декоративна пластика. Како позначаен наод го издвојуваме фрагментот од глава на женска мермерна античка статуа (заден дел од глава и дел од вратот), како и уште неколку помали фрагменти од торзо на мермерна статуа.

Поради горе наведените причини (локацијата на главниот громобрански вод во внатрешноста на цистерната) натамошното нејзино празнење е прекинато.

Јужно бедемско платно

Јужното бедемско платно во должина од 25 m е лоцирано во квадратите Б7, Б8, В6 и дел од квадратот Г6. Составено е од два крака, југозападен и јужен крак. Во средишниот дел од бедемот била вградена правоаголна кула со проекција нанадвор. Со исклучок на југозападниот дел, каде што бедемот е зачуван во висина од над 3,00 m, останатите делови на бедемот и кулата во целост се регистрирани само во темелната основа. Широчината на бедемот во југозападниот дел се движи од 3,00 до 3,30 m, а зачуван е во висина над 3 m. Во неговата источна фасада вградени се скалила кои водат до високата одбранбена платформа (сл. 11).

Сл. 9. Чајници 12-14 век.
Сл. 9. Чајници 12-14 век.
Сл. 10. Чинии 12-14 век.
Сл. 10. Чинии 12-14 век.

Западната фасада на овој дел од бедемот со насилно вадење на градежниот материјал е доведена до фаза на потполно уривање - паѓање на бедемот како целина (потребни се итни заштитни интервенции). Во квадратите В6 и Г6 е изведено само делумно документирање на јужната кула - кула 6. Поголемиот дел од основата на кулата се наоѓа под темелите на постојниот објект на МРТВ. Регистриран е источниот ѕид на кулата, во темелна основа, во должина од околу 6,00 m и дел од северниот ѕид во должина од 4,00 m, широк 1,50 m и зачувана висина до 0,50 m. За целосно дооткривање на објектот неопходна е дислокација на постојниот објект на МРТВ и релејниот столб.

Јужен дел од западното бедемско платно

Јужниот дел од западното бедемско платно на акрополот, регистриран во кадратите Б8, Б9, Б10, Б11 и Б12, е зачуван во целата негова темелна основа во должина од 40,00 m. Широчината на неговата темелната основа, која е поставена директно на карпестата подлога од теренот се движи од 1,60-2,00 m во крајниот северен дел кај новооткриената внатрешна кула (кула 5), 2,60 m во средишниот до над 3,00 m во крајниот јужен дел, каде што западниот бедем се двои во два крака, едниот кон југоисток преминува во јужен бедем на акрополот, а другиот кон југ продолжува како дел од западниот бедем на тврдината. Неговата висина е зачувана на различни висински нивоа од 0,30-0,40 во квадратот Б12, до над 3,00 m во квадратите Б8 и Б9 (сл. 12).

На овој простор регистрирани се темелни остатоци од неколку простории (станбени објекти) доцносредновековни куќи градени од камен и кал, еднокорабна црква, бројни фрагменти од огнишна керамика, како и извесен број фрагментирана, луксузна, трпезна керамика.

Откопи во внатрешниот простор на кула 5

Со цел да се доистражи внатрешниот простор на кулата 5 која го дели акрополот на северно и на јужно крило на површина од 6,00 х 5,00 m, отпочнат e ископ на растресита сива земја помешана со голема количина на шут (камен и малтер). Со натамошните откопи на просторот од внатрешноста на кулата до длабочина од 0,60 m ја регистриравме подната површина на објектот која се состои од бел варов малтер делумно зачуван, поставен директно врз карпестата подлога на теренот. Истовремено го регистриравме проширениот фундамент за 0,15-0,20 m на темелните основи на ѕидовите од кулата кои, исто така, лежат директно на карпестата подлога од теренот. Широчината на ѕидовите изнесува 1,60 m, а со проширениот фундамент на основата од темелите и до 1,70-1,80 m (сл. 13).

Последните откопи се изведени под подната површина во југозападниот агол на кулата, при што во карпестата подлога, во длабочина до 0,60 m, е откриена подлабока јама во која се регистрирани делови од доцноантички питоси. Во питосите најверојатно било чувано претходно откриеното јагленисано жито. Со овие завршни активности објектот - кулата 5 е во целост истражен.

2. Локација Стара Кланица

На локацијата Стара Кланица (северозападно подградие на тврдината Исар - средновековниот град Штип) е отпочнато со сондажно истражување. Во прашање е зарамнето плато над коритото на реката Брегалница со површина од околу 100 х 50 m. На овој простор се лоцираат можните темелни остатоци на средновековната црква Св. Власие, позната во средновековните записи. На оваа локација многу години и децении наназад и покрај нашите укажувања да не се изведуваат недозволени ископи, земјиштето е многукратно разорувано и прекопувано за шумски насади и други нелегални откопи. Градежниот материјал, камен и малтер од темелните остатоци на објектите e разнесен по теренот, а поголемиот дел од него и однесен (сл. 14).

Со откопи се отпочна во средишниот дел на зарамнетото плато со поставување на надолжна сонда (сонда 1) со правец на протегање север-југ во должина од 35,00 и широчина од 2,00 m. На овој простор со претходни нелегални откопи на одделни места беа видливи темелни остатоци од ѕид на објект граден од камен и бел варов малтер. Со откопи до длабочина од 0,40 до 0,70 m регистрирана е темелната основа на ѕид во должина од 32,00 m со мал прекин од 2,00 m во неговата северна половина. Широчината на темелната основа на ѕидот изнесува 1,20 m, а неговата висина на поедини делови е зачувана и до 0,40 m. Со овие ископи е регистрирана темелната основа на источниот ѕид на објектот. На 2,50 m источно од крајниот северен дел на ѕидот со плитки откопи до 0,30 m се констатирани фрагменти од два помали питоси со зашилени дна, карактеристични за римскиот период.

Следната сонда (сонда 2) е поставена на јужниот раб од платото со правец на протегање исток-запад во должина од 60,00 и широчина од 2,00 m. При овие ископи е регистрирана темелната основа на јужниот ѕид чија должина изнесувала 56,00 m, а регистриран е во должина од 40,00 m. Широчината на темелната основа од ѕидот е еднаква со широчината на источниот ѕид 1,20 m.

Со поставената сонда по западниот раб на платото (сонда 3) регистрирани се делови од темелната основа на западниот ѕид на објектот во должина од 20,00 m. Останатиот дел од ѕидот во должина, веројатно до 32,00 m, недостасува.

Со изведените откопи по должината на северниот раб на платото (сонда 4) се откриени остатоците од североисточната партија на објектот во должина од 8,70 m која завршува со пиластри и ѕидан столбец, веројатно носач на арка од влезот во објектот, односно оградениот простор со приближна површина од 56,00 х 32,00 m. Со откопите по должината на северниот раб на платото кон запад констатирано е отсуство на северниот ѕид од објектот. На овој простор по пат на нелегални ископи и од големата ерозија на теренот остатоците од северниот ѕид во потполност се уништени.

При разоткривањето на темелните остатоци од овој објект, кој формира голем ограден простор со димензии 56,00 х 32,00 до 37,00 m е евидентирана релативно мала количина фрагментирани керамички садови кои потекнуваат од различни временски периоди: предисториски период (бронзено и железно време), класичен период, рана и доцна антика и средновековниот период.

Во средишниот дел на овој ограден простор со приближна површина од 56,00 х 32,00 до 37,00 m отпочнато е со истражување со плитки откопи, при што веќе при првиот откоп во длабочина до 0,20 m се констатирани темелни остатоци од ѕид на сакрален објект со ориентација исток-запад. Од внатрешната страна на објектот - на мал простор, јужно покрај ѕидот, во шутот од камен и малтер, регистрирани се поголем број фрагменти од фрескоживопис. Од градежен материјал, покрај камен, малтер, фрагменти од тули, регистрирана е и поголема количина бигор, веројатно употребен како градежен материјал за горните партии на објектот. При откопот од јужната страна на ѕидот, покрај фрагментите од фрескомалтер, евидентирани се и делови од средновековен керамички сад - грне.

Со истражувањата на овој простор кои продолжија и во текот на јуни ги добивме следните податоци, односно резултати.

Плитките откопи изведени по северниот раб на платото на карпестата подлога регистрираа минимални малтерни остатоци од северниот ограден ѕид во дожина од 7.00-8.00 m кон североисток, кои се сепак доволни за регистрација и реконструкција на влезот од североисток. Источниот дел од конструкцијата на влезот укажува на можен двоен влез вовлечен кон внатре. Тој е изведен со истурени пиластри и проширен ѕидан столбец носач на влезната арка. Во конструкцијата на влезот вградени се неколку добро обработени камени блокови од зеленкаст тврд камен песочник. При разоткривањето на овој простор регистрирани се делови од камени предисториски мелници - толчници.

Во источната половина од оградниот простор со отклон кон исток откриена е во целост основата на мал еднокорабен сакрален објект - средновековна црква градена од кршен гранитен, а во помал дел и речен камен и бел варов малтер. Во темелната конструкција како сполии се употрбени поголем број добро обработени камени блокови од тврд, зеленикав камен песочник, веројатно од постар објект - антички храм(?). Во северниот ѕид на повисоко ниво регистрирани се вградени фрагменти од тули, што укажува на можноста во конструкцијата на ѕидовите да биле вградувани и редови на тули. Основата на црквата е со димензии од 11,80 х 6,90 m и внатрешен простор од 8,60 х 5,10 m. Длабочината на полукружната апсида изнесува 1,30 m, а широчината на ѕидовите 0,90 m. Влезот од запад е со широчина од 1,40 m. До источната половина од јужниот ѕид однадвор дограден е во вид на подиум додатен дел со димензии 2,70 х 1,20 m. Во западната половина на наосот на 0,50 m до северниот ѕид регистриран е ѕидан столбец со димензии 0,70 х 0.60 m и зачувана висина до 0,60 m, веројатно носач на куполата од црквата. Јужниот столбец недостасува. Куполата била изведена од камен бигор, констатиран во голема количина при разоткривањето на објектот. Темелните остатоци од ѕидовите на црквата се зачувани во висина до 0,90 m. Остатоци од подот се регистрирани само во дел од апсидалниот простор. Подот бил изведен од камени плочи поставени врз малтерна подлога (сл. 15).

Црквата била живописана, на што укажуваат бројните фрагменти на фреско-малтер пронајдени при истражувањето на внатрешниот простор на објектот. На некои од фрескофрагментите се регистрирани кирилични букви (сл. 16).

При разоткривањето на јужниот ѕид однадвор откриен е релативно добро зачуван коринтски капител од бел, ситнозрнест мермер што укажува дека на овој поширок простор постоел антички храм (сл. 17).

Непосредно околу црквата регистриран е дислоциран човечки остеолошки материјал од уништени гробни конструкции и неколку керамички садови со животински коски, ритуален чин на положување на храна за покојниците како пагански религиозен обичај, кој е делумно задржан и регистриран и во христијанскиот погребен ритуал (сл. 18).

Источно и југоисточно од апсидата на црквата се откриени поголем број средновековни гробни конструкции (сл. 19, 20).

3. Локација Чекичан Скала

Со цел да се лоцира и регистрира претпоставениот средновековен тунел кој според народните преданија води од нивото на речното корито на Брегалница до тврдината на Исарот, отпочнати се подготвителни активности за негово лоцирање и откривање на микролокацијата Чекичан Скала (сл. 21).

На овој простор во далечната 1986 год. на западната страна од Исарот во ниво на речното корито, при минирањето на карпестата подлога за поставување на цевоводот за градскиот колектор беше откриен, односно пресечен дел од тунелот. Со поставувањето на цевоводот за колекторот пресекот на тунелот беше покриен со длабок насип и недостапен за истражување.

По извршените подготвителни активности уште со првите откопи успеавме да ја откриеме неговата локација и за релативно кус временски период е откриен во целост неговиот пресек во минираната карпа. Поради напукнатоста на карпата и ерозивноста на теренот истражувањата на внатрешноста, т.е. чистењето на тунелот од насип на камен и земја е отежнато и забавено (сл. 22).

Иако под многу тешки услови за работа, до овој момент успеавме да го регистрираме и истражиме тунелот во должина од над 20 m кој под кос, доста стрмен агол, следејќи ја косината на теренот, оди од нивото на речното корито кон тврдината Исар. Внатрешноста на тунелот е со импозантни димензии. Во пресекот на карпата висок е 2,50 m, а неговата широчина достигнува и до 1,60 m. Таванот е засводен, а подот е изведен од релативно добро изделкани скалила кои ја следат косината на теренот на исток кон тврдината (сл. 23).

Во текот на јуни продолжено е се празнење на тунелот во правец на неговата поставеност - ориентација од запад кон исток. Во внатрешноста на тунелот, покрај вешто изведените скалила со висина до 0,40 и широчина од 0,20 до 0,40 m, констатирани се извесни проширувања - странично поставени одмаралишта, со што во овие делови широчината на тунелот достигнува и до 2,50 m. Просечните внатрешни димензии на тунелот изнесуваат: висина 2,20 m и широчина од 1,70 m. Тунелот е регистриран во должина од околу 30 m сметано од почетниот дел на карпата кој е отстранет со некогашното минирање за поставување на градската колекторска мрежа.

На назначеното растојание натаму кон исток со вековната јака и интензивна ерозија на теренот тунелот е пробиен и исполнет со камен и земја. Во тој дел на тунелот од неговата десната страна регистрирано е уште едно проширување и свртување на тунелот под кос агол кон југ со 5-6 изделкани скалила кои водат во длабокиот тесен процеп меѓу карпите (мала длабока клисура во должина од над 60 m со правец запад-исток) (сл. 24). Според наше мислење, овој длабок процеп, всушност, претставува натамошниот дел од тунелот кој води на исток кон тврдината на Исарот, а кој е оштетен и уништен со големата, вековна ерозија на теренот. Натамошните истражувања за откривање на останатите делови од тунелот треба да се насочат на овој простор. При празнењето на тунелот во насипот од камен и земја регистрирани се ситни фрагменти од керамички садови од доцната антика и средниот век, како и мала количина на остеолошки материјал (можеби човечки). Истовремено испразнет е целокупниот секундарно нанесен насип, непосредно пред цевоводот од колекторската мрежа, cè до ниво од 4,80 m, при што се констатираа добро зачувани скалила кои водат натаму на запад под поставениот цевовод во должина од околу 8-10 m, cè до природниот завршеток на карпата кој во 1986 год. беше миниран и денес недостасува. На ниво од 4,80 m на просторот пред цевоводот на самите скалила се појавува вода од речното корито. Овие податоци укажуваат дека речното корито во времето кога тунелот бил користен, т.е. бил во функција, се наоѓало на многу пониско ниво во однос на денешното. Тунелот бил користен за тајно снабдување со вода за жителите на тврдината, а истовремено служел и како таен премин за воени потреби.

Горенаведените податоци даваат доволна основа да се изнесе мислењето дека тунелот бил граден уште во античко време, а бил во употреба и во средниот век, за кое зборува и народното предание за начинот на освојување на средновековен Штип од страна на Османлиите, а за кое известува во своите патописи и турскиот патописец од XVII век Евлија Челеби.

Резиме

Со изведените истражувања на археолошкиот локалитетот Исар на локациите: Акропол од средновековната тврдина Исар, локацијата Стара Кланица и локацијата Чекичан Скала ги добивме следните резултати и сознанија.

Истражен и откриен е речиси во целост акрополот на тврдината, највисокиот и најутврдениот дел (феудалниот дворец) со површина од 1705 m2. На високото зарамнето плато од Исарот со приближно елипсовидна форма и правец на простирање север-југ, а во должина од 120 m, регистрирана е целокупната зачувана архитектура од бедемските ѕидни платна, одбранбените кули, два влеза (јужен и северен), јужна и северна, цистерни, еднокорабна црква и други објекти. Најголемиот дел од наведените активности се реализирани со истражувањата во 2008 год., а со годинешните истражувања истите се речиси во целост додефинирани.

Темелната основа на западниот бедем од акрополот е зачувана во целата негова должина од околу 100 m2. Неговата широчина се движи од 2,70-2,80 во северното крило, 1,60-200 m во средишниот дел кај новооткриената внатрешна кула (кула 5) и 2,60 до над 3,00 m во крајниот јужен дел на јужното крило од акрополот, каде што западниот бедем се двои во два крака. Едниот крак кон југоисток преминува во јужен бедем на акрополот, а другиот кон југ продолжува како дел од западниот бедем на тврдината. На поедини места висината на бедемското платно се движи од 3,30 до 3,50 m, а кај кулата 5 и до 4,00 m.

Јужното бедемско платно во должина од 25 m е составено од два крака, југозападен и јужен крак. Во средишниот дел од бедемот била вградена правоаголна кула со проекција кон надвор. Со исклучок на југозападниот дел, каде што бедемот е зачуван во висина од над 3,00 m останатите делови на бедемот и кулата во целост се регистрирани само во темелната основа. Широчината на бедемот во југозападниот дел се движи од 3,00 до 3,30 m, а зачуван е во висина над 3 m. Во неговата источна фасада се вградени скалила кои водат до високата одбранбена платформа. Западната фасада на овој дел од бедемот со насилно вадење на градежниот материјал е доведена до фаза на потполно рушење, односно паѓање на бедемот како целина (потребни се итни заштитни интервенции). Во квадратите В6 и Г6 изведено е само делумно документирање на јужната кула - кула 6. Поголемиот дел од основата на кулата се наоѓа под темелите на постојниот објект на МРТВ. Регистриран е источниот ѕид на кулата, во темелна основа, во должина од околу 6,00 m и дел од северниот ѕид во должина од 4,00 m, широк 1,50 m и зачувана висина до 0,50 m. За целосно дооткривање на објектот неопходна е дислокација на постојниот објект на МРТВ и релејниот столб.

Северниот дел од источното бедемско платно, констатирано во темелната основа во должина од околу 30 m, започнува со кулата 3. Трасата на темелната основа на бедемот со широчина од 2,50 m кон север се следи во должина од околу 9,00 m, каде што со дополнително доѕидување кон запад ѕидот е проширен за околу 1,50 m. Ова проширување на бедемот чија широчина понатаму кон север достигнува до 4,00 m укажува на можна втора градежна фаза.

Северното бедемско платно е регистрирано единствено во темелната основа. Неговата зачуваност е делумна. Остатоците од темелната основа на бедемското платно лежат директно на карпестата почва од теренот. Бедемот однадвор, од север, е со тростран, полигонален завршеток. Челото на бедемот е со должина од 2,00 m, североисточниот дел е долг до 7,00 m, а откриениот северозападен дел изнесува околу 8,00 m. На поедини места зачуваната широчината на бедемот изнесува над 2,50 m.

На североисточниот дел од бедемот видливи се две градежни фази, првата од времето на доцната антика, а втората средновековна. На овој дел од бедемот кон внатре регистрирани се остатоци од подна површина од камен и малтер во вид на калдрма што упатува на подна површина од внатрешна одбрамбена кула - северна кула на акрополот (кула 7).

Во северозападното подградие на средновековната тврдина на зарамнетото плато над речното корито на Брегалница за првпат изведено е сондажно истражување, при што е откриен ограден бедемски простор во кој е лоцирана мала средновековна црква, веројатно црквата Св. Власие, позната од средновековните записи. При разоткривањето на црквата регистрирани се бројни фрагменти од фрескоживопис. Околу црквата е регистрирана поголема средновековна некропола. Истражени се дваесет гробни конструкции. При истражувањето на овој простор, иако малобројни, регистрирани се археолошки артефакти - керамички и друг материјал кој укажува на долг временски период на човеково живеење на оваа локација, од брензенодопскиот па cè до раниот османлиски период.

На микролокацијата Чекичан Скала во западното подножје на Исарот во нивото на речното корито на реката Брегалница, откриен е дел од досега претпоставениот средновековен тунел, познат во народните преданија.

Техничката документација ја изработи диа- Клонкова Љ. Фотографиите ги изработија Спасов К. и Пандазиев Г.

Summary

Archaeological Investigations of the Medieval Fortress Isar-Kale Štip in 2009

The following results are the product of the archaeological excavations at the site of Isar on

the locations Acropolis, Stara Klanica and Čekičan Skala.

The Acropolis is the most fortified part (feudal castle) of the fortress with an area of occupation 1705m2 and it has been almost completely investigated and excavated. All of the preserved architecture of the defensive wall curtains, towers, two entrances (south and north), south and north cistern, one aisled church and other buildings are located on the high, leveled plateau of the Isar which is elliptic in shape and it is north south-oriented. Most of the activities were realized with the excavations in 2008, and in 2009 they were finalized.

The foundation of the western defensive wall of the acropolis is preserved to a length of around 100 m. Its width ranges between 2.70 and 2.80 m in the north wing, 1.6 to 2 m in the middle near the newly discovered tower (tower 5) and 2.6 to over 3 m in the southernmost part of the south wing of the acropolis, where the west wing divides into two lines. One of the lines continues as south defensive wall of the acropolis, while the other continues as part of the western defensive wall of the fort. At some places, the height of the curtain of the defensive wall ranges between 3.3 to 3.5 m and near tower 5 it goes up to 4 m.

The south curtain of the defensive wall is 25 m long, formed by two lines, and marked as southwest and south line. A rectangular tower which projects outwards, was built-in the middle of the defensive wall. With the exclusion of the southwest part where the defensive wall is preserved over 3.00 m in height, the remaining parts of the wall and the tower are documented only at the level of the foundations. The width of the defensive wall in southwest part ranges between 3-3.3 m and it is preserved over 3m in height. Its eastern façade has built-in stairs which lead to a high defensive platform. The western façade of this part of the defensive wall was almost fully demolished i.e. a total collapse of the defensive wall (it requires urgent protective intervention) due to violent removal of the building material. The south tower – tower 6 was only partially documented in squares В6 and Г6. Most of the tower is under the foundations of the existing building of the Macedonian Radio Television (MRT). The foundation of the eastern wall of the tower has been registered as 6 m long, and the north wall is 4.00 m long, 1.5 m wide and preserved to a height of 0.5 m. The building of MRT as well as the relay tower should be dislocated in order for the defensive wall tower to be fully excavated.

The north part of the eastern defensive wall is documented at foundation level and it is 30 m long beginning with tower 3. The line of the foundation of the 2.5 m wide defensive wall can be traced north to a length of 9 m, after what, the width of the wall increases 1.5 m with additional masonry. This enlargement of the defensive wall, whose width reaches 4 m towards north, suggests possible second construction phase.

The north curtain of the defensive wall is documented only at foundation level. Its preservation is partial. The remains of the foundation of the defensive wall lay directly on the rocky soil of the terrain. On the outside, towards north, the wall is with three-sided polygonal ending. The front of the wall is 2 m long, the northeast part is up to 7 m long and the revealed northwest part is around 8 m long. At some places, the preserved width of the wall is 2.5 m.

There are two visible phases on the northeast part of the defensive wall. One of them is Late Antique and the other is Medieval. On the inner side of the wall, there were remains of a floor made of stone and mortar. The floor certainly belongs to the interior of an inner defensive tower – north tower of the acropolis (tower 7).

Test trenches were set for the first time in the northwest suburbium of the medieval fortress, on the leveled plateau over the river bed of Bregalnica. The trenches revealed a small, wall-encircled area with a medieval church within. This is probably the church of St. Vlasius, mentioned in the medieval writings. Numerous fragments of fresco painting were found during the excavations. Around the church there is a medieval necropolis. Twenty tombs were investigated. The excavations also revealed archaeological artifacts such are pottery and other moveable finds that suggest the long occupation of the area, beginning from the Bronze Age to the Early Ottoman period.

Part of an assumed medieval tunnel, known in the local folklore, was uncovered at the micro location of Čekičan Skala, on the western slope of the Isar, at the level of the river bed of Bregalnica.

Библиографија