Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 37–53

Формирањето на првите неолитски заедници во Македонија

УДК 903.4(497.7)”634”

Содржина
  1. Македонија во рамки на процесот на неолитизација
  2. Датирањето во демографски контекст
  3. Ранонеолитски идентитети
  4. Анадолски традиции
  5. Отелотворувањето на неолитизацијата
  6. Тела од глина
  7. Неолитска хибридност

Историјата на човештвото познава неколку клучни моменти во кои се случуваат битни трансформации во рамки на природната средина, но и на самиот човек. Овие промени се често резултат на човековото прилагодување во просторот кого тој го населува и се дел од процесот на негово модифицирање, а со цел да се исползуваат достапните ресурси или пак да се обезбеди погоден амбиент за живеење. Иако од денешна перспектива ваквите промени се набљудуваат како релативно брзи феномени, сепак нивната реализација се одвивала постепено во рамки на бројни етапи. Во таа смисла и формирањето на првите земјоделски заедници на Балканскиот Полуостров се темели на слични процеси во кои значително се сменила демографската, општествената и географската слика на просторот. Популациите коишто го населуваат овој регион во средината на седмиот милениум п.н.е., внесуваат бројни новини и воедно делуваат врз промените и на домородното ловечко-собирачко население. Од нивната интеракција ќе произлезат специфични локални обележја во рамки на стопанството, социјалните врски и религијата, што пак ќе остави силен печат и врз материјалната култура.

Токму преку остатоците од неолитските населби успеваме да ги согледаме процесите кои биле манифестирани врз архитектурата, керамиката, прехраната, обредите и занаетчиството, и токму преку нив може да се обидеме да разбереме како и кога неолитот се формирал на Балканот. Оваа широка регионална слика за тоа како неолитот се генерирал и развивал во еден поголем простор, ни овозможува полесно да пристапиме и кон следењето на неолитизацијата во рамки на составните делови од оваа територија. Од тие причини, во оваа пригода ќе се направи обид да се презентира и елаборира процесот на неолитизација во Република Македонија и тоа во контекст на општествената динамика, истовремено присутна и во соседните држави. Притоа ќе бидат ползувани бројни регионални податоци со цел да се добие појасна претстава за времето на формирање на неолитските локалитети во Македонија, како и податоците за појавата и ширењето на нови популации, растенија, животни, технички придобивки и обредни практики.

Македонија во рамки на процесот на неолитизација

Истражувањата за почетокот на неолитот во Македонија cè уште се скромни и воглавно се базираат на постарите ископувања и секундарните податоци од анализите направени во неколку европски лаборатории.1 Од тие причини, не може со голема сигурност да се говори за начинот на кој започнува процесот на неолитизација во овој регион. Но иако скромни, ваквите податоци даваат можност за некаква појдовна реконструкција на почетоците на земјоделството и формирањето на првите неолитски села. Дел од нив и досега се користеа како основа за неколку интерпретации, па затоа и толкувањата се базираа единствено на културолошко дефинирање на неолитските локалитети. За среќа во последните неколку децении приложени се доста нови калибрирани дати, палеоботанички и археозоолошки резултати за поширокиот балкански ареал, а кои вклучуваат и дел од македонските локалитети, што во голема мера придонесува за трасирање на правците и формите на неолитизацијата. Секако, неопходни се мноштво примероци за анализа од поновите ископувања коишто значително би придонеле во нашето разбирање за почетокот на неолитот во Македонија. Овие примероци дополнително би се вклучиле во ботанички, зоолошки, геолошки, антрополошки, генетски и хронолошки анализи со што би се потврдиле, модифицирале или негирале досегашните сознанија.

Иако постојат калибрирани дати за најстарите неолитски слоеви на некои од локалитетите во Македонија, сепак cè уште останува нејасна нивната врска со евентуалните мезолитски населби. За разлика од сознанијата за палеолитот,2 оние за мезолитот се доста скромни и хипотетички,3 и за жал недоволни за да се направи вистинска слика за можниот удел или интеракцијата на мезолитското население со новодојдените популации. Затоа, врз основа на постарите ископувања, повеќето археолози сметаат дека неолитот во Македонија започнува како веќе оформен процес на кого не му претходат разни предкерамички или монохромни фази.4 Во секој случај, неопходни се нови ископувања кои евентуално би го потврдиле или негирале ваквиот став, иако скорешните истражувања на Говрлево посочуваат на формирање на населбата во крајните стадиуми на раниот неолит, со јасно оформена материјална култура и бело сликани садови.5 Имајки го предвид археолошкиот материјал од повеќето ранонеолитски локалитети, засега може да се смета дека неолитот во Македонија настапува релативно брзо, со мошне јасни елементи од тесалските и анадолските традиции. Тоа во одредена мера покажува дека барем во материјалната култура немало силни врски меѓу домородното мезолитско население и новодојдените земјоделци, иако за околните региони постојат повеќе видови толкувања.6 Дали ова домородно население било интегрирано во процесот на неолитизацијата или пак се повлекувало во изолирани средини cè уште е тешко да се одговори.

Благодарение на новите калибрирани дати постои можност да се утврдат релативните временски и просторни рамки на почетокот на неолитот во Македонија. Досега се направени хронолошки анализи на десетина локалитети, што даваат првична слика за тоа кога се формираат најраните населби. Од ископувањата во Амзабегово приложени се најголем број примероци, што овозможува подоследно интерпетирање на резултатите од C14 испитувањата.7 Според новите податоци од калибрацијата на овие примероци, најраните дати за Амзабегово се движат меѓу 6510 BC - 6230 BC (со 95,4% сигма опсег на веројатност); 6450 BC - 5750 BC (со 95,4% сигма опсег на веројатност); 6250 BC - 5600 BC (со 95,4% сигма опсег на веројатност).8 Високиот процент на веројатност на датите укажува на тоа дека процесот на неолитизација во Македонија, и тоа особено во нејзиниот источен дел, се случил мошне брзо после оној во Тесалија (сл. 1). Но големите хронолошки разлики со другите делови од Македонија, посочуваат на тоа дека овој процес не се одвивал рамномерно низ цела Македонија. Податоците за некои локалитети од Пелагонија даваат сосема шаренолика слика.9 Калибрираните примероци од Велушка Тумба и Породин потврдуваат подоцнежно населување на тој простор 6030 BC - 5620 BC (со 95,4% сигма опсег на веројатност) и 5850 BC - 5470 BC (со 95,4% сигма опсег на веројатност).10 За разлика од овие податоци, во истиот извор, оние врзани за Чука кај Тополчани покажуваат многу порана и неочекувана дата од 7050 BC - 6200 BC (со 95,4% сигма опсег на веројатност).

Сл. 1. Калибрирање на датите од радиокарбон анализите на Амзабегово (Илустрација: Агата Рајнгрубер и Гоце Наумов).
Сл. 1. Калибрирање на датите од радиокарбон анализите на Амзабегово (Илустрација: Агата Рајнгрубер и Гоце Наумов).

Со оглед на ранонеолитските локалитети и во останатите балкански региони, оваа дата делува прилично изненадувачки, иако приложени се одредени објаснувања за нејзината меродавност и веројатност. Имено, слични дати се евидентирани и на неколку локалитети во Грција, така што за нив се приложени две објаснувања. Првото, дека станува збор за можеби лошо третирани примероци при хемиските анализи во лабораториите, додека во другиот случај, доколку се веројатни, тогаш укажуваат на можноста за постоење на многу ран, прв бран на доселеници т.н. ‘пионери-авантуристи‘ кои во мал број го испитувале и населиле Балканот.11 Во овој момент не се знае во каков контекст биле примероците од Тополчани со останатиот археолошки материјал, и дали тие се во релација со постара мезолитска населба, односно раните неолитски ‘авантуристи‘, или пак едноставно не се добро процесирани при лабораторискиот третман. Публикуваните наоди од овој локалитет, како и оние кои се наоѓаат во музејските депоа,12 засега покажуваат стандардни неолитски обележја за Пелагонија.13

Сл. 2. Калибрирање на датите од радиокарбон анализите на неолитските локалитети во Пелагонија (Наумов Г., 2016, Сл. 10).
Сл. 2. Калибрирање на датите од радиокарбон анализите на неолитските локалитети во Пелагонија (Наумов Г., 2016, Сл. 10).

Во контекст на датирањето на Пелагонија, треба да се истакнат и најновите датации на локалитетите кај Породин, Могила и Оптичари во нејзиниот централен дел, како и оние од најновите истражувања на Врбјанска Чука кај Славеј во северниот дел на оваа рамница. Имено, анализите направени на овие локалитети во Универзитетот во Берн укажуваат на тоа дека најраните слоеви може да се датираат во периодот меѓу 6000 и 5800 година п.н.е.14 Доколку не се земат предвид датите од анализите во 1970-те години, тоа укажува на можното подоцнежно населување на Пелагонија (сл. 2). Секако, за една ваква хипотеза неопходни се многу повеќе примероци од најраните слоеви на овие населби, како би можело да се заклучи кога тие точно се формираат.

Датирањето во демографски контекст

Иако не доволно објективни, досегашните дати преставуваат најегзактната база за определување на времето, но и начинот на ширењето на неолитот во Македонија. Според досегашните сознанија, како најстар локалитет се потврдува Амзабегово, а после него следат оние во Пелагонија и Скопската Котлина, секако доколку се исклучи дискутабилната дата за Тополчани. Тоа, до некаде дава и сознанија за евентуалните правци на дисперзија на неолитот низ Македонија, што делумно се поклопува со претходните интерпретации за овој процес.15 Наспроти размислувањата дека неолитизацијата започнува во Пелагонија и од таму се шири кон Скопско и Овче Поле,16 сегашните податоци укажуваат на тоа дека таа првично се одвивала преку реката Вардар и потоа се дисперзирала во неколку различни региони.17

Сл. 3. Ранонеолитски садови од Амзабегово (Чаусидис Н., 1995, Сл. 5).
Сл. 3. Ранонеолитски садови од Амзабегово (Чаусидис Н., 1995, Сл. 5).

Покрај повеќето хемиски анализи коишто засега ја негираат пелагониската траса,18 приложени се и геолошки и географски истражувања што ваквата можност ја ставаат во втор план. Имено од една страна, мочурливото земјиште во Пелагонија не овозможувало рано формирање на неолитски населби,19 додека од друга, подоцнежното нејзино населување се базира и на неколку географски фактори. Присуството на планините Кожув, Ниџе и Каракамен, како и на езерата Китрини и Петр, на популациите од Тесалија не им овозможило брзо навлегување во Пелагонија, поради што и ја користеле рамницата на Солунско Поле која ги водела кон реката Вардар.

Ова го потврдуваат датите и визуелните аналогии со неколку локалитети од грчкиот дел на Македонија, а што имаат сличности со материјалната култура од Амзабегово (сл. 3). Станува збор за локалитетите кај Неа Никомедеја и Јаница, што се наоѓаат во Солунско Поле, а се релативно блиску до Пелагонија. Поради идентичните дати на формирање на населбите,20 се смета дека популациите што ја населувале Неа Никомедеја, биле во блиски стопански релации со оние од Амзабегово или пак станува збор за истата што се населила во два различни региони. Сличноста меѓу бело сликаните мотиви на садовите, како и идентичните техники на градење куќи со керпич и основа од камен, дополнително ги потврдуваат можните правци на ширење на неолитот во Македонија преку реката Вардар.21 Овие сликани мотиви и архитектонски техники засега се непознати за пелагониските ранонеолитски локалитети, иако подоцнежните аналогии со некои од тесалските садови не треба да се исклучат.22 Од тие причини, може да се смета дека има најмалку два брана на неолитизацијата во Македонија.23 Првиот би бил оној преку Вардар, кога се формираат населбите во источниот дел, додека вториот би се одвивал преку Пелагонија, во правец на Полог, каде и се забележуваат одредени испреплетувања меѓу сликаните мотиви од пелагониските локалитети и оние во Скопскиот регион.24

Ранонеолитски идентитети

Ваквата разноликост во датите и материјалната култура на ранонеолитските локалитети во Македонија покажува дека при процесот на неолитизацијата се формирале разни идентитети што претежно се манифестирале преку сликаните садови, антропоморфните модели на куќи и архитектурата. Во скоро секој од регионите независно (Овче Поле, Скопско, Полог и Пелагонија), се сликале мотиви што не се сретнуваат на другите места, така што може да се смета дека тие биле користени како елемент на визуелно идентификување и истакнување на локалните ликовни белези.25 Примената на материјалната култура во потенцирањето на локалните особености, покажува дека ситуацијата во раниот неолит била далеку подинамична од онаа што порано се претпоставуваше. Иако споделувале слични стопански интереси, заедниците во Амзабегово, Говрлево, Стенче, Велушина и Породин не сметале дека припаѓаат на една иста идентична група, па намерно или ненамерно преку разните мотиви сликани на садовите ја потенцирале нивната засебност.26

Затоа и не може да се говори дека во раниот неолит постои јасно разграничување на две јасни културни групи како Амзабегово-вршничката или Велушко-породинската, кои беа претходно дефинирани од страна на археолозите.27 Различните сликани мотиви и архитектонски традиции во скопскиот, овчеполскиот и полошкиот регион, а за кои се сметаше дека припаѓаат на Амзабегово-вршничка културна група, потврдуваат дека барем во раниот неолит не може да се говори за унифицирање и генерализирање на овие региони во рамки на оваа група.28

Барем во случајот со Амзабегово-вршничката група има јасни индикации дека ранонеолитските населби во Амзабегово, Говрлево и Стенче не споделуваат исти бело сликани мотиви на садовите. Тоа во одредена мера укажува дека cè до средниот неолит, населбите во Овчеполскиот, Скопскиот и Полошкиот регион не можат да се генерализираат во една културна група (сл. 4). Во однос на Велушина, Породин и останатите локалитети од Пелагонија cè уште се неопходни понатамошни истражувања за да се провери ваквата ситуација. Сепак, тука треба да се има предвид дека сите овие населби припаѓаат на ист географски ареал каде што меѓусебните влијанија се посилни, а со тоа и идентификувањето на повеќето заедници како една културна целина. Останува да се истражува понатаму, дали при ваквата варијабилност во ранонеолитските културни манифестации во Овче Поле, Скопско, Полог и Пелагонија свој прилог имаат домородните мезолитски популации што при мешањето со новодојдените земјоделци развиле различни форми на идентитети. Или пак, можеби станува збор за развивање на локални обележја на земјоделците од Анадолија или Тесалија веднаш после населувањето на одредена географска целина (котлина, долина, езеро итн.) и тоа без остварување контакти со домородните ловци и собирачи.

Сл. 4. Ранонеолитски визуелни идентитети во Македонија (Naumov G., 2010a, Fig. 11).
Сл. 4. Ранонеолитски визуелни идентитети во Македонија (Naumov G., 2010a, Fig. 11).

Во секој случај, оваа ситуација наполно се менува во средниот неолит. Тогаш во овчеполскиот, скопскиот и полошкиот регион се започнува со примена на идентични црно сликани мотиви што подеднакво се присутни и меѓу некои локалитети во Бугарија, Албанија и Србија, додека во Пелагонија садовите cè уште се сликаат со бела боја и тоа со некои мотиви што имаат ранонеолитски традиции.29 Тоа покажува дека популациите во пелагониските населби оддржуваат еден вид изолација во однос на среднонеолитските процеси што се случуваат во останатите региони во Македонија.

Ваквите традиции делумно се темелат и врз одржувањето силни врски со минатото, а кои се евидентни преку сликаните садови и континуитетот на ранонеолитски мотиви во подоцнежните фази. Поврзаноста на пелагониските заедници со нивните претходници се следи и преку формирањето тумби како резултат на постојаното градење куќи врз оние што веќе биле напуштени или срушени.30 Во таа смисла, пелагонискиот регион останува уште повеќе интересен како релативно географски затворен и изолиран простор за северните влијанија, а во кого воедно се одвиваат и културни процеси мошне поразлични од оние во останатите делови на Македонија, но и пошироко.

Анадолски традиции

Имајки ги предвид традициите, треба да се напомене дека тие се составен дел од формирањето на првите неолитски заедници во Македонија, подеднакво во сите нејзини региони. Тука пред cé се имаат предвид оние традиции што покажуваат одредени врски со населбите во Анадолија, а коишто делумно и го потврдуваат преселувањето или културниот контакт меѓу популациите на Балканот и Мала Азија. Тие и претходно беа потенцирани,31 иако се дополнително потврдени и на ниво на стопанството преку користењето житарици и животни претходно доместицирани во Анадолија.32 Примената на ќерпичот и основите од камен во најраните неолитски слоеви на Амзабегово, како и идентичните мотиви присутни на садовите и печатите од Горобинци, Велушина, Ѓумушица, Породин, Говрлево, Маџари, Чатал Хујук и Бадемаѓаси одат во прилог на овие врски или пак на нивно пренесување преку заедниците од Тесалија.33 Тука треба да се има предвид дека ваквиот однос се рефлектирал подеднакво и на духовната култура и социјалните форми, без разлика дали тие се индиректно или директно пренесувани, или пак накнадно модифицирани.

Затоа, настрана од стопанските и архитектонските обележја, големиот број на антропоморфни и зооморфни претстави во глина, како и погребувањата во населбите, дополнително говорат за пренесувањето или прифаќањето на слични симболички концепти. Во таа смисла, неолитизацијата на Македонија треба да се гледа како целосен процес што ги зафаќал сите животни сфери на првите земјоделци. Покрај битните промени настанати со формирањето на ранонеолитските населби и воведувањето на новите стопански гранки, неолитот претставувал и сосем ново видување на природниот амбиент, како и негово објаснување преку материјалната култура и обредите. За да тој комплетно се разбере, неопходно е да се следат сите економски, социјални и симболички концепти, и тоа особено оние манифестирани преку човечкото тело.

Отелотворувањето на неолитизацијата

Кога се говори за почетокот на неолитот, најчесто во преден план се ставаат земјоделството, доместикацијата и новите ресурси кои обезбедуваат прилагодување или трансформација на околината. Иако овие стопански аспекти се од огромно значење и имаат битна елементарна улога во создавањето на новите животни норми, сепак не треба да се изостави дека тие се создадени од и заради човекот. Затоа и не е препорачливо да се истражуваат независно и изолирано од останатите сфери кои во иста мера придонесуваат во формирањето и егзистенцијата на првите неолитски заедници. Населувањето на нов географски простор, градењето куќи, припитомувањето животни или одгледувањето житарици, истовремено се испреплетуваат со начинот на кој тогашните популации се справуваат со неизвеснота од климатските феномени, архитектонската статика, здравјето на стоката или пак успешноста на посевот. Токму таа неизвесност ги наведува првите неолитски заедници поинаку да ја согледаат важноста на земјоделството, доместикацијата и формирањето куќи и села, и тоа особено како новина која значително ги менува нивните животи и навики.

Во тој контекст, неолитизацијата на Балканскиот Полуостров, вклучително и Македонија, не била само процес во кого новодојденците би го аплицирале својот начин на живеење или пак домородците едноставно би ги прифатиле овие новини. Напротив, навлегувањето во нов географски простор и формирањето на првите населби во него е тек во кого тогашните земјоделци инвестирале подеднакво умствени, технички и духовни потенцијали. Доколку се имаат предвид и евентуалните контакти со домородното мезолитско население, тогаш ваквите текови се модифицирале во сосема поразлична целина од онаа во извориштето т.е. анадолскиот регион. Во секој случај, сите овие умствени, технички и духовни ангажмани се испреплетиле во сообразност која формирала социјален, економски и идеолошки став за тоа што претставува едно ново земјоделско општество и во каква корелација е тоа со природната околина. Затоа, во еден таков комплексен процес биле активирани сите форми на материјалната и духовната култура, вклучително суровините и продуктите, како и колективните церемонии и обредите. Тука особено клучна улога за разбирањето на првите земјоделски заедници, има керамиката и предметите што од неа се изработуваат.

Сл. 5. Антропоморфен модел на куќа од Тумба-Породин (Колиштркоска Настева И., 2005, Сл. 43).
Сл. 5. Антропоморфен модел на куќа од Тумба-Породин (Колиштркоска Настева И., 2005, Сл. 43).

Тела од глина

Керамиката како нов материјал, покрај сензацијата предизвикана од нејзината трансформација од мека глина во цврст продукт, била прилично погодна за изразувањето на голем дел од новите идеи врзани за земјоделството и последователните социјални и симболички текови. Покрај садовите и нивното истакнато симболичко значење во раниот неолит,34 битна улога во овие нови процеси играат и многубројните фигурини со претстави на животни и луѓе. Наспроти очигледната појава на разни видови животински фигурини во Македонија и нивниот удел во дополнителното објаснување на стопанските и симболичките сегменти на стоката,35 сепак далеку побројни се претставите на човечко тело. Иако постојат интерпретации дека на Балканот доминираат животинските фигурини, како и идентификувањето на луѓето со животните,36 сепак новите истражувања покажуваат дека, барем во Македонија, антропоморфните претстави далеку ги надминуваат зооморфните артефакти.37 Ваквата концентрација на фигурини, садови, печати, модели на куќи и печки со антропоморфни обележја посочуваат на тоа дека човечкото тело било основната метафора преку која се објаснувале разни симболички, социјални и стопански процеси (сл. 5).

Во таа смисла, текот на неолитизацијата во Македонија, и општо на Балканот, не треба да се гледа само како тек во кого се трансформираат природната околина и општествените структури, туку во него се менува и начинот на кој човекот започнува да се гледа себе си и да се користи како метафора за сите клучни сегменти настанати преку овие промени и трансформации. Доместикацијата на новите растенија и животни, подеднакво значи и доместикација на самиот човек, со тоа што тој ја редифинира својата улога во природата и уште побитно, започнува да живее во постојани населби. Ваквиот однос кон околината, но и кон самиот себе, иницира серија на нови концепти што ќе бидат манифестирани токму преку материјалната култура и обредите.

Сл. 6. Интрамурално погребување во Церје-Говрлево (Фиданоски 2012, Сл. 34).
Сл. 6. Интрамурално погребување во Церје-Говрлево (Фиданоски 2012, Сл. 34).

Тука клучна улога има антропоцентризмот како основна метафора со која човечкото тело се дефинира како симболички механизам преку кого што се објаснуваат повеќето нови сегменти на земјоделскиот живот: садовите, печките или пак куќите.38 Тоа и не изненадува бидејки во разни периоди човечкото тело се користи како модел со којшто се дефинираат многу сложени симболички концепти како манифестација на социјалните односи, архитектонското организирање, религиските форми и општествената хиерархија.39

Од тие причини може да се смета дека неоли-

тот е првиот период во (пред)историјата на

човештвото кога човечкото тело се истакнува

како симболичка референца за трансформирањето на одредени сегменти од природата (доместикација и керамика) и реорганизација на општеството (формирање постојани населби и создавање нови социјални норми).

Неолитска хибридност

Не случајно, уште од најраните неолитски фази во Македонија и Балканот, се започнува со формирање на хибридни симболички врски меѓу човечкото тело и она што за првпат ќе се дизајнира и конструира. Па така, наспроти бројните фигурини, се изработуваат и антропоморфни садови, печати, или пак модели на куќи и печки, т.е. сето она што е новина во животот на земјоделците. Со цел да се објаснат функциите и значењето на овие нови предмети и конструкции, тие се изедначуваат со човечкото тело и се вклучуваат во симболичките текови.40 Дури и на ниво на населбите, дел од починатите се погребуваат под или меѓу живеалиштата,41 така што оваа обредна практика меѓу другото дополнително придонесува во „очовековувањето“ на населбата и преку оние што припаѓаат на „оној свет“ (сл. 6). Оттука може да се забележи дека неолитските заедници ангажирале неколку компоненти на материјалната култура и обредите во обид да ги дефинираат комплексните процеси што се одвивале во рамки на домаќинствата и тоа токму преку она што најдобро го познавале, човечкото тело.

Ваквата неолитизација на човечкото тело и неговото широко вклучување во симболичките сфери уште во самиот почеток на неолитот, покажува дека тоа било мошне погодна метафора што ги рефлектира нормите и ставовите на првите земјоделци. Од една страна, тоа ја покажува трансформацијата и новата улога на човекот во контролата којашто тој ја спроведува врз природата и општествените структури (земјоделство, стопанство, верувања итн.). Но од друга, ваквото доминантно присуство на човечкото тело во визуелната култура и обредите, може да се третира и како договорен модел што ги дообјаснувал новите активности и навики во земјоделките општества. Доколку се земат предвид идеите за дефинирањето на неолитизацијата преку идеолошки принципи,42 тогаш може да се очекува дека и човечкото тело било користено како идеолошка референца во процесот на ширењето и актуелизирањето на неолитот во поширок географски простор. Тука особено треба да се има предвид бројното присуство на т.н. хибридни артефакти (антроморфни садови и модели на куќи и печки) на Балканот, вклучително и Македонија. За разлика од Анадолија каде што овие видови предмети не се воопшто или пак се само малку присутни во ранонеолитските населби, на балканските локалитети тие се сретнуваат многу почесто, и тоа уште во раниот неолит. Според тоа, може да се заклучи дека ваквите антропоморфни предмети биле ангажирани во процесите на популаризирање, афирмирање и симболичко дефинирање на некои од придобивките на неолитот (садови, печки, куќи итн.).

Останува отворено прашањето дали тие биле користени на ниво на идеологија од страна на земјоделците во текот на нивното ширење низ Балканот, или пак се употребиле како посредници во спроведувањето и објаснувањето на неолитските социјални структури и норми меѓу домородното мезолитско население. Имајки предвид дека слични хибридни зооморфни предмети (садови и „жртвеници“ ), иако во помал број, исто така се изработуваат во раните фази на неолитот, може да се смета дека овие симболички категории биле инкорпорирани во повеќе стопански сфери на првите земјоделски заедници.43 Притоа, не само човекот, туку и животните биле вклучени како симболичка матрица за дефинирање на материјалното, а можеби и духовното опкружување на првите неолитски заедници. Со самото тоа што изработката на антропоморфни и зооморфни садови, модели, „жртвеници“ и печати продолжува и во следните фази на неолитот во Македонија и останатите региони на Балканот, се потврдува дека овие форми на симболичка хибридност биле подоцна афирмирани можеби дури и на ниво на религија врзана за земјоделството и стопанството. Тоа делумно наведува на фактот дека неолитот навистина преставувал клучна промена во животот на предисториските заедници и како таква се имплементирала во повеќе стопански, социјални и симболички сфери. Од тие причини, истражувањата на процесите на неолитизацијата во Балканот треба подеднакво да се насочат кон сите овие сфери, а со цел целосно да се разбере нејзиното манифестирање во рамки на првите земјоделски населби во Македонија.

GOCE NAUMOV

Белешки

  1. Јовановић Б. 1968; Gimbutas M., 1976; Garašanin M., 1979, 85; Бенац А., 1989; Санев В., 1995, 29; Zdravkovski D., 2006, 99-102; Наумов Г., 2009а, 38-42. ↩
  2. Malez М., 1979, 407-417; Кузман П. 1993; Кузман П. 1995; Билбија М. 1999; Шаламанов-Коробар Љ., 2005; Шаламанов-Коробар Љ., 2006; Шаламанов-Коробар Љ., 2008. ↩
  3. Sanev V., 2004, 36; Шаламанов-Коробар Љ., 2005, 18. ↩
  4. Gimbutas М., 1976; Гарашанин М., 1989; Санев В., 1995; Lazarovichi G., 2006, 120-130. ↩
  5. Фиданоски Љ. - Томаж А., 2010, 69; Фиданоски Љ., 2011; Фиданоски Љ., 2012, 47. ↩
  6. Srejović D.,1969; Whittle A., 1996; Bonsall C., et al., 2000; Bailey D. W., 2000, 42-55; Kotsakis K., 2001. ↩
  7. Gimbutas M., 1976, 29. ↩
  8. Whittle A., et al. 2005, T. I, 348 – 350. ↩
  9. Наумов Г., 2016, 77-81. ↩
  10. Whittle A., et al. 2005, 348. ↩
  11. Perles C., 2001, 62; Perles C., 2003, 110. ↩
  12. Увид во неолитскиот материјал од локалитетот Тополчани беше направен за време на реализацијата на проектот„Неолитски антропоморфни предмети во Македонија“ со Проф. Д-р Никос Чаусидис. Во оваа прилика и обајцата му се заблагодаруваме на Александар Миткоски од НУЗЗСКМ – Прилеп за разбирањето, овозможениот увид и желбата да придонесе во истражувањата врзани за неолитот во Пелагонија. ↩
  13. Китаноски Б., 1977; Китаноски Б., и др. 1978; Китаноски Б., и др. 1983, 17. ↩
  14. Наумов Г., 2016, 73-75, 77; Наумов Г., и др. во печат. ↩
  15. Санев В., 1994; Санев В., 1995, 23. ↩
  16. Zdravkovski D., 2006, 99. ↩
  17. Наумов Г., 2009а. ↩
  18. Thissen L. C., 2000, 207; Whittle A., et al., 2005. ↩
  19. Китаноски Б., и др. 1980. ↩
  20. Thissen L. C., 2000, 201; Reingruber A. - Thissen L., 2005, 12, 25. Тисен во својот труд, преку повеќе аргументи, особено го акцентира подоцнежното неолитизирање на Пелагонија, за разлика од она долж реката Вардар. ↩
  21. Gimbutas M., 1976; Washburn D. K., 1984; Yiouni P., 1996; Pyke P., 1996; Tasić N. N., 2006, 164; Tasić N. N., 2007; Наумов Г., 2009а. ↩
  22. Но и тука постојат многу отстапувања, особено ако се земе предвид сликаната керамика од ранонеолитските и среднонеолитските слоеви на Сервија која припаѓа во најужните делови на регионот Македонија и е релативно блиску до Тесалија. Насликаните мотиви, како и типологијата на садовите е сосем различна од досега откриените во Пелагонија, а во одредена мера слична со оние од Амзабегово (спореди Heurtley 1939, 135). ↩
  23. Lazarovici G., 2006, 112. ↩
  24. Наумов Г., 2009а; Naumov G., 2009, 4. ↩
  25. Наумов Г., 2005; Naumov G., 2009. ↩
  26. Naumov G., 2010a, 273. ↩
  27. Garašanin M., 1979, 99-114; Санев В., 1994. ↩
  28. Наумов Г., 2010. ↩
  29. Naumov G., 2009, 8-10; Naumov G., 2010a, 269-271. ↩
  30. Naumov G., 2013,70; Наумов Г., и др. во печат. ↩
  31. Gimbutas M., 1976; Garašanin M.,1979, 100; Санев В., 1994. ↩
  32. Hopf M., 1961; Renfrew A. C., 1976; Ивковска А., 2009, 102-107. ↩
  33. Gimbutas M., 1976; Naumov G., 2008, 191-193; Наумов Г., 2009а; Naumov Г., 2013, 69. ↩
  34. Vitteli K. D., 1989; Vitelli D., 1993. ↩
  35. Наумов Г., 2009б. ↩
  36. Nanoglou S., 2008, 3-12. ↩
  37. Наумов Г., 2015. ↩
  38. Naumov G., 2009; Naumov G., 2010b, 231-233; Naumov G., 2017. ↩
  39. Hamilakis Y., et al. 2001; Чаусидис Н., 2005. ↩
  40. Naumov G., 2009; Chausidis N., 2010, 32; Naumov G., 2010. ↩
  41. Бьчваров 2003; Naumov G., 2007, 255-257; Naumov G., 2013, 81-86. ↩
  42. Cauvin J., 2000, 29-33; Settegast M., 2005. ↩
  43. Naumov G., 2011, 99-107; Naumov G., 2017. ↩

Summary

Establishment of the First Neolithic Communities in Macedonia

The research on the initial stages of the Neolithic in the Republic of Macedonia is still modest and mainly based on the small scale excavations and secondary data from chronological analysis. Although modest, such data provide preliminary insight in the agriculture beginnings and the establishment of first villages. In the last several decades a number of new calibrated dates, archaeobotanical and archaeozoological results from Macedonia and broader Balkan area were published which significantly contribute towards understanding of the directions and forms of Neolithization. Therefore, most of the archaeologists agree that the Neolithic in the Macedonia starts as already developed process without preceding aceramic or monochrome phases. Majority of the already dated Early Neolithic sites in Macedonia consists white painted pottery in the initial phases of the settlements, such as Amzabegovo, Govrlevo, Veluška Tumba, Mogila, Vrbjanska Čuka, Stenče and many others. According to recent calibrated data of these samples, the earliest dates for Amzabegovo range between 6300 and 6100 BC. The high percentages of sigma range indicate that the Neolithization process in Macedonia, and especially in its eastern part, was quite soon after the one in Thessaly, although this is further to be discussed. Southwestern parts of Macedonia assert that such process was not equivalent and synchronous. Calibrated samples from Mogila, Veluška Tumba, Vrbjanska Čuka and Porodin confirms later inhabitation of Pelagonia plain with a range from 6100 to 5900 BC, although the rather early date from Topolčani (aproximatelly 6500 BC), should be further discussed or supported by the new samples.

First farming communities were not dealing only with the transformation of landscape and subsistence, but also embodied their social varieties. The diversity in material culture among the Early Neolithic societies in Macedonia indicates different identities within the Neolithization process mainly manifested throughout painted vessels, anthropomorphic house models, figurines and architecture. In almost any of the regions (Ovče Pole, Skopje Plain, Polog and Pelagonia) the painted patterns were employed independently and used as element of visual identification and emphasis of local features. The utilization of material culture in the accentuation of local attributes demonstrates that the Early Neolithic was far more dynamic than it was previously supposed. Although there was sharing of common economic interests, the communities in Amzabegovo, Govrlevo, Stenče, Vrbjanska Čuka, Veluška Tumba and Porodin perceived themselves as belonging to different groups and asserted their particularity through different patterns painted on the vessels. Therefore the existence of two different and distinct cultural groups in the Early Neolithic (Amzabegovo-Vršnik and Velušina-Porodin) cannot be supported as they were previously defined.

Nevertheless, this cultural circumstance is completely changed in the Middle Neolithic when the vessels produced in Ovče Pole, Skopje Plain and Polog region were painted with black or brown patterns, while the pottery in Pelagonia was still mainly painted with white color and few patterns still resembling the Early Neolithic traditions. Considering the visual traditions it should be asserted that they are consistent part of the first Neolithic communities in Macedonia. This mainly regards those that demonstrate clear relationship with Anatolian settlements and which partially confirms the migration or cultural contact among the Balkans and Asia Minor communities. Such relationship was also previously accented, although they are additionally confirmed on the level of economy and utilization of cereals and animals formerly domesticated in Anatolia or Near East. The employment of mud brick and stone foundations in the earliest Amzabegovo levels, as well as the identical patterns incised or painted on the stamps and vessels in Gorobinci, Veluška Tumba, Gjumušica, Porodin, Govrlevo, Madjari, Çatalhöyük and Bademağaci are in favor with such relations and there is also possibility for their transfer through communities in Thessaly. It should be considered as well that such links were simultaneously manifested onto the symbolic and social spheres no matter if they were straightforwardly or indirectly transmitted or additionally modified. Therefore, besides economic and architectonic features, the abundance of anthropomorphic and zoomorphic representations in clay, as well as the intramural burials furthermore reveals the transposition and acceptance of similar symbolic concepts.

In this context, the Neolithization of Macedonia should be perceived as complete process which engaged all aspects of life of the first agriculturists. Alongside crucial changes with the establishment of initial settlements and introduction of innovative economic components, the Neolithic involved completely new perception of natural environment, as well as its explication within the material culture and rituals. Therefore, the course of Neolithization in Macedonia, was not only a set of actions and engagements where only natural environment and social structures were transformed, but also there are changes within the perception of human body and its employment as a metaphor for entire unit of crucial segments evolved throughout these changes and transformations. The anthropomorphism had the crucial role as essential principle which was engaged for the definition of human body as symbolic mechanism for the explication of new advantages as agriculture, pottery, ovens or houses. Even when the houses are considered as ritual area, the selected members of Neolithic societies were buried bellow or between dwellings, so that such ritual practice additionally contributed towards the embodiment of settlements. Consequently it can be noticed that Neolithic communities engaged several components of material culture and rites in their attempts to define complex processes within households by using the human body as main symbolic reference.

Библиографија