Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 371–381

Предмети од коска од Скупи - градска територија истражувања 2008-2010 година

УДК 902.2;903.01(497.711)”2008/2010”

Во текот на истражувачките кампањи во 2008, 2009 и 2010 година на локалитетот Скупи, меѓу другото, се истражуваше и еден поголем дел од градската територија.1 Овој сегмент од градската територија се наоѓа источно од улицата кардо и претставува дел од централното јадро на градот Скупи. На истражуваниот простор беше откриена ранохристијанска базилика2 и голем термален објект - јавна бања од римскиот период.3 Коскените предмети кои се предмет на обработка во текстот се пронајдени во хронолошки последниот констатиран културен хоризонт, датиран во VI век и почеток на VII век, како и во културен хоризонт кој припаѓа на римскиот период.

Низ бројниот движен материјал, кој беше откриен на овие ископувања, забележително е присуството на коскените предмети, што секако ја докажува нивната масовна употреба низ вековите на живеење на градот. Коскените предмети како тип наод се показател на техничко-технолошката, но и на економската развиеност на една населба во одреден период. Употребата на предмети изработени од животински коски е евидентирана уште во палеолитот, но техниката за производство на коскени предмети значително се менува низ праисториските и историските периоди. Самата технологија на обработка на животинските коски и рогови се состои од низа процеси кои можеме да ги поделиме во две групи, и тоа термичка (варење, парење и горење на коската) и физичка обработка (сечење, стругање, мазнење, бушење).4 За време на Римската Империја, заради општите социо-економски и културно-политички услови, употребата на предмети од животински коски станува cè помасовна. Како суровини најчесто се користеле долгите коски од големите домашни (говедо, коњ) и диви (елен, дива свиња, риби) животни, но и роговите од еленот и говедото. За изработка на луксузните предмети се користела слоновата коска.5 На овие простори римската„коскена индустрија“ ја донеле мајсторите од Рим, кои тука се населиле уште во првите римски логори, а потоа ја продолжиле занаетчиската традиција во поголемите градски и трговски центри.6 Во периодот по IV век доаѓа до пресврт, како политички така и економски, што доведува до деградација на големите градски центри и префрлање кон локално производство.7 Во доцната антика, освен локалната изработка на предметите од коска и рог, се забележуваат и други промени, како, на пример, декоративните елементи (мотив на концентричен круг карактеристичен за доцен IV век), некои форми кои не се присутни порано се појавуваат тогаш (т.н. рачки за нож со валчеста форма) и секако квалитетот на изработката.

Предметите изработени од животински коски и рогови се користеле за повеќе намени. Најчесто коската и рогот биле употребувани за изработка на лични предмети, како и за изработка на алатки и орудија за обработка на кожа, текстил или керамика, но и предмети со декоративна намена како рачки и апликации. Коскените предмети од Скупи кои ќе бидат презентирани во продолжение типолошки се групирани според типологијата направена за коскени предмети од територијата на Горна Мезија.8

Првата и најзастепена категорија се предметите за лична употреба, а тоа се: чешли, украсни игли, козметички стапчиња, козметички спатули и пиксиди и апотекарски лажички.

Чешлите се производ кој се користел низ целиот римски период како еден од основните предмети за лична хигиена. Во примероците од градската територија на Скупи има само два. Станува збор за еден фрагментиран троделен чешел со еден ред на забци и декорација од концентрични кругови на дршката т.е. оплатата (Т.I, 1). Вториот примерок е само оплата на троделен чешел со издолжена форма и декорација од концентрични кругови поставени во трапезоидно поле (Т.I, 2). Двата примерока од Скупи се од ист тип троделни чешли со едноставна (геометриска) декорација на оплатата кој се датира од IV-VII век.9

Украсните игли се најбројни во коскениот материјал од градската територија. Нивната бројност укажува на масовна употреба на овој вид предмети, но исто така и на поголема продукција на истите. Примарната функција на овие игли била декоративна, но има и типови украсни игли кои служеле за обликување на косата (разделување, виткање), како и за нанесување козметички производи. Некои автори не ја исклучуваат можноста одредени типови игли да биле со култна намена.10

Првиот тип украсни игли со полиедарска глава е застапен со два примерока. Првиот е со издолжена полиедарска глава строго геометриски изработена (Т.I, 4). Вториот примерок е игла со мала и несмасно изработена полиедарска глава (Т.I, 3). Овој тип игли хронолошки го сместуваме кон крајот на III век и почетокот на IV век11 заради популарноста на мотивот во тоа време, иако не е исклучена нивната употреба и во подоцнежниот период. Се смета дека оние примероци кои се со неатрактивна изведба, како вториот примерок од Скупи, се токму од тој подоцнежен период. Во прилог на ова имаме и еден необјавен примерок од нишкиот музеј поставен во поставката на музејот кој е датиран во V-VI век.12

Следуваат четири примероци украсни игли со топчеста глава (Т.I, 5-8). Оваа форма на игли најчесто се поврзува со женските козметички сетови, за што сведочи нивно место на пронаоѓање13 како прилози во женски погребувања, од кои едно и на југоисточната некропола на Скупи.14 Овој тип игли се чести и бројни во наодите кај нас и во соседството15 и датираат од III и IV век.

Илустрација, стр. 373

Иглите со повеќечлена глава се едни од поексклузивните наоди. Главата на овие игли најчесто е составена од повеќе геометриски елементи раздвоени меѓу себе со пластично изведени кругови. Овој тип игли, односно глави, поради прецизната изработка се претпоставува дека се изработуваат на ротационен струг.16 Од градската територија на Скупи имаме три примероци (Т.I, 9-11) од овој тип игли, но ниеден не е идентитечен со варијантите од Горна Мезија, ниту, пак, од познатите примери од Република Бугарија,17 што асоцира на постоење на друга работилница. Овие игли биле користени за украсување на фризурите и облеката на Римјанките, а се датираат порано од другите типови во II и III век, но има и варијанти кои опстануваат до IV век.18

Од украсните игли со рамна глава имаме три примероци (Т.I, 12-14). Овие игли служеле за одржување на косата (разделување и навиткување) и за нанесување на шминка. Карактеристични се за II и III век, иако се користат и подоцна.19

Иглите со конусна глава и иглите со пресечена конусна глава се најбројни и се застапени со шест примероци (Т.I, 15-20). Намената овој тип е иста како и на предходниот тип. Чести се и имаат масовна употреба и се датираат од II-IV век.20

Еден фрагмент од коскена игла на кој не му е зачувана главата, според декорацијата на коренот на главата, претпоставуваме дека припаѓа на типот украсни игли со претстава на Венера (Т.I, 21). Според аналогиите од Маргум, Виминациум и Дијана,21 како и примерите од југоисточната некропола на Скупи,22 каде што се најдени такви игли со шематизирана претстава на Венера Пудика, скупскиот примерок дава показатели за тоа. Во прилог на идентификацијата е и местото на наоѓање. Пронајдена е на просторот од големиот термален објект во чии рамки во 2008 година беше откриена и мермерната статуа на Венера Пудика.23 Овој тип игли, освен вообичаената козметичко-декоративна улога, се претпоставува дека се користеле и за култна намена. Се датираат во раноцарскиот период (I-II век), иако има и подоцнежни примероци.24 Во науката постојат мислења дека овој тип игли припаѓа на групата предмети наречени „вотивни стапчиња“ со претстава на Венера или птица на главата кои потекнуваат од Египет, а се изработуваат од коска и од метал.25

Следната група предмети за лична употреба се козметичките и аптекарските лажици и лажички. Овие предмети биле изработувани од коска како замена за металот поради физичко-хемиските својства на коската (не реагира со хемикалии, лесна за моделирање). Постојат два типа лажички, со кружен и со елипсовиден плиток реципиент. На градската територија беа откриени четири примероци (Т.II, 1-4), од кои два се со кружен реципиент, а на другите два примероци реципиентот не е зачуван. На полуксузните примероци рачките се декорирани со разни мотиви. Таков пример е лажичката од Скупи (Т.II, 2) која е речиси идентична со еден примерок пронајден на западната некропола на Скупи,26 што е показател за локална работилница. Лажиците кои се со малку поголеми димензии (Т.II, 1) најчесто имаат богата декорација на предната страна од рачката и се користат за мешање и нанесување козметички препарати, а потесно се датираат во II и III век.27 Едноставната изведба на лажичките без декорација (Т. II, 3-4) придонесе за нивна масовна употреба ширум земјите под римска власт со бројни примери од Србија, Хрватска и Бугарија. Се користат од I век па cè до VI век.28

Козметичките спатули се предмети кои имале широка примена во козметичките сетови на Римјанките. Тие служеле за нанесување и размачкување на миризливите масла, за нанесување и мешање шминка, па дури и за чистење на ушите. Според големата сличност со металните медицински предмети со иста намена, може да претпоставиме дека коскените спатули се користеле и за медицински цели. Постојат спатули со помали и поголеми димензии со мал кружен или триаголен реципиент. Спатулата која е пронајдена на Скупи е со помали димензии и мал кружен реципиент (T.II, 5). Спатулите се хронолошки неосетливи и се изработуваат од I до IV век.

Коскените пиксиди се дел од козметичкиот прибор и се копии на дрвените и керамичките пиксиди. Тие, всушност, претставуваат мали кутии во кои се чувале прашкести материи како шминки или одредени лекови. Пиксидите кои се изработувале од коска биле составени од три дела, капак, реципиент и дно. Трите примероци од Скупи (T.II, 6-8) се фрагментирани и ги немаат сите делови, освен еден на кој му е зачуван реципиентот и дното (T. II, 6). Ги датираме според аналогии од соседството од крајот на I век до средина на V век.29

Втората категорија предмети од коска и еленов рог ја нарекуваме предмети за обработка на ткаенина и изработка на облека, со самото тоа се подразбира дека таа ќе ги опфати предметите како што се прешлени, вретена, макари, плочки за разбој (за плетење на нишките) и игли за шиење.

Коскените прешлени по формата и намената не се разликуваат од прешлените изработени од други материјали (метал, керамика, камен). Може да бидат декорирани или со едноставна изведба без декорација. Иако има тврдења дека се изработувани исклучиво од еленов рог, примерите од градската територија на Скупи (T. II, 13-14) покажуваат дека се изработувале и од коски на други животни, како говедо и риба.30 Овие прешлени се користеле исклучиво за вретена заради својата мала тежина. Се забележува нивна масовна употреба во доцната антика.

Макарите се предмети кои служеле за намотување на конците со кои се шиело, плетело и ткаело. Во Скупи имаме два примероци (Т.II, 15-16), од кои едниот е со полуксузна изработка и без перфорација во средината. Иако без директни аналогии, овој тип предмети ги датираме во IV век според наоди од соседството.31

Коскените плочки за разбој се среќаваат со правоаголен и триаголен облик, а служеле за разделување на конците со различна боја и мешање на конците при такењето. Примерокот од Скупи е со правоаголна форма и четири перфорации на аглите (Т. II, 17). Овие предмети се хронолошки неосетливи заради нивната намена и нивната форма.

Илустрација, стр. 376

Коскените игли со иглени уши се сместени во оваа категорија бидејќи нивната примарна намена е за изработка на облека. Од Скупи имаме четири примероци (Т. II, 9-12) од кои две се од типот коскени игли со рамно завршена глава со иглени уши (Т. II, 11-12). Намената на овие предмети е јасна, а датацијата неопределива. Примероци од овие игли се чести наоди на истовременските локалитети во земјава и пошироко.

Два коскени предмети и еден предмет од еленов рог (Т. II, 18-20) од градската територија на Скупи условно можеме да ги сместиме во категоријата алатки и орудија. Станува збор за цилиндрична рачка која има кружна перфорација на потесната страна и правоаголен засек на пошироката (Т. II, 18), кои најверојатно служеле за вметнување и прицврстување на алатката. Овој тип предмети најчесто се декорирани со геометриски мотиви. Намената на овие предмети cè уште е дискутабилна. Тие најчесто се детерминираат како рачки за нож,32 но поради недоволна проученост на овој тип предмети прашањето за нивната функција засега ќе остане неодговорено. Карактеристични се за доцноантичкиот период и се датираат во втората половина на IV век па cè до VI век. Многу се чести како наод, најверојатно заради нивната издржливост. Во Македонија имаме примери речиси од сите локалитети од римскиот и доцноантичкиот период како Скупи, Стоби, Хераклеја, Баргала, Градиште-Таор, Градиште-Коњух, Градиште-Пчиња итн.

Во коскениот арсенал од градската територија на Скупи се наоѓа и еден цилиндричен предмет со извонредна изработка (Т.II, 19). Сместен е во оваа категорија само заради неговата форма. Изработен е на метален струг со стога симетрија, краевите му се рамно пресечени, што може да се поврзе со функцијата на предметот. На двата краја најверојатно имало вметнати елементи од ист или различен материјал. Можеби служел како рачка за стило33 или, пак, е дел од дводелно вретено. Врз основа на одличната изработка би можеле предметот да го датираме од II до IV век.

Кај третиот примерок (T.II, 20) станува збор за рачка со поголеми димензии изработена од метатарзална или метакарпална коска од поголемо животно (говедо, коњ, елен). Рачката е декорирана со врежани геометриски мотиви. Поради недостаток на аналогии нема да шпекулирам со намената и датацијата на предметот.

Познато ни е дека Римјаните биле љубители на хазардни игри. Тоа го покажува и големиот број предмети за тие игри пронајдени на римските локалитети како пулови, зарови и пиони. Еден наод од градската територија од Скупи покажува дека и скупјаните играле такви игри. Се работи за коцка (зар) за играње со помали димензии изработена од коска (T.II, 21). Коцката е со броеви од еден до шест изведени со врежување на концентрични кругови. Овој тип предмети често се изработувале и од други материјали како камен и керамика на кои обележувањето се изведувало со боја. Предметите за игра не се редок наод на античките локалитети. Директни аналогии имаме на локалитетите во Србија, како, на пример, една коцка од поставката во музејот во Ниш датирана во IV век,34 иако поради популарноста на игрите овие предмети најверојатно биле користени и пред и потоа.

Меѓу наодите се среќаваат и два предмета со непозната намена, но според нивната изведба, која е еднострано пластични изведени мотиви, може да претпоставиме две намени. Првиот предмет е со малку поголеми димензии и има декорација изведена со врежување, во форма на рибина коска на едната страна (Т. II, 23), додека вториот е со мали димензии (T. II, 22), кружен пресек и врежани концентрични кругови на едниот крај. Првата претпоставка е дека нивната изработката не е довршена, но според измазнетоста на другите страни тоа е малку веројатно. Втората претпоставка е дека се работи за печати за декорирање керамика (сл. 1а). Оваа претпоставка се заснова врз аналогиите на декоративните елементи од печатената керамика на доцната антика.35 Се надеваме дека натамошната обработка на материјалот ќе донесе нови сознанија за овој тип предмети.

Сл.1а. Коскен печат со врежани концентрични кругови.
Сл.1а. Коскен печат со врежани концентрични кругови.
Сл.1б . Фрагмент од печатена керамка декориран со мотив на концентрични кругови.
Сл.1б . Фрагмент од печатена керамка декориран со мотив на концентрични кругови.
Илустрација, стр. 378

Бројноста на коскените предмети од градската територија на Скупи покажува дека трговијата со овој тип предмети била развиена. За постоење локални мајстори за изработка на предметите се доказ пронајдените полупроизводи (T.III, 1-9) кои најчесто се застапени со одрезоци од еленов рог, корен од еленов рог и делумно обработени одрезоци од еленов рог (T.III, 1-3) и коска (T.III, 9).

Коскените предмети од градската територија на Скупи се со добра и квалитетна изработка и направени од квалитетна суровина. Без разлика дали биле локални производи или не, луксузноста дава слика за богато, економско и трговско развиено општество, а неговите жители го вбројува во граѓани од високите социјални сталежи. Недостатокот од поопширна студија за коскени предмети од античките локалитети во Република Македонија не нѝ дозволува пошироки и поточни заклучоци за намена и датацијата на овие предмети.

Белешки

  1. Раководител на овие ископувања беше д-р Марина Ончевска-Тодоровска, на кој во оваа прилика ѝ се заблагодарувам за отстапениот материјал и несебичната поддршка. ↩
  2. Ончевска Тодоровска М., 2011, 365. ↩
  3. Ончевска Тодоровска М., 2009, 75. ↩
  4. Bačkalov A., 1979, 12. ↩
  5. Petkovič S., 1995, 12-17. ↩
  6. Стојанова-Канзурова Е., 2009, 57. ↩
  7. Ончевска Тодоровска М., Доцноантички предмети од Скупи (текст во печат). ↩
  8. Petkovič S., 1995, 21-56. ↩
  9. Petkovič S., 1995, 22. ↩
  10. Рау К., 2004, 63. ↩
  11. Petkovič S., 1995, 29. ↩
  12. Drča S. et. all, 2004, 210, k.e. 186. ↩
  13. Petkovič S., 1995, 30. ↩
  14. Во 2012 беше откриено погребување во оловен сандак (саркофаг) во кое беа пронајдени осум примерока игли со топчести глави. Остеолошкиот материјал од ова погребување е cè уште на обработка, но според останатите наоди погребана е женска индивидуа. Истражувањата на југоисточната некропола на Скупи во 2010, 2011 и 2012 беа изведени под раководство на археологот Ленче Јованова, а авторот на текстот беше учесник. ↩
  15. Пенчева Е., 2005, 582. ↩
  16. Petkovič S., 1995, 13. ↩
  17. Пенчева Е., 2005, 582. ↩
  18. Petkovič S., 1995, 30. ↩
  19. Petkovič S., 1995, 32. ↩
  20. Drča S. et. all, 2004, 210, k.e. 187. ↩
  21. Petkovič S., 1995, 33. ↩
  22. Во 2010, 2011 и 2012 година се истражуваше поголем дел од југоисточната некропола на Скупи, во рамките на тие истражувања во неколку наврати беа откриени примероци на коскени игли со глава со претстава на Венера (во едно погребување има дури четири примероци). Истражувањата на југоисточната некропола на Скупи во 2010, 2011 и 2012 беа изведени под раководство на археологот Ленче Јованова, а авторот на текстот беше учесник. ↩
  23. Ончевска Тодоровска М., 2009, 80. ↩
  24. Petkovič S., 1995: 34. ↩
  25. Рау К., 2004: 63. ↩
  26. Јованова Л., 1992, 197, сл. 2. ↩
  27. Пенчева Е., 2005, 583. ↩
  28. Petkovič S., 1995, 34. ↩
  29. Petkovič S., 1995, 37. ↩
  30. При идентификација на живитните од кои се направени прешлените ми помогнаа советите и сугестиите на зооархеологот Анета Фиданоска. ↩
  31. Petkovič S., 1995, 45. ↩
  32. Petkovič S., 1995, 49. ↩
  33. Petkovič S., 1995, 50. ↩
  34. Drča S. et. all, 2004, 210, k.e. 175. ↩
  35. Ончевска Тодоровска М., 2004, 81. ↩

Summary

Bone Objects from Scupi - City Territory, Explorations 2008-2010

During the research campaigns in 2008, 2009 and 2010 on the site Scupi among other parts of the site, a large part of the city urban area was excavated. This segment of the city urban area is on east of the street Cardo and is part of the central core city Scupi. On the investigated area was discovered early Christian basilica and a thermal facility - public bath from the Roman period. Bone items which are under discussion in the text are found in chronological last noted cultural horizon, dated in the VI century and the beginning of the VII century, and in the cultural horizon which belongs to the Roman period.

Through numerous movable artifacts, which ware discovered in these excavations, it is noticeable the presence of bone and antler horn objects, which certainly proves their mass production through centuries of living in the city. Bone items as type of finding are indicators for technical-technological and economic development of a settlement in a certain period. Use of bone and antler horn items was evident even in the Paleolithic, but the technique for the production of bone items varies greatly across prehistoric and historic periods.

In the Roman Empire due to the general social, economic, cultural and political conditions the use of objects from animal bones and antler horn is becoming massive. As raw materials commonly were used long bones of the big domestic (cattle, horses) and wild (deer, wild boar, fish) animals, and horns of deer and beef. For making luxury items they used d’Ivoire.

Objects made of animal bones and horns are used for several purposes. Mostly bone and horn were used for preparation of personal items, as well as to develop tools and tools for processing leather, textiles or ceramics, and objects with decorative purpose as handles and applications.

Bone items from the city urban area are with good quality, they are craft from quality raw material. Whether they were local products or imported, luxury gives us a picture of the rich and economically developed society, and puts its inhabitants among the citizens of high social classes. Lack of a comprehensive study on bone objects from ancient sites in the Republic of Macedonia does not allow us, broader and more accurate conclusions about the purpose and dating of these items.

This paper in addition to its primary purpose, the presentation of the cases of bone and antler horn from the city urban area in Scupi, aims to contribute to the affirmation and valorization to the objects from bone and horn. With further research on sites and issues concerning this kind of items, we may form complete picture for people who once inhabited these regions.

Библиографија