Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 285–322
Скупи - сектор Југоисточен бедем, културна стратиграфија (2008-2010)
Содржина
- Предисториски период
- Римски империјален период (доцен I - доцен III век)
- Постар населбински хоризонт од империјалниот период (доцен I и II век)
- Градска куќа (римски домус) - постара градежна фаза14
- Доцноантички период/постара етапа (доцен III - доцен IV/средина на V век)
- Градби од постарата етапа на доцноантички период
- Градска куќа (римски домус) - втора (помлада) градежна фаза
- Улица
- Градба со апсида (домус?)
- Микростанбен комплекс над домусот
- Доцноантички период/помлада етапа (V - доцен VI век)
- Градби од помладата етапа на доцноантички период (V - доцен VI век)
- Југоисточен одбранбен ѕид
- Други фортификациски елементи
- Градба западно од бедемот (јавна градба со неутврдена намена)
- Градба со портик (јавна градба со неутврдена намена)
- Микростанбени структури од постурбаниот период
- Средновековен период (IX-XI век)
- Средновековна населба (IX-X)
- Средновековна некропола (X-XI век)
- Завршни согледувања
Сознанијата од студиозните, систематски археолошки истражувања на локалитетот Скупи реализирани во последните педесетина години пополнија одредени празнини за топографијата, урбанистистичката структура, развојните урбани фази и стратиграфија на градот.1 Основна цел беше утврдување на положбата, периметарот, урбанистичката концепција на градот, поставеноста и димензиите на градските квартови, хронологијата на различните развојни урбани етапи, поединечните архитектонски комплекси и градби и друго.2 Сепак, голем број прашања поврзани со најраната историја, топографија, стратиграфија и хронологија на градот остануваат cè уште отворени. Пред cè, тоа се однесува на проблемите поврзани со постоењето и локацијата на воениот логор за кој се претпоставува дека претходел на основањето на колонијата Скупи.3 Освен статусот, (воен логор, цивилна населба) речиси потполно се непознати изгледот и внатрешната структура на населбата од претфлавијскиот период, пред и по основањето на колонијата до крајот на I век. Не е многу подобра ситуацијата со сознанијата за урбаниот лик на градот во периодот на II-III век.4 Наспроти тоа, истражени се неколку градежни комплекси од доцноантичкиот период (IV-VI век).5 Затоа, кога зборуваме за урбанистичкиот изглед на Скупи, тоа првенствено се однесува на урбаната структура и организација во доцноантичкиот период.
За решавање на поголем број од погоре наведените топографски и урбанистички проблеми од пресудно значење е утврдувањето на локацијата и хронолошки различните развојни фази на одбранбените градски ѕидини. Сознанија за линиите на протегање на одбранбените градски ѕидови, главно, се темелат на податоците добиени при површинските рекогносцирања и топографски сондирања на И. Микулчиќ спроведени во 1970/71 година. При неговите истражувања бил откриен мал сегмент од југоисточниот одбранбен ѕид, позицијата на североисточниот ѕид била определена според површински видливата контура, додека линиите на протегање на северозападниот и југозападниот ѕид биле претпоставени според конфигурацијата на теренот и површинските наоди. Врз основа на добиените резултати, тој смета дека обѕидието имало форма на неправилен четириаголник со димензии: 738 х 590 m и површина од околу 43 ha (intra muros). Таквиот методолошки пристап овозможил да се утврдат топографијата, димензиите, опусот и техниката на градење на делови од ѕидините, додека стратиграфијата, времето на градење, хронологијата и различните развојни градежни фази не биле определени6 (сл. 1).
Во 2000 година од страна на Рударско-геолошкиот факултет од Штип (Катедра за геологија и геофизика) реализирани се геофизички истражувања на обѕидието на Скупи.7 Во периодот од 2001 до 2005 година во неколку наврати вршени се заштитни и топографско-сондажни истражувања на делови од југозападниот и северозападниот крак на одбранбениот ѕид, но добиените резултати cè уште не се објавени.8 Наведените отворени прашања и претпоставки поврзани со топографијата, хронологијата и урбанизмот на Скупи беа основната причина да се отпочне со систематски археолошки истражувања на просторот на југоисточниот одбранбен ѕид, кои се реализирани во периодот од 2008 до 2010 година.9 Со оглед на фактот што претпоставените насоки за протегање на градските одбранбени ѕидови, главно, поминуваат на земјиште во приватна сопственост, локацијата, поставеноста и димензиите на опфатот предвиден за ископување беа условени од расположивиот простор во рамките на локалитетот со регулирани имотно-правни односи. Овие ограничувачки моменти, како единствено можен го наметнаа просторот на југоисточниот крај од оградениот опфат на локалитетот Скупи со димензии: 50 х 36 m и површина од околу 1800 m2, каде според претходните сознанија се претпоставуваше дека поминува југоисточниот крак од одбранбените ѕидини10 (сл. 1 и 2).
Во прашање е повеќеслојно наоѓалиште кое се карактеризира со голема разновидност и слоевитост на културните хоризонти кои се натслојувале, испреплетувале и надградувале на истиот простор, почнувајќи од доцнобронзеното време, преку римскиот империјален и доцноантичкиот, cè до средновековниот период. Во оваа прилика ќе се обидеме да ја претставиме сложената хронолошка слика на овој простор, пред cè, преку преглед на вертикалната стратиграфија на културните хоризонти, пооделните градежни фази во рамките на истите со обид за диференцијација на поединечните архитектонски градби и нивната намена. Висината на анализираниот вертикален стратиграфски пресек на одредени делови (југозападна половина) достигнува до 5,20 m. Целосната стратиграфска слика не е заокружена поради недоистраженост на подлабоките археолошки слоеви на северозападната половина од просторот, каде засега се евидентирани само слоевите од средновековниотпериодиделумнопоследнатафазаодпомладатаетапанадоцноантичкиот период (сл. 3).
Дополнителен отежнувачки момент при детерминирањето на хоризонтите и слоевите претставува големата денивелација, која од север кон југ изнесува речиси 2,60 m, што се должи на природната конфигурација на теренот и наталожените ерозивни наноси во текот на вековите. Освен тоа, утврдени се големи нарушувања и девастации на археолошките слоеви предизвикани од современи градежни интервенции. Евидентираните, хронолошки различни културни хоризонти се систематизирани во пет временски периоди согласно стандардната археолошка периодизација.
- предисториски период (доцнобронзено време XII-X век пр. н.е.);
- империјален период (доцен I - доцен III век);
- доцноантички период/постара етапа (доцен III - доцен IV/средина на V век);
- доцноантички период/помлада етапа (V - доцен VI век);
- средновековен период (IX-XI век).
Временската и просторна лимитираност, природната конфигурација на теренот, сложената стратиграфија, слоевитоста, современите нарушувања на вертикалната и хоризонтална стратиграфија и недоволно проучените движни наоди, условуваат во оваа фаза на истраженост дел од донесените заклучоците да се примаат со резерва.11
Предисториски период
Доцно бронзено време, XII-X век пр. н.е.
При истражувањето на темелните зони од римскиот домус, во слој на компактна кафена замја, најдени се малубројни наоди (фрагментирана грнчарија и парчиња лепеж) од преодниот период (доцнобронзено - раножелезно време, XII-X век пр. н.е.).12 Доминира фрагментирана грнчарија, меѓу која ретки се фрагментите со зачувани елементи за типолошка и хронолошка определба на садовите.13 Наодите од доцнобронзеното време се најдени вон контекст, без услови за поврзување со некое конкретно живеалиште или населбински слој, но сепак нивното присуство упатува на блиска населба чија точна локација не е утврдена.
Римски империјален период (доцен I - доцен III век)
Животот во римскиот империјален период е потврден преку остатоците од населбински слоеви, кои се хронолошки детерминирани според вертикалната стратиграфија и движните наоди. Слоевите, појавите, градбите и наодите од овој период се регистрирани во јужната половина од опфатот под доминантните слоевите и градби од доцноантичкиот период (втората фаза од градската куќа, улицата и доцноантичкиот одбранбен ѕид) (сл. 4, 13).
При истражувањата на темелната зона од југоисточниот одбранбен ѕид, на просторот западно од него, под субструкцијата на најстарата фаза од улицата, најдени се остатоци од два постари населбински слоја (?), коишто претходеле на постарата фаза од една градска куќа (домус), чија изградба и употреба, хронолошки исто така припаѓаат на овој хоризонт. Паралелно со изградбата на домусот, западно покрај него се одвивало фундирањето на една од споредните улици од мрежата кардо улици, која според локацијата можеби е првата источна улица кардо (сл. 3-7).
Постар населбински хоризонт од империјалниот период (доцен I и II век)
Субструкцијата на најстарата фаза од улицата е фундирана врз слој исполнет со интензивни горетини, пепел и запечена земја, формиран како последица на опожарување на постари архитектонски структури коишто биле градени со доминантна употреба на дрво, плитар и глина. Овој слој лежи над постар, добро изневелиран слој, исполнет со голема количина на кршени градежни тули и фрагментирана грнчарија. Содржината, изгледот и начинот на формирање на слојот упатуваат на подна подлога од градба со неидентификувана намена. Малата просторна истраженост не дозволува да се определат структурата и намената на градбите од овие два слоја кои припаѓаат на две фази од ист населбински хоризонт. Малобројните движни наоди поврзани со нив припаѓаат на империјалниот период, поточно, периодот на II и раниот III век (сл. 4, 13).
Градска куќа (римски домус) - постара градежна фаза14
Стратиграфските истражувања на просторот на градската куќа упатуваат на две основни градежни фази со повеќе преадаптации и доградби во рамките на нив. Архитектонската структура на куќата од постарата фаза не е утврдена поради лошата зачуваност, што е последица на уривање предизвикано од некој насилен деструктивен процес и градежните активности при подоцнежната обнова.
Остатоците од постарата фаза се најдени под југозападниот дел од помладата фаза на домусот, поточно, под северниот трем на перистилот и просториите северно и западно од приемната сала. Подот на северниот трем од перистилот од помладата фаза бил поставен над изнивелираните урнатини од искршени ќерамиди од стреата на северниот трем од постарата фаза. Зачувани се делови од оградните камени рабници (северен, источен и западен) на перистилот со носачи за дрвената колонада од стреата на северниот трем од постарата фаза. Внатрешноста на перистилниот двор била послана со водонепропусна подлога со идентична структура како подлогата на дворот од помладата фаза (сл. 5, 7, 10- 11). Западно и северно од приемната сала на помладата фаза најдени се остатоци од темелите на два ѕида од постарата фаза на домусот. Ѕидаријата, поставеноста и соодносот на архитектонските структури, упатуваат на мала хронолошка разлика меѓу двете градежни фази. По уривањето на постарата фаза, градбата набрзо била обновена и проширена со слична внатрешна организација и намена на просторот. Единствено се забележуваат извесни отстапувања во однос на димензиите и поставеноста на просториите, односно перистилот од помладата фаза бил поголем и незначително поместен кон североисток. Ѕидовите од постарата фаза со широчина од 55 cm се зачувани само во негатив или во најдолните темелни зони, а биле ѕидани од помали речни камења (белутраци) врзани со кал. Урнатините од суперструкцијата на ѕидовите упатуваат дека бил применуван комбиниран опус, камења врзани со малтер во долните и плитар во горните зони. Опусот на применетата ѕидаријата и нивото на вкопување се аналогни на стилот на градбите кои припаѓаат на првиот градежен период во Скупи, којшто временски главно се поврзува со империјалниот период.15 Ретките движни наоди најдени во слоевите со урнатини поврзани со егзистенцијата на постарата фаза на домусот припаѓаат на II-III век (сл. 5-7, 10).
Уривањето, девастација и напуштањето од употреба на постарата фаза од домусот биле последица на насилна деструкција пропратена со опожарување, што треба да се поврзе со некое случување од доцниот III век. Единствен настан од тој период со кој можат да се поврзат таквите насилнички разурнувања и пустошења се готско-херулските продори од 268/269 год., што треба да се смета како terminus ante quem за датирање на постарата фаза од домусот. Ваквата констатација е поткрепена со претходно утврдената културна стратиграфија на Скупи.16
Доцноантички период/постара етапа (доцен III - доцен IV/средина на V век)
Слоевите и градбите од овој временски период се само делумно истражени и тоа, главно, во југозападниот дел на опфатот. При изградбата на доцноантичкиот одбранбен ѕид, поголем дел од овие градби биле оштетени, пресечени или потполно негирани, што ја отежнува определбата на нивната архитектонската структура, диференцијацијата на градежните фази и намената. Во рамките на овој временски период се одвојуваат три основни градежни хоризонти со повеќе дополнителни интервенции, преадаптации и пренамени (сл. 7).
Прв градежен хоризонт - во доцниот III/раниот IV век била извршена обнова на претходно разурнатата градска куќа (домус). Истовремено, западно, паралелно покрај домусот, продолжила да функционира улицата, но со нов насип на коловозот, соодветно на рамништето на обновениот домус.
Втор градежен хоризонт - во текот на овој период (IV век) од западната страна на улицата наспроти домусот била изградена поголема градба со неутврдена намена т.н. Градба со апсида, која потоа извесно време егзистирала паралелно со домусот. Улицата останала во употреба, но на нешто повисоко рамниште, поради насипување на нов слој макадам на коловозот. Биле поставени рабници и прокопан одводен канал во западната половина од улицата за отстранување на отпадните води од околните градби.
Трет градежен хоризонт - кон крајот на IV век по насилното уривање и разградување на втората фаза од домусот, над изнивелираните урнатини од домусот и делови од улицата, била надѕидана нова градба т.н. Микростанбена градба над домусот (трета фаза од домусот?) со слична архитектонска структура, но различна ѕидарија. По извесно време (во текот на V век?) нова насилна деструкција предизвикала уривање, придружено со опожарување, по што микростанбениот комплекс бил напуштен од употреба.
Во текот на првите две градежни фази од овој период улицата и околните градби трпеле разновидни промени во структурата, содржината и намената зависно од новите историски, економски и социјални промени. Градбите, независно од тоа на која градежна фаза припаѓаат, поставени се во насока североисток-југозапад, соодветно на трасата на протегање на улицата и урбанистичката структура на Скупи во тој период.17
Градби од постарата етапа на доцноантички период
Градска куќа (римски домус) - втора (помлада) градежна фаза
Градската куќа била обновена и проширена краток период по девастацијата во доцниот III/раниот IV век. Во прашање е поголема градба чии димензии и архитектонската структура не се утврдени поради ограниченоста на истражуваниот простор. Градбата се протега источно покрај улицата, следејќи ја нејзината траса, односно основната насока на урбанистичката структура на Скупи (североисток-југозапад).18 Од втората градежна фаза на домусот е истражен само северозападниот дел (40 х 15 m) со издолжен правоаголен облик (сл. 7-9).
Градбата е зачувана во прилично руинирана состојба, што е последица на бројни оштетувања предизвикани при подоцнежните деструктивни процеси и градежни интервенции. Ѕидовите се широки 55 cm, при што повеќето од нив се зачувани во негатив или во темелните зони, а ретко во делот на суперструкцијата. Долните зони од суперстукцијата биле ѕидани од необработени камења со стремеж кон хоризонтално правилно редење, врзани со варов малтер, додека при ѕидањето на горните зони бил користен плитар. Димензиите, организацијата на просторот, опременоста и декорацијата на просториите упатуваат на функционална подвоеност на градбата во два дела со различна намена (сл. 6, 14).
Североисточниот дел (21 х 15 m) од куќата се одликува со едноставност и симетрична поставеност на просториите. Истражени се три простории, при што централната била попречно поделена на две помали и странично фланкирана со по една поголема просторија, од кои целосно е откопана само југозападната. Кон исток сите три простории излегуваат на трем, кој е отворен кон голем внатрешен двор обрабен со монолитни камени квадери и поплочен со камени плочи. На јужниот крај тремот е затворен со една помала просторија за која претпоставуваме дека имала пандан на северниот крај (сл. 7, 9).
Југозападниот дел на куќата (19 х 15 m) според организацијата на просториите наликува на карактеристичен римски домус со централно поставен перистил или псевдоперистил.19 Истражена е северната половина од перистилот, околу кој се групирани неколку простории со неутврдена намена. Дворот е обрабен со големи монолитни камени квадери. На југозападниот агол од рабникот е зачувана мермерна база од столбовите кои ја носеле покривна конструкција на стреата од тремовите на перистилот. Внатрешниот двор е послан со водонепропусна подлога, поплочена со камени плочи и тули. Атмосферската вода, која се слевала низ отворениот покрив преку мал отвор од внатрешната страна на источниот ограден ѕид истекувала во одводен канал од тули. Над североисточниот дел од рабникот е најдено дислоцирано камено круниште од бунар кој веројатно функционирал во рамките на дворот20 (сл. 5, 10-11). Северно, аксијално на перистилот е поставена главната просторија (сала) за која веруваме дека била наменета за прием. Салата во долно ниво (под подот) со потпорен преграден ѕид била поделена на две половини, при што источната имала подното затоплување, за разлика од западната, која е ориентирана кон перистилот. Таквото решение упатува на различна намена на просторот во салата во зависност од степенот на загревање. Во урнатините на салата се најдени делови од квалитетна архитектонска пластика (столбови, бази, капители), ѕидна и подна декорација (штукатура, фрески, разнобојни мермерни плочи), што е доказ за луксузно декорираниот ентериер на просторијата. Подното греење, раскошната опременост и нагласениот репрезентативен свечен карактер се показатели за посебноста на главната сала, што упатува дека веројатно била наменета за прием на гостите (сл. 11).
Северозападно од централната приемна сала и перистилот се откриени делови од четири простории, од кои една е во директна комуникација со централната сала. Југоисточно од централната сала се зачувани остататоци од две простории, при што источната имала комбинирана намена, како складиште за огревните дрва и манипулативен простор при ложењето на префурниумот кој се наоѓал на југоисточниот ѕид од салата. Местоположбата, организацијата и опременоста на просториите наметнуваат заклучок дека североисточниот дел од куќата, веројатно имал стопански, додека југозападниот дел имал репрезентативен, станбен карактер. Ѕидаријата и поставеноста на ѕидовите од двата дела на градбата упатуваат на извесна хронолошка предност на југозападниот во однос на североисточниот дел.
По насилното уривање на првата градежна фаза во доцниот III век, домусот, бил обновен и проширен во доцниот III/раниот IV век, што е поткрепено со монети од Диоклетијан, Ликиниј I и Константин I најдени во субструкцијата на подовите од тремовите на перистилот и свечената сала. Кај ѕидаријата и елементите од архитектонската декоративна пластика и ѕиднатата декорација препознатив е сличен манир на изведба како кај т.н. Градска вила (villa urbana) од централната градска зона во Скупи, чија изградба се сместува во раниот IV век.21 Во прилог на предложената датација е временската определба на ќерамидите најдени во урнатините од стреата на северниот трем. Некои од нив имаат печат на локалната тулана на Марк Валериј Пакациј (M. Valerius Pacatius), која била активна во доцниот III/раниот IV век.22
За разлика од долната хронолошка рамка, поголем проблем претставува определбата на горната временска граница за втората фаза на домусот, чија употреба била прекината со насилно разурнување и опожарување, слично како првата фаза. Големите оштетувања, распарчувањето и разградувањето на градбата, условиле напуштање на примарниот начин на употреба како луксузна градска куќа, барем што се однесува до организацијата и содржината. Движните наоди најдени во урнатините поврзани со втората фаза упатуваат на употреба cè до доцниот IV век, што одговара на времето на егзистенција на т.н. Градска вила во централната зона во Скупи.23 На овој степен од истраженост тешко може прецизно да се определат историските случувања кои биле непосреден повод за катастрофалните разурнувања на втората фаза од градската куќа.24 Во тој контекс индикативен е наодот на една бронзена фибула карактеристична за завршната фаза од т.н. култура Черњахов-Синтана де Муреш, којашто прилично прецизно може да се датира во доцниот IV/ раниот V век25 (сл. 12). Оттука, уривањето на втората фаза од домусот веројатно треба да се поврзе со варварските пустошењата на балканските провинции во доцниот IV/ раниот V век, по поразот на Валенс во 378
год. во близина на Хадријанопол.26
Улица
Северозападно покрај домусот е откриена улица која според местоположбата и насоката на протегање (североисток/југозапад) може да се определи како една од мрежата на улиците кардо, веројатно првата источна улица кардо (?) во согласност со урбанистичката структура на Скупи.27 Истражена е во должина од околу 30 m, но хоризонталната и вертикалната стратиграфија се прилично сложени во однос на слоевитоста, структурата, технологијата, како и релациите со околните градби, што значително ја отежнува нејзината хронолошка определба. Вертикалниот стратиграфски пресек на улицата изнесува околу 1,40 m, но разграничувањето на слоевите е отежнато поради сличната содржина и наизменичното повторувување, што упатува на долготрајна употреба со повеќекратни преадаптации и обновувања во согласност со новите потреби при уредувањето на просторот (сл. 3-4, 7, 13-14). Утврдени се барем три (четири?) обновувања на улицата со показатели за уште неколку интервенции и приспособувања. Засега нема сигурни докази кога точно била трасирана, но како репер може да послужи фактот што нуклеусот на улицата лежи над постарите населбински слоеви (?) од империјалниот период. Во согласност со висинските реалации со околните градби може да се определи дека функционирала подолг временски период (од доцниот II/раниот III век до доцниот IV/раниот V век), при што фундирањето на првата, најстара фаза од улицата, се поврзува со постарата градежна фаза од домусот. Подоцна, паралелно со обновата на домусот (втора градежна фаза) била извршена реконструкција на улицата со насипување нови слоеви. Следната обнова на улицата, проследена со повторно насипување на улицата, кореспондира со изградбата на т.н. Градба со апсида. При трасирањето на улицата била запазена природната косина на теренот, идентично на улицата кардо максимус од централното градско подрачје. Според досегашните сознанија, позицијата и насоката на протегање биле идентични во текот на целиот временски период на употреба, додека димензиите, структурата и инфраструктурните елементи кои се утврдени само за последната градежна фаза се менувале според потребите. Во последната фаза улицата била широка околу 5 m, со странични рабници од монолитни камени блокови, a коловозот бил послан со компактен слој од чакал, белутраци и кршени тули. Под северозападната половина на улицата бил поставен канал од тули за одвод на отпадната вода од околните градби. Подоцна, при изградбата на одбранбениот ѕид и другите градби кои егзистирале во периодот на V-VI век, улицата била негирана и исклучена од употреба (сл. 3, 14-15, 19-20).
Градба со апсида (домус?)
При градежните активности во рамките на втората градежна фаза од постарата етапа на доцноантичкиот период северозападно покрај улицата била лоцирана поголема градба со неутврдена намена, која поради апсидата на североисточниот крај е наречена Градба со апсида. Поставена е во насока североисток-југозапад, паралелно на трасата на улицата (сл. 3, 7, 14-15). Откриен е само мал дел, односно југоисточната половина од една правоаголна просторија (7 х 2.50 m) со вградена апсида на североисточниот крај. Ѕидовите и апсидата во делот на суперструкцијата се широки 60 cm, солидно ѕидани со правилно редени камења врзани со варов малтер. Зачуваните елементи (вертикално поставени тубулуси) упатуваат дека просторијата располагала со систем за подно затоплување. Централно, во југозападниот дел од просторијата се најдени остатоци од помал базен послан со водоотпорен малтерен под. Архитектонските елементи се показател дека се работи за поголема (станбена?) градба во рамките на која се наоѓал репрезентативен дел со подно затоплување. Оттука, може да се претпостави дека оваа градба веројатно била пандан на домусот од спротивната страна на улицата. Малата истраженост на слоевите поврзани со периодот на употреба на градбата не дозволуваат прецизна определба на хронолошката припадност (сл. 15). Сепак, стратиграфијата, релациите со околните градби и движните наоди од слоевите со урнатини во кои била фундирана Градбата со апсида се индиректни показатели за времето на употреба. Меѓу монетите најдени на коловозот од последната фаза на улицата, која функционирала истовремено со Градбата со апсида, најдоцни се монетите од времето на Теодосиј I и Аркадиј, кои можат да послужат како terminus ante quem за времето на нејзина активност. Нема доволно докази за определба на времето на напуштање од употреба на Градбата со апсида и улицата, кои во текот на V-VI век биле негирани при изградбата на одбранбениот ѕид и останатите градби (сл. 3, 7, 14-15).
Микростанбен комплекс над домусот
По разурнувањето и нивелирањето на урнатините над делумно зачуваните структури од домусот и улицата бил изграден скромен микростанбен комплекс со повеќе простории поставени во меѓусебна поврзаност и комуникација (сл. 16-18).
Новиот микростанбен комплекс, иако конструктивно едноставен, донекаде ја следи позицијата и основниот план на домусот, при што поголем број од ѕидовите се надѕидани директно над носечките ѕидови од домусот кои послужиле како темел. Разликите во ѕидаријата, организацијата на просториите, меѓусебните негирања на некои од ѕидовите, упатуваат на чести краткотрајни градежни интервенции со доградби и преадаптации во текот на егзистенцијата на комплексот, веројатно во зависност од новонастанатите состојби, услови и потреби. Ѕидовите биле градени во рустикална техника на сувоѕидање од необработени камења и парчиња тули врзани со кал, при што делови или цели ѕидови од домусот биле вклопени во новите архитектонски структури од микростанбениот комплекс. Поставеноста, планот и организацијата на просториите упатуваат на профана станбена намена, што значи дека истиот простор продолжил да функционира со слична намена како претходно, но со значително видоизменет изглед и модифицирана структура и содржина. Стратиграфската слика упатува дека употребата микростанбениот комплекс била прекината со нова насилна девастација и опожарување, но причините и времето на овие случувања тешко може да се определат (сл. 16-18).
Овој период е исполнет со низа турболентните случувања, меѓу кои хунските продори во 447 год. и подоцнежните остроготските крстарења на Балканот во доцниот V век имале поизразени реперкусии на доцноантичките градови од нашето тло, што е евидентирано во Стоби,28 Хераклеја Линкестис29 и Лихнид.30 Соодветно на тоа, сметаме дека и Скупи не бил заобиколен од тие страшни настани, кои морале да имаат одраз врз животот и градителството во градот.31
Доцноантички период/помлада етапа (V - доцен VI век)
Периодот се одликува со интензивни градежни активности, при што откриените архитектонски структури може да се систематизираат во три (?) основни градежни фази во рамките на кои се евидентирани повеќе доградби, преадаптации и пренамени. Доминантна градба која функционирала во текот на целиот период е југоисточниот одбранбен ѕид во однос на кој биле позиционирани останатите истовремени или подоцнежни градби во зависност од намената (сл. 19).
Прва градежна фаза - по разурнувањето и разградувањето на градбите од претходниот градежен период, на истот простор бил изграден одбранбен ѕид со придружни фортификациски елементи. Претходно, теренот бил зајакнат и подигнат на повисоко рамниште со насипување на урнатини од постарите градби. Истовремено или нешто подоцна од внатрешната страна на одбранбениот ѕид била изградена поголема (јавна?) градба со неутврдена намена, т.н. Градба западно од бедемот, која во текот на употребата претрпела барем уште две обновувања.
Втора градежна фаза - градбата западно од бедемот по извесен период, како последица на некои насилни деструктивни активности, била оштетена и делумно разурната. Подоцна биле преземени нови градежни интервенции, при кои градбата била обновена и проширена со нови доградби. Истовремено, теренот од внатрешната страна на градбата бил подигнат на повисоко рамниште со насипување на нов слој урнатини во кои била втемелена т.н. Градба со портик, која во текот на употребата претрпела повеќе доградби и преадаптации.
Трета градежна фаза - по разурнувањето и напуштањето од употреба на одбранбениот ѕид, Градбата западно од бедемот и Градбата со портик, настапува процес на дезинтеграција и рурализација на урбаната структура на просторот. Делови од напуштените и уништени градби биле вградени во новите скромни рурални живеалишта од т.н. постурбан период, кои според движните наоди хронолошки се определуваат во периодот на доцниот VI и раниот VII век.32
Градби од помладата етапа на доцноантички период (V - доцен VI век)
Југоисточен одбранбен ѕид
По разурнувањето и напуштањето од употреба на градбите од постарата етапа на доцноантичкиот период (Домусот со перистил, Градбата со апсида, улицата и микростанбениот комплекс над домусот) на истата локација од темел (a fundamentis) бил изграден југоисточниот одбранбен ѕид придружен со други фортификациски елементи. Истражен е во должина од 38 m, а на североисточниот крај од ѕидот е откриен зачеток од една полукружна кула, без елементи за определба на димензиите (сл. 19-22). Дебелината на ѕидот во зоната на субструкцијата од 3,60 m на југозападниот крај постепено се стеснува до 3,20 m на спојот со ѕидот од кулата, чија дебелина изнесува 2,60 m (сл. 22). Поголемиот дел од ѕидот е зачуван во негатив или само во темелната зона. Минимални делови од зачетокот на суперструкцијата се зачувани единствено на ѕидот од кулата, што дозволува да се утврди дека висина на темелот изнесувала 2,30 m. Висината на темелната зона на бедемското платно не е утврдена, но веројатно била идентична со таа на ѕидот од кулата или нешто поголема, соодветно на дебелината на ѕидот. Дебелината на суперструкцијата може приближно да се пресмета врз основа на зачуваната дебелина на темелот, којашто вообичаено е поголема за 30-40 cm во однос на суперструкцијата. Оттука, претпоставената дебелина на суперстукцијата би требала да изнесува околу 3,20-3,00 m. Во темелната зона е применета ѕидарија на полнетица, при што лицето на ѕидот е оформено повнимателно, од правилно редени, поголеми грубо делкани камења врзани со малтер. Забележана е секундарна употреба на делови од постарата архитектонска пластика (сполии) во ѕидаријата (сл. 23). Јадрото на ѕидот (empleкton) е исполнето со помали необработени камења, врзани и обилно залиени со варовен малтер со додатоци на песок и чакал. Ѕидаријата на темелните зони има невоедначен квалитет, поради што ѕидната маса наместа не е потполно компактна. Темелот е ѕидан директно во темелниот ров, кој има иста широчина со ѕидот, без проширувања. Темелот е фундиран на здравица, но при неговото вкопувањето биле пресечени и оштетени поголем дел од постарите градби (домусот со перистил, микростанбениот комплекс над домусот и улицата). Пред изградбата на фортификацијата теренот бил изнивелиран, така што урнатините и остатоците од постарите градби биле затрупани, негирани или отстранети (сл. 3, 7, 16, 20-22, 27).
Изгледот и ѕидаријата на суперструкцијата на одбранбениот ѕид не се утврдени, бидејќи по напуштањето од употреба, остатоците од југоисточниот одбранбен ѕид долго низ вековите биле интензивно разградувани и користени како мајдан за градежен материјал, почнувајќи од постурбаниот, преку средновековниот период, речиси до денес33 (сл. 24).
Висината на југоисточниот крак на скупската доцноантичка фортификација може да се претпостави само хипотетички врз основа на дебелината на темелната зона од ѕидот. Според утврдените параметри, со дебелина поголема од 3 m висината на суперструкцијата на југоисточниот одбранбен ѕид би требало да изнесува најмалку 10 m.34 Аналогиите со некои од доцноантичките фортификации од поширокиот Балкански Регион упатуваат на слични заклучоци. Висините на фортификациите кај поголемите утврдувања се движат од 10 до 12 m, а понекогаш и повеќе.35 Тоа не значи дека висината на останатите одбранбени линии била идентична со висината на југоисточниот крак, кој како ударен и најизложен на непријателските напади морал да биде најсолидно граден и да располага со најдобри фортификациски параметри и елементи. Трасата на протегање е поставена во насока североисток-југозапад, со отклонување од 10˚ кон исток, што отстапува од основните насоки на ортогоналната урбанистичка структура (североисток-југозапад, односно северозападјугоисток), карактеристична за постарите градежни периоди. Оваа појава, односно примената на нова урбанистичка концепција е карактеристика на периодот, така што освен доцноантичката фортификација и поголем дел од истовремените или подоцнежните градби биле позиционирани во согласност со новите правила36 (сл. 3, 19-21).
Лошата зачуваност и релативно малата истраженост не дозволуваат прецизно да се определи времето на градба, времето на употреба и напуштањето на доцноантичкиот одбранбен ѕид. Сепак, како индиректни показатели можат да послужат карактеристиките на ѕидаријата, употребата на сполии, полукружната форма на кулата, хронолошките и стратиграфските релации со другите градби. Отежнувачка околност претставува фактот што истовремените или подоцнежните градби се недоистражени, а најдените предмети малобројни. Горната временска граница за последната градежна фаза од претходниот период, која истовремено би требало да претставува terminus ante quem за изградбата на доцноантичкото утврдување не е сигурно утврдена. Од друга страна, во најгорните слоеви од помладата етапа на доцноантичкиот период преовладуваат монетите на Јустинијан I и Јустин II, што приближно го одредуваат времето на функционирање на одбранбениот ѕид. Во оваа фаза на проучување нема доволно елементи за пре-
цизна определба на времето на изградба на
доцноантичкото утврдување. Од тие причини, сугерираме пошироки хронолошки рамки за периодот на неговата употребата (втора половина на V - доцен VI век).
Во таа насока, како показатели можат да послужат аналогиите за времето на изградба на доцноантичките утврдувања во градовите од нашата територија, како и поголемите градови во источниот дел на Империјата. Податоците кои се однесуваат на изградбата на доцноантичките фортификации не се многу прецизни. Изградбата на доцноантичката фортификација, односно т.н. внатрешен бедем во Стоби некои истражувачи ја поврзуваат со времето на Валентијан I,37 додека други ја сместуваат подоцна кон крајот на IV или во текот на V век.38 Обновата на доцноантичкото обѕидие во Хераклеја, главно, се сместува во V век, но во различни временски периоди.39 Според епиграфските податоци, портата на градското утврдувањето во Баргала била обновена во 371 год., време на заедничкото владеење на Валенс и Валентинијан,40 иако доцноантичкото обѕидие со неколку обнови егзистирало од раниот IV до доцниот VI век.41 Обновата и проширувањето на ѕидините на Лихнид се поврзуваат со варварски продори кон крајот на IV век, a во изворите е потврдено дека сигурно функционирале до крајот на V век.42
Доцноантичката фортификација во Константинопол била обновена и проширена во времето на Тибериј II.43 Обѕидието на Сердика, метрополата на провинцијата Средоземна Дакија, било обновено по разурнувачките походи на Хуните во средината на V век и реобновено во рамките на големите градителски зафати во времето на Јустинијан.44 Ѕидините на Тесалоника биле обновени кон крајот на IV век, во времето на Теодосиј I, а реобновени нешто подоцна по хунските пустошења во средината на V век.45
Во согласност со погоре утврдената стратиграфија и аналогните примери од балканските доцноантички градови, сметаме дека најраниот датум за изградбата на доцноантичкото обѕидие во Скупи би требало да се лоцира по владеењето на Теодосиј II, односно од средината на V до доцниот V/раниот VI век (времето од Анастасиј до Јустинијан). Во прилог на оваа датација е фактот што изградбата на доцноантичкото утврдување во Скупи претставува само дел
од севкупната трансформацијата на градот, манифестирана
првенствено со зајакнување на одбранбениот потенцијал,
стеснување на утврдениот градски простор, отстапување од постарата ортогоналната урбанистичка концепција, промени во застапеноста и употребата на јавниот простор, доминацијата на сакралните во однос на профаните градби и др. Таквите промени се карактеристични за најголемиот број доцноантички балкански градови во V-VI век.46
Други фортификациски елементи
Од надворешната страна на бедемот се откриени остатоци од пет големи елипсести јами со приближно исти димензии (пречник: 4,00-3,50 х 3,00-2,60 m), поставени на меѓусебно растојание од околу 3,00 до 3,50 m. Поставени се паралелно со одбранбениот ѕид на мало растојание од него (50-60 cm). Јамите биле вкопани до ниво на здравица, при што урнатините и остатоците од постарите градби биле речиси целосно отстранети. Горното ниво на јамите приближно се совпаѓа со зачетокот од суперструкцијата на одбранбениот ѕид. Исполнети се со отпаден градежен материјал од одбранбениот ѕид (остатоци од малтер помешан со малобројни камења), што упатува дека јамите се артифициелни творби, оформени истовремено со доцноантичките ѕидини. Веројатно имале функција на зајакнување на одбранбен капацитет на ѕидините со слична намена како одбранбените ровови поставени пред утврдувањата од империјалниот и доцноантичкиот период, што во недостаток на аналогни примери останува на рамниште на претпоставка (сл. 25).
Градба западно од бедемот (јавна градба со неутврдена намена)
Северозападно, од внатрешната страна на ѕидините, на оддалеченост од околу 4,00 m, откриен е дел од поголема градба со неутврдена намена, т.н. Градба западно од бедемот. Структурата, ѕидаријата и организацијата на просторот упатуваат на три (?) основни градежни фази со дополнителни интервенции, доградби и пренамени во нивни рамки (сл. 3, 19, 26-28). Зачетоците на градбата, односно деловите од најстарата градежна фаза се утврдени на југозападниот крај од истражуваниот опфат. Откриени се три ѕида од една поголема просторија (9 х 7,60 m) која била поставена паралелно на одбранбениот ѕид, што е показател за припадност кон истиот урбанистички модел востановен при изградбата на доцноантичката фортификација. При фундирањето на градбата биле негирани градбите од постариот период (Градбата со апсида и улицата). Широчината на ѕидовите во темелната зона изнесува 80 cm, а во суперструкцијата 60 cm. Почетната зона на суперстукцијата е на приближно иста висина со суперструкцијата на одбранбениот ѕид, што асоцира на истовременост. На северозападниот ѕид се наоѓал влез којшто во некоја од подоцнежните преадаптации бил заѕидан. Опусот на ѕидаријата е солиден со примена на делкани камења, сложени во правилни редови, врзани со варовен малтер (сл. 13, 15, 26-28).
Подоцна, со доградба на три нови простории, градбата била проширена кон североисток (10 х 5,60 m). По извесен период, југоисточниот фасаден ѕид бил продолжен кон североисток, но откриен е само во должина од 12,50 m, бидејќи продолжува надвор од истражуваниот простор. Ѕидовите од овие две градежни фази се широки од 50 до 60 cm, но ѕидаријата се разликува од опусот на ѕидовите од првата фаза. Ѕидани се рустикално со примена на помали камења и фрагментирани тули врзани со кал. При секоја доградба просторот од внатрешната страна на градбата бил насипуван со урнатини и нивелиран, што предизвикало подигање на рамништето на подлогата, каде во текот на последната фаза била фундирана т.н. Градба со портик. Притоа, доградбите на т.н. Градба западно од бедемот во зависност од потребите биле приспособени и вклопени во структурата на Градбата со портик (сл. 19, 27-29).
Малиот обем на истраженост не дозволува определба на намената на т.н. Градба западно од бедемот, но близината на одбранбениот ѕид, позиционираноста, димензиите, организацијата и структурата на просториите упатуваат на јавен карактер, непосредно поврзан со функцијата на фортификацијата. Во таа насока веројатно треба да се претпостави мешовита економско-трговска намена (занаетчиски работилници, складишни простори, продавници и слично). Стратиграфската поставеност, местоположбата и релациите со околните градби упатуваат на истовременост или мала хронолошка разлика на првата фаза од градбата и југоисточниот одбранбен ѕид. По проширувањата и доградбите во втората и третата градежна фаза, градбата со значително видоизменет изглед и намена продолжила да се употребува во рамките на Градбата со портик. Според тоа, оваа градба со сите доградби и преадаптации имала долго времетраење (доцен V и VI век).
Градба со портик (јавна градба со неутврдена намена)
Се наоѓа во северозападниот агол од истражуваниот опфат, од внатрешната страна на бедемот. Истражуван е само југоисточниот крај (23 х 14 m) од поголема градба (т.н. Градба со портик), бидејќи поголем дел од истата се наоѓа надвор од истражуваниот опфат (сл. 19, 29). Структурата, ѕидаријата и организацијата на просторот упатуваат на барем две градежни фази во текот на употребата на градбата. Истражени се делови од неколку ѕидови со широчина од 70 cm, кои затвораат една поголема просторија (сала ?), чии димензии не се целосно утврдени. Ѕидани се од необработени камења врзани со варов малтер со секундарна употреба на сполии од постарите градби. Откриените три столбци пред југоисточниот фасаден ѕид на градбата се показател дека комуникацијата со надворешниот простор се одвивала преку претпростор (предворје) со портик со пет отвори (влеза). При некоја од подоцнежните преадаптации, во предворјето, пред влезниот фасаден ѕид било прилепено скалило, што упатува на катна конструкција (сл. 29). Овие градежни интервенции веројатно биле преземени во втората градежна фаза, која следела по уривањата предизвикани од некој cè уште неидентификуван деструктивен настан. Притоа, поголем простор (20 х 12 m) од надворешната страна на предворјето бил расчистен и дополнително насипан со урнатини, што резултирало со подигање на претходното рамниште на теренот. По нивелирањето на просторот, горната површина била послана со малтерна подлога која се протега до ѕидот од последната градежна фаза на Градбата западно од бедемот, што упатува на коегзистенција на двете градби (Градбата со портик и Градбата западно од бедемот) во тој период. Изгледот сугерира дека овој простор имал функција на оградено дворно место во функција на Градбата со портик. Истовремено, југозападниот крај на Градбата со портик од надворешната страна бил зајакнат со доградба на два ѕида поставени под остар агол, чија намена не е утврдена (сл. 19).
Иако хронолошки припаѓа на последната градежната фаза, кога во Скупи се практикува нов урбанистички модел, Градбата со портик е поставена во правец северозапад-југоисток во согласност со постарата урбанистичка концепција карактеристична за претходниот период. Причината веројатно треба да се бара во поставеноста на Градбата со портик над некоја постара градба, чиј план го следи во основа. Локацијата, поставеноста, структурата, ѕидаријата, релацијата со останатите градби и движните наоди најдени на егзистенцијалното ниво на Градбата со портик, хронолошки ја сместуваат во последната фаза од урбаното живеење на Скупи, односно во VI век. Поткрепа на таквото датирање се монетите од Јустинијан I и Јустин II, кои преовладуваат во слоеви со урнатини од оваа градежна фаза. Малата истраженост не дозволува сигурна определба на намената на градбата, иако импозантните димензии упатуваат на јавен карактер.
Микростанбени структури од постурбаниот период
По конечното уривање и напуштање од употреба на градбите од последната урбана фаза следел процес на нивно разградување, распарчување и дезинтеграција. Во текот на овој т.н. постурбан период, делови или цели ѕидови од постарите, разурнати градби (одбранбените ѕидини, Градбата со портик, Градбата западно од бедемот) биле вклопени во структурите на новите станбени целини. Утврдени се остатоци од едноставни живеалишта (куќи?), чии ѕидови се градени во рустикална техника на сувоѕидање во комбинациа на необработени камења и кршени тули врзани со кал, со честа употреба на сполии. Зачувани се делови од подни нивоа од набиена глина и горетини од опожарените дрвени конструкции од горните делови на ѕидовите и покривот. Движните наоди најдени во внатрешноста на градбите, пред cè, грнчаријата и другите разнородни предмети упатуваат на организирано рурално живеење во доцниот VI, па и нешто подоцна во првите децении на VII век. Остатаоци од овој културен хоризонт со слична содржина се откриени на речиси сите истражувани локации во Скупи.47
Средновековен период (IX-XI век)
Археолошките наоди упатуваат дека животот бил повторно обновен во средновековниот период, при што истиот простор во еден период бил употребуван за населбинско живеење, а подоцна за погребување.
Средновековна населба (IX-X)
Остатоци од средновековно населбинско живеење се откриени веднаш под површинскиот рецентен слој, кој на одредени места достигнува до длабочина од речиси 1 m, делумно поради големите наталожувањата предизвикани од природната конфигурација на теренот, а делумно поради активната употреба на просторот низ вековите. Современите нарушувања и интервенции во просторот дополнително ги раздробиле и оштетиле малобројните остатоци од веќе претходно во голема мера разурнатите и распаднатите живеалишта поради лошиот квалитет на градба. Сето тоа резултирало со формирање слој исполнет со интензивен градежен отпаден материјал, со незначителни остатоци од живеалиштата и придружните елементи (огништа, печки и др.). Живеалиштата од овој период најчесто биле фундирани или вкопувани во слојот со урнатини од постурбаниот период, поради што по нивното уривање дошло до меѓусебно мешање на слоевите и наодите. Бидејќи градбите од последната, постурбана градежна етапа имаат слаб квалитет на градење, мошне тешко е да се определат и одвојат остатоците од овие два слоја. И во двата случаи во прашање се едноставни рустични конструкции од камења врзани со кал во долно ниво, дрвена конструкција (плитар) во горно ниво, облепени со лепеж и земјени подови. Од тие причини, при хронолошката определба на населбинските остатоци од овие два хоризонти примарна улога имаат движните наоди, а, пред сѐ, грнчаријата која е најбројна.48
На неколку позиции се откриени остатоци од земјани подови (набиена глина) коишто во некои случаи се запечени. Само во еден случај постојат доволно елементи за определба на димензиите, формата, внатрешната организацијата на живеалиштето со присуство на огништа, печки и јами за складирање храна. Најдени се елементи од неколку отпадни јами и полукружни огништа, кои според позицијата веројатно биле поставени од надворешната страна, во непосредна близина на живеалиштата. Огништата се од отворен тип, формирани од немарно редени камења врзани со кал (сл. 30, 31).
Овие наоди се потврда на претходните сознанија за живеење во средновековниот период на просторот од римскиот град Скупи. На просторите југозападно од градската бања и северозападниот крај од микростанбениот комплекс во централна градска зона на Скупи се најдени остатоци од материјална култура карактеристична за периодот на IX-XI век.49
Средновековна некропола (X-XI век)
Во рамките на истражуваниот опфат најдени се 16 гроба со скелетно погребување коишто не се сконцентрирани на една локација, туку се разместени на целиот простор без некоја посебна организација и распоред. Вкопани се во слоевите со урнатии од постарите периоди, пред сѐ, постурбаниот и доцноантичкиот.
Покојниците најчесто биле погребувани слободно во обични гробни јами (10 гроба), а поретко во јами означени со рустикален венец во комбинација на камења и тули (3 гроба) или во цисти од тули (3 гроба).50 Манирот на погребување е речиси идентичен, при што покојниците биле положени на грб во испружена положба, со различна положбата на рацете. Гробовите се различно поставени, најчесто во правец исток-запад или југозапад-североисток со извесни отстапувања. Во девет гроба биле погребани деца, а во седум возрасни индивидуи. Освен во два гроба, во поголем број од гробовите отсуствуваат гробни дарови. Во едниот од овие два гроба е најдена обетка во форма на едноставна бронзена алка, а во другиот бронзен крст енколпион, којшто е основен репер за хронолошка определба на гробовите во периодот на X-XI век.51 Нема доволно елементи за определба на просторните и хронолошките релации меѓу гробовите и живеалиштата од средновековниот период, но постојат одредени показатели кои упатуваат дека населбата им претходела на погребувањата (сл. 32-33).
Претходно, на неколку различни локации во Скупи (микростанбениот комплекс над големиот термален објект, микростанбениот комплекс северозападно од градската бања и хореумот, улицата кардо, базиликата со крстилница) биле најдени околу педесетина гробови од средновековниот период со сличен манир на погребување.52 Просторната дистанца меѓу одделните групи гробови, отсуството на гробни конструкции и дарови, се ограничувачки фактори при определбата на хронолошката припадност на поединечните гробови, што би овозможило да се утврди дали сите гробови припаѓаат на иста поголема некропола или, пак, помали, условно кажано некрополи (?) од блиски, но сепак различни временски периоди.
Завршни согледувања
Изложената стратиграфската слика за секторот Југоисточен бедем во голема мера се совпаѓа со претходните сознанија за културната стратиграфија на Скупи. Тоа, пред cè, се однесува на културните хоризонти од предисторискиот, империјалниот и првата етапа од доцноантичкиот период. Ако се занемарат малобројните повремени наоди од доцнобронзеното време, археолошките остатоци датирани од доцниот I до доцниот IV век упатуваат на релативно мирен, континуиран, просперитетен развој, со краток прекин во доцниот III век.53 Откриените археолошките слоеви и хоризонти претставуваат материјална потврда на познатите историските случувања поврзани со развојот на Скупи од доцниот I до доцниот IV век. Улогата на важен административен, стопански, верски и културен центар, која Скупи ја имал како римска колонија била засилена со добивањето статусот на метропола на новооснованата провинција Дарданија.54 Династичките превирања, внатрешните немири и варварските продори, карактреистични за тетрархискиот период и времето на владеење на наследниците на Константин I (Константин II, Констанс и Констанциј II), а подоцна Валенс и Валентинијан I немале големо влијание на развојот и напредокот на Скупи, што, меѓу другото, се манифестира со зголемена градителска активност.55 Нагорната развојна линија ќе биде насилно прекината во периодот на доцниот IV век, што најчесто се поврзува со варварските пустошењата на балканските провинции по катастрофалниот пораз на Валенс во 378 година кај Хадријанопол.56 Во времето на овој нестабилен период веројатно треба да се смести разурнувањето и конечното напуштање од употреба на втората фаза од домусот, Градбата со апсида и улицата.
Во времето на Теодосиј I и Теодосиј II постепено се средуваат воено- политичките состојби, што ќе придонесе за интензивирање на градителската дејност на просторот од Балканот, особено во делот на дунавскиот лимес.57 Политичкото и воено-стратешкото значење на Скупи во доцниот IV век го потврдуваат двете посети на Теодосиј I во 379 и 388 година, кога тој одовде издал два царски указа.58 Во тој поглед, компатибилни се податоците од Notitia Dignitatum, каде Скупи се спомнува како седиште на воена единица pseudo commitatenses Scupenses, која била под командата на главниот воен командант на перфектурата Илирик (magister militum per Illyricum).59 Сепак, нестабилните времиња ќе се рефлектираат на градежните активност и ќе предизвикаат промени во квалитетот, видот, дизајнот, стилот и опусот на градбите во Скупи. Таквите процеси се манифестираат преку појавите на трансформација, деградација и рустификација на постарата архитектура (јавна и приватна), што најчесто е изразено преку нивна пренамена, преадаптација, надградба и субделба на помали станбени структури во духот на новонастанатите социјални, општествено-економски и политички промени. На просторот од југоисточната градска зона почетната фаза од таквите промени ја препознаваме во појавата на Микростанбениот комплекс над домусот, кои подоцна во текот на V-VI век можат да се следат кај Градбата западно од бедемот и Градбата со портик.
За разлика од сознанијата поврзани со случувањата од I до IV век, некои од ново добиените резултати значително менуваат дел од прифатените ставови поврзани со големината, изгледот, урбанистичката структура и хронологијата на градот, кои се однесуваат на V-VI век. Во таа насока, исклучително значајно e откривањето на југоисточниот крак од доцноантичкиот одбранбен ѕид, чија траса и насока на протегање отстапуваат, односно ја негираат постарата ортогонална урбанистичката концепција на градот. При изградбата на доцноантичкиот одбранбен ѕид биле негирани градбите од втората фаза на градската куќа, микростанбен комплекс и улицата. Поради тоа, поголеми делови од овие градби кои тогаш веќе не биле во употреба останале од надворешна страна на ѕидот (extra muros), што упатува на стеснување на површината опфатена во одбранбени ѕидини (intra muros). Трасата на југоисточниот крак од постарото утврдување, доколку постаело, треба да се очекува на просторот југоисточно од откриениот доцноантички одбранбен ѕид. Во оваа фаза на истраженост, освен заклучокот дека површината на градот во обѕидието во постариот период била значително поголема од претпоставените 43ha, сите останати прашања поврзани со димензиите, хронологијата, развојните етапи, градежните фази и конструктивните елементи на тоа утврдување остануваат на ниво на претпоставки.60 Во иднина веројатно ќе мора да се направи ревизија на претходно етаблираните ставови поврзани со погоре наведените прашања.61 Новите резултати покажуваат дека постоеле барем две основни градежни фази за заштита на градот со одбранбени ѕидини, во рамките на кои веројатно треба да се смета на повеќе потфази. Во прашање се две одделни одбранбени линии, чии ѕидини се разликуваат не само според времето на изградба, туку и според позицијата, насоките на протегање, конструктивните елементи, периметарот, димензиите и слично. Според сегашните сознанија, постарата фаза би требало да го опфаќа периодот од основањето на колонијата до доцниот IV/средината на V век. Од постарото утврдување, засега е откриен сосема мал дел од југозападниот крак, што е недоволно за разрешување на сите непознаници поврзани со заштитата на Скупи во тој период.62 Тогаш, ѕидините имале повеќе репрезентативна, одошто одбранбена улога, чија основна цел била потенцирање на статусот и функциите на градот како административно, стопанско, културно и верско средиште. Во втората фаза, која го опфаќа времето на V-VI век, градот бил утврден со нови моќни ѕидини, но површината на заштитениот опфат била намалена во однос на претходната фаза. Ваквиот крупен зафат бил само дел од процесот на целосна трансформација на градот Скупи којашто се манифестирала преку промени во изгледот, урбанистичката структура, видот, содржината и намената на градбите. Во согласност со новите стандарди и потреби, ѕидините стануваат основно обележје и показател за одбранбениот капацитет, воено-стратешкото и општествено-економското значење на Скупи во регионот и пошироко. Таквите обемни и скапи зафати биле дел од тогашната државна стратегија за заштитата на градовите, инфраструктурата, ресурсите и населението во внатрешната зона на источниот дел од Империјата. Оттука, развојните процеси на дарданската метропола Скупи во текот на V-VI век биле аналогни со трансформацијата на останатите поголеми доцноримски градови во внатрешноста на префектурата Илирик. Кризата и метаморфозата на поголемите градови, меѓу кои се вбројува и Скупи, биле резултат на воено-историските прилики, честите внатрешни и надворешни немири, економското осиромашување, социјалните раслојувања, верските превирања, бројните миграции и демографски промени кои се случувале во V-VI век.63 Овие согледувања се компатибилни со резултатите од истражувањата на доцноантичкиот хоризонт во Скупи. Откриените градби и наоди упатуваат на перманентни градителски активности со променлив интензитет и квалитет во текот на речиси целиот V-VI век.64 Потврда за таквата констатација се архитектонски структури (Градбата со апсида, одбранбениот ѕид, Градбата западно од бедемот и Градбата со портик) најдени во секторот на Југоисточниот бедем.
Археолошките докази за интензивни градителските зафати во Скупи во првата половина на VI век се контрадикторни со некои од податоците познати од античките извори. Имено во хрониката на Марцелин Комес е забележано дека метрополата Скупи била речиси потполно уништена во катастрофалниот земјотрес од 518 година којшто ја погодил провинцијата Дарданија.65 Исто така, Скупи не се споменува меѓу градовите чии фортификации биле ново изградени или обновени во време на Јустинијановите градителски зафати.66 Таквите податоци и малата истраженост на локалитетот Скупи во претходниот период придонеле да се заклучи дека урбаното живеење во Скупи потполно замрело по земјотресот во 518 година, по што градот продолжол да живурка само како скромна рурална населба.67
Новите резултати добиени со поинтензивно истражување на доцноантичкиот културен хоризонт cè повеќе ги демантираат ваквите тврдења. Во овој контекст треба да се спомне податокот од Синекдемот на Хиерокле, датиран околу 527 год., каде Скупи се спомнува со статус на провинциска метропола.68 Оттука, произлегува дека последиците од земјотресот сепак не биле толку фатални, така што животот во градот наскоро повторно бил нормализиран. Откриените културни хоризонти и архитектонски структури на секторот од југоисточниот бедем, но и во централното градско подрачје, потврдуваат дека урбаното живеење во нешто изменета форма (изглед структура и содржина) продолжило во текот на речиси целиот VI век.69 По конечното уривање и напуштање од употреба на градбите од последната урбана етапа (одбранбениот ѕид, Градбата западно од бедемот и Градбата со портик) следел процес на нивно разградување, распарчување и дезинтеграција. Ваквиот хронолошки развој и расплет на случувањата во Скупи е потврден со колективниот наод на монети од централното градско подрачје. Депото завршува со монета на Маврикиј Тибериј од 583/4 година, што може да послужи како terminus post quem non за крајот на развојниот пат и организираното урбано живеење во Скупи.70 Оттука произлегува дека процесите и времето на конечното замирање на градот се идентични и синхрони со сличните случувања како во поголемите македонски доцноантички градови: Стоби, Хераклеја, Лихнид и Баргала.71
Белешки
- Планирани археолошки истражувања првпат се преземени од Н. Вулиħ на театарот во Скупи 1935-1937 година. Д. Рендиħ Миочевиħ продолжува со истражување на истиот објект во 1959-1961 година. Првите вистински топографски проучувања на локалитетот Скупи и пошироката градска територија се реализирани од И. Микулчиќ во 1970 година. М. Гарашанин и Д. Кораќевиќ во 1966 година отпочнуваат со студиозни систематски археолошки истражувања на градската територија на Скупи, кои со помали прекини траат до денес. М. Гарашанин и Д. Кораќевиќ раководат со истражувањата во периодот од 1966 до 1979 година. Д. Кораќевиќ раководи од 1980 до 1996 година, Л. Јованова од 1996 до 2002 година, а Л. Јованова и М. Ончевска Тодоровска од 2003 до денес. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 17-25. ↩
- Mócsy A., 1970, 44-50; Микулчиќ И., 1982, 36-38; Микулчиќ И., 1999, 132-135. Авторите сметаат дека на просторот од колонијата Скупи претходно бил лоциран воен логор на една од легиите V. македонска (V Macedonica) или IV. скитска (IV Scythica). Како основни аргументи се посочуваат конфигурацијата, формата, димензиите и одредени фортификациски елементи на обѕидието. Од историски аспект оваа претпоставката е можна, но засега нема археолошки и епиграфски докази за нејзина верификација. Само врз основа на сиромашни површински наоди и неколку скромни топографски сонди не може да се разреши сложениот проблем, легиски логор - колонија, односно изедначувањето на локацијата и континуитет на посочените населби со различен статус. ↩
- Вулић Н., 1961, 3-23, сл. 1-56; Vulić N., 1981, 37-43; Rendić Miočević D., 1981, 45-54; Mikulčić I., 1970, 131-141; Mikulčić I., 1971b, 463-484; Mikulčić I., 1973b, 29-35; Микулчиќ И., 1973а, 262-267; Микулчиќ И., 1982, 27, 36-53, 56-58; Микулчиќ И., 1999, 132-144; Koraćević D., 1989, 101-107; Кораќевиќ Д., 2002, 42-75; Jovanova L., 2005, 153–161; Јованова Л., 2006a, 163-178; Jovanova L., 2006b, 617-638; Jovanova L., 2006c, 138-145; Јованова Л., 2008a, 12-20, 68-72; Јованова Л., 2008b, 197-222; Onchevska Todorovska M., 2009b, 75-84. ↩
- Koraćević D., 1989, 101-107 Микулчиќ И., 1982, 27, 36-53, 56-58; Микулчиќ И., 1999, 255-258, 351-352; Коrаќевиќ Д., 1977, 143-177; Гарашанин М., Кораќевиќ Д., 1979, 31-46; Кораќевиќ Д., 1984, 7-34; Гарашанин М., Кораќевиќ Д., 1987, 79-96; Кораќевиќ Д., 1988, 155-165; Koraćević D., 1989, 101-107; Кораќевиќ Д., 2002, 76-177; Ončevska Todorovska M., 2009а, 97-111; Ончевска Тодоровска М., 2011, 365-379. ↩
- Mikulčić I., 1970, 131-141; Mikulčić I., 1971a, 43-45; Mikulčić I., 1971b, 463-480, Mikulčić I., 1973b, 29-35; Микулчиќ И., 1982, 41; Микулчиќ И., 1999, 132-144, 255-258, 351-352. ↩
- Геофизичките истражувања биле организирани од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје (сегашен Конзерваторскиот центар - Скопје) со цел утврдување на правците на одбранбените ѕидини на Скупи со примена на недеструктивни методи за потребите на Елаборатот за ревалоризација на споменикот на култура „Археолошки локалитет Скупи“. Во рамките на проектот, во 2001 и 2005 година, под раководство на Д. Михаилова-Каламадеска, реализирани се топографски сондажни истражувања за потврдување на југозападиот и североисточниот крак на одбранбениот ѕид. ↩
- Резултатите од заштитните истражувања на југозападниот бедем во 2001 година беа презентирани од Д. Михаилова-Каламадеска на 17. симпозиум на Македонското археолошко научно друштво. Истражениот сегмент од југозападниот одбранбен ѕид според опусот на ѕидање и пронајдените движни наоди го датира во II век. ↩
- Истражувањата беа во организација на Музејот на град Скопје, под раководство на Л. Јованова и стручна екипа во состав: Киро Ристов, Милош Билбија, Игор Кузмановски, Томислав Микулчиќ, Лена Поповска и Марјан Јагликовски, археолози - теренски истражувачи; Катја Грујевска, Александар Арсовски и Геле Алиломов, архитекти документатори; Милица Пандилеска, конзерватор за керамика; Маја Басотова и Катерина Велкоска, документатори на движни наоди. ↩
- И. Микулчиќ вршел сондажни истражувања на дел од истиот простор (Mikulčić I., 1971a, 43-45; Mikulčić I., 1971b, 463-480). ↩
- При истражувањата на просторот од југоисточен бедем во периодот 2008-2010 год. најдени се бројни разнородни наоди, како според материјалите и техниките на изработка така и според временската определба. Бидејќи стручната обработка и анализа на наодите е долготраен процес, во оваа прилика хронолошките согледувања, главно, се засновани на стратиграфските релации меѓу хоризонтите, слоевите и поединечните градби или појавите во рамките на нив. По целосносто проучување на целокупниот археолошки материјал ќе може да се направи попрецизна временска определба и разграничување на евидентираните културни хоризонти и градежни фази. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 37, 45, Јованова Л., 2008b, 199-200, остатоци од куќен лепеж и фрагментирана грнчарија од преодниот период (доцнобронзено-раножелезно време) се најдени при стратиграфските истражувања на неколку локации од градската територија во Скупи (христијанска базилика, комплексот терми - хореум и улицата кардо) и меѓу римските гробови во северната зона од југоисточната некропола. Некрополи од рамен тип со биритуално погребување (гробови со скелетно погребување во згрчена положба и кремирање во урни) од овој период се лоцирани на просторите на северозападната и југоисточната некропола (Јованова Л., 2008b, 199-200; Jovanova L., во печат). ↩
- Најдени се неколку парчиња од чаши или помали грниња со рамно засечен венец, делови од лентести и хоризонтални држалки, како и делови од дна и реципиенти од различни типови садови. Сите фрагменти се рачно работени од глина со примеси на момирок и песок со невоедначено печење од црн до црвен интензитет. Неколку фрагменти имаат траги од украсување со мазнење и втиснување со прст. (Garašanin M., 1983, 761-772, 773-778, 786-798; Митревски Д., 1997, 46-53; Ристов К., 2003, 307-309; Ристов К., 2004, 65-87). Благодарност до колегите К. Ристов, И. Колиштрковска Настева, Д. Митревски и З. Видевски за сугестиите при хронолошката определба на наодите од доцнобронзеното време. ↩
- Во овој број на Macedonica acta archaeologica во текстот на Игор Кузмановски со наслов: „Римски домус од секторот Југоисточен бедем во Скупи“ детално се елаборирани сите сознанија поврзани со архитектонската структура, градежните фази, хронологијата, организацијата на просторот и намената на градската куќа (римски домус). ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 45-56, ↩
- Микулчиќ И., 1999, 140, 255-258; Кораќевиќ Д., 2002, 64-96, 123. Сите објекти (хореумот, градската вила, цивилната ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 141-152; Јованова Л., 2008b, 206-208. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 141-152; Јованова Л., 2008b, 206-208. ↩
- Герасимовска Д., 2008, 381-396; Герасимовска Д., 2009, 192-194, со наведена литература за генезата и присуството на перистилниот двор во градските куќи откриени во римските градови во Република Македонија, но и пошироко на Балканот. Целосниот перистил којшто има трем од сите четири страни поретко се среќава во куќите од нашето тло, каде најчесто се присутни псевдоперистили со тремови од три или две страни. ↩
- Иако е истражена само северната половина од перистилот, структурата и зачуваните елементи упатуваат дека веројатно треба да се определи како тростран или двостран псевдоперистил, слично на Куќата на Перистерија, ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 86-93, сл. 51-52; Кузмановски И., 2010, 225-223. ↩
- Тулите со печати од туланата на М. Валериј Пакациј се најдени во гробните конструкции на гробовте со кремација и инхумација од Југоисточната некропола на Скупи, кои, главно, се датирани во периодот од втората половина на III и раниот IV век. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 86-95, авторката смета дека Градската вила била во употреба до средината на IV век, со можност т.н. Градба западно од вилата да претставува подоцнежна доградба на вилата и истата ја датира во доцниот IV век. ↩
- Поголем број од стратиграфските и хронолошки дилеми и непознаници би требало да бидат разрешени по анализата на движните наоди, а, пред cè, по конзервацијата на монетите најдени во овој културен хоризонт. ↩
- Милинковиħ М., 2006, 246-248, со наведена литература. Овој тип фибули во науката е прилично прецизно датиран во периодот од доцниот IV до раниот V век. Во Медијана (Србија) е најдена речиси идентична фубула (Максимовиħ М., 2004, 59-60), а слични се фибулите се најдени во близина на Сапаја во Банат и Арчар во Бугарија. Културата Черњахов-Синтана де Муреш, според составот е сложена и популациски неопределена, иако најчесто се идентификува со Готите. Во текот на III-IV век се развивала на просторите опфатени со денешните Романија, Молдавија и Украина. Појавата на овие наоди на просторот на балканските провинции, обично се поврзуваат со миграциите на припадниците од оваа култура, по поразот на Валенс во 378 год. во близина на Хадријанопол. ↩
- Amm. Marc. XXXI, 4, 9; Velkov V., 32-36; Иванов Р., 1999, 139-140; Микулчиќ И., 1999, 198. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 141-152; Јованова Л., 2008b, 206-208. ↩
- Микулчиќ И., 1999, 201-202, 336, микростанбениот комплекс изграден над Куќата на ГР кон крајот на IV век во Стоби бил разурнат кон средината на V век веројатно при хунските продори во 447 година. Подоцна, во 474 год. Стоби бил ограбен од страна на Остроготите. ↩
- Манева Е., 1985/87, 49-60; Микулчиќ И., 1999, 202, 327-328. ↩
- Микулчиќ И., 1999, 203; Битракова-Грозданова В., 1986, 259-263; Битракова-Грозданова В., 2006, 259-260. ↩
- Микулчиќ И., 1982, 39, заб. 14; Микулчиќ И., 1999, 201, заб. 13. ↩
- Остатоци од овој културен хоризонт со слична содржина се откриени на речиси сите истражувани локации во Скупи (Кораќевиќ Д., 2002, 157-165; Јованова Л., 2008а, 39-42; Onchevska Todorovska M., 2009b, 76-77; Ončevska Todorovska M., 2009a, 108; Ончевска Тодоровска М., 2011, 347). ↩
- Во урнатините на одбранбениот ѕид е најден крст реликвијар од средновековниот период X-XI век (Марјановиħ-Вујовиħ Г., 1987, 15-45; Почуча Кузман Н., 1988, 133-145; Дончева Петкова Љ., 2006, 103-105; Кепевска Л., 2005, 219- 225; Мурџева М., 2008, 10, 23-24), што може да послужи како показател за времето кога било извршено најголемото разградување на ѕидините. Градежниот материјал бил вграден во ѕидините на Скопската тврдина (Микулчиќ И., 1982, 119-127). ↩
- Velkov V., 1977, 201-205; Милошевиħ Г., 1987, 44, 46-47 со цитирана литература; Чанак Медиħ М., Стојковиħ Павелка Б., 2010, 60-66, 73-76, - според препораките на Анонимниот Византинец, автор од времето на Јустинијан, засновани на постари антички автори (Филон Физантиски), висината на одбранбените ѕидови кај утврдувањата сместени во рамница требала да изнесува 20 лакти (околу 10 m). Секако дека во зависност од потребите постоеле отстапувања. Така, висината на помладото утврдување во Гамзиград датирано на почетокот од IV век изнесувала 30 лакти (околу 14-15 m). ↩
- Милошевиħ, Г., 1987, 44, со цитирана литература; Бояджиев С., 1959, 43, контролната патеката на доцноантичката фортификација во Сердика била на висината од 15 m, што значи дека ѕидините биле високи околу 17 m. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 26-45, 141-145; Јованова Л., 2008b, 204; Јованова Л., 2008a, 33, 39-42; Ончевска Тодоровска, 2011, 367. ↩
- Микулчиќ И., 2003, 102, доцноантичката обнова на обѕидието во Стоби ја датира во втората половина IV век поради наодот на монета од Валентинијан I во темелот на ѕидот; Микулчиќ И., 1999, 335, смета дека обѕидието од IV век без забележителни обновувања егзистирало низ V-VI век. ↩
- Mano-Zisi Dj., 1973, 224, смета дека обновата на ѕидините и Порта Хераклеја биле преземени по готските напади во 479 година; Санев В., - Саржоски С., 1981 - изградбата на внатрешниот бедем ја сместуваат по времето на Теодосиј I, односно кон крајот на IV или почетокот на V век; Петрова Е., 2007/2008, 14 во (Шурбаноска М., - Јакимовски А., 2007/2008), изградбата на внатрешниот градски бедем ја датира по времето на Теодосиј I, поради секундарната употреба на седиштата од театарот во ѕидаријата на бедемот. ↩
- Микулчиќ И., 1999, 328, смета дека обновата на градските ѕидини се случила по хунските разурнувања во 447 година; Микулчиќ И., 2007, 94-97, авторот смета дека последните обновувања на јужниот крак од градското обѕидие се случиле кон крајот на V век, но и во VI век; Манева Е., 1988, 184, наведува дека обновата на градскиот ѕид се случила во времето на Анастасиј. ↩
- Папазоглу Ф., 1957, 245. ↩
- Петковски Г., - Георгиев З., 2003, 186-188, определени се четири градежни фази, при што првата се датира во раниот IV век, втората во втората половина на век IV век, третата кон крајот на V/ почетокот на VI век и четвртата кон средината на VI век; Нацев Т., 2008, 129-136. ↩
- Битракова Грозданова В., 1986, 259-263; Битракова Грозданова В., 2006, 259-260, наведува дека според податоците кај Малх (Malch. Frag. 18, 128), во 478/9 година Теодорих со Готите на патот од Хераклеја кон Дирахиј не успеал да го заземе градот Лихнид, благодарејќи на силните ѕидини. ↩
- Bury J. B., 1923, 69-73. ↩
- Бояджиев С., 1959, 20, 35-45; Бояджиев С., 2002, 128-135; Velkov V., 1977, 94. ↩
- Adam-Veleni P., 2003, 147, 170-172. ↩
- Mikulčić I., 1974, 191-212; Velkov V., 1977, 77-133, 201-230; Поповиħ В., 2003, 239-258; Иванов Р., 1999, 147-206, 240- 251; Dinchev V., 1999, 39-62; Torbatov S., 2002, 395-441; Karagianni F., 2009, 121-128; Snively C., 2006, 39-42, со наведена литература за трансформацијата на доцноантичките балкански градови. ↩
- Види заб. 34. ↩
- Освен ретки фрагменти од конични чинии, доминираат фрагменти од грниња со слични форми и димензии со косо кон надвор извлечени венци, украсени со врежани мотиви на рибина коска, хоризонтални или брановидни линии, најчесто во различни меѓусебни комбинации и преклопувања. Работени се на бавно колце од глина со лош состав и печење. Овој вид грнчаријата се среќава на целиот Балканско-подунавски Регион во периодот од IX до XII век. (Janković M., 1974, 75-87, Janković Đ., 1974, 89-101; Ерцеговиħ Павловиħ С., 1986, 50-59; Бикиħ В., 1994, 50; Дончева Петкова Љ.,1977, 115-117). На неколку локации во Скупи, со помала или поголема концентрација се среќава грнчарија со речиси идентични карактеристики, која е определена во средновековниот период IX-XI век (Кораќевиќ Д., 2002, 165-172, Т. 10-11, со наведена литература). Типолошката обработка на гранчаријата ќе биде предмет на анализа во некоја наредна статија. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 165-172, со наведена литература. ↩
- Според местоположбата и длабочината на вкопување постои можност еден од гробовите од типот циста од тули со покрив на две води да е постар, односно да припаѓа на доцноантичкиот период ↩
- Марјановиħ-Вујовиħ Г., 1987, 15-45; Почуча Кузман, 1988, 133-145; Дончева Петкова Љ., 2006, 103-105; Кепевска Л., 2005, 219-225; Мурџева М., 2008, 10, 23-24. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 172-173; Ончевска Тодоровска М., 2011, 374, сл. 10. ↩
- Види заб. 16. ↩
- IMS VI, 21-22. Точното време на основањето на провинцијата не е прецизно утврдено. Првпат се спомнува во Веронскиот латеркул (попис на диецези и провинции). Неговото настанување се поврзува со времето на заедничкото владеење на Константин I и Ликиниј, околу 314 година. ↩
- Velkov V., 1977, 24-37, овие случувања, главно, се поврзани со териториите на крајдунавските провинциите, а во внатрешноста со просторот на Тракија и Средоземна Дакија. ↩
- Amm. Marc. XXXI, 4, 9; Velkov V., 1977, 34-40; Иванов Р., 1999, 139-140; Микулчиќ И., 1999, 198. ↩
- Cod. Theod. XV, 1, 49; Cod. Theod. XI, 17, 4; Velkov V., 1977, 40; Dinchev V., 1999, 41-63; Микулчиќ И., 2003, 108-112, обновата на раскошните доцноримски станбени објекти во Стоби ја сместува во првата половина на V век. ↩
- Cod. Theod. VI, 30, 2 (указ издаден на 6 јули 379 год.), XII, I, 119 (указ издаден на 31 јуни 388 год.). ↩
- Not. Dig. Or. IX, 43. ↩
- Jovanova L., 2006c, 138-145; Јованова Л., 2006a, 163-174. Во текстот се елаборирани времето, историските услови и причините поврзани со изградбата на првото камено утврдување во Скупи. Изнесено е мислење дека непосреден повод за овој настан е продорот на дакиското племе Костобоки, аналогно на повеќето римски градови во Долна Мезија и Тракија, како резултат на дефанзивната политика и зголемувањето на безбедноста во внатрешноста на провинциите, изразени преку обновата, утврдувањето и системот на заштита на градовите и патната мрежа. ↩
- Види заб. 6. ↩
- Jovanova L., 2006c, 138-145; Јованова Л., 2006a, 169-174, Изнесено е мислење дека првото камено обѕидие кое веројатно било изградено во доцниот II век, по продорот на Костобоките, продолжило да функционира и во наредниот период (III-IV век). Првичното утврдување (доцен I - прва половина на II век), доколку постоело веројатно имало земјено-дрвена конструкција (види заб. 8). ↩
- Види заб. 48. ↩
- Кораќевиќ Д., 1977, 143-177; Гарашанин М., Кораќевиќ Д., 1979, 31-46; Кораќевиќ Д., 1984, 7-34; Гарашанин М., Кораќевиќ Д., 1987, 79-96; Кораќевиќ Д., 1988, 155-165; Koraćević D., 1989, 101-107; Кораќевиќ Д., 2002, 76-177; Микулчиќ И., 1982, 27, 36-53, 56-58; Микулчиќ И., 1999, 255-258, 351-352; Ončevska Todorovska M., 2009а, 97-111; Ончевска Тодоровска М., 2010, 281-297; Ончевска Тодоровска М., 2011, 365-379. ↩
- Marcell. Com. Chron. Ad a. 518 (XI.1). ↩
- Procop. De aedif. IV, 1, 17. ↩
- Микулчиќ И., 1982, 41; Микулчиќ И., 1999, 351-352; Кораќевиќ Д., 1977, 161; Гарашанин М., Кораќевиќ Д., 1979, 44-46; Koraćević D., 1989, 103-104; Кораќевиќ Д., 2002, 43, 124-138. ↩
- Hier. Synekd. 655, 8. ↩
- Кораќевиќ Д., 2002, 124-138, 157-162; Лилчиќ В., 2002, 540-547, 623-625; Јованова Л., 2008b, 206-208; Ončevska Todorovska M., 2009а, 97-111; Ончевска Тодоровска М., 2010, 281-297; Ончевска Тодоровска М., 2011, 365-379. ↩
- Ончевска Тодоровска М., 2004, 28-42. ↩
- Хаџи Манева М., 2008, 383-389, во Стоби се најдени три остави кои завршуваат со монети на Маврикиј од 583/4 година. Оставата од Баргала завршува со монета од 584/5 година, иако има мислења дека завршува во 601/2 година (Нацев Т., Јовановска Б., 2005, 193). Од Хераклеја потекнуваат два збирни наоди кои завршуваат со монети од 584/5 година. Terminus post quem за оставата од Лихнид е 586/587 година. ↩
Summary
Scupi –Southeast Fortification Wall Sector Stratigraphy (2008-2010)
The archaeological excavations between 2008 and 2010 in the area of the Southeast defensive wall were realized in order to confirm the location and to document the chronologically different phases of development of the city fortification of Scupi. The site is multilayered with large variety of deposits as part of different cultural strata, beginning with the Late Bronze Age, through the Roman Imperial Period and the Late Antiquity, all to the Middle Ages.
Prehistoric period (Late Bronze Age, 12-10 century BC) – Small number of finds (pottery
sherds and pieces of wattle and daub) from the Late Bronze Age were found during the excavation of the foundations of the Roman domus. These finds cannot be attributed to concrete dwellings or a settlement layer.
Imperial period (late 1st – late 3rd century) - The excavations under the layers and buildings from the Late Antiquity in the south half of the investigated area revealed three different settlement layers from the Imperial period. The two older layers, which chronologically belong to the late 1st and the 2nd century, are full of remains from architectural structures with unknown purpose, mainly built with dominant usage of wood.
Late antique period/older stage (late 3rd – late 4th/middle of 5th century) – Three basic
strata of construction with additional intervention, preadaptation and repurpose were documented as part of this period. All of the buildings are positioned in the northeast/southwest direction, identical with the urban structure of Scupi in that period. The previously ruined city house (domus) was repaired and the lane of the street to the west of the house was filled in the late 3rd and early 4th century. The so-called “Building with an apse” was built sometime later and its purpose is unknown. It is located to the west along the street, and to the opposite of the domus. The street continued to function with a new fill at a higher level, adequate to the level of the newly constructed buildings. New edges were set and there was a new drainage channel dug. The so-called “Micro-housing building” was constructed on top of the leveled ruins of the violently destructed domus. The building was abandoned during the 5th century as the result of a new violent destruction.
Late Antique period/later stage (5th – late 6th century) – Three basic construction phases are confirmed as part of this period. The Late Antique defensive wall is the dominant structure that existed during the whole stage. The other contemporary and later buildings were positioned according to the defensive wall. The so-called “Building to the west of the defensive wall” was built on the interior of the defensive wall. The building had two later attachments and its purpose is unknown. At the same time, at the inner side of the building, the level of the terrain was raised by a fill of rubble which was used for foundation of the so-called “Building with a portico”. At a later stage, this building went through attachments and preadaptation. The destruction and abandonment of the Late Antique buildings was followed by a process of disintegration and ruralization. Parts of the destroyed buildings were integrated in the micro-housing structures from the so-called post-urban period which existed until the early 7th century.
Medieval period (9th – 11th century) – The life was reestablished in the medieval period and the same area was first used for dwelling and later for burial.
Библиографија
- Adam-Veleni P., 2003, (ed. Grammenos D. V.) Roman Thessaloniki, Thessaloniki.
- Бикиħ В., 1994, Средњовековна керамика Београда, Београд.
- Битракова Грозданова В., 1986, Топографијата и урбаниот развој на Лихнидос, Историја XXII/2, Скопје, 249-263.
- Битракова Грозданова В., 2006,Охрид во ранохристијанскиот период и неговото урбано јадро, Јубилеен зборник - 25 години митрополит Тимотеј, Охрид, 257-268.
- Бояджиев С., 1959, Принос към историята на крепостна стена на Сердика, Археология 1959/3-4, София, 35-45.
- Бояджиев С., 2002, Градоустройство, крепостно строителство, обществени, частни, култови и гробнични сградипрез ІІ-ІV в., во: Р. Иванов Р. (ред.) Римски и ранновизантийски градове в България (Studies in memory of prof. Teofil Ivanov), том І, Иврай-София, 125-180.
- Bury J.B., 1923, History of the Late Roman Empire from the Death of Theodosius I to the Death of Justinian, I-II, New York (reprint 1958).
- Чанак Медиħ М. - Стојковиħ Павелка Б., 2010, Архитектура и просторна скулптура царске палате, Felix Romuliana - Гамзиград, Београд.
- Гарашанин М. - Кораќевиќ Д., 1979, Базиликата II во Скупи, Maced. acta archaeol. 5, Прилеп, 31-46.
- Garašanin M., 1983, Medijana - grupa, Grupa Donja Brnjica - Gorna Stražava, Razvijeno bronzano doba i prelazni period Makedonije, PJZ IV, Sarajevo, 761-772, 773-778, 786-798.
- Dintchev V., 1999, Classification of the Late Antique Cities in the Dioceses of Thracia and Dacia, Archaeologia Bulgarica III/3, Sofia, 39-75.
- Дончева Петкова Љ., 1977, Бългрска битова керамика през раното средновековие, София.
- Гарашанин М. - Кораќевиќ Д., 1987, Археолошки ископувања во Скупи 1978-1981, Maced acta archaeol. 7-8, Скопје, 79-96.
- Герасимовска Д., 2008, Појава на перистилот како елемент на античката куќа, ГЗФФ 61, Скопје, 381-396.
- Герасимовска Д., 2009, Улогата на живеалиштето во културата на живеење низ антиката во Република Македонија, Скопје.
- Дончева Петкова Љ., 2006, Кръстове – енколпиони от средновековна България, (ред. А. Димитрова-Милчева, В. Кацарова), Spartacus II (2075 години от въстанието на Спартак, Трако-римско наследство, 2000 години християнство, Международен симпозиум 1-4 октомври 2002 година, Сандански), Велико Търново, 101-112.
- Ерцеговиħ Павловиħ С., 1986, Средновековна насеља и некрополе у Бољетину и Хајдучкој Воденици, Ђердапске свеске, посебна издања 1, Београд.
- Иванов Р., 1999, Долнодунавската отбранителна система между Дортикум и Дуросторум от Август до Маврикий, София.
- IMS VI = Dragojević-Josifovska B., 1982, Inscriptions de Mésie Supérieure, vol. VI, Scupi et la région de Kumanovo, Beograd.
- Janković M., 1974, The ceramic ware of the Lower Danube Basin culture in the 9th – 11th century in the territory of Timočka Krajina, Balcanoslavica 3, Prilep, 75-87.
- Janković Đ., 1974, Srednjevekovna grnčarija donjeg srpskog Podunavlja, Balcanoslavica 3, Prilep, 89-119.
- Jovanova L., 2005, Scupi from the 1st to the 3rd century according to new archeologial und epigrafic evidence – Römische Städte und Festungen an der Donau, Akten der Regionalen konferenz - 2003, Beograd, 153-161.
- Јованова Л., 2006a, Кога било изградено првото камено утврдување во Скупи, Maced. acta archaeol. 17, Скопје, 163-178.
- Jovanova L., 2006b, Colonia Flavia Scupinorum: Topography, disposition and structure of the city and its necropolises from the first to the third century AD, Homage to Milutin Garašanin, SASA Special Editions, Belgrade, 617-638.
- Jovanova L., 2006c, New moments on the history of Scupi, Costoboc tribes and Scupi, (ред. А. Димитрова-Милчева, В. Кацарова), Spartacus II (2075 години от въстанието на Спартак, Трако-римско наследство, 2000 години християнство, Международен симпозиум 1-4 октомври 2002 година, Сандански), Велико Търново, 138-145.
- Јованова Л., 2008a, Скупи - Colonia Flavia Scupinorum, водич, Скопје.
- Јованова Л., 2008b, Скупи (Colonia Flavia Scupinorum), топографијата и урбанистичката структура на градот од I-III век, Maced. acta archaeol. 18, Скопје, 197-222.
- Jovanova L., (in print), Colonia Flavia Scupinorum-The world of the dead, The 2nd International Symposium of Archaeology: MORTUI VIVOS DOCENT, Strumica, 03-06 nov. 2011). Strumica.
- Лилчиќ В., 2002, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за животот по животот, том II, Скопје.
- Karagiani F., 2009, The development of the cities during the transition from Late Antiquty to the Early Christian Era, Niš & Byzantium VII, Niš, 119-128.
- Кепевска Л., 2005, Енколпиони од Мариово, Зборник на Музејот на Македонија археологија н. с. 2, Скопје, 219-225.
- Кораќевиќ Д., 1977, Состојбата на археолошките ископувања во Античко Скупи, Maced. acta archaeol. 3, Прилеп, 143-177.
- Кораќевиќ Д., 1984, Античко Скупи - резултати од досегашните археолошки истражувања (каталог), Скопје.
- Кораќевиќ Д., 1988, Археолошки ископувања во Скупи 1982 г., Maced. acta archaeol. 9, Скопје, 155-165.
- Koraćević D., 1989, Urbanizam i arhitektura Skupa u svetlosti arheoloških iskopavanja, Lihnid 7, Ohrid, 101-107.
- Кораќевиќ Д., 2002, СКУПИ, Градска територија, Скопје
- Кузмановски И., 2010, Ѕидното сликарство од градската вила во Скупи, Maced. acta archaeol. 19, Скопје, 225-235.
- Максимовиħ М., 2004, Ниш у средњем веку, Археолошко благо Ниша од неолита до средњег века (каталог изложбе), Београд.
- Манева Е., 1985/1987, Коскени окови за рефлексен лак и троребри стрели од номадско потекло од Хераклеја, Зборник на трудови на Завод за заштита и Музеј Битола 6-8, Битола, 49-60.
- Манева Е., 1988, За источното предградие на Хераклеја, Maced. acta archaeol. 9, Скопје, 175-186.
- Mano-Zisi Dj., 1973, Stratigraphic Problems and the Urban Development of Stobi, Studies in the Antiquities of Stobi I, Beograd, 185-225.
- Марјановиħ Вујовиħ Г., 1987, Крстови од VI до XII века из збирке Народног музеја, Београд.
- Милинковиħ М., 2006, Осврт на налазе времена сеобе народа са југа Србије и из суседних области, Ниш & Византија IV, Ниш, 245-262.
- Милошевиħ Г., 1987, Рановизантиска архитектура на Светињи у Костолцу, Старинар XXXVIII, Београд, 39-58.
- Mikulčić I., 1970, Skupi – istočna nekropola i j/i sektor gradskog bedema, Arheološki Pregled 12, Beograd, 131-141.
- Mikulčić I., 1971a, Skupi - istočna nekropola 1971, Arheološki Pregled 13, Beograd, 43-45.
- Mikulčić I., 1971b, Teritorija Skupa, Živa Antika XXI/2, Skopje, 463-484.
- Микулчиќ И., 1973а, Местоположбата на античко Скопје, Историја X/2, Скопје, 262-267.
- Mikulčić I., 1973b, From the Topography of Scupi, Archaeologia Iugoslavica XIV, Beograd, 29-35.
- Mikulčić I., 1974, Uber die Grösse der spätantiken - Städte in Makedonien, Živa Antika, Skopje, 191-212.
- Микулчиќ И., 1982, Старо Скопје со околните тврдини, Скопје.
- Микулчиќ И., 1999, Антички градови во Македонија, Скопје.
- Микулчиќ И., 2003, Стоби, антички град, Скопје.
- Микулчиќ И., 2007, Хераклеја, антички град во Македонија, Скопје.
- Микулчиќ И., 2009, Античките градови на Брегалница, Скопје.
- Митревски Д., 1997, Протоисториските заедници во Македонија, Скопје.
- Мурџева М., 2008, Крстови, од колекциите на музеите во Македонија (каталог за изложба), Скопје.
- Нацев Т. - Јованова Б., 2005, Депо на монети од археолошкиот локалитет Баргала, Зборник археологија 2, Скопје, 185-194.
- Нацев Т., 2008, Античкиот град Баргала, Скопје.
- Ончевска Тодоровска М., 2004, Остава на монети од Скупи, Македонско наследство 23, Скопје, 29-42.
- Ončevska Todorovska M., 2009a, The Great Early Christian Basilica in Scupi and Early Christianity, Macedonian Heritage (Homage to Blaga Aleksova) 34-35, Skopje, 97-112.
- Onchevska Todorovska M., 2009b, Termal Facility in Skupi, Collection of works from the Symposium„Water, Life and Pleasure“ in 2008, NI Institut for protection of the monuments of culture and museum - Strumica, Strumica, 75-84.
- Ончевска Тодоровска М., 2010, Занаетчиството и применетата уметност во доцната антика преку метални предмети од Скупи, Maced. acta archaeol. 19, Скопје, 281-295.
- Ончевска Тодоровска М., 2011, Новата голема ранохристијанска базилика од Скупи, Maced. acta archaeol. 20, Скопје, 365-379.
- Папазоглу Ф., 1957, Македонските градови у римско доба, Скопје.
- Почуча Кузман Н., 1988, Реликвијари од Охрид и Охридско, Лихнид 6, Охрид, 133-150.
- Поповиħ В., 2003b, Дезинтеграција и рурализација града у источном Илирику од 5. до 7. века н.е., Sirmium, Град царева и мученика (сабрани радови о археологији и историји Сирмијума), Сремска Митровица, 239-258.
- Поповиħ М., 1987, Светиња, нови подаци о рановизантиском Виминацијуму, Старинар XXXVIII, Београд, 1-37.
- Rendić Miočević D., 1981, SCUPI Istraživanja rimskog teatra 1959-1961 godine, Antički teatar na tlu Jugoslavije, Novi Sad, 44-51.
- Ристов К., 2003, Утврдувања од железното време во скопскиот регион, Пирајхме 2, Куманово, 299-319.
- Ристов К., 2004, Праисториските некрополи во Варвара и Орешани - слика за протоисторијата во Скопско, непубликувана магистерска работа, Скопје.
- Санев В.- Саржоски С., 1981,Ископувања на внатрешниот бедем во Стоби, 1972 – 1974 година, Studies in the Antiquities of Stobi III, Титов Велес, 229-231.
- Snively C., 2009, The fates of Balkan Cities in Late Antiquity: Recent Views, Niš & Byzantium VII, Niš, 37-44.
- Торбатов С., 2002, Укрепителна система на провинция Скития (края на III-VII в.), Велико Търново.
- Хаџи Манева М., Нумизматички сведоштва за крајот на VI и VII век, Mace acta archaeol. 18, Скопје, 381-395.
- Velkov V., 1977, Cities in Thrace and Dacia in Late Antiquity (Studies and Materials), Amsterdam.
- Вулиħ Н., 1961, Римско позориште код Скопља, Посебна издања САНУ књ. 39, сл. Београд, 3-23.
- Vulić N., 1981, Rimsko pozorište kod Skoplja, Antički teatar na tlu Jugoslavije, Novi Sad, 37-43.
- Шурбаноска М. - Јакимовски А., 2007/2008, Forum Romanum Stobis, Скопје.
- Cod. Teod. The Teodosian Code and Novels and the Simonidian Constitutiones, trans. by C. Pharr with collaboration with T. S. Davidson and M. B. Pharr, New Jersey, Princeton University Press 1952 (reprint 2001).
- Hier. Synekd. Hieroclis Synecdemus, accedunt fragmenta apud Constantinum Porphyrogennetum servata et nomina urbium mutata (ed. A. Burchardt), Lipsiae 1893.
- Amm. Marcel. Ammianus Marcellinus, Ammiani Marcellini, Rerum gestarum libri qui supersunt (Историја, предговор, превод и објашњења, М. Милин), Нови Сад 1998.
- Marcell. Com. Chron. Marcellini Comitis Chronicon (ed. by T. Mommsen in Monumenta Germaniae Historica Auctorum Antiquissimorum, tomus XI), Chronica Minora (saec. IV.V.VI.VII) vol. II, Berolini 1894 (Reprint 1981).
- Not. Dig. Notitia Dignitatum accedunt Notitia urbis Constantinopolitanae et laterculi provinciarum (ed. by O. Seek), Berolini 1876.
- Procop. De aedif. Procopii Caesarensis opera omnia, vol. VII (Bildings, ed. and translated by H. B. Dewing), Loeb Clasical Library, London 1940.