Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 415–426

Средновековни наоди од словенскиот културен круг во Република Македонија

УДК 904:616.7(367)”652/653”

Содржина
  1. Воведни напомени
  2. Зајчев Рид, с. Злокуќани
  3. Клучка-Хиподром, Скопје
  4. Градиште, с. Дебреште
  5. Средновековниот Прилеп - протоурбана фаза
  6. Културно-хронолошка детерминација
  7. Заклучни согледувања

Воведни напомени

Раниот среден век (крајот на VI/почетокот на VII до средината на IX век), како и првата етапа на полниот среден век (средина на IX до првите децении на XII век), без сомнение, се едни од најслабо познатите периоди од минатото на територијата од Република Македонија.

Во тој поглед, од особено значење е изјаснувањето на круцијалните сегменти од ранословенската култура, особено населбинските сегменти од оваа култура - живеалишните објекти и садовата керамика.

Не помало значење за осознавањето на средновековието на територијата на Република Македонија има поопстојното дефинирање на односот меѓу словенската култура и натамошниот развиток на доцноантичката/рановизантиската култура, особено низ призмата на процесите на нивна симбиоза.

Изјаснувањето на овие процеси во текот на првата етапа од полниот среден век, без сомнение, овозможува цела низ на индиректни податоци за карактерот на културно-цивилизациските процеси во раното средновековие, но и основа за проучувањето на процесите во втората етапа на полниот среден век (први децении на XII до крајот на XII/почеток на XIII век).

Во согласност со карактерот на досегашните археолошки истражувања на територијата од Република Македонија, вака поставените цели најсоодветно можат да се изјаснат врз основа на поопстојна анализа на круцијалните населбински сегменти на материјалнта култура - живеалишните и станбено-производствените објекти, како и садовата керамика. Притоа, централно место во проучувањето на овие процеси имаат локалитетите кои биле предмет на поцелосно спознајно конципирани археолошки истражувања: Зајчев Рид, с. Злокуќани; Клучка-Хиподром кај Скопје; Градиште кај с. Дебреште и Маркови Кули, Варош-Прилеп.

Зајчев Рид, с. Злокуќани

Во рамките на систематските археолошки истражувања на античкиот град Скупи, сектор Терми, во периодот од 1986 до 1988 година беа откриени остатоци од раносредновековна населба, при што беа регистрирани четири хоризонти.1

Сл. 1. Зајчев Рид, с. Злокуќани, хоризонт 1.
Сл. 1. Зајчев Рид, с. Злокуќани, хоризонт 1.

Првиот хоризонт, распространет непосредно под хумусот, го сочинуваат остатоци од долните деловни на станбен објект (сл. 1). Куќата припаѓа на типот полуземјанки со правоаголна основа со димензии 3,10 х 2,80 m.

Носечките делови од ѕидовите на куќата биле изведени од вертикално поставени дрвени колја со дијаметар од 0,20 до 0,30 m, а отсуството на јами за плетерната конструкција упатува на заклучок дека ѕидовите биле изведени од хоризонтално поредени дрвени греди. Притоа, за стабилизирање на конструкцијата на ѕидовите од полуземјанката од надворешната страна биле искористени зачуваните остатоци од доцноантичката градба.

Влезот во објектот, по cè

изгледа, се наоѓал на источ-

ната страна. Подот бил изве-

ден од компактна жолта глина, зарамнета од горната страна, а сегментот непосредно до ѕидовите бил незначително подигнат нагоре. Во западниот дел од куќата се откриени остоатоци од долниот дел на ѕидана печка.

Врз остатоците од станбениот објект, фрагментарно се зачувани остатоци од интактни културни слоеви составени од градежен шут во кои доминираат делови од античка градежна керамика, по cè изгледа секундарно користена. Во културните слоеви нема траги кои би укажувале на насилна девастација на објектот.

Вториот хоризонт го сочинуваат пет погребувања распоредени непосредно врз подот од постарата куќа, а под користеното ниво на помладиот станбен објект.

Фрагментарната зачуваност на остеолошкиот материјал, како и изместувањата на изворната позиција, оневозможуваат во целост да се реконструира позицијата на погребените. Во најголем број случаи погребените биле положени на грб со испружени нозе. Главата се наоѓала на западната страна, при што се констатирани незначителни отстапувања кон север или југ. Кај единственото поцелосно зачувано погребување е констатирана позиција на рацете врз градите.

Сл. 2. Зајчев Рид, с. Злокуќани, хоризонт 2.
Сл. 2. Зајчев Рид, с. Злокуќани, хоризонт 2.

Третиот хоризонт го сочинуваат остатоци од долните делови од станбен објект (сл. 2), позициониран непосредно под остатоците од помладата куќа и деловите од погребувања.

Постарата куќа припаѓала на типот еднопросторни полуземјанки со приближно правоаголна основа. Димензиите на основата се 3,00 х 2,30 m.

Ѕидовите од куќата биле изведени од ветикално поставени дрвени колци (дијаметар 0,18 до 0,25 m), распоредени на аглите од градбата, но и во средишните делови од ѕидовите. Ѕидовите од куќата биле конструктивно поврзани со остатоците од доцноантичката градба. Просторот меѓу дрвените колци (носачи) на покривната конструкција бил исполнет со плетер. Влезот во куќата се наоѓал на источниот ѕид.

Подот во куќата бил изведен од црвена, наместа печена земја, зарамнета од

горната страна. На просто-

рот до ѕидовите подот бил незначително подигнат нагоре. Во западниот дел од станбениот објект се откриени фрагментарни остатоци од ѕидана печка: траги од горење и длабнатини од камења и дрвени колци.

Во интактните културни слоеви поврзани со овој хоризонт се откриени фрагменти од садови од керамичкиот вид грниња, при што можат да се издвојат два основни типа.

Првиот тип се карактеризира со сразмерно ниско конкавно тело и низок, слабо закосен венец. Според формалните особености, овие садови несомнено се поврзуваат со доцноантичките грниња, при што е евидентно суштествено пониско техничко-технолошко ниво на изработка.

За разлика од нив, вториот тип грниња (сл. 3) покажуваат несомнени формални и техничко-технолошки релации со истовремените садови од словенскиот културен круг.2 Единствениот примерок кај кого е можна целосна реконструкција на обликот има сразмерно високо конично тело и низок венец, закосен под агол од 30 до 45 степени. За изработката е особено важно рачното оформување на садот и доработка на површините при статичка позиција на грнето. Суровината за изработка на садот се карактеризира со присуство на крупни кварцитни примеси.

Сл. 1. Зајчев Рид, с. Злокуќани, хоризонт 1.
Сл. 1. Зајчев Рид, с. Злокуќани, хоризонт 1.

Четвртиот хоризонт го сочинуваат слојот на рушење и делови од користеното ниво на доцноантичките објекти, а во кој се вкопани долните сегменти од постарата раносредновековна куќа. Според типолошко-хронолошките особености на откриените наоди (фрагменти од садовова керамика, монети, градежна керамика и др.), горната граница на овој хоризонт со сигурност може да се определи во втората половина на VI век.

Треба да се напомене дека во горните партии од културните слоеви поврзани со четвртиот хоризонт не се констатирани траги од насилна девастација.

Сумирајќи ги археолошките податоци од истражувањата

во овој сектор, а поврзани со темата на овој труд, може да

констатираме дека остатоците од станбените објекти се сег-

мент од една помала раносредновековна населба распро-

странета врз остатоците во југоисточниот сегмент на антич-

киот град Скупи.

Врз основа на стратиграфските согледувања и типолошките особености на откриените наоди, долната хронолошка граница на населбата може да се детерминира во последните децении на VI век, додека горната хронолошка граница со голема веројатност може да се определи во крајот на VII и првите децении на VIII век.3

Анализата на откриените наоди упатува на констатација дека станбените објекти во целост се поврзуваат со истовремените објекти од словенскиот културен круг, додека меѓу откриените примероци од садова керамика, покрај примероци на грниња најнепосредно поврзани со словенската керамичка традиција, присутни се и примери поврзани со доцноантичката керамика, но произведувани во принципиелно поразлични социјално-економски услови.4

Клучка-Хиподром, Скопје

При заштитните археолошки ископувања во 1989-1990 година условени од изградба на пат, на локалитетот Клучка-Хиподром се откриени остатоци од раносредновековна населба распространета врз остатоците од некропола од доцнобронзеното време.5

Фрагментарната зачуваност на деловите од станбените објекти не овозможува ниту воопштена реконструкција на градбите ниту, пак, има посеопфатни показатели за просторната распространетост на населбата.

За разлика од тоа, типолошката разгранетост на откриените фрагменти од керамичкиот вид грниња на овој локалитет, овозможува поцелосни сознанија за културно-цивилизациските процеси во раниот среден век во Скопската Котлина, секако споредени со археолошките сознанија од анализата на истовремените наоди од Зајчев Рид, с. Злокуќани.6

Имено, покрај керамичките садови од видот грниња кои укажуваат на континуитет на доцноантичките облици во раниот среден век, на локалитетот Клучка-Хиподром кај Скопје се откриени садови кои, без сомнение, можат да се вбројат меѓу примерите од словенскиот културен круг. Првиот тип грниња од оваа група (сл. 4) имаат ниско конкавно тело и пропорционално низок, слабо закосен венец, додека вториот тип, исто така, имаат ниско конкавно тело и сразмерно низок венец, но закосен под агол од 15 до 30 степени. И за садовите од двата типа е карактерстично целосното оформување на рака и изработка од суровина со крупни кварцитни примеси, како показател за технолошката постапка добивање суровина.

Сл. 4. Клучка-Хиподром, Скопје, грне VII-VIII век.
Сл. 4. Клучка-Хиподром, Скопје, грне VII-VIII век.
Сл. 5. Клучка-Хиподром, Скопје, грне VII-VIII век.
Сл. 5. Клучка-Хиподром, Скопје, грне VII-VIII век.

Грнињата од втората група (сл. 5) се застапени со еден тип, кој се карактеризира со пропорционално високо, конкавно тело и сразмерно висок силно закосен венец. За изработката на овие примероци е карактеристично користењето на внимателно обработена суровина и оформување на грнчарско тркало со мали технички можности - рачно грнчарско коло. Формалните, а делумно и техничко-технолошките особености на овој тип изработки, без сомнение, овозможуваат садовите да бидат вброени во групата на словено-византиски грниња.7

Градиште, с. Дебреште

Во 1984 година, во рамките на систематските археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај селото Дебреште, се откриени остатоци од раносредновековна населба, при што во целост се откриени долните сегменти од еден станбен објект.8

При истражувањата во овој сегмент од локалитетот се констатирани три хоризонти во согласност со истражувачката стратегија за ископување до ниво на доцноантичките објекти.

Првиот хоризонт го сочинуваат фрагментарно зачувани интактни културни слоеви, датирани според типологијата на откриените наоди (првенствено садова керамика) во периодот од доцниот IX до првите децении на XII век.9

Со вториот хоризонт се поврзуваат откриените остатоци од раносредновековен станбен објект. Куќата претставува полуземуница (вкопана во подлогата околу 0,30 m) со приближно правоаголна основа со димензии 2,68 х 3,20 m. Откриените длабнатини за носечки вертикално поставени дрвени греди укажуваат дека куќата имала двосливен кров. Ѕидовите на потесните страни од градбата се изведени од плетер и кал.

На една од потесните страни бил позициониран влезот, а спротивно од него била позиционирана масивна камена печка. Подот бил изведен од набиена земја, зарамнета од горната страна. Евидентирани се интервенции врз подот и долните делови од ѕидовите, реконструкција која несомнено е предизвикана од оштетување на овие сегменти од градбата.

Во културните слоеви кои му соодветствуваат на нивото на користење на градбата се откриени кеамички садови од видот грниња, при што е реконструирана формата на два основни типа.

Првиот тип го сочинуваат садови со сразмерно ниско, конично тело и пропорционално краток, слабо закосен венец, додека вториот тип има ниско овално тело и сразмерно низок венец, закосен под агол од 15 до 30 степени. За грнињата и на двата типа е крактеристична употребата на внимателно обработена суровина и оформување на грнчарско тркало со сразмерно мали технички можности.

Формално-технолошките карактеристики на грнињата ги вбројуваат овие садови во групата на словено-византиски садови, и тоа во подоцнежната етапа на развиток во VIII и раниот IX век.10

Третиот хоризонт го сочинуваат слојот на рушење и делови од нивото на користење на доцноантичките објекти, според типологијата на откриените наоди (монети, садова керамика и др.), датиран во времето до последните децении на VI век.11

Врз основа на археолошките податоци, куќата, а со тоа и оваа фаза од раносредновековната населба на локалитетот Градиште кај селото Дебреште, со сигурност може да се датира во VIII и првите децении на IX век.

Средновековниот Прилеп - протоурбана фаза

Со систематските археолошки истражувања на просторот од археолошкиот комплекс Маркови Кули-Варош, Прилеп,12 како и со сеопфатните ревизиони истражувања реализирани во последната деценија,13 се изјаснија структурата просторниот распоред и хронологијата на протоурбаната фаза на средновековниот Прилеп.14

Покрај фортификацијата, која по cè изгледа има ефемерен карактер,15 протоурбаната фаза на средновековниот Прилеп ја сочинуваат два основни сегменти: станбено-работни целини и некрополи.

Одделните станбено-производни целини и секоја од констатираните некрополи се позиционирани на засебни просторни целини - платоа, при што се меѓусебно поврзани со креативен систем на патеки. Ваквиот просторен распоред на основните сегменти несомнено говори дека се работи за протоурбана населба од разбиен тип, при што многу е веројатно заокружените целини имаат семеен карактер.

Станбено-работните делови од населбата се разместени на горните (Сред Кули, Рамниште), како и врз западните, јужните и источните падини на ридот Маркови Кули. Почнувајќи од средината на XI век, следиме процес на просторно проширување на населбата кон јужниот и источниот дел од подножјето на ридот.

Станбен сегмент. Живеалишниот сегмент од целините најнепосредно се поврзува со пораните како и со истовремените станбени објекти од словенскиот културен круг, со тоа што поради спецификите на теренот кај куќите од Маркови Кули се јавуваат максимално индивиуализирани решенија.

Сл. 6. Маркови Кули-Варош, Прилеп, објекти од IX-XI век, градби од XII век.
Сл. 6. Маркови Кули-Варош, Прилеп, објекти од IX-XI век, градби од XII век.

Сите досега откриени станбени објекти се надземни градби и по правило имаат четириаголен тлоцрт, соодветно на податливоста на теренот за изведба на бараното решение. Подлогата за изведба на градбите се состои од набиена замја, гранитена карпа или комбинација на двете подлоги. Исклучително важен сегмент, особено во горните партии од ридот, бил системот за заштита од поројните води, најчесто како систем на одводни канали и подови од дрвени греди подигнати врз дрвени базиси.

Конструкцијата на ѕидовите се состоела од вертикално поставени дрвени столбови-носачи и плетерна исполна меѓу нив. Многу често масивни дрвени носачи, вкопани во подлогата биле поставувани на просторот помеѓу аголните столбови. Најчесто, кога тоа го овозможувала конфигурацијата на тернот, вертикалните делови од карпите биле користени како ѕидови на објектите, за што сведочат трагите од доработка на вертикалните делови од гранитните карпи.

Покривите на куќите се состоеле од масивни дрвени греди со овален или четириаголен пресек. Покривите биле на една или две води, прекриени со слама или сено.

Вратите во куќите најчесто биле со едноставна конструкција - без особено нагласување на праговите, довратниците и надвратниците. Тесните длабнатини, констатирани во близина на довратниците, говорат дека вратите биле поставени врз вертикална оска.

Фрагментарно зачуваните остатоци говорат дека во внатрешноста на станбените градби биле распоредени отворени огништа и легла со правоаголна или квадратна основа, најчесто вдлабени во карпа.

Сл. 6. Маркови Кули-Варош, Прилеп, објекти од IX-XI век, градби од XII век.
Сл. 6. Маркови Кули-Варош, Прилеп, објекти од IX-XI век, градби од XII век.

Работен сегмент. Вториот дел од овие повеќефункционални целини го сочинуваат објектите - аменети, за подготовка на храна, чување домашни животни, изработка на предмети и сл., именуван како работен сегмент.

По правило, овој фонд на активности се изведувани на отворено или во рамките на сразмерно пространи, покриени градби - настрешници.

Основата на овие градби најчесто е четириаголна, но се среќаваат и примероци максимално подредени на обликот на дадениот простор.

За разлика од станбените градби, подлогата за работните објекти е само грубо зарамнувана, независно дали се работи за земјена или камена подлога.

Конструкцијата на овие објекти се состои од масивни дрвени столбови поставувани на аглите од градбите, а многу често во конструктивна улога се користени околните гранитни карпи.

Овие објекти најчесто не биле затворани

со ѕидови, но се познати единечни приме-

роци кога се користени плетерни прегради

во цела висина или до одредено ниво од

градбата. Треба да се напомене дека како и кај станбените објекти, многу често вертикалните страници од гранитните карпи биле користени во функција на периметрални или преградни ѕидови.

Еднакво како и кај куќите, покривот на работните простории е изведен од дрвени греди со овален или четириаголен пресек, распоредени на една или две води. Од горната страна на покривната конструкција била поставувана слама, сено и сл.

Влезовите, таму каде што имало ѕидови од плет, се правеле од преплетени гранки прекриени со кал. Нема траги од посложена конструкција на влезовите (прагови, довратници, надвратници).

Во согласност со функцијата, кај голем дел од градбите се откривани објекти поврзани со складирање и подготовка на храна: јами, корита, дибеци, мелници и системи за цедење сок од грозје.

Со досегашните теренски истражувања на просторот на ридот Маркови Кули се констатирани три некрополи кои се поврзуваат со протоурбаната фаза, а кои го определуваат и просторниот распоред на средновековниот Прилеп од IX/X до почетокот на XII век.

Некрополата Маркови Кули e позиционирана врз југоисточните падини од ридот Гробишта, се наоѓа во југозападното подножје, а Поткули во источното подножје од Марковите Кули.

На овие три некрополи досега се истражени околу 270 гроба, при што не е исклучена можноста дека во овој период се користени дел од единечните гробови распространети врз карпите на ридот Маркови Кули, како и дел постарите антички некрополи, исто така вкопани во карпа.

Гробовите најчесто имаат трапезоидна основа. Погребувањето е реализирано според христијански ритуали.

Типолошко-хронолошките карактеристики на наодите откривани во гробовите го потврдуваат користењето на овие некрополи во рамките на протоурбаната фаза на средновековниот Прилеп.16

Културно-хронолошка детерминација

Покрај наодите откривани при истражувањата на некрополите и карактерот на откриените станбено-живеалишни објекти, круцијално место во културно-хронолошкото детерминирање на протоурбаната фаза на средновековниот Прилеп имаат големиот број наоди од садова керамика, особено примероците од керамичкиот вид грниња кај кои е можна целосна реконструкција на обликот.

Меѓу грнињата се среќаваат неколку основни типови, како, на пример, грниња со ниско конкавно тело и краток, слабо закосен венец; грниња со ниско конкавно тело и издолжен венец, закосен под агол од 30 до 45 степени; грниња со ниско овално тело и пропорционално низок венец, закосен по агол од 15 до 30 степени; грниња со издолжено овално тело и издолжен, силно закосен венец и др. Заедничко за изработката на овие садови е користењето на внимателно обработена суровина и оформување на грнчарско коло со сразмерно мали технички можности.

Според формално-технолошките карактеристики, грнињата генерално се поврзуваат со садовите од словенскиот културен круг, поточно, со поразвиените етапи од развитокот на словено-византиските грниња.

На крајот, за поопстојно хронолошко детерминирање на оваа фаза од средновековниот Прилеп, од особено значење се податоците добиени при ревизионите истражувања во секторот Рамниште. Имено, врз користените нивоа на станбено-производствените објекти, а во рамките на интактни културни слоеви поврзани со користењето на објектите, откриени се голем број наоди од керамички садови кои според типолошко-хронолошките карактеристики се поврзуваат со времето од крајот на IX/почетокот на X, до првите децении на XII век; дотолку повеќе што овие културни слоеви се затворени со подови на објекти (сл. 6 и сл. 7) датирани во средината на XII век врз основа на прецизно датирани наоди од монети, садова керамика и др.17

Заклучни согледувања

Иако малобројни, досега познатите наоди овозможуваат во општи црти да се изјаснат особеностите на ранословенската култура во Република Македонија.

Куќите припаѓаат на општо познатиот тип полуземуници со правоаголна или квадратна основа, при што ѕидовите и покривите се изведени од дрво. Подовите се состојат од набиена земја, зарамнета од горната страна, а основен инвентар на станбените објекти се печките со незначителни разлики во техничките решенија.

Меѓу керамичките садови кај кои е можна реконструкција на обликот се издвоени два основни типови со конкавно тело, различни според пропорционалната висина и понагласено закосени венци. За изработката на овие садови е карактеристично користење на суровина со крупни кварцитни примеси и целосно рачно оформување, како и печење при ниска контрола на термичките процеси.

Друга заедничка црта на овде третираните археолошки наоѓалишта е истовременото присуство на керамички садови со разнородни културни елементи: доцноантички/рановизантиски, словенски и словено-византиски.

Имено, анализата на раносредновековните стратиграфски целини од локалитетите Зајчев Рид, с. Злокуќани, Клучка-Хиподром кај Скопје, Градиште кај с. Дебреште и др., несомнено говори за истовремено присуство на керамички садови кои тежнеат кон поддржување на рановизантиските садови, но реализирани во принципиелно поразлични социјално-економски, а со тои и производствени услови, примероци од словенскиот културен круг, како и производи кои содржат формално-технолошки елементи од двете групи: словено-византиски изработки. Во неможност поопстојно да го проследиме развитокот на садовите од последната керамичка група во културно-хронолошки контекст, може да претпоставиме дека овие симбиотички процеси иницијално се реализирале во Подунавјето, а во сразмерно рана фаза и во централните делови од Балканскиот Полуостров.

Просторно и функционално заокружената целина на протоурбаната фаза на средновековниот Прилеп, хронолошки детерминирана во доцниот IX/почетокот на X до првите децении на XII век, без сомнение, ја манифестира поодминатата етапа на овие симбиотички процеси меѓу словенската и византиската култура, при што формално-технолошките показатели кај садовата керамика од ова време, откривана на голем број археолошки локалитети во Република Македонија, говори дека овие процеси се интегрални за централните делови од Балканскиот Полуостров.

Живеалишните и станбено-производните објекти во рамките на поротоурбаната фаза на средновековниот Прилеп, без сомнение, претставуваат директно продолжение на раносредновековните објекти од овој вид, при што е евидентна исклучителната инвентивност и градбена вештина во просторното уредување и изведба на објектите, подеднакво на повисоките сегменти од ридот како и во подножјето на Марковите Кули.

Во поглед на садовата керамика од оваа етапа на полниот среден век, евидентни се принципиелните измени во технологијата на изведба на производите, како и суштествени промени во бројот на застапените видови (грниња, црепни, паници, стомни и др.) во рамките на керамичките видови кујнски и трпезни садови, без сомнение детерминирани од начелните измени во социјално-економските услови во времето од втората половина на IX до првите децении на XII век.

Белешки

  1. Истражувањата беа сегмент од научноистражувачкиот проект „Раносредновековни населби и некрополи од VI/VII и VIII век“, раководител д-р Бошко Бабиќ, реализиран од Институтот за старословенска култура - Прилеп, сп. Ристески Б., 2002. ↩
  2. Ристески Б., 2002, сл. 9. ↩
  3. Ристески Б., 2002, 81. ↩
  4. Ристески Б., 2013. ↩
  5. Митревски Д., 1995. ↩
  6. Ристески Б., 2004; Ристески Б., 2013. ↩
  7. Ристески Б., 2004; Ристески Б., 2013. ↩
  8. Бабиќ Б., 1995, 154. ↩
  9. Садовите се депонирани во ЈНУ Институт за старословенска култура - Прилеп. Како учесник во теренските истражувања имав можност детално да ги анализирам наодите во рамките на одделните стратиграфски целини. ↩
  10. Наодите се депонирани во ЈНУ Институт за старословенска култура - Прилеп. ↩
  11. Студиски наоди, депонирани во ЈНУ Институт за старословенска кулотура - Прилеп. ↩
  12. Бабиќ Б., 1986. ↩
  13. Ревизионите истражувања се изведни во рамките на научно-истражувачкиот проект „Доцноантички и средновековни населби во Северна Пелагонија“ (2003-2005 год.), главен истражувач: д-р Бранислав Ристески.. ↩
  14. Истражувања се изведни во рамките на научноистражувачкиот проект „Доцноантички и средновековни населби во Северна Пелагонија, Мариово и Порече“ (2008-2011 год.), главен истражувач: д-р Бранислав Ристески. ↩
  15. Ристески Б., 2017. ↩
  16. Бабиќ Б., 1986: 192-195; Манева Е., 1992. ↩
  17. Ристески Б., 2017. ↩

Summary

Medieval Finds from the Slavonic Cultural Circle in the Republic of Macedonia

This paper is an attempt to define the character of the Slavonic culture and its relation to the Late Antique – Byzantine culture, based on the analysis of the known material remains from the settlements (dwellings and pottery vessels) dated in the Early and the first stage of the Advanced Medieval period. It should be stressed that the conclusions are concentrated on the grounds of analysis of the material remains for which there is persistent archaeological data gathered from field research.

Among the known finds from the Early and the first stage of the Advanced Medieval period, only at the sites of Zajčev Rid, village Zlokukjani, and Klučka-Hipodrom, near Skopje, there are complete material remains from the Slavonic cultural circle. The remains include dwellings and pottery, dated from the late 6th and the beginning of the 7th century all to the end of the 8th century.

At these sites, as well as at the site of Gradište, near the village Debrešte, besides the further development of the Byzantine forms of pottery, produced in principally different social and economic conditions, there are symbiotic Slavonic-Byzantine pottery vessels whose development should undoubtedly be linked with the earlier contacts of the Slavs with the Late Antique culture of the Podunavlje region or the other segments of the Balkan Peninsula.

The spatially and functionally encircled unit of the proto urban phase of Medieval Prilep, chronologically determined from the late 9th/beginning of the 10th to the first decades of the 12th century, undoubtedly manifest the advanced phase of these symbiotic processes between the Slavonic and Byzantine culture, and we can assume that these processes were realized in the central parts of the Balkan Peninsula.

Библиографија