Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 399–413

Нови сознанија за стопанско-економскиот дел во Баргала

УДК 902.2:33(497.731)”652/653”

Содржина
  1. Локација и историја на истражувањата
  2. Сектор Епископиум 2007-2011
  3. Објект 1 (Работилница за метал?)
  4. Објект 2
  5. Работилница за стакло
  6. Винарија23
  7. Хореум
  8. Заклучни согледувања

Градот Брагала располагал со цела низа разновидни стопанско-производни објекти. Истражувањата во последните години го потврдуваат тоа.

Предмет на овој труд се најновите сознанија за стопанско-економскиот дел во рановизантискиот град Баргала, добиени како резултат на истражувањата реализирани во период од 2007 до 2011 год. во секторот Епископиум.1

Локација и историја на истражувањата

Во источниот дел на Република Македонија, 17 km североисточно од Штип, во подножјето на планината Плачковица е убициран градот Баргала. Се наоѓа во атарот на селото Горен Козјак, на десниот брег од Козјачка Река, на местото наречено Кале.

Најстарите информации потекнуваат од И. Венедиков со објавувањето на откриениот натпис врз камен блок на просторот меѓу Карбинци и Козјак. Освен податоците за годината на обновувањето на градската порта во 371 год., натписот ја потврдува и административната припадност на градот Баргала во провинција Средоземна Дакија.2 Подоцна Ст. Михајлов ја споменува и црквата Св. Ѓорѓи3, а Р. Грујиќ4 дава податоци за постоење археолошки остатоци на споменатиот простор од м.н. Кале.

Најстарите историски извори за градот потекнуваат од 451 год., а се наоѓаат во актите од Црковниот собор во Халкедон, каде се споменува и името на епископот Дарданиј од Баргала.5 Во Хиерокловиот Синекдем од 527 год. Баргала е вброена како еден од градовите во Македонија Прва.6 Се споменува уште и во житието на петнаесетте тивериополски маченици од Теофилакт.7

План 1.
План 1.

Лоцирањето и убикацијата на овој доцноантички и ранохристијански епископски центар е направено од страна на Б. Алексова во 1967 год., кога се изве-дени и првите археолошки истражувања во секторот Епископиум, што го зафаќа северниот дел од утврдувањето. Од 1995 година археолошките истражувања се насочуваат кон дефинирање на фортификацијата,8 а од 2007 год. истражувањата се проширија и во централниот дел на градот, при што беше откриен уште еден објект со сакрални обележја - определен како Градска базилика.9

Обѕидието на фортификацијата затвора трапезоидна форма со вкупна површина од 4,85 ha. Поставена е во правец северозапад-југоисток со улици со ортогонален систем.

Сектор Епископиум 2007-2011

Истражувачките активности во овој сектор беа сконцентрирани на простор во широчина од 15 m, од внатрешната страна на обѕидието, покрај североисточниот одбранбен ѕид, и тоа од североисточниот влез во северен правец, кон аголната кула 6. Прво е видливо зајакнување на одбранбениот ѕид. На просторот од кулата 7, до североисточнот влез, доѕидани се 4 платформи во техника opus incertum од кршен и делкан камен врзуван со малтер, и прилепени од внатрешната страна. Тие се со приближно квадратна основа со различни димензии од 1,5 до 2,5 m, веројатно од тоа како дозволувал просторот (план 1). Во текот на истражувањата беа откриени неколку објекти прилепени директно на одбранбениот ѕид, користејќи го него притоа како четврта страна. Сите новооткриени објекти се со стопанско-економски карактеристики.

Сл.1. Детаљ од улица со дел од водоводна инфраструктура.
Сл.1. Детаљ од улица со дел од водоводна инфраструктура.
Сл. 1а. Поила за вода.
Сл. 1а. Поила за вода.

Североисточниот влез, преку кој градот комуницирал со субурбиумот,10 е затворен во подоцнежната градежна фаза11 со преграден ѕид во кој биле вградени сполии од постари градби, бази и основи, со зачуван врежан натпис врз една од нив.12 Тој водел директно на улицата Виа Декумана, која во овој дел се шири во помал плоштад со широчина до 10 m, која засега е откриена во должина од 15 m.13 Поплочена е со големи неправилни камени плочи. Јужно од него, непосредно до самата порта, откриено е поило за вода за кое секундарно е употребен саркофаг од бел ситнозрнест мермер со богата и многу квалитетно изработена фигурална декорација (сл. 1, 1a). Фигуралната претстава е свртена кон одбранбениот ѕид.14 Југоисточно од поставениот саркофаг, врз камените плочи со кои е поплочена улицата, има уште едно поило од грубо обработен камен кое со многу голема веројатност може да се поврзе со објектите кои функционирале во постарата градежна фаза. И двете камени поила сосема се вклопуваат во градската инфраструктурна мрежа за доводно-одводниот систем.15

Сл. 2. Печка, прва фаза на истражување.
Сл. 2. Печка, прва фаза на истражување.
Сл. 2а. Печка, прва фаза на истражување.
Сл. 2а. Печка, прва фаза на истражување.

Објект 1 (Работилница за метал?)

Северно од влезот е објектот 1 кој го сочинуваат три засебни простории кои се поврзани меѓусебно. Во централниот дел, по целата должина на објектот 1, постои заеднички ѕид кој ги поврзува сите три простории. Во средишниот дел на објектот, работно дефиниран како Работилница за метал,16 во просторијата 3, која е со неправилна површина, откриена е печка со кружна основа (план 1, објект 1).

Просторија 3 се издвојува на северната страна од печката. Комуницира со влез на јужната страна кон Епископската базилика. Во источниот агол на просторијата е откриена голема печка со кружна форма со дијаметар од 4 m. Печката е на растојание од 0,30 m од бедемот, стабилизирана е со два потпорни ѕида градени од камен со жолта запечена глина, со дебелина од 0,50 m. Потпорните ѕидови се прилепени на бедемот под агол од 90 °, а растојанието меѓу нив изнесува 1,70 m (сл. 2, 2а).

Прицврстена е на заедничкиот ѕид меѓу просторија 3 и просторија 1a, со подѕидување од керамички тули и запечена земја, изведено со лепезесто проширување од печката кон ѕидот, поплочено со камени плочи. На овој простор е евидентирано интензивно присуство на траги од горење, пепел и зголемена концентрација од метална згура. Ѕидовите на печката се зачувани во височина од 0,90 m. Градени се од фрагментирани тегули, употребени секундарно, наредени една врз друга, со што формираат ѕид со широчина од 0,50 m, стеснувајќи се калотесто кон врвот. Темелната основа на страничните ѕидови од печката се градени во комбинација од речен камен и тула. Подната партија е квалитетно фундирана во неколку различни нивоа: најпрво има субструкција од појадар камен, а врз него е нанесен дебел слој од глинеста земја - црвеница,17 потоа следува еден порамнувачки, растресит ненабиен слој од кршени тегули и тули, врз кој е нанесен слој од жолта компактна земја, a во најгорниот слој се наредени подни керамички тули кои беа откриени пробиени. Нивното присуство е констатирано само по рабовите на печката (сл. 3, 3а). Во северниот дел на печката е констатирано уште едно полукружно стеснување, ѕидано во истата техника, со што се формира празен простор, испуст во кој е откриена зголемена концентрација згура, пепел и траги од горење кој наликува на оџак.

Во истата просторија, западно од печката, откриени се два амбалажни сада со зачувани траги од жито во едниот од нив.

Печката е поврзана со просторијата 1а преку отвор фланкиран со два поголеми камења кои се со висина од 0,60 m и благо закосени кон врвот, а широчината на отворот изнесува 0,50 m. Десно од отворот се откриени работна платформа и подѕидана јама со пепел. Работната платформа е поставена врз субструкција од жолта компактна земја и од двете страни подѕидана со речен камен спојуван со кал, а работната површина ѝ е обложена со камени плочи од црвен песочник, карактеристични за поплочување на објектите во доцноантичкиот период по течението на реката Брегалница.18 Нивното присуство овде веројатно е со секундарна употреба, донесени од Епископската базилика (сл. 4). На просторот пред работната површина се откриени поголем број фрагменти од садови со погруба фактура и поголеми димензии.

Откриената јама е во северниот агол на просторијата 1а, меѓу работната платформа и ѕидот од бедемот, убаво подѕидана со камен со приближно кружна форма со пречник од 0,90 m, која паралелно со бедемот продолжува со подѕидување во вид на канал. Просторот се отвори до длабочина од 0,60 m во однос на просторијата која целата беше исполнета со пепел (сл. 4а).

Сл. 3. Внатрешен изглед на печка.
Сл. 3. Внатрешен изглед на печка.
Сл. 3а. Печка, изглед внатре, детаљ.
Сл. 3а. Печка, изглед внатре, детаљ.

Во текот на истражувањето на целата површина беа видливи траги од горење и пепел, зголемена концентрација од фрагментирана градежна и амбалажна керамика, со најголема концентрација на просторот пред печката. Откривани се и повеќе камени сполии од постари објекти и фрагментирани парапетни плочи. Од оваа просторија се комуницирало со просторијата 1 преку влез со едно скалило со широчина на отворот од 0,90 m. Нејзината намена веројатно била за складирање поради поголемиот број откриени фрагментирани питоси. Од просторијата 1а директно се комуницирало и со Виа Декумана преку влез со димензии од 1,80 m. Целиот објект е поврзан со квалитетно изработена водоводна и канализациска мрежа. Низ него поминува еден од основните доводни канали со ориентација исток-запад,19 како и делови од инсталацијата на неколку поединечни кракови изведени со керамички тубуси поврзани со хидростатен малтер.

Не успеавме да откриеме поблиски споредбени примери за овој објект, освен една печка која наликува барем во изгледот и формата на основата од градиштето во Таор, каде што авторот, според придружниот движен наод, ја дефинира како печка за печење леб и ја сместува во раниот среден век.20 И покрај тоа, сепак сметаме дека печката во Баргала има поблиски аналогии со новооткриениот објект откриен во Созопол, Бугарија, со најновите археолошки истражувања кои се спроведени, а кој од страна на тамошните археолози работно е дефиниран како Комплекс печки за обработка на метал, во кој се откриени 5 печки со приближно исти димензии и изглед како печката во Баргала.21

При расчистувањето на горните слоеви во текот на истражувањата на целиот простор беа видливи траги од горење, што нè упатува на помисла дека е можно објектот да бил насилно разурнат, односно да настрадал во пожар.

Објект 2

Во продолжение во северениот правец откриен е објектот 2, кој е прилепен директно на одбранбениот ѕид. Тој простор засега е делумно истражен, но сепак постојат показатели според кои влезната партија би требало да се побара во југозападниот дел. Објектот е составен од неколку засебни простории поврзани меѓу себе (план 1, објект 2). На челниот надворешен ѕид, премачкан со малтер, видливи се декорации изведени во свеж малтер со мотиви на риба.22 Со оглед на основниот ѕидарски слог, тој најверојатно ѝ припаѓа на постарата градежна фаза. Ѕидан е од камен со квалитетен малтер како врзивно средство, а врз него е видлива подоцнежна интервенција во делот на влезната партија (сл. 5), како и надѕидување во различен ѕидарски слог во техника на сувоѕид. Влезот со широчина од 1 m преку кој се влегувало во просторија поплочена со неправилни камени плочи дополнително е заѕидан. Од неа се влегува во простор со димензии од 1,70 х 1,20 m, кој се поврзува со соседната просторија со димензии 3 х 3,4 m, сместен меѓу двете изѕидани камени платформи за зацврстување на одбранбениот ѕид П3 и П4. Подното ниво на последната спомената просторија е поплочено со керамички подни тули со нееднаква димензија, секундарно употребени, со исклучок на еден мал дел во продолжение на П3 кој не е поплочен (сл. 5а). Намената на овој објект со правилна форма со димензии од 7,5 х 5 m е cè уште недефинирана.

Сл. 4. Работна платформа пред печка.
Сл. 4. Работна платформа пред печка.
Сл. 4а. Печка со отпадна јама.
Сл. 4а. Печка со отпадна јама.
Сл. 5. Објект 2 преградена влезна партија и надѕидување во втора фаза.
Сл. 5. Објект 2 преградена влезна партија и надѕидување во втора фаза.
Сл. 5а. Објект 2, детаљ.
Сл. 5а. Објект 2, детаљ.

Работилница за стакло

Во продолжение на обѕидието е работилницата за производство на стакло. Зафаќа правилна површина со димензии од 12,6 х 6,3 m во која се издвојуваат неколку засебни простории (сл. 6). Внатрешната димензија што ја затвораат ѕидовите на кулата 7 каде што е сместена печката изнесува 3,90 х 3,20 m. Печката е сместена во источниот агол на кулата 7 (сл. 6а). Нејзините димензии во темелната основа зафаќаат поширок простор, а кон врвот се стеснуваат. Од две страни е зацврстена со два камени ѕида во кој се употребени и камени сполии од постари градби, едно мено и еден фрагмент од декоративна пластика со флорални орнаменти. Пред кулата во правец со влезната партија се преостанатите две камени платформи за зајакнување на обѕидието П1 и П2. Во западниот агол од објектот има правоаголна просторија со подно ниво и ѕидови премачкани со хидростатен малтер, без простор за комуникација, веројатно во функција на када, користена во процесот на изработката на стаклените предмети. Откриените елементи во текот на истражувањето укажуваат дека објектот бил опожарен, или намерно разурнат. Во јужниот агол на просторијата 2а видлив е приклучок во централниот градски одводен систем (план 1).

Сл. 6. Детаљ од работилница за стакло.
Сл. 6. Детаљ од работилница за стакло.
Сл. 6а. Печка за стакло
Сл. 6а. Печка за стакло

Винарија23

Винаријата е сместена во објект чија првобитна намена била репрезентативна, дефинирана во досегашната литература како североисточно станбено крило24 од три меѓусебно поврзани простории. Неговата комуникација со останатиот дел се извршувала низ неколку влезни партии преку отворениот трем на западната и затворениот трем на северозападната страна. Објектот е прилепен на обѕидието од бедемот, чие надворешно лице во овој дел (куртина Е) е премачкано со малтер и декорирано со претстави на риби,25 веројатно и овде како елемент на евхаристичната симболика која на некој начин била поврзана со првобитната намена на самиот објект.26 Подните партии кај две од просториите биле поплочени со неправилни камени плочи, а имале и квалитетна инсталирана доводно-одводна мрежа. Просторот, во некоја подоцнежна фаза, веројатно претрпел дополнителни измени и преградувања, кога и служи за потребите на винаријата. Приспособени се три простории со вкупна површина од 152 m2. Просториите се наредени една до друга во низа заради процесот на производство (план 1).

Сл. 7. Винарија - вински преси.
Сл. 7. Винарија - вински преси.

Централната просторија, означена како просторија 1, е со правоаголна форма и димензии 7,15 х 5,75 m. Во просторијата се влегува од тремот преку влез со широчина од 1,50 m. Нејзината внатрешност е решена во две нивоа: на повиското ниво, покрај југоисточниот ѕид се сместени две ѕидани преси - кади, а на пониското ниво се вградени два камени сада - таложници, од кој сега е зачуван само еден (сл. 7а), а од другиот е зачувано само подѕидувањето со кое бил фланкиран.

Преса 1 (сл. 7, лево) - со правоаголна форма и димензии 3,10 х 2,20 х 0,20 m; сместена во источниот агол на просторијата. Преса 2 (сл. 7, десно) - со правоаголна форма и димензии 2,60 х 2,40 х 0,20 m; сместена во јужниот агол на просторијата. Во однос на пресата 1 е скратена во должина за 0,50 m поради влезот во просторијата. Растојанието меѓу двете преси изнесува 1,20 m, а наменето е за комуникација со нив.

Подната основа на просторијата е од набиена жолтеникава глина, која на овој дел е видливо дека навлегува и во основата на одбранбениот ѕид, а можно е и во субструкцијата на ѕидот, заради поголема еластичност, да била од компактна жолтеникава глина.

Сл. 7а. Сад таложник.
Сл. 7а. Сад таложник.
Сл. 7б. Декоративна пластика со винова лоза.
Сл. 7б. Декоративна пластика со винова лоза.

Темелната основа врз која лежат пресите е од кршен камен поврзан со кал, со многу голема сличност како и субструкцијата при изградбата на фурната. Врз неа следува една нивелација од делкан камен поврзан со варов малтер, а најгоре се ѕидовите од тула и хидростатен малтер градени во техниката opus testaceum во висина од 0,40 m. Подлогата за пресите е од речен камен поврзан со варов малтер со дебелина од 0,20 m, врз кој има слој од хидростатен малтер и врз него се подредени керамички подни тули. При изградбата е водено сметка за полесно истекување на течноста, па пресите се изградени под агол со одредена косина. Во челните ѕидови и кај двете преси се вдлабнати отвори за излевање на течноста директно во таложникот, без да се прелее преку ѕидовите. Страничните ѕидови над пресите до одредена висина исто така биле малтерисани со квалитетен хидростатен малтер.

Пред вдлабнатите отвори од челната страна биле зацврстени камените таложници. Целосно е зачуван само таложникот пред пресата 2, а пред другата е зачувана само конструкцијата со која тој бил фланкиран. Зачуваниот сад - таложник, е изработен од камен, има полутопчеста форма, a неговите димензии се: висина 0,70 m, ширината на венецот изнесува 1 m, а дебелината на ѕидовите е 0,10 m. Венецот на садот е со рамен завршеток. Запремнината му е околу 100 l. Просторот меѓу таложникот и ѕидот на просторијата е поврзан со декоративна камена пластика, со богата флорална орнаментика со препознатливи елементи на винова лоза27 (сл. 7б).

Не е извесно дали овде декоративната пластика е употребена како сполија, можеби од истиот објект во неговата претходна намена, со оглед на евхаристичната симболика или, пак, е наменски изработен. Двата таложника се поврзани меѓу себе со ѕид од камен со кал во ширина од 0,70 m. Пред пресата 1 е зачувано само лежиштето, кое според димензиите одговара на зачуваниот камен таложник, а недостасува и камената декоративна пластика.

На северозападниот ѕид од просторијата постои влез со ширина од 1 m, кој во некоја подоцнежна фаза бил затворен, а преку него се комуницирало со соседната просторија 3. Таа ја зафаќа најголема квадратура од винаријата со димензии од 16,85 х 5,75 m. Била поделена на два дела со влез, кој носи двојна арка поставена на странични ѕидани столбци и централен со јонски капител.28 Задржан е нејзиниот првобитен изглед, кога припаѓала на луксузната епископска резиденција, пред да биде приспособена за потребите на винаријата. Комуникацијата се вршела преку влез со ширина од 1,40 m директно со покриениот трем.

Подната партија е од неправилни камени плочи со отворен одводен канал преку целата должина на просторијата, кој се спојува со друг покриен канал, каде што излегува од просторијата. Во својата првобитна намена од првобитната градежна фаза објектот имал уште неколку влеза, кои подоцна, во средината на VI век биле затворени. Не е потврдено присуство на движен археолошки материјал во текот на истражувачките активности. Нејзината поврзаност со просторијата 1, квадратурата што ја зафаќа и изведениот доводно-одводен систем, како и квалитетно поплочената подна партија, нè наведуваат на помислата дека ова бил просторот кој бил користен при процесот на ферментација на виното.29

Сл. 8. Детаљ од хореум.
Сл. 8. Детаљ од хореум.

Последната просторија која би можела да биде во контекст со винаријата е просторијата 2, која комуникациски е поврзана со работилницата за стакло. Таа е со димензии 5,75 х 1,85 m. Во заедничкиот ѕид меѓу просториите 1 и 2 постојат отвори кои се поставени веднаш над пресите, што нè упатува на заклучокот дека одовде е истурано грозјето во пресите за натамошна обработка. Ѕидовите во оваа просторија се малтирисани со хидростатен малтер во висина од 0,70 m, а подната нивелација исто така е со хидростатен малтер. Засега не располагаме со информации за спопредба на винаријата како архитектонски комплекс, меѓутоа, врз основа на типолошката поделба направена од Р. Френкел30 врз откриените преси за масло и вино во регионот на Палестина, во поглед на нивните технички и функционални карактеристики, пресите од винаријата во Баргала припаѓаат на првата група преси од типот на едноставни вински преси со под за газење и сад таложник. Со споредба на расположивиот публикуван материјал аналогни примероци во поблиското опкружување наоѓаме кај винските преси во Стоби,31 Пелагонија,32 а подалеку на територијата од Италија,33 потоа со винските преси вдлабнати во карпа на територијата во Анадолија, во областите Западна Фригија,34 Ликија, Киликија и Карија,35 како и на територијата од Палестина.36

Хореум

Последен во низот стопанско-економски објекти е складот за жито (план 1, слика 8) во кој биле сместени 16 питоси за чување жито наредени во редови.37 Оваа просторија е со приближно квадратна основа со димензии од 6,5 х 6 m. Комуницира преку два влеза со широчина од 1,5 m, едниот на североисточниот ѕид, со просторија од поплочен под со неправилни камени плочи, а со другиот преку југоисточниот ѕид со отворен трем.

Заклучни согледувања

Реализираните истражувања во периодот 2007-2011 год. ги дополнуваат и делумно ги заокружуваат досегашните сознанија за секторот Епископиум. Со дефинирањето на дел од новооткриените содржини cè поочигледна е и намената на објектите прилепени кај обѕидието на просторот од аголната или кулата 6, па cè до североисточниот влез. Според карактерот на објектите, целиот споменат простор го вбројуваме во стопанско-економски простор кој бил во функција на епископскиот центар. Од досегашните сознанија засновани врз извлечените заклучоци при истражувањето на целиот овој простор видливи се две хронолошки издвоени градежни фази.

Белешки

  1. Раководител на истражувањата беше д-р Трајче Нацев, а со истражувањата во сектор Епископиум во периодот 2009-2011 год. раководеше Илинка Атанасова од Музејот на Македонија - музејска збирка од Кочани. Целосната техничка документација е изработена од Љубица Кљонкова, архитект - виш конзерватор, а фотографиите се од Кире Спасов и Стефан Атанасов. ↩
  2. Венедиков Й., 1948, 86. ↩
  3. Михајлов С., 1949, 4-19. ↩
  4. Грујић Р., 1955, 212-215. ↩
  5. Папазоглу Ф., 1957, 82. ↩
  6. Папазоглу Ф., 1957, 246. Но според дел од поголемиот дел на научници веројатно се работи за грешка во преписот и би требало да стои Македонија Втора. ↩
  7. Алексова Б., 1967, 11. ↩
  8. Нацев Т., 2008. ↩
  9. Нацев Т., - Фрков Ј., 2009, 151-156. ↩
  10. Нацев Т., 2011, 275. ↩
  11. Со голема веројатност можеме да претпоставиме дека тоа се случило истовремено со пренамената на североисточното станбено крило. ↩
  12. Испишаниот текстот cè уште не е анализиран. ↩
  13. Таа е откриена со најновите истражувачки активности, иако со оглед на ортогоналниот систем и претходно откриената Виа Принципалис беше сосема очекувано. ↩
  14. За негово поставување се дислоцирани камените плочи од улицата за да може да се вклопи и директно да се поврзе со веќе постоечката инфраструктурна мрежа на градот. Во овој степен на истраженост немаме да кажеме од каде е донесен овде. ↩
  15. Нацев Т., 2011, 273-282. ↩
  16. Поради зголемената концентрација на метална згура, откриена во непосредното опкружување во текот на истражувањата. ↩
  17. Конески К., 1999; која има карактеристика на голема еластичност. ↩
  18. Согледување на еден од авторите на текстов; во тек на истражувањата вршени на објекти по течението на реката Брегалница. ↩
  19. Нацев Т., 2011, 275. ↩
  20. Ристов К., 2006, 220-221, сл. 6. ↩
  21. Материјалот cè уште не е публикуван, за информацијата и дозволата да ја искористиме му благодариме на колегата Веско Хаџи Ангелов од Историскиот музеј во Самоков. ↩
  22. Димитрова Е., 1995, 49-66. Во случајов се работи за делови од постарата градежна фаза, па голема е веројатноста овие претстави да се поврзани со епископскиот карактер на базиликата, па оттаму и да имаат одредена евхаристична заднина. ↩
  23. Нацев Т., 2012, (во печат). ↩
  24. Нацев Т., 2008, 87-89, пл. 7, сл. 80. ↩
  25. Нацев Т., 2008, 57, сл. 43а. ↩
  26. Димитрова Е., 1995, 49-66. ↩
  27. Димитрова Е., 1995,137-141. Претставата на виновата лоза е симболичен приказ на евхаристијата. ↩
  28. Нацев Т., 2008, 87, сл. 80/6, 80/7. ↩
  29. Нацев T., (во печат). FAB II. ↩
  30. Frankel R., 1999. ↩
  31. Материјалот cè уште не е публикуван, за информацијата ѝ благодариме на м-р Силвана Блажевска. ↩
  32. Кепески Л.- К., 2006, 425-438. ↩
  33. Rossister Ј.Ј. 1981, 345-361. ↩
  34. Yunus E. K., 2003, 11-18. ↩
  35. Diler A., 1994, 505-520. ↩
  36. Frankel R.,199, 51-59. ↩
  37. Нацев Т., 2008, 86, 80/1, 80/2. ↩

Summary

New Evidence about the Economic Part of Bargala

The subject of this paper is the new evidence about the economic part of the Early Byzantine town of Bargala as result of the investigations between 2007 and 2011 in the sector “Epsicopium”.

Sector Episcopium 2007-2011

The activities in this sector were focused in a 15 metres wide area, on the inner side of the northeast defensive wall, north of the northeast entrance, toward tower 6.

Several buildings attached to the defensive wall (using it as their fourth side) were uncovered during the excavations. All of the newly discovered buildings have economic characteristics.

Building 1 (Metal workshop?)

Building 1 is located to the north of the entrance and it is comprised of three separate rooms, connected with a one wall in the middle of the building. The working name of the building is Metal workshop and it comes from the increased presence of metal slag during the excavation. A kiln with circular plan was discovered in Room 3 which has irregular shape.

Building 2

It is located in line to the north of Building 1, attached to the fortification wall. There is visible decoration of painted motifs representing fish on the front outer wall, coated with plaster. The purpose of this rectangular building is not defined yet.

Glass workshop

The glass workshop is also along the defensive wall. It has regular shape and occupies area of 12.6 x 6.23 m with several separate rooms. The kiln is located in tower 7.

Winery

The winery is located in a building that had earlier representative purpose. The building is known in the archaeological articles and books as northeast residential wing of three connected rooms. The central room marked as Room 1 has rectangular shape. Its interior has two levels. On the higher level there were two built presses – tubs, while on the lower level there were two stone vessels for collecting, only one of which is preserved.

Chorreum

Last in the string of economic buildings is the grain storage. Sixteen pithoi, grouped in lines, were found inside the building.

Conclusion

The conducted excavations in the period between 2007 and 2011, complement and complete the existing knowledge for the sector “Episcopium”. With the defining of the newly discovered contents, the purpose of the buildings attached to the defensive wall between the polygonal tower (tower 6) and the northeast entrance becomes more obvious. According to the character of the buildings, the whole discussed area was economic part of the Bishop centre. The evidence from the excavations in the whole area made visible two chronologically different, constructive phases.

Библиографија