Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 345–357
Римски домус од секторот Југоисточен бедем во Скупи
Содржина
Во 2008 година, на крајниот источен дел од просторот опфатен со оградата на археолошкиот локалитет Скупи, се отвори контролна сонда со цел да се открие, а воедно и потврди линијата на претпоставената траса на протегање од градскиот бедем, востановена, главно, преку следењето на теренската конфигурација.1 По добиените позитивни резултати, се пристапи кон проширување на ископот и оформување на секторот Југоисточен бедем за да се открие непосредното опкружување на бедемот, како и да се детерминираат хронолошките фази од егзистирањето на просторот. Првичните резултати покажаа комплексна ситуација на градби и преградби, чиј временски распон се следи од раноцарскиот период, па cè до постурбаната фаза од живеењето на градот.
Со дополнителни истражувања во 2009 и 2010 година, на јужната половина од секторот, се издиференцира дел од луксузен објект за живеење којшто е предмет на овој труд, а со кој се добија нови сознанија од областа на урбанистичкиот развој на градот, како и пошироки информации поврзани воопшто со културата на живеење во римската колонија Скупи. За разлика од досегашните сознанија со коишто располагавме, овој градски домус, преку чија површина подоцна ќе биде изграден откриениот градски бедем, покажа недвосмислено дека градот се простирал уште пошироко кон југоисток, како и дека треба да се очекува постоењето постар бедем, исто така, кон југоисток, којшто бил дел од првото утврдување на Скупи.2
Положба и ориентација
Римскиот домус се наоѓа во југоисточниот дел на градот, на околу 300 m растојание од откриеното централно градско подрачје (сл. 1). Ориентиран е во правец северозапад-југоисток, вклопувајќи се на тој начин во генералната урбанистичка шема според која просторно е планиран градот Скупи и чие решение со мали отстапувања се почитува за цело времетраење од егзистирањето на градот. Овој објект не е откопан во целост. Откриената површина го сочинува неговиот југоападен дел, како и поголем дел од западниот и делумно централниот простор (пл. 1). Според сите претпоставки, сместен е на југозападниот агол од првата инсула којашто започнувала од источната страна на градот. Југозападната фасадна страна на објектот, иако не е откриена, според теренските проспекции по секоја веројатност би требало да излегува на претпоставената главна попречна улица decumanus maximus.
Просторна и функционална организација
Специфичните архитектонски елементи кои се среќаваат во откриениот дел, поточно, во неговиот југозападен дел, го определуваат објектот како карактеристичен римски домус од атриумски тип.3 При утврдувањето на градежните фази на објектот востановено е дека атриумскиот простор на куќата воедно е и првобитно јадро од каде што подоцна просторно се шири остатокот од домусот. Североисточно од оваа целина, откриени се остатоци од уште три простории кои поради подоцнежните интервенции се доста оштетени, како и дел од поголемо поплочено двориште кое најверојатно претставувало средиште околу којшто подоцна дополнително се развил и организирал домусот.
а) Атриум
Атриумот е сместен на југоисточната страна од ископот и на југоисточниот агол од самата градба на домусот. Не е откопан во целост, меѓутоа, откриен е поголемиот дел од неговата површина заедно со придружните простории од северисточната страна (сл. 2). Влезната партија на атриумот со вестибулот, кој најверојатно треба да се очекува од североисточната страна, е оштетена со подоцнежната изградба на бедемот и тој дел комуницира со улицата којашто е откриена на истата страна од објектот. Елементот кој му дава типичен римски белег, а воедно ја нуди и ексклузивноста на оваа скупска куќа, е класичниот пример на плиток атриумски базен – имплувиум, сместен во средиштето на атриумот (сл. 3). Тој има правоаголна форма и е изграден од масивни камени блокови фундирани врз полнетица од покрупни камења во должина од 7,50 m. Ширината не може да се одреди, затоа што едната надолжна страна му е оштетена. Од четирите типови атриуми што ги наведува римскиот архитект Витрувиј, нашиот пример по секоја веројатност припаѓа на т.н. тетрастилен тип атриуми, затоа што врз еден од аголните камени блокови е пронајдена база од столб.4 Кај овој тип атриуми покривот бил придржуван од четири столба поставени на аглите од имплувиумот, оставајќи на тој начин отвор на покривот, наречен комплувиуми, низ кој навлегувала дождовницата што се собирала во имплувиумот, а преку кој атриумскиот простор обилно добивал светлина. Исто така, врз еден камен блок е пронајдено и кружно круниште на камен бунар, веројатно тука секундарно поставено, што е вообичаен придружен елемент на имплувиумот.5 Поради честата изложеност на влага, а и за да ја извршува својата основна функција за собирање на дождовницата, базенот има цврста супструкција составена од три слоја: најдолниот слој е од набиен чакал со дебелина од 10-15 cm, потоа следи слој од речни валчести камења со различна големина зацврстени со чакал, а на места и со подлога од малтерна површина, додека последниот најгорен слој е поплочена површина од реден камен и тула. Дождовницата од базенот се изнесувала преку одводен канал (широк 2 римски стапки) лоциран покрај еден негов агол, откриен во мала должина поради ограниченоста на просторот за ископување.
Подното ниво на атриумскиот ходник во просторот околу базенот е решен со жолтеникава набиена глинеста земја. Овој ходник некогаш бил затворен со покривна конструкција и токму на таква урнатина од покривни тегули наидовме на едната надолжна страна од ходникот, во делот меѓу базенот и придружните простории на атриумот. Како куриозитет, кај три од урнатите тегули се наоѓа печатот на Валериј Пакати (Val Pacati), името на една скупска работилница чии производи ги среќаваме и кај гробните конструкции од некрополите во Скупи, што секако е добар показател при одредувањето на хронологијата на објектот.
По расчистувањето на покривната урнатина, следствено и на атриумскиот ходник, веднаш под неговото подно ниво се појавија камени блокови од постара фаза на градбата кои ортогонално заградуваат одредена поголема површина во должина од 9 m исполнета со слој од чакал, а наместа и со малтерисан под (сл. 4). Слојот на овие блокови, исто така, е проследен со силна концентрација на градежни тули и тегули, кои, всушност, се остатоци од урнатините на оваа постара градба, а кои биле искористени како субструкција при нивелирањето на подното ниво од подоцнежната фаза. На блоковите, на одредени интервали, се јавуваат вдлабнувања за лежишта на дрвени потпорни греди кои покажуваат дека тие имале носечка функција за потпирање на покрив, а кои затворале простор на трем. Дали се работи повторно за постар атриумски базен или за друга дворна површина не може со сигурност да се одговори во оваа фаза на истраженост. Неколку растурени ѕидни маси кои се подлабоко фундирани покажуваат извесна припадност кон оваа постара фаза, меѓутоа, целосната просторна и функционална поврзаност ќе ја покажат идните ископувања. При обновата, односно со изградбата на новиот атриум, оваа постара фаза е нивелирана и свесно е избегнато фундирањето врз постарите темели, при што целиот план има мало одстапување кон југ (види сооднос кај пл. 1).
Атриумскиот елемент како карактеристичен белег и експонент на римската станбена архитектура е очекувано присутен меѓу градските објекти во Скупи, каде што како римска колонија биле пошироко прифатени вредносните и формалните норми на римското урбано живеење. Преземен од етрурската архитектура, атриумот станува најпрепознатлив типичен елемент на римската куќа, првобитно центар каде што се одвивал, пред cè, семејниот живот и домашните активности, но и место за изразување на општествениот статус и моќ на сопственикот преку многубројните средби со други лица кои се остварувале токму тука. Со воведувањето на перистилот како архитектонска форма увезена од грчкиот исток, атриумот ја губи својата првобитна улога и примат, но не и местото во рамките на домусот.6 Тука се задржале, пред cè, извесни форми општествено однесување, но и одредени церемонии поврзани со римската традиција, чии ритуални дејства се одвивале во атриумскиот простор, како што се раѓањето, смртта, бракот итн. Веруваме дека појавата на имплувиарниот атриумски двор во градскиот објект во Скупи е поврзан токму со негувањето на овие римски традиции.
Во Македонија, поради доминантното хеленистичко влијание низ целиот римски период, се среќаваат, главно, куќи со перистилен двор како што покажуваат примерите од поголемите градски центри.7 Досега се откриени само две куќи со атриумски простор, едната во Стоби во т.н. Casa Romana8 и другата во Валандово на локалитетот Стакина Чешма.9 Примерот во Стоби е од т.н. тестудинатен тип, односно сосема покриени атриуми кај кои имплувиумот не бил потребен, додека тој во Стакина Чешма имал асиметрично поставен мал декоративен имплувиум со комплувиј над него. Атриумот од Скупи засега е прв и единствен пример во Македонија со типичен правоаголен импозантен имплувиум каков што се среќава кај голем број куќи од раноримскиот период, посебно кај тие откриени во Помпеја.10
б) Просторија со загревање
Атриумскиот двор вообичаено е фланкиран со придружни простории чиј распоред и број варира кај различен тип куќи.11 Кај нашиот пример, североисточно покрај дворот на атриумот, се наоѓа просторија со систем за загревање која единствено е целосно истражена, и која заслужува посебно внимание поради посебното структурно решение, а секако и поради раскошната декорација со која се украсени нејзините ѕидови.
Главната просторија е со речиси квадратна основа, со димензии 7,40 m должина и 7,80 m ширина. Во неа не се влегува директно од атриумскиот ходник, туку преку една помала помошна просторија сместена североисточно покрај неа. Подот во овие соби е покриен со дебел слој на хоросан малтер, додека во главната просторија тој е со дебелина од 0,10 m, со таа разлика што тука во едната половина тој е поставен врз хипокаустен систем за загревање (сл. 5). Иако супструкцијата на подот е различно решена, при што парапетен ѕид го одделува хипокаустниот дел од обичниот на два еднакви дела, надземниот дел на просторијата сочинува интегрална целина. Суспензурата на хипокаустот е со длабочина од две римски стапки. Системот на хипокаустното загревање се потпирал врз керамички тубулуси коишто биле распоредени по 13 во должина и 7 во ширина. Тубулусите се со различна големина и форма, со просечна висина од две римски стапки и со мал триаголен отвор на телото за циркулација на топлиот воздух. Поставени се врз малтерниот под на хипокаустот, најчесто на основа од квадратна тула, а поретко врз кружна тула, необработен камен или директно на подот, па залиени околу со малтер. Од горната страна врз тубулусите биле поставени големи хипокаустни плочи, а над нив последниот слој од хоросан малтер со крупно мелена тула. Отворот од каде што доаѓал топлиот воздух е детектиран на југоисточниот ѕид од просторијата, каде што треба да се очекува префурниумот, односно оперативниот дел од ложиштето на градбата. Загревањето на просторијата се постигнувала и преку циркулирање на топлиот воздух спроведен преку тубулуси вградени во самата структура на нејзините ѕидови. Во самата основа на ниво од подот, покрај еден од надолжните ѕидови над хипокаустот, пронајдени се и поголем број на фрагменти од помали керамички цевки кои биле хоризонтално поставени и веројатно претставувале интегрален дел од севкупниот систем за загревање на просторијата или можеби имале извесна дренажна функција за изнесување на вишокот влага од просторијата.
Главната просторија, во делот кај хипокаустот, имала и раскошна ѕидна украса со фрескои штуко декорација, како и делови од оплата со мермерни плочи. Откриените парчиња од декоративната штукатура сочинуваат профилиран венец - корниз, кој го крунисувал најгорниот дел од ѕидот (сл. 6). Декорацијата се состои од релјефни фризови со антемион - палмети, киматион и плетеница, а се изработени од пречистена бела гипсена маса со многу тенка профилација. Штуко намазот лежи врз слој од хоросан малтер, а под него е основниот варовен малтер што го покривал ѕидното платно. Откриени се и парчиња кои покажуваат дека и основата на ѕидот била декорирана со профилирана штукатура. Делот меѓу основата и корнизот, односно главната ѕидна површина носела и сликана украса, најчесто во црвена боја изглачана директно на хоросан малтер. Откриени се и фрагменти од фин бел малтер насликани со поширока палета, односно со зелени и црвени линии врз бела основа, меѓутоа, поради малиот број и обем не може да се реконструира целосниот изглед на декорацијата. Тешката малтерна маса која служела како подлога за фреско и штуко декорацијата била дополнително прицврстена за ѕидот со железни клинови поставени на извесно растојание еден од друг, на една римска стапка над подот.
Од североисточната страна на овој дел, покрај влезната партија, се наоѓа и помала просторија со хоросан под која излегувала на фасадната страна од домусот кон улицата, меѓутоа, поради подоцнежната изградба на бедемот е во голема мера оштетена. Таа по секоја веројатност комуницирала со главната просторија во делот со хипокаустен под.
Хипокаустното и ѕидното загревање во градските куќи
и приградските и рустични вили од Македонија, главно, се откривани во рамките на термалните комплекси, а ретко во другите делови од станбената целина.12 Нашиот пример, поради недостаток на посложен систем за довод и одвод на вода, како и отсуствотото на кади или базени кои се составен елемент на еден приватен балнеум, тешко дека би можеле да го вброиме како бањски дел во рамките на градскиот домус.13 Неговата локација во пристапниот дел од домусот, но и богатата ѕидна декорација, недвосмислено укажуваат на репрезентативниот карактер, веројатно за прием на гости, со што се подвлекува и социолошкиот аспект од намената на овие простории, кои, освен за дружење, служеле и за покажување на општествената моќ/ статус и вкус на сопственикот на домусот.14
в) Североисточен дел од домусот покрај големо поплочено двориште
На ова основно јадро од атриумот и неговите придружни простории, по краток временски период или можеби истовремено, е дограден останатиот дел од домусот, чии простории се дополнително доѕидани за надолжниот ѕид што го фланкира атриумскиот дел од североисточната страна (в. пл. 1). Нивните ѕидови, иако отпосле залепени, во темелната партија се фундирани на исто ниво со ѕидовите од основниот атриумски дел.
Просторната и функционална организираност на овој дел од домусот е тешко согледив поради ограниченоста на просторот за ископ. Од нив подобро се распознаваат контурите на три засебни простории кои излегуваат на фасадната страна од домусот свртена кон улицата. Поради оваа местоположба, може да се претпостави определена стопанска активност во нив, иако внатрешната организација и поделба на просториите е дополнително оштетена со подоцнежната изградба на бедемот, чија линија на протегање оди токму низ нив.
Овие простории, од внатрешната страна на домусот, се свртени кон централен двор со големи димензии, обрабен со камени блокови и поплочен со големи камени плочи, меѓутоа, отворена е сосем мала површина од него затоа што е откриен покрај самиот профил на ископот. Дворот е одделен од просториите со трем кој бил покриен со покрив, а во една од нив откриен е влез со праг за комуникација со дворот. Се надеваме дека идните истражувања ќе ја покажат целосната внатрешна организација на просторот околу дворот, како и воопшто на домусот и на неговото место во самата градска структура.
Градежна техника
Ѕидните платна од сите простории на домусот се изградени во техника opus incertum, од кршен камен врзан со варов малтер. Кај ѕидовите од просториите коишто се дополнително залепени кон основната атриумска целина од североисточната страна се забележува тенденција кон хоризонтално редење на кршениот камен. Сите ѕидови се широки во просек по две римски стапки. При ѕидањето на горните зони бил употребен плитар чии остатоци, односно најверојатно смеса за подготовка за негова обработка се откриени непосредно покрај еден од ѕидовите.
Движни наоди
На просторот од објектот откриени се остатоци од архитектонска декоративна пластика, јонски капители (сл. 7), капител од пиластер со флорална декорација15 (сл. 8), фрагменти од столбови и од други декоративни парчиња преку кои само се насетува дел од раскошната украса на домусот. Од другите движни наоди се издвојуваат голем број на фрагменти од доцноримска керамика, посебно од полуксузната македонска сива, како и фрагменти со имитација на тера сигилата (сл. 9) пронајдени во просторијата со хипокаустен дел, што само уште еднаш ја потврдува нејзината репрезентативна намена. Откриените монети, пак, во голема мера придонесоа за хронолошкото детерминирање на градежните фази од објектот.
Градежни фази
Во градбата на домусот се забележуваат две доминантни градежни фази, од кои втората има потфаза на проширување на објектот. Постарата фаза се забележува под подот на ходникот во атриумскиот дел, каде што е откриено дворно место ограничено со камени блокови кои затворале трем. Овој првобитен објект на домусот е во фаза на истражување и cè уште со сигурност не се утврдени ѕидовите кои би се поврзале во една целина. Според движниот археолошки материјал, се датира во првата половина кон средината на III век од н.е. Прекинувањето на овој објект можеби треба да се поврзе со провалата на Готите и Херулите во 268-269 год. од н.е., чии разрушувања се насетуваат и кај другите градби од пошироката територија на Скупи.16
Обновата на домусот со мало отстапување на основата кон југ се случило најверојатно веднаш по овој настан потврдено со зголеменото присуство на монети од владеењето на Аврелијан во 270-275 год. од н.е. Основното јадро на оваа втора градежна фаза ја сочинува атриумот со придружните простории распоредени покрај него. Поради ограничениот простор за ископување, не е можно да се одреди дали откриениот атриумски дел бил аксијално надоврзан кон останатиот дел од домусот, како што типично се развивале римските куќи од овој тип. Поголемиот број примери од доцноримскиот период во Македонија покажуваат дека строгата римска аксијалност била одбегнувана при просторната организација на објектите.
Кон овој основен атриумски дел на скупскиот домус по краток хронолошки период или можеби истовремено се доградени просториите групирани околу големиот поплочен двор, сочинувајќи потфаза во втората градежна обнова на објектот. Неможноста да се согледа севкупниот периметар на оваа градска куќа, дава мала причина за сомневање дека просториите со централното двориште, кои подоцна се анектирани кон првобитниот атриумски дел, се всушост дел од друга градска куќа, а кои делат заеднички ѕид со атриумот. Идните истражувања, се разбира, ќе ја разрешат оваа дилема.
Втората градежна фаза на објектот ја имал својата најинтензивна употреба во првата половина на IV век н.е., поткрепено со доминантното присуство на монети од Ликиниј и Константин I (сл. 10), додека неговото напуштање најверојатно треба да се побара во доцниот IV век, засновано врз движниот материјал откриен во урнатините на домусот, пред cè, на наодите на доцноримската керамика, како и на генералната стратиграфска слика на објектите кои што се откопани на овој простор.17 Прекинот на егзистенцијата на севкупниот објект може да се доведе во врска и со cè позачестените напади на готските племиња во овој период кои не ги одминале овие простори и во чии пустошења можеби и настрадала градбата на домусот.18
Извесно време по запустувањето на домусот целиот простор на градската куќа бил делумно надѕидан, како и дополнително преграден со помали простории од доцноантички градби кои приближно го следеле габаритот на постарата целина, во зависност од конструктивните и функционални потреби. Подоцна во V век или можеби кон почетокот на VI век преку неговата површина е подигнат новиот југоисточен бедем на Скупи како дополнителна мерка на заштита, пред cè, поголемата опасност од варварски наезди од север, што резултирало и со намалување на популацијата во градовите. Со тоа се намалил и растерот на доцноримската колонија, ситуација што се следи и кај останатите градови на територијата од Република Македонија во тој период.19
Очекуваме идните истражувања да ги потврдат добиените сознанија и воедно да ги дополнат изнесените претпоставки во однос на карактерот, функцијата и просторната организација на римскиот домус од Скупи.
Белешки
- Со археолошките истражувања раководи Л. Јованова, кустос советник при Музејот на град Скопје. Авторот на текстот е секторски раководител на просторот каде е откриена градбата и која е предмет на обработка во овој труд. ↩
- За претходно изнесени претпоставки околу формирањето на првото камено утврдување на Скупи види: Јованова Л., 2006, 163-179. ↩
- За карактеристиките на римскиот домус и атриумот како негов специфичен елемент види: Герасимовска Д., 2009, 35-37, 192-193 (со посочена литература). ↩
- Vitruvius, VI.III.1.2. ↩
- Герасимовска Д., 2009, 192. ↩
- Според некои мислења, задржувањето на атриумот, а посебно имплувиарните атриуми по додавањето на перистилот како централен елемент во римскиот дом, се толкува како силна манифестација на римскиот идентитет, изразена преку зачувувањето на традиционалните просторни елементи во рамките на изменетата римска куќа: Герасимовска Д., 2009, 192 (со наведено мислење). ↩
- Целосен преглед на примерите од Македонија кај: Герасимовска Д., 2009, 64-74. ↩
- Герасимовска Д., 2009, 63, 193 (со претходна литература). ↩
- Шурбаноска М., 1993, 171-182; Герасимовска Д., 2009, 79, 193. ↩
- Carolis E. D., 2004, 245. ↩
- Герасимовска Д., 2009, 35-36. ↩
- Подното греење во простории со друга намена е една од карактеристиките на перистилните куќи во доцната Римска Империја: Герасимовска Д., 2009, 37. За термалните комплекси во римските станбени објекти на територијата од Република Македонија види: Герасимовска Д., 2009, 207; Герасимовска Д., 2009а, 351-363. ↩
- Во потесното подрачје на Скупи претходно се откриени две приватни живеалишта во чии рамки функционирал термален комплекс, во градската вила во централното градско подрачје на Скупи (2002: 86-93; Герасимовска, Д. 2009а: 356) и во приградската вила кај село Бардовци (Трухелка, Ћ. 1929: 78-80; Герасимовска, Д. 2009а: 357). ↩
- Слично општествено значење содржеле и термалните комплекси во рамките на римскиот домус: Герасимовска Д., 2009, 206-207; Герасимовска Д., 2009а, 353-354. ↩
- Речиси идентичен примерок на овој капител е откриен уште во 30-тите години на минатиот век од страна на Н. Вулиќ, за време на ископувањето на римскиот театар во Скупи: Вулиħ Н., 1961, 12 (сл. 38). ↩
- Корачевиќ Д., 2002, 123; Микулчиќ И., 1999, 136. ↩
- Подетално за културната стратиграфија и хронолошкиот пресек на објектите од секторот Југоисточен бедем види во овој број на Maced. acta arheol. 21 кај: Јованова, Л. (во печат). ↩
- Микулчиќ И., 1999, 198-199. ↩
- Општо за овој феномен кај доцноантичките градови на територијата на Република Македонија види: Микулчиќ И., 1974, 347-368. * Фотографиите ги изработи С. Неделковски, а цртежите на планот архитекти А. Арсовски и Г. Алиломов. ↩
Summary
Roman Domus in the Sector Southeast Defensive Wall at Scupi
The archaeological excavations conducted between 2008 and 2010 in the sector “Southeast Defensive Wall” at Scupi have revealed complex situation of buildings and repairs with a time span that can be followed from the Early Imperial period all to the post-urban existence of the town. Part of a luxurious residential building was found in the south half of the sector after the clearance of the rooms from the post-urban phase. The specific architectural elements, found in the uncovered part (more precisely the SE part), determine the building as a characteristic Roman domus from the atrium type.
Two dominant phases can be noticed in the construction of the building. The older building from which the domus originally evolved is noticeable under the floor of the corridor in the atrium part. The repair of the domus i.e. the second main construction phase is represented by the atrium and the additional rooms which existed from the end of the 3rd and through the whole 4th century. The cease of the existence of the whole building should be found toward the end of the 4th century, and sometime after its abandonment, the Southeast defensive wall of Scupi was built on top as a safety measure against the rising danger of the barbaric raids.
Библиографија
- Carolis E. D., 2004, Lifestyles: Houses and Society, in: Maris Ranier Panetta (ed.), Pompeii, The History, Life and Art of the Buried City, VMB Publishers, 242-257.
- Герасимовска Д., 2009, Улогата на живеалиштето во културата на живеење низ антиката во Република Македонија, Скопје.
- Герасимовска Д., 2009а, Термалните комплекси во римските станбениобјекти, ГЗФФ 62, Скопје, 351-363.
- Јованова Л., 2006, Кога било изградено првото камено утврдување во Скупи, Maced. acta archaeol. 17, Скопје, 163-179.
- Јованова Л, 2018, Скупи – сектор Југоисточен бедем, културнастратиграфија (2008- 2010), Maced. acta archaeol. 21 (во печат).
- Корачевиќ Д., 2002, Скупи - градска територија, Скопје.
- Микулчиќ И., 1974, За големината на доцноантичките градови во Македонија, Историја Х-2, Скопје, 347-368.
- Микулчиќ И., 1999, Антички градови во Македонија кн. 8, Скопје.
- Трухелка Ћ., 1929, Археолошке белешке Јужне Србије, Терме у Бардовцима, Гласник Скопског научног друштва V, Скопје, 71-86.
- Шурбаноска М., 1993, Римска куќа (палата) во Валандово, Maced. acta archaeol. 13, Скопје, 171-182.
- Вулиħ Н., 1961, Римско позориште код Скопља, Неколико питања из античке историје наше земље и римске старине. Посебна издања САН, књ. 346 (39), Београд, 1-23.
- Vitruvius The Ten Books on Architecture, Cambridge, 1914.