Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 323–343
Новиот голем термален објект во Скупи
На територијата од римскиот град Скупи во текот на 2008 - 2011 година се одвиваа археолошки истражувања со поголеми размери, при што беше започнато ископување на просторот од еден градски кварт, сместен во централниот дел на градот1 (сл. 1). Резултатите од истражувањата покажаа дека во квартот биле сместени два капитални објекти кои потекнуваат од различни периоди. Големината и типот на градбите наложија новите зданија да ги добијат називите Голем термален објект и Голема ранохристијанска базилика, кои воедно се градби од суштинско значење за постоењето на градот во римскиот царски период и раното христијанство. Досегашните истражувања овозможија термалниот објект да биде истражен во голем дел, а се очекува објектот да се протега на површината од целиот градски кварт2 (сл. 2).
Квартот во кој се наоѓа термалниот објект е ограничен од северната и од јужната страна со две паралелни улици decumani, а од западната страна е улицата cardo maximus. Новооткриената бања излегува на источниот тротоар од улицата кардо и се наоѓа преку пат од доцноантичката бања во соседниот кварт, која е одамна позната во археолошката наука во Македонија.3 Според распоредот на откриените простории и направените анализи на истражениот дел на новата бања, големи се индициите објектот да го опфаќа целиот градски кварт. На северната улица декуманус, која беше откриена при последните ископувања во 2011 година, во бањата е изведенвлез кој води во внатрешниот двор од големиот објект. Кон крајот на доцната антика во јужниот дел на оваа инсула врз дел од бањата е изградена Големата ранохристијанска базилика со атриум. Ѕидовите од овојголем бањски комплекс на ретки места се зачувани во височина до 30-тина cm.4 Квартот во кој се наоѓа термата зафаќа дел од просторот во кој теренот благо се спушта од Зајчев Рид на југ, од каде рамницата се шири кон реката Вардар. Со тоа, одбирот на кос терен за изградба на термата е во склад со римските принципи за изградба на ваков тип градба, задоволувајќи ги потребите за довод и одвод на вода. Чести се примерите за ваква поставеност на бањска градба, па за споредба таква е позицијата на империјалните терми во Одесус.5
Големиот термален објект во рамките на досегашната истраженост претставува градба со квадратна основа, чиј правец на протегање е североисток-југозапад.6 Откриените делови од новата скупска бања се надоврзуваат последователно со вообичаената поставеност на аподитериум, фригидариум, тепидариум и калдариум. Истражени се повеќе простории, ходници, голем двор, а во термалниот дел кај калдариумот е најден еден префурниум и остатоци од мали базени - кади. Досегашната истраженост покажува типична последователна поставеност на просториите во римска бања. Така, во јужниот дел од објектот се сместени термалните простории. Поставеноста на овие простории во бањата го потврдува барањето на законитоста на римската архитектура, калдариумот и тепидариумот да бидат свртени кон сончевата југозападна страна.7 Притоа, топлото македонско сонце било добредојдено за капењето, кои во римските бањи вообичаено биле одвивани во попладневните часови, што е спомнувано во многу научни текстови.8
Во калдариумот се значително зачувани елементите од инсталацијата за подно загревање (сл. 3). Се смета дека најочевидно покажување на римската хидраулична инженерија е изградбата на царски јавни бањи или терми, кои биле карактеристични градби на римската цивилизација. Сложеноста во изведбата на хипокаустниот систем и севкупната водоводна мрежа претставуваат цивилизациски напредок во техничка смисла.9 Калдариумот во овој термален објект во Скупи поседува базен-када со жешка вода, (alveus, solium), сместена во неговиот североисточен дел. Пространиот калдариум со апсидалното издолжување на северната страна допира до централната просторија во бањата. Всушност, тоа бил базен за врела вода со полукружна форма, чиј пречник изнесува 5,90 m. Тој е премачкан со слој хидростатен малтер со дебелина од 0,02 m. Малтерот на ѕидот во овој базен од горното подно ниво на хипокаустниот под е зачуван во височина од 0,75 m. Ѕидовите кон југ формираат правоаголен изглед на просторијата, чија широчина е 7,90 m, истражената должина е 11,40 m, а просторијата продолжува под ранохристијанската базилика изградена врз тој дел од бањата. Аглите од ѕидовите на калдариумот се силно зајакнати, што покажува дека носеле високо поставена покривната конструкција, можеби куполна, како што биле архитектонски решени термите од империјален тип низ Империјата. Тоа секако укажува на примена на полукалоти и полуобличести сводови, кои ги носеле ѕидовите со голема ширина особено на аглите и нивниот начин на ѕидање.
Под подот на калдариумот е сместено подното загревање - хипокаустниот систем.10 (сл. 4). На источната подолжна страна на калдариумот е сместено ложиштето, кое се употребувало од дворот на бањата. Од отворот на ложиштето е зачуван прагот од надворешната страна и ѕидовите во мала височина, кои формирале лак. Подот за загревање е навидум поделен со краткиот ѕид, заради комбинирање на количина на топлина и стекнување и одржување на бараната температура во неа. Системот за подно загревање е изграден со голема раширеност во просторот, за што укажуваат поставените ѕидчиња за усмерување на топлиот воздух и густината на вертикално поставените суспензури и хипокаустните столбчиња. Од отворот за ложење кон внатрешноста на системот за загревање е изведен ходник од ѕидови, изградени од хоризонтално поставени тули. Столбчињата се изградени од тули со квадратна форма (0,28 х 0,28 m), редени во височина по седум, така што секое ѕидано столпче има височина од 0,50 m. Суспензурите ја имаат истата височина со пречник од 0,20 m. Тие се зацврстени врз керамички тули со слој на глина или биле поставувани директно врз малтерниот под. Горното подно ниво на просторијата е изведено со хоризонтално поставени големи керамички тули (0,57 х 0,58 х 0,065 m) и со нив се премостувал празниот простор меѓу столпчињата и суспензурите. Врз нив бил нанесен дебел слој хидростатен малтер (со дебелина од 0,12 - 0,15 m). Горната површина на мазно зарамнетиот малтерен под е изведена со покрупни делчиња на кршени тули (сл. 5). Во јужниот дел од хипокаустниот под од источната страна е изграден ѕид, нормално поставен на надворешниот, кој ја пресекува внатрешноста на подот. Неговата височина изнесува 0,50 m, со што се потврдува височината на двете нивоа од подниот систем за загревање. Овој ѕид е изведен во истата техника на ѕидање како северниот ѕид со полукружна форма, односно ѕидаријата е полнетица од ситен чакал со малтер, т.н. римски бетон во градежништвото. И овој ѕид на површината е замалтерисан со слој од хидростатен малтер, како останатиот дел на просторијата. Кон југ подот е исполнет со 6 реда ѕидани столпчиња и суспензури, употребени по правилото на редење во хипокаустните подни системи. Во западниот дел на калдариумот била сместена када, за која веруваме дека била наменета за топла вода, а која е зачувана само во траги.
Кладариумот продолжува на југ под нивото на новооткриената Голема ранохристијанска базилика, која е датирана во почетокот на VI век11 (сл. 6). Продолжувањето на калдариумот кон југ покажува дека оваа просторија зафаќа простор во должина од околу 30 m, заради чие затоплување веројатно било во употреба уште едно ложиште. Продолжувањето на хипокаустниот систем кон југ укажува дека затоплуваниот простор бил со големи димензии и дека имал задача да загрева повеќе кади или базени. Во еден агол од ѕидот на североисточната страна бил изведен отвор, кој служел за исфрлање чад од загреаниот под, за што служела керамичка цевка со посебни димензии.12
Во северниот дел на градбата се наоѓа аподитериум кој има правоаголна, издолжена форма и димензии 20 х 7,40 m (сл. 7). Источно од аподитериумот се наоѓа ходник со ширина од 2,80 m, во кој од северната страна се влегувало од улицата decumanus maximus, а кој водел кон големиот двор со централна позиција на комплексот. Објектот продолжува кон исток, со чие доистражување ќе се добијат многу податоци за големината и формата на бањата (сл. 8). Бањскиот комплекс се протега во должина од речиси 68 m. Во ширина, досегашните истражувања покажуваат дека тој достигнува над 30 m, но со показатели на негово продолжување, така што тој ја опфати целата градска инсула.
Централната просторија во многу нешта се одделува од останатите простории во објектот (сл. 9). Просторијата има издолжена форма (14,80 х 9,50 m) поставена на повисоко ниво од околните, а подот и долниот дел од ѕидовите се изведени од дебел слој хидростатен малтер, завршен од горната страна со мермерно поплочување. При истражувањата се утврдени две нивоа на подот, чија изведба покажува дека биле изведени во различни временски периоди. Во неа нема изведено подно загревање.13 Оваа просторија кон исток завршува со ниша, во форма на мало апсидално проширување, чиј дијаметар изнесува 3 m, а кое во внатрешноста било целосно поплочено со мермерни правоаголни плочкисо зелени нијанси, кои ги покривале ѕидовите на апсидата. Подниот дел од неа бил поплочен со подебели мермерни плочки од истиот мермер, а дека и подот на останатиот дел од просторијата бил поплочен со мермерни плочи, сведочат зачуваните неколку плочки во еден агол. Во нишата била поставена голема мермерна скулптура на божицата Венера, која доминирала во оваа просторија, очигледно многу значајна за градбата.14 Оваа просторија била централно поставена во западниот дел на бањата, во која се собирале посетителите како главно место за комуникација. Внатрешните димензии на просторијата се 11 х 6 m, без апсидата. Во последната преправка на објектот оваа просторија од западната страна била скратена, така што должината била сведена на 6,40 m, на сметка на добиениот простор за значително помала влезна просторија од истата страна, односно од страната на улицата кардо. На теренот се констатирани две фази на преѕидување на оваа просторија (сл. 10, 11, 12).
Ѕидовите на централната просторија и калдариумот се изведени од камења со различна големина, со кои се запазени хоризонтални редови, а се поврзувани со дебел слој од бел варовен малтер, односно биле потопувани во малтерот во стилот на т.н. римски бетон.15 Само на некои места се видливи редења на тули со кои се утврдувала хоризонталата при ѕидањето. (сл. 13, 14). Начинот на ѕидање поголеми внатрешни простории да бидат покриени без внатрешна потпора било условено од користењето на бетонот. Тоа, пак, придонело да се градат поголеми и комплексни бањи, со честа примена на отворен простор и покриви на сводови.16 Подовите на овие две простории биле изведени од хидростатен малтер. Во шутот од калдариумот се констатирани остатоци од фрескодекорација, кај која доминираат темноцрвена, сина и окер боја. На нив е можно распознавање потесни и пошироки ленти, делови од ликовни претстави и графити, додека, пак, ѕидовите на централната просторија биле декорирани со мермерни плочи со светлозелена и светлоцрвена боја. Во шутот од централната просторија се најдени фрагменти од ѕиден мозаик, на чија површина имало тенка златна фолија (сл. 15, 16).
Ѕидовите на аподитериумот се изградени од правилно изведени хоризонтални редови од тули и камења, исто така поврзувани со бел варовен малтер. Внатрешноста на ѕидовите од аподитериумот се измазнети со дебел слој бел малтер, а на малтерниот слој нанесен на надворешната страна на ѕидовите изведени се низа вкрстени врежани линии кои можеле да послужат за полесно прицврстување на украсни плочки на фасадите (сл. 17).
Во средишниот дел од целиот објект, каде се протега внатрешниот двор/атриумот, просторот во височина од околу 2 m беше исполнет со речиси целиот градежен материјал од урнувањето на западниот дел на зградата. Наоѓањето на градежниот материјал само на оваа страна на објектот укажува на наглото урнување на објектот кое можело да биде предизвикано од земјотрес.
Средишниот дел од овој голем објект претставува дворно место, во кое само во еден дел се одвивале активностите поврзани со техничкото одржување на системот за загревање во термалниот објект. Во ѕидовите од ходникот меѓу аподитериумот и т.н. централна просторија биле поставени канали за одвод на вода. Дворното место, иако не е доистражено, покажува елементи на уреден и осмислен атриум, приготвен за разонода на посетителите. Атриумот заземал голема површина, кој со изградени рабници за седење на фасадата бил приготвен за подолготраен престој во него. Во дворот се најдени остатоци од долг масивен столб со измазнета површина и фрагменти од јонски капители, кои според димензиите и видот на каменот со бледо жолта боја припаѓале на иста колонада17 (сл. 18). Положбата во која е најден укажува дека бил поставен во источниот дел од термата кој е неистражен. Очигледно е дека столбот заради големината и тежината при уривањето не можел да биде многу поместен од своето лежиште, што укажува дека во источниот дел на термите веројатно се наоѓале колонади со јонски капители. Нејасна е нивната намена, но можеби станува збор за палестра или, пак, се во состав на уште поексклузивен дел од објектот, каде може да се очекува главниот влез во него.18
Фасадата на зградата од страната на дворот е невообичаено разиграна. Централната просторија и калдариумот таму формираат мала ниша, на чии ѕидови се изведени рабници за седење. Во нишата е in situ најден еден почесен споменик. Тој е изработен од камен, има правоаголна форма и е вертикално поставен во аголот од дворот. Врз него е поставен капител, украсен со палмови листови (сл. 19). Капителот е споен со споменикот со лиена бронза, а отворот од горната страна на капителот укажува дека врз него стоел друг непознат предмет, кој можеби најмногу го означувал карактерот на посветеноста на споменикот. На предната страна од споменикот е испишан текст на латински јазик, кој го поврзува подигањето на термалниот објект со едил во градот Скупи.19 Едилот бил декурион на колонијата и заради почест кон едилската должност, со декрет на Советот на декурионите, му било доделено местото за поставување на ова обележје. Подигањето на термите го поврзуваме со функцијата на едилот во градот.
Уште еден камен споменик е најден на просторот од Големиот термален објект (сл. 20). При ископувањето на централната просторија е најден дислоциран вотивен олтар. На едната страна од жртвеникот има врежан текст на латински јазик поставен во рамка. Текстот зборува за посветеноста на возвишената божица Венера на жителите на колонијата Скупи од именуваните дуумвир квинкенал Јулиус Антониус Лупус и неговата сопруга Гентијане.20 Вотивниот олтар е најден веднаш до улицата кардо, па оттаму помислата дека вака важен споменик за градот, кој е во врска со градската бања, би бил поставен токму на главната улица во градот.
Во апсидалниот простор на централната просторија била поставена голема мермерна скулптура на Венера Пудика21 (сл. 21). Статуата на Венера беше пронајдена во просторот веднаш до апсидалниот ѕид, во испружена положба, речиси во целост, легната на нејзината задна страна. Скупската статуа е изработена од бел ситнозрнест, прецизно измазнет мермер со потекло од островот Парос во Егејското Море. Цртите на главата, фризурата, погледот и нејзината поставеност, потоа издолжени раце со кои го сокрива голото тело, делфинот поставен до нозете, упатува дека скулптурата е дело на големи мајстори на антиката, увезено од некој голем скулпторски центар од Источниот Медитеран. Скупската скулптура припаѓа на типот Венера Пудика22 и претставува врвно дело на римски скулптори, следбеници на Праксителовата уметност, изработена во II век.
Божицата Венера е често поставувана во термални објекти, со што се искажувала поврзаноста на Венера со водата. Голото тело на божицата и присуството на делфинот се поврзуваат со митолошката претстава на излегување на Венера од морската пена, што во римскиот период бил чест мотив применуван во бањите со поставување скулптури или како тема на ѕидни фрески. Присуството на извонредната скулптура на Венера уште повеќе го зголемува значењето на овој голем и значаен објектот во градот. Нејзината поставеност во апсидата имала доминантна положба во однос на просторот на централната просторија во објектот, па посетителите на бањата несомнено имале пријатна можност да уживаат во присуството на ова омилено божество кај Римјаните.23
При истражувањето на дел од просториите од северниот дел на градбата се најдени повеќе делови од камени споменици или од архитектонска декорација, секундарно поставени во времето на доцната антика, како дел од т.н. микростанбен комплекс. Меѓу нив за одбележување е еден камен постамент со димензии: 1,35 х 0,40 х 0,52 m, каде на предната страна во релјеф е претставен орел со раширени крилја, кој со канџите од нозете држи венец. Овој империјален мотив бил често присутен на споменици и јавни згради низ Империјата24 (сл. 22).
Големиот број монети, фрагменти на грнчарски садови, глинени ламби, многу стаклени садови, коцка за играње изработена од коска, разни метални предмети, укажуваат за разновидната функција на просториите во бањата. Повеќето фрагменти од мозаици, како подни изведени од поголеми тесери врз дебел слој на малтер така и ѕидни мозаици, каде што била употребена и златна фолија, заедно со бројните фрагменти од фрески изведени во богат колорит и разновидни графити омилени во римската уметност, укажуваат на карактерот на овој голем термален објект во Скупи.
Проучувањата на оваа бања од јавен карактер покажуваат дека градбата била изградена во II век. Зградата опстојувала долго време. Остатоците од неа укажуваат дека во неколку пати биле изведувани градежни измени на планот. Крајот од доцната антика е последниот период на користење на просторот од бањата, кога на тој простор се протегале дел од живеалиштата од т.н. микростанбен комплекс во Скупи.
Во многу градови од Римската Империја, особено термалните објекти опстојувале во многу долг период, иако составните делови од овие објекти, особено хипокаустните системи, биле подложни на чести уништувања, па со тоа следеле бројни поправки и преправки. Овие објекти биле многу скапи за изведба, биле целосно или делумно користени и во доцноантичкиот период, што е случај и со Големиот термален објект во Скупи. Со досегашните ископувања на бањата истражен е голем дел од неа, а за откривање на целосен обем и изглед потребни се натамошни големи истражувања. Анализите на досегашните ископувања на теренот покажаа дека објектот е изграден во II век, во време на големиот градежен подем од раноцарскиот период, па со извесни преправки опстојувал и во периодот на доцната антика.25 Во прилог на тоа се датирањата на вотивниот олтар посветен на Венера26 и скулптурата на Венера Пудика27 во II век. Евидентни преправки објектот доживеал во текот на IV век и во таква форма бил во употреба веројатно до V век. Потоа, во почетокот на VI век врз дел од него е изградена ранохристијанска базилика, пред чија изведба биле урнати дел од бањата заедно со скулптурата на Венера, а само северозападниот дел од зградата бил преправен и преграден и бил употребуван до крајот на доцната антика, кога врз целата градба биле градени малите трошни куќи за живеење и по некоја работилница од т.н. микростанбен комплекс од периодот на VI и почетокот на VII век.28 Не може со сигурност да се каже кога бањата престанала да се употребува, но секако дека е во прашање периодот од доцната антика, бидејќи во меѓувреме следат разни преправки на делови од бањата, со кои просториите се посебно приспособени како помали простории сместени до улицата кардо, но и до северната улица декуманус со можност за нивно користење од страната на наведените улици. Тие простории биле користени како продавници, но и работилници за изработка на помали утилитарни предмети. Како важен момент при анализите врзани за престанокот на користењето на објектот како бања е наоѓањето на огромното количество градежен шут и паднатата скулптура на Венера Пудика во просторот на атримуот од бањата, веднаш до местото на кое била поставена. Заедно со неа во шутот беа најдени остатоци од делови од неколку ѕидани конструкции во форма на лаци.29 По урнувањето на калдариумот и централната просторија со скулптурата на Венера, како следен културен хоризонт се појавуваат остатоци од просториите од т.н. микростанбен комплекс датиран во крајот на доцната антика, хоризонт кој се одликува со крајно поедноставен начин на изградба и живот во него. Овој културен хоризонт не е насекаде на просторот од бањата поставен со претходно нивелирање на тлото, односно со затрупување на остатоците од претходниот период и зарамнување на површината на земјата. Напротив, микростанбениот комплекс е поставен и на многу пониско ниво, односно го има и врз остатоци од долниот хипокаустен под на калдариумот. Затоа, не може со точност да се одреди крајот од постоењето на бањата, имајќи ја предвид пренамената на просториите свртени кон двете улици кои егзистирале до крајот на доцната антика. Според составот и начинот на наоѓање на градежниот шут, големи се показателите дека земјотрес го урнал објектот при крајот на доцната антика, кога настапила изградбата на доцноантичкиот микростанбен комплекс на Скупи. Во меѓувреме егзистирале само пренаменетите помали простории до улиците, како остаток од некогашниот голем бањски објект. Со тоа останува нејасно постоењето на делот од бањата со топлите простории и централната просторија со скулптурата, покрај новата намена на приспособените помали улични простории во периодот на доцната антика во IV-VI век, односно дали кај нив престанала примарната намена. Измените на градбата во доцната антика претрпеле неколкуте новооформени простории до улицата кардо кога станале простории со влезови од улиците. Инаку, јавното капење во Империјата cè уште било актуелно во IV и раниот V век, што се согледува на пример преку бањите во Остија, кога само една од богатите доцноантички резиденции имала своја бања.30 Секако дека со истражувањето во целост на Големиот термален објект во Скупи ќе се овозможат услови за негова подетална и попрецизна детерминација и откривање на сите особености.
Бањите се најсуштествените урбанистички и проектни решенија на римската архитектура, како сложен градежен објект, како умешност на доведување и одведување на водата и како традиција кон култот на нега на телото. Јавните бањи се редовно големи и раскошни градби, односно комплекси од градби со простории за топла и студена вода, базени и други дополнителни простории. Римската смисла за синтеза за едноставност, за строгост на пропорциите и за практичност, ни во едно друго подрачје не дошол до полн израз како во архитектурата. Термалните објекти биле од особен интерес на проучувачите на римската архитектура уште во античко време. Современите автори ја потврдуваат тежината во класифицирањето, а со оглед на степенот на големината, разновидноста и истакнатоста на урбаното градење, ги вбројуваат во неколку групи.31 Истражувањата на новата скупска терма покажуваат дека објектот се проширува кон источната страна. Во тој правец продолжуваат да се редат простории со кои ќе го заокружат атриумот. Според сите нејзини карактеристики, скупската терма би можело да биде вброена во типот империјални терми со симетрична поставеност кои формираат блок, чиј претставник на Балканот со најкомплексна изведба е бањата во Истмија кај Коринт.32 Бањата во Истмија е изградена во II век врз остатоци од хеленистичка, а била во употреба до крајот на IV век и во неа двата реда простории, топли и ладни, се редат паралелно. Според досегашниот истражен дел од скупската терма и повеќето градежни елементи кои се наоѓаат на теренот, таа припаѓа на типот од посочената бања. Следна бања, од низата бањски градби на Балканот со сличен распоред е таа во Улпија Ексус (Ulpia Oecsus) во областа Плевен, Бугарија.33 Овие бањи се со малку помали димензии од скупската. Изградени се исто така во раноцарскиот период, а централниот простор кај нив е средишна просторија со монументални димензии, додека кај скупската е голем организиран двор. Во однос на централната просторија, која води потекло од поранешна палестра, околу која се нижат паралелно поставени споредни простории и во поедноставна форма кај помалите бањи, се смета дека овој архитектонски план е стандарден во Римската Империја, за подоцна од него да бидат изведени разни слични типови на бањи. Сепак, основна поделба на римските бањи е во два типа: балнеа и терма. Малите приватни бањи биле наменети за поексклузивна клиентела, каде се избегнувала вревата и гужвата од многу посетители. Balnea била јавна зграда за бањање, изградена како приватен посед за профит и објектите од тој тип често биле изнајмувани за таа намена. Thermae, јавните бањи, биле прекрасни зданија, подарок за народот од богати жители, а потоа и од императорите. Првата разлика меѓу нив е што балнеата е мала зграда, често во приватна сопственост и погодна за сместување на градско земјиште, додека термите се големи зданија, на пример, како тие на Каракала, речиси секогаш биле сопственост на градот или државата и зафаќале голем простор. Големите бањи биле поставувани како јавен подарок, тие првично биле основани од државата или градот, а честопати биле основани и од приватна донација.34 Како и да е, мотивацијата од патриотизам, филантропија или политичка замисла за стекнување популарност, резултатите од секој тип донации за бањите придонеле за создавање на важна урбана средина за жителите на поголемите градски средини.35
Римските бањи имале многу други функции покрај основната намена за одржување на хигиената, а нивната јавна природа правела погодна средина за развој на социјалната врска преку одвивање разговори во обична секојдневна средба, бизнис-договори, до добивање информации за крупни политички случувања.36 Бањите изградени до I век пр. н.е. cè уште имале случаен распоред на просториите, без обид за редовна примена на составот на просториите, било линеарен или симетричен. Со изградбата на Нероновата бања архитектонскиот план за голем објект заснован на симетрична оска, бил прв од таков вид. Симетричниот план продолжил во конструкциите на бањата на Тит, која била подоцна покриена од бањата на Трајан. Изгледа дека cè до времето на Трајан империјалните градежни проекти во Рим не се карактеризирале со униформираност. Размислувањата на проучувачите водат кон помислата дека од бањата на Трајан до императорската бања во Триер во IV век има сепак малку разлики. Неопходно е правењето разлики меѓу големите официјални згради во кои оската е предоминантна кај повеќето смели згради, како таа на Централната бања во Помпеја. Подоцна композицијата содржела помалку ригорозност и патеката на движење, аподитериум, фригидариум, тепидариум, калдариум и враќање во аподитериумот, станува позначајна отколку геометриската дисциплина во организирање на просторот. Благодарение на симетричното повторување на просториите, било овозможено враќање во фригидариумот или аподитериумот преку поврзувачки простории наредени околу централниот двор.37
Во провинциите на државата доминираат бањи со помали димензии, што може да се должи на нивната неспоредлива економска моќ, социјален и културен статус во однос на Рим, каде се изградени бањски комплекси од највисоките дострели на римската архитектура.38 На Балканот, пак, честа карактеристика е отсуство на некоја од просториите вброени во правилата за изградба на термални објекти, што веројатно е одраз на хеленистичките традиции, за поедноставен режим на капење од римскиот. Во Македонија39 само Големиот термален објект во Скупи претставува бања од империјален тип од раноцарскиот период. Останатите откриени бањи се доцноантички и со поинаков карактер. На територијата од Србија меѓу мноштвото антички бањи од раноцарскиот период Виминациум имал јавни терми од I-IV век, Маргум имал балнеум од II-IV век.40 Во Бугарија во градовите Одесус, Сердика, Филипополис имале големи терми од императорски тип.41
Термите изградени во раноцарскиот период практично го оддаваат слободарскиот дух на периодот, воведувајќи ги теориите за новиот отворен стил на живеење, во многу аспекти исполнет со навраќање кон хеленистичките естетски и морални вредности, воедно ги демонстрираат богатството и моќта на новата елита, која во чекор ги следи однесувањата на императорите. За значењето на бањите во доцниот републикански и раноцарскиот период зборува и записот на Агрипа од I век, каде вели дека во 33 год. пр. н.е. во Рим имало 170 бањи.42 Заслугата на Агрипа е и податокот за преземањето на контролата врз одржувањето на јавните бањи во градот, со што овој вид ангажман станува дел од професијата на административно високо позиционираните личности, како што се censoros или aediles.
Термалниот објект во Скупи со големината, бројноста на просториите, редоследот на нивната поставеност во објектот, големиот централно поставен и просторно осмислен атриум, ретко убавата и ценета изведба на мермерната скулптура на Венера, како и со камените споменици во него, наговестува дека тоа бил голем комплекс изграден во централното градско јадро и податоците што ги нуди овој објект се од суштинско значење за позицијата и рангот на овој римски град.43 Особеностите на термата во Скупи се препознатливи кај бројни големи термални градби во римската држава низ целиот раноцарски петриод.44 Според големината на античкиот град Скупи, за потребите на бројното население низ целиот период од постоењето на градот не биле доволни досега откриените две бањи во градот, кои потекнуваат од раноцарски и доцноантички период и затоа се очекува во градот да бидат откриени уште објекти од ваков карактер. Пронаоѓањето на ваков капитален објект го потврдува културното и социјалното ниво на жителите во градот, со што Скупи покажува дека бил вистински припадник на Римската Империја.
Белешки
- Истражувањата на Големиот термален објект на локалитетот Скупи ги изведе Музејот на град Скопје, чиј раководител беше М. Ончевска Тодоровска, фотодокументацијата ја изработи С. Неделковски, а техничката документација К. Грујевска, дипл. инж арх. Onchevska Todorovska M., 2009b, 75-84. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 97-120. ↩
- Како и во останатиот дел на Скупи, и на просторот на Големиот термален објект зачуваноста на ѕидовите е минимална, заради уништувањето од катастрофалниот земјотресот во 518 година, заради изведувањето на градежни дејности од следниот културен хоризонт во времето на крајот на доцната антика (VI и почеток на VII век) и заради нарушувања на тлото од современите скопски изградби на привремени објекти од монтажен карактер, што е видливо на голем дел од територијата на античкиот град. ↩
- Бояджиев С., 2006, 37-79. ↩
- Терминот„термален објект“ по низата консултирања со литература од бројни странски истражувачи за овој тип градби, е усвоен како најприкладен во искажувањето и определбата на бањскиот комплекс со големи размери, а кој немора да биде исклучиво поврзан со користење на природни термални извори. ↩
- Vitruvius, De Arch. 5. 10. 1 Витрувије, 2006, 113-115. ↩
- Yegül F., 1992. ↩
- Kosso C. - Scott A., 2009, 330. За време на империјалниот период бањањето станало дел од прифатениот режим за лична хигиена, но пред тоа за социјализирање и рекреација, за разлика од самиот почеток на употреба на бањата за лично здравје и чистење. Во републиканскиот период се бањале во домот во мали соби, наречени лаватрини, сместени блиску до кујната за да се користи топлотен извор. Почетоците на изградба на јавни бањи се во крајот на III век пр. н.е. ↩
- Најрана археолошка потврда од систем за подно загревање, познат како hypocaust, бил најден во стобските бањи датирани во доцен II век пр. н.е. Во ниедна од многуте евидентирани империјални терми не е зачуван во целост системот за загревање, како што римското пристаниште Остија нуди точни показатели за оваа проблематика. Проучувачите на римските бањи посочуваат два вида на системот за загревање на водата. Според пишувањето на Витрувиј, римскиот архитект од времето на Август, имало два употребливи резервоари, од кои еден бил бојлер, сместен врз ложиштето, а вториот систем вклучувал употреба на резервоар наречен „желкина школка“, со што на пониско ниво на бањата загреаната вода била во можност да циркулира низ базените. Овие успешни начини на загревање на водата биле користени во сите делови на Империјата. Како придружен услов за успешно загревање била применувана ориентацијата на просториите кон сончевата светлина. ↩
- Ončevska Todorovska M., 2009а, 97-111; Ončevska Todorovska M., 2011, 365-380. ↩
- Во овој текст се опфатени сознанијата од истражувањата до 2011 година. За истражувањата на јужниот дел од калдариумот, кои се наоѓаат под атриумот на ранохристијанската базилика, изведени во 2013 година, види: Jovanova L. - Ončevska Todorovska M., Scupi southeastern defensive wall sector and the thermae-atrium complex. Skopje (во печат). ↩
- При ископувањето на овој дел од бањата е направена контролна сонда, со што покажа дека под оваа просторија немало систем на подно загревање. ↩
- Ončevska Todorovska M., 2012, 347-358; ↩
- Се смета дека првиот римски бетон почнал да се користи околу 300 г. пр. н.е. и во него како врзивно средство бил употребуван „пуколански“ цемент од Пуцола (Puzzola) кај Непаол. Бетонот се состои од цемент, агрегати, како што е чакал, песок и вода. При мешање на овие состојки, водата и цементот прават хемиска реакција, хидратација. Резултатот е материјал сличен на особините на каменот. Бетонот има голема сила на компресија, а мала на затегање, односно тој е цврст и поднесува голема тежина, со мала свитливост. Римјаните со воведувањето на овој материјал во градењето ги зачувале од пропаѓање големите објекти, од кои некои и денес делумно опстојуваат. ↩
- Fagan G., 2002, 83. ↩
- Пречникот на столбот изнесува 0,80 m во најширокиот дел, а зачуваната должина изнесува 2,70 m. ↩
- Како можни решенија се примерите од Остија, каде една од многуте бањи, т.н. Терма на шест столба, од првата половина на II век, во просторот на внатрешниот двор има две колонади од масивни столбови, кои оформуваат палестра. Во друга бања во Остија, т.н. Терма на Нептун, која има квадратна основа, речиси половина од неа е ↩
- Onchevska Todorovska M., 2009b, 79-80, сл. 6, 7; Basotova M., 2011, 361. Текстот испишан на латински јазик: Aug (ustae, usto) sacr(um) / Q(uintus) Axenna / Q(uinti) f(ilius) Fab(ia) Rufus / dec(urio) col(oniae)/ ob honor(em) / aedilitatis / l(ocus) d(atus) d(ecreto) d(ecurionum). ↩
- Basotova M., 2012, 259-366, текстот испишан на латински јазик: Deae Vene(r)I / aug(ustae) sacr(um) / M(arcus) Ant(onius) Lupus II / vir item II vir q(uin)q(uenalis) / col(oniae) Scup(inorum) et Ae / lia Genthiane / eius. ↩
- Ončevska Todorovska M., 2012, 347-358, каде при печатењето е изоставена фотографија на конзервираната и реставрираната скулптура на Венера Пудика. Во овој текст е прикажана на сл. 21 и може да се види извонредно ретката изведба на скулптурата, по изведената конзервација и реставрација на делото поставено во изложбената ↩
- LIMC VIII/1-1997, 192-230. Скулптурата е опредлена како тип IV: Венера необлечена што стои, варијанта А: Книдска, Капитол, Медичи. Венера од Скупи, кат. бр. 143. ↩
- Ončevska Todorovska M., 2012, 357; Ončevska Todorovska M., 2016, 71-73, fig. 7. ↩
- Ončevska Todorovska M., 2016, 69, fig. 6. ↩
- Анализите се правени на основа на истражената архитектура и преку бројните движни наоди на грнчарија, метални и коскени предмети и монети. За изделување се: монета најдена на подот во централната просторија со скулптурата на Венера, која е кована од Клавдиј (инв. 25339); монета која припаѓа на II век најдена во апдитериумот (инв. 26068); монета најдена во дворот на бањата кована од Хадријан (инв. 26243); Oncevska Todorovska M., 2016, 63-67. ↩
- Basotova M., 2012, 364. ↩
- Ončevska Todorovska M., 2012, 355. ↩
- Во контекст на забелешка бр. 21 најдоцните монети потекнуваат од V и раниот VI век. За одбележување е златна ↩
- Беа најдени речиси цели ѕидани конструкции во форма на лаци и други делови од ѕидање со тули и малтер, кои, за жал, при обидот да бидат евидентирани и извадени од шутот, веднаш по откривњето се распаднаа. ↩
- Ward-Perkins J. B., 1977, 148-149. ↩
- MacDonald W. L., 1986, 116, каде е претставена следната класификација: ↩
- Gregory T.E., 1995, сл. 2-3; Farington A., 1987, 50, каде во исцрпната анализа на термални објекти во југозападна Мала Азија прави нивна типолошка анализа: комплекс бања-гимназиум и придружни згради, деловите од зградата на бањата се поставени во низа, деловите од зградата на бањата формираат блок, комплекс бањи каде централно има правоаголна галерија. ↩
- Иванов Р. Т., 2007, 9-24, авторот наведува дека во 250 година Готите го нападнале градот, кога објектот бил урнат. ↩
- Yegül F., 1992, 43-45, 47. ↩
- Kosso C. - Scott A., 2009, 330-334. Во V век околу 1500 луѓе можеле во исто време да престојуваат во бањата на Каракала, а двоен број посетители во Диоклецијановата. Архитектурата на овие империјални бањи е толку грандиозна што во XIX и XX век американски архитекти ги искористиле како модел при конструирање на главната железничка станица во Њујорк. ↩
- Yegül F., 1992, 30. ↩
- Adam J. P., 2005, 562. ↩
- Општо познати се седум бањски палати во Рим изградени од императорите Агрипа, Неро, Титус, Трајан, Каракала, Диоклецијан и Константин. ↩
- Миклучиќ И., 2003, 154-159, 160-163; Gjorgjievska A., 2009, 69-74, Нацев T., 2008, 95-109; Тасева С. - Секулов В. П., 2007:,105-116. ↩
- Јеремић Г. – Гогић А., 2012, 27. Прикажан е список со вкупно 38 терми и балнеуми во римските провинции на тлото од Србија. ↩
- Бояджиев С., 2006, 37-79; Madjarov M., 2009, 59-68. ↩
- Adam J. P., 2005, 562; Grimal P. – Woloch G. M., 1983, 73-74. ↩
- Обожувањето на бањите и нивното практикување од Римјаните може да се сумира и преку епитафот на извесен Tiberius Claudius Secundus:„Бањите, виното и љубовните доживувања ни го искористуваат телото, но, бањите, виното и љубовните доживувања ни го разубавуваат животот“ (Kosso C. – Scott A., 2009, 335, цитирано: CIL VI 15258: Balneus, vina, Venus corrumpunt nostra, sed vitam faciunt balnea, vina, Venus). ↩
- MacDonald W. L., 1986, 115-116, 210-219. ↩
Summary
The New Large Thermal Building at Scupi
The investigation of the newly discovered Large Thermal Building was part of the excavations of the central urban core of the Roman city Scupi between 2008 and 2011. The therma is located in a quarter which is limited by two parallel decumanus streets, on the north and south side, and by the cardo street on the west side. According to the disposition of the uncovered rooms and the analysis of the investigated part of the new bath, it seems that the building occupies the whole city quarter. The research to this moment has shown the typical, adjacent arrangement of the rooms in a Roman bath. The thermal rooms are located in the south part of the building in accordance with the Roman architectural propositions where the caldarium and tepidarium are oriented toward the sunny southwest side. The research of this imperial type of bath shows that the building was constructed in the 2nd century. The building existed for a long period of time during which there were several changes in the plan. An Early Christian basilica with an atrium was built on top of the south part of the bath at the beginning of the 6th century, and the rest of the building was covered by dwellings of the so-called micro-housing complex of Scupi, documented at several locations in the city.
The number of rooms, their disposition, the size of the whole thermal complex, the masonry, the rich decoration of the walls with frescoes, graffiti and mosaics with golden foil, the gorgeous statue of Venus Pudica, the two stone monuments with Latin inscriptions, one of which is a votive altar dedicated to the goddess Venus, and the other is a specific monument with a capital where the city aedile is mentioned in the inscription, and the numerous objects made of clay, metal, glass, bone and numerous numismatic material, speak of the quality of the newly discovered Large Thermal Building at Scupi.
The thermae are the most essential architectural solutions of the Roman architecture, confirmed as complex buildings, skill of water supply and drainage, and tradition of the cult of body nurturing. The public baths were regularly large and elaborate buildings i.e. complexes with rooms for warm and cold water, pools and other additional rooms. The Roman sense of synthesis, simplicity, rigor of proportions and practicality, never came to its full expression in any other area as it did in architecture.
The size of the ancient city of Scupi implies that the needs of the large population during the whole period of the existence of the city could not be served by only two baths from the Early Imperial period and the Late Antiquity. This is why we should expect more buildings of this type. The discovery of a capital building like this confirms the cultural and social level of the citizens, showing that Scupi was true representative of the Roman Empire.
Библиографија
- Adam J. P., 2005, Roman building, Materials and Techniques, London and New York.
- Basotova M., 2012, A Votive Altar dedicated to Venus from Colonia Flavia Scupi, Folia Archaeologica Balкanica, Stephanos archaeologicos In Honorem Professoris Ivani Mikulčić Vol.2, Skopje, 359-366.
- Бояджиев С., 2006, Римски терми на територията на България през 2-3 век, Археология на Българските земи, том II. София, 37-79.
- Chamoux F., 1988, De l’art grec à l’art byzantin, Cahiers Archéologiques (Mélanges Grabar) Picard, No. 36, 5-12.
- Donevski P. - Milošević G., 2009, Publican and Private baths at canabae legionis XI Claudiae, Collection of works from the Symposium “Water, life and pleasure” in 2008, NI Institut for protection of the monuments of cultureand museum – Strumica, Strumica, 51-58.
- Fagan G., 2002, Bathing in Public in the Roman World, Univ. of Michigan.
- Farington A., 1987, Imperial Bath Buildings in South-West Asia Minor, Roman Architecture in the Greek World, London, 50-59.
- Garnsey P. - Saller R. P., 1987,The Roman Society: economy, society and culture, Univ. of California.
- Gjorgjievska A., 2009, A new view and a new light of the Heraclea Bath, Collection of works from the Symposium “Water, life and pleasure” in 2008, NI Institut for protection of the monuments of culture and museum – Strumica, Strumica, 69-74.
- Gregory T. E., 1995, The Roman Bath at Isthmia: preliminary Report 1972-1992, Hesperia 64, Athens, 279-313.
- Grimal P. – Woloch G. M., 1983, Roman cities, Univ. of Visconsin, London.
- Ivanov R., 2003, Durostorum, Roman and Early Buzantine Settlements in Bulgaria, Sofia, 75-86.
- Иванов Р. Т., 2007, Римски градове в България, Енциклопедична поредица 2-виж, България, София.
- Јеремић Г. - Гогић А., 2012, Римске терме у Чачку, Чачак.
- Кораќевиќ Д., 2002, СКУПИ, Градска територија, Скопје.
- Kosso C. - Scott A. (eds), 2009, The Nature and Function of Water, Baths, Bathing and Hygiene from Antiquity through the Renaisance (Aryaomntri D.C., Running Water: Advances in Urban water supply during the Roman Empire), Leiden, 319-336.
- LIMC VIII/1-1997, Lexicon Iconographicum Mythologiae Classicae, VIII/1-1997, Zürich-Düsseldorf.
- MacDonald W. L., 1986, The Architecture of the Roman Empire, vol. II, Yale Univ.
- Madjarov M., 2009, Late Roman Thermal complex in Diocletianopolis, Collection of works from the Symposium “Water, life and pleasure” in 2008, NI Institut for protection of the monuments of culture and museum – Strumica, Strumica, 59-68.
- Микулчиќ И., 2003, Стоби - антички град, Скопје.
- Нацев Т., 2008, Доцноантичкиот град Баргала, Штип.
- Oncevska Todorovska М., 2009a, The Great Early Christian basilica in Scupi and Early Christianity, Macedonian Heritage 34-35, Skopje, 97-111.
- Onchevska Todorovska М., 2009b, The Great Thermal building in Scupi, Collection of works from the Symposium “Water, life and pleasure” in 2008, NI Institut for protection of the monuments of culture and museum - Strumica, Strumica, 75-84.
- Ончевска Тодоровска М., 2011, Новата голема ранохристијанска базилика од Скупи, Maced. acta archaeol. 20, Скопје, 365-379.
- Oncevska Todorovska M., 2012, The Statue of Venus Pudica from Scupi, Folia Archaeologica Balкanica II, Stephanos archaeologicos In Honorem ProfessorisIvani Mikulčić, Skopje, 347-358.
- Oncevska Todorovsk M., 2016, The inspiration from the Roman Imperialism in Scupi through the Large thermal complex and the Venus Pudica sculpture, Patrimonium.mk, Periodical for Cultural Heritage – Monuments, Restoration, Museums Year 9, No. 14/2016, 63-77.
- Ончевска Тодоровска М., Урбанистички промени во Скупи, Maced. acta archaeol. 22, (во печат).
- Popović I., 2008, Marble Sculptures from the Imperial Palace in Sirmium, Старинар, књига LVI/2006, Београд, 153-166.
- Срејовиħ Д., 1993., Римски царски градови и палате у Србији, каталог изложбе. Београд, 1993.
- Тасева С. – Секулов В. П., 2007, Хипокаустот во судаториумот од доцноримското термално лекувалиште во селото Банско, Струмица, Зборник на трудови. Во спомен на Јован Ананиев, Струмица, 105-116.
- Табакова-Цанкова Г., 1975, Паметници на античната скулптура в Казанльския музей, Известия на Бьлгарския археологически институт (IAI)XXXIII, София, 165-170.
- Теофилов Р., 2007, Римски градове в Бьлгаря, София.
- Vitruvius, De Architectura libri decem (trans. M. H. Morgan, Marcus Vitruvius Pollio, Ten Books on Architecture, Oxford University, 1914).
- Vikić-Belančić B. 1961, Istraživanja antiknog kupališta u Varaždinskim Toplicama od 1956 do 1959 godine, Vjesnik arheološkog muzeja u Zagrebu, serija III, svezak II, Zagreb.
- Ward-Perkins, J. B. 1997, Roman Architecture, New York (An unrevise translation of architettura Romana, Milan, 1974).
- Yegül F., 1992, Baths and bathing in Classical Antiquity, New York.