Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 231–261

Негроидните митски ликови на археолошките наоди од Република Македонија - семиотика и аналогии од соседните региони

УДК 903.2:398.4-05(497:497.7)”63/65”

Содржина
  1. 1. Садови со негроидни ликови (неолитски, раноантички и римски период)
  2. 2. Обетки со негроидни глави (хеленистички период)
  3. 3. Светилки во вид на негроидна глава (хеленистички и римски период)

Непосреден повод на ова истражување се праисториските и античките наоди откриени на територијата од Република Македонија кои прикажуваат ликови со негроидни обележја. Притоа, на овие предмети им пристапуваме не поради нивна типолошка, хронолошка, технолошка, ниту, пак, поради историско-уметничка анализа, ами со цел да проникнеме во семиотиката, односно симболичкото, магиското и митско-религиското значење на ликовите претставени на нив. Напоменуваме дека во проучувањата ќе бидат опфатени само публикуваните наоди, а не и најновите вакви примери (главно необјавени) коишто се пронајдени во рамките на поновите археолошки ископувања. Поради согледување на поширокиот контекст на семиотиката на овие објекти, во анализите ќе бидат вклучени и одделни аналогии од околните балкански региони.1

На самиот почеток мора да се заземе став во однос прашањето дали црниот човек на овие предмети се појавил како резултат на одредени симболички процеси или на реалното постоење во Европа на црни луѓе, т.е. припадници на негроидната раса? Иако одредени историски и археолошки факти укажуваат на тоа дека во некои делови на континентот, како, на пример, Балканот, припадници на оваа раса биле присутни уште во праисторијата, независно од тоа црниот човек постоел и во свеста на тогашните Европејци - како симболички, т.е. измислен лик. Гледајќи на прашањево од една семиотичка гледна точка, може да се претпостави дека негроидните ликови на тука елаборираните предмети не морале да се најдат како обична рефлексија на реалноста, туку како ликовни претстави на митологизираниот црн човек.

Во основите на човековите мисловни процеси стои концептот на бинарни опозиции (сличен на тој според кој функционираат денешните компјутери). Во рамките на овој концепт, определувањето на одредена категорија се остварува преку нејзинотото соочување и споредување со некоја друга, којашто е спротивна на неа: женско - машко, живот - смрт, лево - десно, бело - црно, свое - туѓо итн.2 Во тој контекст, белиот и црниот човек претставуваат пар од спротивни елементи кој нужно се појавува во разни делови на светот и независно едни од други. Јасно е дека во културните ареали на белата раса, како реална база функционира белиот човек, така што црниот тука се јавува во улога на негов митско-симболички опонент кој треба да го определи и зацврсти семиотичкиот статус на реалниот човек. Обратно, во ареалите на другите раси, ваквата улога на опонент често ја носи токму белиот човек.

Со самото свое појавување, митскиот црн човек ќе привлече врз себе и други компоненти во рамките на истиот концепт на бинарни опозиции. Целиов овој процес би можеле да го сведеме на следниве логички конструкции на митската свест: „Ние - обичните луѓе (на-

шинците) живееме на овој свет - белиот свет - светот на светлината, поради што сме и

самите бели. Освен нас, има и други - црни луѓе (туѓинци) кои потекнуваат од црниот свет кој е обратен на нашиот, се наоѓа некаде од спротива на нашиот свет, или долу - под

него и претставува некаков подземен свет, свет на темнината и свет на смртта. Според

тоа, овие луѓе се спротивни од нас: нечисти се, лоши, несфатливи, но исто така моќни и способни во една мистично-негативна смисла“. Во крајна инстанца, во однос на белиот човек, овие црни луѓе се определуваат и како нелуѓе, што во принцип ги категоризира во

сферата на мртвите, на демоните или на боговите.

бели луѓе - бел свет - овој свет - горе - живот - добро - чисто - луѓе

црни луѓе - црн свет - оној свет - долу - смрт - лошо - нечисто - нелуѓе

1. Садови со негроидни ликови (неолитски, раноантички и римски период)

Од Македонија потекнува едната од неколкуте најстари ликовни претстави на црнец во Европа. Станува збор за фрагмент од керамички предмет, пронајден на локалитетот Церје во с. Говрлево, Скопско, кој претставувал дел од некаков сад (датација: VI-V милениум пр. н.е.). Површината му била обоена и исполирана во црвена нијанса, при што отстрана е дополнет со глава која мошне реалистично прикажува лик со негроидни обележја (T.I: 1-4). Изобразено е широко лице со големи клемпави уши, тенок нос, маргинализирани очи (мали, пропаднати, несиметрични) и нагласени усни.3 Реалистичната изведба на некои детали (особено на дебелите и издадени усни) укажува на непосредното набљудување реални припадници на оваа раса. Но исто така мора да се напомене дека овој лик покажува одредени релации и со лицето на мајмун, и тоа особено по клемпавите уши и издадените усни.

Иако досега не се посочени толкувања и директни паралели за овој предмет, се чини мошне веројатно дека се работело за сад со култна намена. Може да претпоставиме дека тој бил конципиран слично како зооморфизираните садови - жртвеници, добро познати во рамките на неолитските и енеолитските култури на Балканот и пошироко.4 Врз основа на зачуваниот фрагмент, може да се претпостави дека тој имал топчест реципиент, веројатно поставен на четири ногарки, при што на едниот бок била аплицирана зачуваната негроидна глава (T.I: 3). Во рамкиите на балканските предисториски култури ни се познати неколку керамички предмети, при чие моделирање е применета слична концепција на компонирање и пропорционирање на елементите од лицето. Во таа смисла, особено се истакнуваат два подоцнежни примери од Стара и Нова Загора (Бугарија) (спореди T.I: 4 со 5, 6). Што се однесува до негроидните обележја, на наодот од Говрлево може да му се придружи и една неолитска фигурина, исто така од Бугарија (Русе), чија глава покажува јасни карактеристики на црната раса (дебели усни, широк нос и заоблено чело) (T.I: 7, 8).5 И на некои неолитски керамички фигурини од Бутмир (Босна и Херцеговина) истражувачите исто така се обиделе да детектираат обележја на негроидниот расен тип.6

Мошне е веројатно дека фрагментот од Говрлево припаѓал на луксузен сад со култна намена. И во наредните епохи, лицето со негроидни обележја ќе се аплицира на разни садови со сакрален карактер. Би сакале во оваа пригода да споменеме неколку такви примери од подрачјето на Република Македонија и околните региони, без претензии во однос на исцрпноста на оваа листа. Во познатото депо кај Панаѓуриште (Бугарија, IV-III век пр. н.е.) се наоѓаат два златни сада на кои се претставени црнечки глави. На дното од амфората - ритон е прикажана кружно организирана композиција, обрабена со фитоморфен мотив, чиј центар е означен со петолисна розета (T.II: 1, 2а, 2б). Во обрабеното поле се симетрично прикажани две фигури - од едната страна младиот Херакле со змии во рацете, а од другата - стариот Силен кој држи кантарос и двојна флејта. На краевите од дијаметралната оска на композицијата се претставени две глави со негроидни обележја, најверојатно во возраст на деца или млади момци. Во нивните отворени усти се пробиени дупчиња, наменети за истекување на течноста од садот (T.II: 2а, 2б). На надворешната страна од златната фијала (T.II: 4а), околу централната длапка, во концентрични прстени се нанижани најпрво желади, а потоа три реда црнечки глави, при што во секој следен ред тие се поголеми и повозрасни од претходните. Празниот простор околу нив е исполнет со врежани фитоморфни мотиви. Постојат толкувања според кои овие два сада се користеле заедно, односно амфората - ритон стоела во или над фијалата, при што течноста од неа, низ споменатите отвори истекувала во вториот сад.7 Садовите обликувани или дополнети со негроидни ликови се добро познати во рамките на хеленската керамичка продукција. Особено се чести арибалите, со мев моделиран во вид на глава на црнец, кој од спротивната страна е неретко комбиниран со глава на жена со јасни обележја на белата раса (T.III: 5, 6).8

Овие традиции преминуваат и во римскиот период, за што имаме примери во Македонија и околните региони. Во античкиот град Стоби, при ископувањата на скената на античкиот театар, пронајден е фрагментиран керамички сад (купа), лакиран во сиво-црвеникава боја, чиј корпус е оформен во вид на глава со негроидни обележја (T.III: 2а, 2б). Се датира во II век од н.е., а се поврзува со традициите на Книд.9 Сад со негроидна глава е пронајден и во театарот на Хераклеја Линкестис, исто така лакиран (со црн лак) и датиран во II век од н.е. (T.III: 1).10 Карактерот на овие предмети досега, главно, се толкувал во контекст на уметноста и забавата, врзани за дејностите во античките театри и арените во кои тие подоцна ќе бидат адаптирани. Притоа се занемаруваат нивните религиски аспекти кои во обата примери се јасно назначени со присуството на култот на Немеза. Имено, во скената на театарот во Стоби е јасно потврдено постоење храм на ова божество, додека во театарот во Хераклеја е идентификувана најмалку една нејзина скулптура.11 Оваа врска мошне егзактно може да се поткрепи со античките описи на една статуа на божицата Немеза од Рамнунт, која во десната рака држела сад (фијала) со претставени црнци.12

Во регионот на денешна Бугарија се пронајдени неколку бронзени балсамариуми, од римскиот период, чии корпуси се обликувани во вид на глави т.е. бисти на момчиња со реалистично прикажани негроидни белези на лицето. Едни од највпечатливите се секако двата примерока од колекцијата „Васил Божков“, датирани во II-III век од н.е., со непознато место на наоѓање. Кај едниот од нив, реципиентот е формиран од две глави кои се споени со задниот дел (T.III: 3а, 3б, 4).13 Тука треба да се спомене и примерокот од Војводиново кај Пловдив (датитран во II век од н.е.), кој денес се чува во Археолошкиот музеј во Пловдив. Во овој случај, станува збор за цела фигура на негроидно момче, прикажано седнато на земја со колената припиени до градите.14 Врз основа на карактерот на предметите, станува збор за садови вклучени во култот на мртвите, што би можело да се објасни како продолжување на постарите традиции од хеленскиот и хеленистичкиот период, манифестирани преку наведените керамички примери (T.III: 5, 6).

Неолитскиот предмет од Говрлево (T.I: 1-4), спореден со овие подоцнежни садови, го отвора прашањето зошто низ толкав милениумски распон, упорно се провлекува тенденцијата за оформување или дополнување на култните садови со ликови кои имаат негроидни обележја. Ни се чини дека овој ран и вонконтекстуален пример од Македонија, согледан во релација со горенаведените подоцнежни садови, започнува да ги „отвора“ своите енигматични семиотички пластови. Тоа се должи на фактот што денес, благодарение на пишаните извори и на археолошкиот контекст, барем делумно може да се согледа изворниот карактер на овие подоцнежни садови, намената и митските предлошка на нивната иконографија. Од друга страна, говрлевскиот сад, со својата рана датација ги поставува самите темели на оваа традиција, како и глобално - процесот на симболизација и митологизација на човекот - припадник на црната раса, уште во рамките на европските неолитски култури.15 Тука само ги најавуваме овие прашање, на чии одговори ќе се навратиме во наредните поглавја, каде ќе ја анализираме улогата на негроидните митски ликови во подоцнежните периоди.

Садот од Говрлево, заедно со фигурината од Русе (T.I: 1-4, 7, 8) иницира сериозни прашања и во однос на раното присуство на луѓе од црната раса на Балканот. Во таа смисла, се наметнуваат и размислувања околу карактерот, причините и мотивите на таквото присуство, како и механизмите преку кои тоа било реализирано. Во однос на неолитскиот период по ова прашање засега немаме егзактни факти, со оглед на отсуството на пишани извори, но такви информации се појавуваат во наредните периоди. Според некои антички писатели, во долината на реката Strymon (Струма) егзистирале негроидни народи. Некои од нив известуваат дека во земјата на Тракијците живеел пигмејски народ кој го напуштил ова подрачје кратко време пред доаѓањето на Римјаните. Во прилог на вистинитоста на овие извори одат и одредени топоними, теоними и преданија врзани за регионот на Струма, во кои се често присутни жеравите - неразделни придружници на митските Пигмејци (за ова види подолу) (T.V: 1-3).16

2. Обетки со негроидни глави (хеленистички период)

На неколку некрополи од хеленистичкиот период, лоцирани во регионот околу Охридското Езеро, т.е. античкиот град Лихнид, е пронајдена една специфична категорија обетки дополнети со негроидни глави (T.IV: 1-3, 7-9). Оформени се во вид на алка, составена од сплет на жички (златни, позлатени, сребрени) која кон едниот крај постепено се проширува и завршува со чашка изведена од златна фолија. Во отворот на чашката е всадена човечка глава со негроидни карактеристики, изработена од стаклена паста, јантар или друг полудрагоцен камен во темни нијанси. Целава композиција на обетката остава впечаток на схематизиран ритон од кој вири црнечка глава. Темето и е покриено со златна фолија која со прилепените спирали ја означува кадравата коса на прикажаниот лик или капата што тој ја носи. Обетките од овој тип се пронајдени како прилози во гробови, така што може да се претпостави дека стоеле на телото на покојниците за време на погребниот ритуал или, пак, им биле оставени во гробовите како дарови. Релативно кревката конструкција упатува на претпоставка дека овој накит можеби не бил за секојдневна употреба, туку се користел само или, пред cè, во рамките на погребните церемонии. Врз основа на досегашните наоди, би можело да се работи за локален тип обетки, кој е најгусто сконцентриран на некрополите од споменатиот регион и неговата поширока околина: Дебој, Чинарот, Плаошник, Горна Порта, Опејнца и Требеништа (Охрид), Делогожда (Струга) и Селце (кај Поградец во албанскиот дел на Охридското Крајбрежје). Поретки примери се јавуваат и во поширокото опкружување (T.IV: 4, 6, 11): Средно Повардарје (Марвинци), Црна Гора (Будва, Гостиљ - Скадар), Херцеговина (Горица), Албанија (музеи во Тирана и Белша), Грција (Солун, Верија, Еритреја), западно крајбрежје на Мала Азија (Кима) и Италија (Тарент, Бетона). Накитот се датира меѓу III и I век од пр. н.е Црнечки глави се присутни и на герданите од овој период, каде во пар го придружуваат механизмот за закопчување (T.II: 3а, 3б).17

Дали присуството на негроидните глави врз прикажаните обетки треба да се толкува само како уметнички мотив, инспириран од трендот т.е. модата или можеби на реалното присуство црнци во локалниот регион? Досега овој накит се третирал, пред cè, како манифестација на уметничкиот стил на градот Александрија, или пошироко - како продукт на духот на глобалната хеленистичка култура од посталександровиот период.18 Но некои факти упатуваат на тоа дека зад „убавиот изглед“ и „егзотичниот стил“ можеле да стојат и некакви митолошко-религиски предлошки, фокусирани во главното обележје на обетките - негроидните глави всадени во нивниот корпус формиран во вид на ритон.

Присуството на црнечките глави добива можност за осмислување ако се поврзе со Пигмејците, кои во античките извори се претставени како митски народ со црна боја на телото, негроидни обележја на лицето, низок раст, зголемен фалус и обраснатост со влакна (T.V: 1-3). Најпрво се замислувало дека живеат на јужните брегови од Океанот (митска река која ја опкружува Земјата), во црниот плоден слој на земјата во кој виреат растенијата (Katoudaioi = „кои живеат под земјата“) или, пак, во пештери. Подоцна се споменуваат како луѓе населени јужно од Египет, опкружени со пустиња или, пак, во некои други - најчесто оддалечени делови од светот.19 Во црната боја и престојувалиштето на овој народ е кодирана нивната припадност кон „оној свет“, сфатен како подземје, свет на темнината и на смртта. Но во митските Пигмејци е воедно присутен и аспектот на воскреснувањето, т.е. повторното оживување. Кодиран е во нивниот мал раст кој ги изедначува со децата, како симболи на подмладувањето, на новиот живот, т.е. новото раѓање, но и во нивните релации со вегетацијата (живеат во хумусниот дел на земјата, во пештерите, а и самите се земјоделци). Наспроти тоа, што нивната црна боја симболизира крај и смрт, таа токму во

тој контекст го навестува и новиот почеток, кој нужно следи после секој завршеток.20

Животворниот аспект на овие митски ликови е јасно претставен и преку нивните препо-

тенцирани фалуси (T.V: 2, 3).

Сметаме дека овие значења се кодирани во обликот, т.е. иконографијата на прикажаните обетки. Како што рековме, досегашните истражувачи сметаат дека целата обетка всушност прикажува ритон, т.е. „рог на изобилието“ (корнукопија), од чија внатрешност се појавуваат црнечките глави.21 Согласувајќи се со ова толкување, може да сумираме дека покрај другите значења, ритонот (а во тие рамки и „рогот на изобилието“) носи во себе и еден симболички пласт поврзан со женскиот принцип, т.е. создавањето, раѓањето и појавувањето на животот, храната, плодноста, богатството и изобилието. Овие значења се темелат врз тоа што ритонот е едниот од првите садови кој уште во палеолитот служел за чување храна и течности. На овие значења упатува фактот што рогот и самиот расте, при што неговата конусна форма, проширувајќи се постепено од врвот кон устјето, самата по себе алудира на принципот на растењето, експанзијата и прогресот.22 Како посредна паралела за релацијата „црнец - ритон - сад“ можеме да ги приложиме горенаведените садови дополнети со негроидни ликови, како и веќе спомнатиот опис на статуата на Немеза од Рамнунт, која во раката држела сад со претстави на црнци. Овие значења уште понепосредно ги претставува мотивот од една сликана хирдија од Родос на која е прикажана допојасна женска фигура која се појавува од земјата (Геа/Деметра), при што во рацете држи ритон на кој седи дете кое се идентификува со малиот Плутон (T.IV: 5).23 Согледани во контекст на оваа и други слични сцени, може да се заклучи дека и негроидниот лик на нашите обетки е еквивалентен на Плутон, и тоа како манифестација на неговиот црн (подземен) карактер. Ова го потврдува еден пар обетки од некрополата во Марвинци на која ликот што штрчи од ритоните е прикажан со брада и долг нос, кои како обележја се повторно карактеристични за боговите на подземјето (хеленските Плутон, Хад и Харон и италиските Харун и Тухулка).24

Според тоа, спојувајќи ги наведните значења на ритонот со негроидната глава која штрчи од неговото устје, доаѓаме до симболиката на повторното оживување, подмладување и раѓање на ликот што таа го застапува. Значењето на растот и повторното раѓање може да се идентификува и во схематизираните растителни мотиви присутни на прикажаните обетки (бршленови ливчиња, спирални ластарчиња, бобинки групирани во гроздови - T.IV:1 - 4, 6-9, 11), но и во самото злато употребено како основен материјал за изработка на овој накит.25 Врската со воскреснувањето уште повеќе се засилува во контрастот меѓу златото и темната боја на минералите употребени во моделирањето на црнечките глави.

Доколку ја прифатиме хипотезата дека прикажаните обетки припаѓале на категоријата гробен накит, и дека биле употребувани само или, пред cè, во погребни цели, се појавува можноста главите на црнците да се поврзат со погребните верувања и култот на мртвите. Покојникот се испраќал на оној свет со накит во кој била кодирана неговата задгробна судбина: главите на Пигмејците го симболизирале него самиот, т.е. неговата душа, која, доспевајќи на „оној свет“, се идентификува со таму лоцираниот митски пранарод (T.IV: шема 10). Црната боја на овие луѓе го кодира крајот на животот (црно - смрт), џуџестото тело - повторното оживување, т.е. подмладување (џуџе - дете), додека издаденоста на главата од ритонот - новото раѓање (ритон - сад - утроба).

Слична семиотичка концепција може да се детектира на веќе споменатата златна фијала од депото од Панаѓуриште (T.II: 4а). Како што наведовме, на нејзиното дно се во концентрични прстени претставени најпрво желади, а потоа три реда црнечки глави, при што во секој нареден ред тие се поголеми и повозрасни од претходните. Надоврзувајќи се на постоечките толкувања на овие елементи како симболи на„дивото“ и„туѓото“, тука апострофираме и на уште еден можен аспект.26 Имено, прикажаната композиција„расте“ од желадите, наредени во средиштето на садот (=долу), и тоа преку малите црнечки глави (=деца) кон средните (=момци), завршно со големите глави (=возрасни) кои се поставени на неговата периферија (=горе) (T.II: 4а, 4б). Сметаме дека во оваа градација е кодирана трансформацијата на виталната сила, од нејзиниот ембрионално-растителен стадиум (желади лоцирани во „оној свет“) кон појавно-антропоморфните форми (возрасни црнци, позиционирани на работ, т.е. преминот кон „овој свет“).

Нашата потрага по конкретните манифестации на овие предлошки и горе посочените аналогии, нè доведоа до традициите и митските ликови поврзани за божествата Кабири. Непосреден повод за поврзувањето на прикажаниот накит со овие божества е важното место што во нивниот култ и иконографија го заземале ликовите со негроидни обележја. Дури и самите Кабири се претставувани како црни, т.е. негроидни џуџиња, т.е. Пигмејци. Истражувачите тоа го објаснуваат низ два аспекта. Од една страна, е странското, т.е. ориентално потекло на култот на Кабирите (семитско, феникијско), при што црната боја расно ги одредува неговите носители како туѓинци. Од друга страна, е доминацијата на хтонските аспекти во култот, при што црната боја се јавува како клучно симболичко обележје на оваа сфера. На ова експлицитно упатуваат и имињата на трите божества - Кабири, во чии теоними е содржан коренот акси, во значење на црн, т.е. темен. Во оваа смисла, исто така е индикативно што зад нив, како еквиваленти се ставале три хеленски божества со нагласен хтонски карактер кои и самите често го носеле епитетот„црн“ (Аксиерос = Деметра, Акси-

окерса = Персефона и Аксиокерсос = Плутон / Хад).27

Предложивме есхатолошко толкување на иконографијата и симболиката на прикажаните обетки, според кое покојникот се изедначува со Пигмеец за да го прими во себе Мајката-Земја како свое дете и потоа на таинствен начин да го подмлади и препороди како билка низ својата утроба (претставена преку ритонот) (T.IV: шема 10).28 Ова толкување добро се вклопува во едната од суштинските концепции на култот на Кабирите - непрекинатата трансформација на животот и смртта, кодирана во двете хипостази на овие божества, претставувани еднаш како деца, а друг пат како старци. Всушност, станува збор за едната од клучните тајни на овој култ - раѓањето на мистеријалното дете, како парадигма на новата етапа во која влегувал мистот - припадник на овие мистерии, по чинот на неговото посветување во новата религиска заедница.29 Таа е кодирана и во веќе споменатата композиција од амфората-ритон од Панаѓуриште, каде преку спротивставените фигури на малиот Херакле и на стариот Силен е претставен премиинот од „дете“ кон „татко“, од „непосветен“ кон „посветен во таинственостите“ (T.II: 1).30 Некои аргументи најнепосредно укажуваат на важната улога на ритонот во кабиристичките ритуали. На сребрениот сад од Борово (Бугарија) кој истражувачите го поврзуваат со овој култ, главниот бог подига ритон во раката. Функцијата и симболиката на ваквиот сад произлегува, меѓу другото, и од важната улога на виното во овој култ, реализирана, главно, со посредство на овие садови.31

Вториот фокус на кабиристичките мистерии се однесувал на таинствениот брак меѓу богот-татко (Кабир) и божицата-мајка (нимфата Кабиро) - сакрален чин, кој повторно се поврзувал со преобразбата на мистот во избраник на боговите (премин на кој му претходи ритуална смрт).32 Оваа содржина би можеле да ја препознаеме на еден друг вид накит што во некои некрополи ги придружувал негроидните обетки (на пример оние од Будва и Гостиљ - T. II: 3a, 3б). Станува збор за споменатите гердани, на чии два краја се наоѓа по една глава на црнец (во некои случаи - црнец и црнкиња).33 Овие два елементи, при закопчувањето можеле да го симболизираат брачниот спој, т.е. врската меѓу двата лика (допир со главите, бакнеж), во кои би бил кодиран кабирскиот божестван пар.34 Слично сопоставување или спојување на машка негроидна глава - овојпат со глава на жена од белата раса, се јавува на некои примероци накит од Северното Прицрноморје (T.III: 7), но и на веќе споменатите негроидни садови (T.III: 6).

Прикажаните обетки не се особено широко распространети низ ареалот на хеленистичката култура. Сегашните наоди упатуваат на нивна поголема концентрација во подрачјето на Централниот Балкан, пред cè, околу Охридскиот Басен и градот Лихнид (T.V: 7).35 Случајно или не, ова јадро се поклопува со последните престојувалишта на митскиот Кадмо, кој со Кабирите го врзуваат и други компоненти. Прва од нив е Феникија, како нивна заедничка прапостојбина.

Генезата на таинствениот култ на Кабирите cè уште не е докрај разјаснета. Според разни теории, тој се врзува за Истокот (Феникијци, Семити), Мала Азија (Фригијци) и Балканот (Тракијци, Пелазги). Во античките извори се појавува со архајскиот период, кога од Мала Азија преку егејските острови се проширува кон Грција (T.V: 7). Особена експанзија доживува во хеленистичкиот период, прераснувајќи во трансетнички феномен, општ за целиот Средоземноморски Регион. Неговите главни јадра се наоѓале на островите Имброс, Лемнос, Самотраке и во градот Теба.36 Овие локации заземаат важно место и во митскиот животопис на Кадмо. Според митовите, тој потекнува од Феникија, а по доаѓањето на Балканот бил владетел на Теба. Едното од четирите божества - Кабири се нарекува Кадмилос, што претставува варијанта на неговото име. По напуштањето на Теба, Кадмо заминува во Лихнид (денешен Охрид), па оттаму во Буто (град на Јадранскиот Брег, веројатно близу денешна Будва), каде владее со локалните Енхелејци и Илири (T.V: 7).37 Според нашите сознанија, во овие два региона досега не е потврден култот на Кабирите, но како што видовме, тука интензивно се застапени обетките со негроидни глави.

За важното место на Македонија во развојот на овој култ говорат и податоците според кои Кабирите биле силно почитувани од страна на целата династија на античко-македонските владетели (вклучително со Птоломеите во Египет).38 Врската станува уште поинтересна ако се земе предвид дека во пошироката зона околу Охрид и Епир се лоцира прататковината на античките Македонци од каде, околу 700-та година, тие ќе мигрираат во Долна Македонија, каде ќе го создадат јадрото на своето кралство. Тука добро се вклопува и фригиската компонента на Кабирите, односно тезите дека нивниот култ во Грција се шири од Фригија. Притоа, мислиме на теоријата што последниве децении во науката станува cè поактуелна, според која Фригијците во текот на II и I милениум пр. н.е. се доселиле во Мала Азија од централниот Балкан, каде се потврдени под името Бриги. Пишаните историски извори, топонимијата и археолошките наоди упатуваат на тоа дека јадрото на оваа нивна стара постојбина ги опфаќало Југозападна Македонија и Источна Албанија,39 т.е. истиот ареал во кој неколку векови подоцна ќе се појави „епицентарот“ на негроидните обетки. Сиве овие компоненти упатуваат на Македонија или Централниот Балкан како уште едно транзитно јадро (а можеби и едно од европските изворишта) на култот на Кабирите.

3. Светилки во вид на негроидна глава (хеленистички и римски период)

Глава на човек со негроидни обележја во римскиот период се појавува на луцерните изработени од бронза и керамика. Такви бронзени примероци се пронајдени на три локалитети од Република Македонија: Стоби, Хераклеја Линкестис и Прилеп (T.VI: 1, 3а, 3б, 4а, 4б), а познати ни се и три примероци од територијата на Бугарија: Провадија, с. Гиген (кај Плевен) и с. Бутово (кај Велико Трново) (T.VII: 4а, 4б, 5а, 5б, 6а, 6б). Сите се така излеани што нивниот шуплив копрус ја претставува главата на црнец, при што на горната страна е прикажано неговото лице. Во некои случаи, долната вилица му е издолжена и деформирана за да се вклопи во дизајнот на клунот на луцерната, додека во други, на брадата или во отворената уста е поставен некаков сегмент (рог?) со функција на пламеник, во чиј отвор горел фитилот. Во задниот дел, главите се дополнети со кадрици од косата, турбан и отвори за вентилација и налевање на маслото за горење (во вид на школка или устје со подвижно капаче). Тука се и држалките во вид на кружна рачка, вертикална шипка или лозов лист. Примероците од Хераклеја и Стоби (T.VI: 1, 3а, 3б) се датираат во I-II век и претставуваат квалитетни производи, чиј стил и начин на изработка повторно упатува на Александрија, врвен уметничко-занаетчиски центар, кој во текот на хеленизмот и римската епоха го снабдувал Медитеранот со разни уметнички изведени предмети од бронза. Примерокот од Прилеп (T.VI: 4а, 4б) е со понизок квалитет на изработка (можеби од локално потекло), при што разни истражувачи го датираат меѓу I и V век.40 Бугарските примероци се исто така мошне квалитетно изработени, а се датираат рамковно во римската империјална епоха (T.VII: 4а, 4б, 5а, 5б, 6а, 6б).41

Слична концепција е употребена и кај керамичките светилки од Македонија. Од околината на Кавадарци (Градиште кај с. Глишиќ) потекнува еден таков примерок кој претставува локална рустична изработка (T.VI: 5). Врз основа на аналогии (од археолошките музеи во Загреб и во Софија) тој се датира во II век.42 Луцерната од Стоби (T.VI: 2а, 2б) се разликува од претходните по тоа што прикажува детска глава со негроидни обележја. Изработена е од сиво печена глина, премачкана со темнокафен лак. Пронајдена е како прилог во еден гроб од западната градска некропола. Врз основа на прикажаниот и на уште еден аналоген фрагментиран примерок откриен во градот, се претпоставува дека ваквите светилики се изработувале во самото Стоби, според калап кој бил најверојатно увезен од околните центри. Обата наода се датираат во првата половина на III век, а аналогни светилки се пронајдени и во Атина, Сплит (Далмација) (T.VII: 1) и Виминациум (Србија).43 При оформувањето на римската луцерна од Бургас (Бугарија) е применета концепција слична со таа на примерокот од Глишиќ (T.VII: 3 спореди со T.VI: 5).44 Како и кај ламбата од Стоби, цртите на лицето упатуваат на детската возраст на прикажаниот лик.

Наведените луцерни од Македонија и околните области не претставуваат никаков ексклузивитет за овој регион, туку станува збор за типови кои биле распространети и во други делови на Римското Царство. Во Севтополис (Бугарија) се пронајдени две керамички луцерни оформени во вид на негроидна глава, кои се датираат во хеленистичката епоха (T.VII: 2). Сосема се идентични, т.е. изработени од ист калап. На челото од прикажаниот лик се наоѓа отвор за налевање на маслото, додека отворот за фитилот е вклопен во самата уста.45 Наведените примероци јасно покажуваат дека негроидните луцерни во овие Балкански региони постоеле и до доаѓањето на Римјаните.

Повеќето од прикажаните примери потекнуваат од римскиот период - време во кое доаѓа до силно мешање на митолошките и религиски традиции на Медитеранот, но во исто време и до нивна демитизација и десакрализација. Во тој контекст, присуството на негроидни глави врз римските светилки (воопшто и конкретно кај оние од Балканот), досега се третираат повеќе како манифестација на дизајнот, отколку на митот и религијата. Се смета дека при изработката на овие предмети, занаетчиите и уметниците позајмувале мотиви од одредени митско-религиски комплекси и ги користеле во формален контекст - како интересни композиции кои со својата декоративност, фасцинантност и егзотичност подобро ќе го продадат занаетчискиот производ. Но повеќе аргументи упатуваат на ставот дека ваквото обликување не било плод само на случајниот одбир на мотиви и нивна исклучиво формално-естетска примена, туку се засновало врз некои cè уште живи митски претстави и активни религиски традиции. Пишуваните извори, археолошките наоди и економските и статистичките пресметки покажуваат дека доминантниот процент на употреба на луцерните во римскиот период (некаде дури и 87%) е насочен кон сферите на култот, и тоа во рамките на јавните, домашните и погребните сфери. Ова се должи на високите финансиски трошоци што ги изнудувала нивната употреба, произлезени, пред cè, од цената на маслото за горење (маслиново, ленено или некое друго, во секој случај од растително потекло).46

Во прилог на доминацијата на култниот карактер на луцерните, одат и други аргументи. Ако се земе предвид големата вредност на маслото во древните култури, чинот на неговото инвестирање во осветлувањето на една просторија добива карактер на жртва принесена на боговите, или генерално - на вишите сили. Притоа, произведената светлина не морала секогаш да ја претставува примарната мотивација за палењето на светилката, туку само нус-продуктот на овој чин, кој всушност имал сосем друга - сакрална суштина (на пример, магиско прочистување преку огнот, апотропејска функција на светлината ...). Овој примарно неутилитарен аспект на светилките најдобро го покажуваат добро документираните антички обичаи. Така, мошне често, луцерни гореле во храмовите, и тоа дење и ноќе, без разлика дали во нив имало или немало луѓе. Тие редовно се палеле и над гробовите, па дури и внатре во нив и во гробниците, каде што нивната светлина (гледано од прагматичен аспект) не можела никому да му послужи.47 Од аспект на овие сознанија се чини мошне веројатно дека барем дел од тука прикажаните луцерни не носеле карактер на утилитарни, ами на култни предмети, што од своја страна ни дава право и негроидните ликови прикажани на нив да ги третираме не како декорација и куриозитет, туку како ликовни претстави со култен, т.е. религиски карактер. Ваквиот карактер станува уште поверојатен во случајот со бронзените светилки, со оглед на нивната ексклузивност, високата цена и мошне честите сакрални мотиви застапени на нив.48

Суштествениот семиотичко-утилитарен момент, присутен во иконографијата на прикажаните луцерни е претставата на некаков лик со негроиден изглед, од чија уста излегува пламен. Керамичкиот примерок од Стоби (T.VI: 2а, 2б), а веројатно и оној од Бургас (T.VII: 3), го прошируваат овој однос со варијантата на дете-црнец кое исфрла оган од устата. Трагајќи по идентитетот на овие ликови, повторно доаѓаме до веќе споменатите Пигмејци - митски народ со негроидни обележја, чие престојувалиште (во подземјето или зад Океанот) и црната боја им дава нагласени хтонски значења.

Тука се наметнува следното прашање: на што би можела да се должи врската меѓу огнот, овие митски ликови и хтонските сфери што тие ги застапуваат, кога и за најпримитивните луѓе мора да било очевидно дека неговото матично место е небото? Навистина, огнот во природата реално доаѓа од небото, така што оттаму преку сончевите зраци и молњата „се симнува“ на земјата. Поради тоа, во светските митологии тој најчесто се става во релација со разни божества поврзани со небото или со наведените небески појави. Но помалку се посветува внимание на тоа што во некои делови од светот огнот извира и од подземјето. Мошне екплицитно и драматично, тоа можело да се забележи на местата каде постоеле активни вулкани, лежишта на запалив земјен гас или нафта, а имплицитно и на тие локации каде од земјата извирале термални води или разни испарувања. Сите овие феномени посредно упатувале на присуството од некаков силен оган во подземјето.49 Во контекст на концепцијата на оживување и персонализација на долните зони од Вселената, митската свест ја заокружила оваа реалност во две основни претстави: за огнот кој се создава и потоа се раѓа од матката на Мајката Земја; за огнот кој се наоѓа во стомакот на машкиот хтонскиот бог и излегува оттаму преку неговата уста. Иако во митовите секогаш не се елаборира претфазата на овие состојби, во првиот случај таа имплицира некаква етапа на зачнување на Мајката Земја, а пак во вториот - дејствие на некакво голтање на огнот од страна на хтонскиот митски лик.50

Се разбира дека за нашево истражување е поинтересен вториот концепт. Него можеме да го илустрираме со неколку светски примери во кои хтонскиот бог се јавува како застапник, извор и покровител на огнот. Едни од најинтересните, во оваа смисла, се секако древноиталските митски ликови Вулкан и Как, т.е. Како. Првиот функционирал како бог на огнот (со свои култни места, свештеници и ритуали) за подоцна, под влијание на хеленската култура да се контаминира со грчкиот Хефест. Ликот Как е исто така древен бог, со функции мошне слични на Вулкан. По замирањето на неговиот култ, сеќавањето за овој лик се зачувало само преку митските раскази во кои тој се претставува како син на Вулкан кој живее во пештера и исфрла чад и пламен од својата уста. И древногрчкиот Хефест е исто така врзан за вулканите, во чие јадро, меѓу другото, се наоѓале и неговите ковачници. Особено се почитувал на вулканскиот остров Лемнос, кој бил полн со термални извори и подземни испарувања, па дури и пламен кој излегувал од земјата. Во оваа категорија спаѓа и грчкиот Тифон кого според некои митови, Зевс го фрлил во подземјето и го натиснал со планината Етна. Токму поради тоа, низ неа излегува чад и оган, кои всушност ги исфрла бесниот Тифон од својата уста (етимологијата на овој теоним се заснова врз typhein - се чади, тлее).51 Ако се земе предвид дека митскиот змеј е едната од најчестите хипостази на хтонскиот бог, тогаш во оваа категорија влегува и најочевидниот и најпопуларен пример, добро познат во бројни светски митологии - огнениот змеј кој исфрла пламен од својата уста (T.V: 4 - 6 - примери од алхемијата и хералдиката).52 Иако сите наведени митски ликови, во изворите не се експлицитно претставени како црни, тоа во многу случаи само по себе се подразбира, ако се земе предвид дека тие како хтонски богови во принцип имале црна или темна боја. Од ова произлегува претпоставката дека негроидните глави некогаш биле изобразени на античките светилки за да ја претстават токму оваа хипостаза на хтонскиот

бог, како црн бог - создавач на огнот.53

Дали присуството на овој митски лик кај прикажаните луцерни треба да се смета исклучиво како декорација? Иако на прашањево не може да се даде конечен одговор, елаборацијата на горенаведените аргументи и концепти, наведува на претпоставки според кои, зад ваквиот изглед сепак стоеле одредени високо разработени религиски претстави, но секако и простонародни суеверија. Не можеме со сигурност да тврдиме кое конкретно божество или митски лик стоел зад прикажаните негроидни ликови, но во прилог на тоа можат да се изнесат одредени хипотези.

Доколку се земе предвид дека римскиот Вулкан бил голем заштитник од пожари,54 се чини веројатно дека присуството на неговиот лик врз светилките (или ликот на некој негов хтонски еквивалент како Как, Хефест или Тифон), можело да има удел во контролирањето на огнот во нив, а со тоа и чувањето на куќата од пожар. И овој пат, релацијата црнец – негроидно дете - хтонско - оган - Пигмеец, нè води кон таинствениот култ на Кабирите. Како што видовме, џуџестите негроидни Пигмејци се постојани придружници на кабиристичкиот култ, при што тие дури и се идентификуваат со овие богови. Нивната врска со огнот може да се поткрепи со бројни традиции врзани за овој комплекс. Кабирите се синови, а некаде и родители на Хефест - богот на металургијата, кој како и повеќето „богови - ковачи“ е во силна и непосредна врска со огнот. Веќе укажавме на теориите според кои кабиристичкиот култ се проширил на Балканот од Блискиот Исток, и тоа како продукт на доселувањето на тамошните металурзи - обработувачи на железото (T.V: 7). Оваа историска појава, на едно митско рамниште ја манифестираат и споменатите митови за феникиецот Кадмо, кој покажува релации со обете сфери - и со Кабирите и со металургијата (види погоре).55

Некои од прикажаните светилки се оформени во вид на дете со негроидни обележја (T.VI: 2а, 2б; T.VII: 3). Како што видовме, божественото дете е едниот од клучните аспекти на култот на Кабирите, при што токму митските Пигмејци ја кодираат основната идеја на ова таинствено верување - смртта (црн човек) како услов за повторно раѓање (џуџе/дете). Митските металурзи во принцип се џуџести, а често и црни.56 Но се покажува дека црната боја била важен предуслов и за реалните металурзи. Во Европа, Индија, но и други делови на стариот свет, металургијата им била предодредена на туѓинците, обично маркирани како припадници на потемната раса. Во Македонија и пошироко на Балканот тоа се Ромите, кои до средината на XX век ја претставувале речиси единствената категорија луѓе предодредени за овие занаети. Автохтоното население не се занимавало со металургија, сметајќи ја за демонска активност поврзана со ѓаволот.57

Џуџестиот, т.е. детски изглед на Пигмејците ја следи основната митска парадигма во процесот на добивање метал. Според неа, вадењето на рудата од земјата се изедначува со предвременото отстранување на плодот од мајчината утроба, додека нејзиното ставање во металургиската печка го добива значењето на враќање на овој „абортиран фетус“ во матката (овој пат артифициелна), која со забрзано темпо ќе го доведе до крај процесот на созревање, т.е. усовршување на металот.58 Истите концепции се користени и во осмислувањето на огнот. Во разни култури тој се определувал како син на Богот Небо и на Мајката Земја, при што чинот на неговото вештачко добивање (преку триење на меко и тврдо дрво или удар на кремен и огнило) се идентификувал со светиот брак, односно коитусот меѓу споменатиот божествен пар.59 Во митовите за Пигмејците огнот е кодиран и преку жеравите - птици кои се нивен особено чест придружник (овој народ војува со жеравите) (T.V: 1, 2, 3). „Огнената“ компонента на овие птици се базира врз митските претстави според кои, секоја пролет тие долетуваат од „оној свет“ (= подземјето, земјата на Пигмејците), носејќи ја оттаму виталната топлина, која ја буди природата.60

Во римскиот период постојат и други типови светилки во чиј дизајн е вклучена иста или слична концепција - човечка глава прикажана на нивната горна страна, при што отворите за налевање на маслото или за горење на фитилот се изедначени со устата на прикажаниот лик (T.VIII: 2, 4). Најчесто се работи за брадесто лице со широко отворена уста кое се идентификува како Дионис, Силен или трагична театарска маска.61 Овие светилки би можеле условно да ги вклучиме во нашево истражување, имајќи ги предвид аргументите кои укажуваат на црната или темна боја на наведените ликови. Во случајов, тоа можеме непосредно да го кажеме за Дионис, кој во античките извори се јавува со два епитети кои влегуваат во категоријата „црн“ (μελαναιγις и μελανθιδης).62 Посредно, тоа може да се однесува и на Силен, како негов неизоставен придружник. Присуството на Дионис и Силен повторно ја враќа линијата на нашите анализи кон Кабирите, имајќи предвид дека обата бога заземале важно место во овој култ. Врската со овие ликови до тој степен ќе се засили, што ќе доведе до синкретизам, т.е. сплотување на двата култа и изедначување на Дионис и Силен со Кабирите.63 Враќајќи се од оваа позиција кон светилката од Хераклеја, како индикатор на оваа симбиоза може да го земеме лозовиот лист, поставен на нејзиниот заден дел (T.VI: 1).

Како што видовме, устата на ликовите прикажани на луцерните, еднаш се идентификува со отворот во кој гори фитилот (T.VI; T.VII), но другпат и со отворот за налевање на маслото за горење (T.VIII: 2, 4). Во овие два концепти на„утилитаризација“ на иконографијата на светилките, можат да се согледаат неколку идеи кои би биле блиски на античките мистични религии. Налевањето на маслото во устата на прикажаниот хтонски бог може да се сфати како смрт или како жртва принесена во неговите челусти, додека горењето на пламенот во неговата уста - како нов живот или повторно раѓање, реализирано како последица на принесената жртва.64 Двата чина, согледани заедно, ја кодираат мистеријата на непрестаното транспонирање на животот низ телото на божеството, кое истовремено ја содржи во себе парадигмата на старец и дете, татко и син, чудовиште кое одземна живот и родител кој дава живот. Во овој контекст, се наметнува прашањето дали присуството во гробовите на предмети со ваква иконографија, треба да се сфати како случајност или како намера, преку нивната есхатолошка семиотика да се означи и поттикне позитивниот исход на задгробната судбина на покојникот? Ние се решаваме за вториот одговор, кој особено добро интерферира со обредот на кремација, осмислувајќи го како таинствен процес на транспонирање на етеричната суштина на покојникот (=оган) низ телото на божеството (T.VI: шема 6). Токму низ оваа митско-симболичка концепција би можело најдобро да се оправда присуството на Атис на керамичката светилка од Огяново, Пазарджик (Бугарија), и тоа како митски лик - парадигма на воскреснувањето (T.VIII: 1а).65 Во таа смисла, станува интересна можноста за имплицитно присуство на два митски лика во оваа ламба. Имено, ако таа се сврти за 180 степени, од истата констелација на елементи се појавува уште еден лик (овојпат старец со морничава физиономија), при што шпицестата капа се претвора во негова брада, додека отворот за налевање на маслото го добива значењето на негова отворена уста (T.VIII: 1а, 1б). Истата концепција може да се пронајде и во иконографијата на други видови археолошки наоди констатирани како гробни прилози (T.VIII: 3a, 3б).66

Формата на тука прикажаните луцерни би можела да се поврзе со Кабирите и преку функцијата „осветлување“ - „давање светлина“, која во нивниот култ се јавува како мистеријална метафора на знаењето (просветлувањето). Кулминационен драматуршки момент за време на таинствените сеанси бил блесокот на силен оган кој ја раздирал темнината на ноќта.67

Тука прикажаната концепција за дизајнирање на светилките во глобални рамки може да се насети на една далеку постара категорија предмети. Станува збор за керамичките садови од бронзеното време (досега, главно, определувани како светилки) присутни во Македонија, но и пошироко на Балканот (T.VIII: 5, 6, 8-10).68 Нивниот шуплив сферичен корпус може да се третира како глава (на човек или животно), при што двата симетрични кружни отвори кои често се наоѓаат на предната страна од корпусот го добиваат значењето на очи (T.VIII: 5, 9). Во овој склоп, широкиот отвор наменет за горење на фитилот го добива значењето на отворена уста од која излегува пламенот. На неколку од македонските примери формата на овој отвор е мошне грижливо доработена за да наликува на човечка уста (T.VIII: 5, 8, 10). Ако се земе предвид архаичноста на овие култури, постари од античките за повеќе од 1000 години, станува сосема веројатна претпоставката дека барем дел од посочените светилки исто така имале култен карактер. Притоа, зад имплицитниот антропоморфен или зооморфен лик претставен на нив, можел да стои некој од митските ликови (најверојатно хтонски) кој исфрла оган од својата уста.69 За тука спроведените анализи би можел да биде интересен и еден неолитски предмет од Ирска, обликуван во вид на антропоморфна глава, чија широко отворена уста функционира како реципиент (T.VIII: 7).70 Формалните сличности со некои од тука прикажаните луцерни (спореди T.VIII:7 со 2, 4) упатуваат на можноста дека и во овој случај се работело за антропоморфен сад со функција на светилка, при што во разјапената уста на прикажаниот лик се истурало масло (=жртва) за тој да го претвори во оган (=благодет). Едно вакво толкување станува уште поверојатно ако се земе предвид дека предметот е изработен од длабен и полиран кремен (минерал во кој на мистичен начин е содржан огнот), а е пронајден како гробен прилог.

На ова место ни се наметнува една компонента заедничка за тука прикажаните луцерни (T.VI-T.VIII) и балсамарии (T.III). Имено, во обата случаи, станува збор за реципиенти обликувани во вид на глава на црнец, во чија внатрешност се наоѓало масло. Иако, на прв поглед намената им е различна, во обата случаи станува збор за дар, т.е. жртва насочена кон сферите на натприродното, претставени со ликот на негроидното божество. Доколку оваа споредба ја фокусираме во фунерарните сфери, кај обата случаи, во присуството на маслото можеме да видиме две форми во надминување на „симптомите на смртта“. Како што веќе видовме, во првиот случај тоа е светлината од маслото што гори во луцерната, спротивставена на темнината како еквивалент на смртта. Во вториот случај тоа е мириз-

ливото масло од балсамариумот, поставено наспроти мирисот на мртвото тело што се

распаѓа, т.е. смрдеата како еквивалент на смртта.

Тука претставените анализи ни даваат можност повторно да му се вратиме на неолитскиот сад од Говрлево, овој пат од една далеку поопределена точка на гледање (T.I: 1-4). Земајќи ги предвид тука споменатите антички традиции, можеме да претпоставиме дека зад прикажаната негроидна глава исто така можел да стои некој митологизиран лик со хтонски обележја, поврзан со тука обработените сфери (смрт, жртвување, плодност, оган). Изработувачот на овој предмет, наспроти очевидниот талент и способност за пластично моделирање, на чуден начин ги занемарил очите на прикажаниот лик, претставувајќи ги како мали, сосема невпечатливи и асиметрични длапки. Ни се чини дека ваквото „небрижно“ моделирање на очите е изведено намерно за да се означи дека прикажаниот лик е со маргинализирани очи, односно слеп. На оваа претпоставка нè наведуваат аналогиите од подоцнежните периоди, каде хтонските (а во тие рамки и црните) божества, често се слепи или со нарушен вид (еднооки). Отсуството на вид кај овие ликови е мотивирано од неколку причини: - за да се означи подземјето (светот на темнината) во кое тие престојуваат (подземје = темнина = слепило); - да се кодира смртта што ја застапуваат (смрт = затворени очи = не-гледање = слепило); - да се означи нелогичноста, т.е. непредвидливоста на настапувањето на смртта („смртта гаѓа наслепо“).71

* * *

Во претходните поглавја претставивме неколку категории предмети од Република Македонија и од соседните балкански подрачја, чие толкување, посредно или непосредно нè доведе до култот на Кабирите. Во тој контекст, на крајот од овој труд би сакале да апострофираме на уште неколку факти (антички пишани извори и топоними) кои на едно друго рамниште упатуваат на егзистенцијата на овој култ во посочениот регион.

Точно наспроти островот Лемнос, во Марица се влева тракиската река Ергинос. Нејзиниот назив, како и името на ближниот антички град Ергиске, истражувачите го поврзуваат со значењето „темен“/„мрачен“, што се става во релација со тријадата на кабирските божества, почитувани на ближниот остров Самотраке.72 Станува збор за веќе споменатите Аксиерос, Аксиокерса и Аксиокерсос, во чии теоними, коренот акси- го носел значењето „црн“. Имајќи ги предвид овие факти, се наметнува можноста, слична, а можеби и уште поуверлива ваква топонимска констелација да се побара и во централниот дел на некогашна Пајонија, односно денешна Република Македонија. Тука мислиме на Аксиос - античкото име на реката Вардар, по чие „темно“ значење може да се трага и во најфреквентиот денешен епитет на оваа река („матен Вардар“).73 Уште поиндикативни се називите на неговата најголема притока во Р Македонија, која денес го носи името Црна Река, а во антиката се нарекувала Еригон - назив кој секако е мошне близок со горенаведените топоними Ергинос и Ергиске. Во прилог на едно вакво толкување одат традициите на персонализација на двете реки во вид на машки митски ликови. За нив дознаваме од една категорија монети, ковани во текот на I-III век во градот Стоби, лоциран на самото устие на овие реки. На реверсот од овие монети се прикажани две полулежечки машки фигури (T.II: 5). Облечени се во алишта од трска или рогозина и листови од локван, а на главата носат шапки т.е. круни од барски растенија. Стапалата им се боси, додека во рацете држат садови (прохос и хидрија) од кои се излеваат струи од течност. Постојат мислења дека едниот од овие ликови ја персонифицира реката Аксиос, додека другиот - Еригон. Меѓу нив стои женска фигура која ја прикажува заштитничката на градот (Викторија - Деметра - Тихе, Фортуна-Ма) со corona muralis на главата.74 Овие традиции можеме да ги следиме наназад се до Илијада, каде реката Аксиос е претставена како митски дедо на Астеропај - водачот на Пајонците, односно како татко на татко му Пелагон, роден по неговата еротска врска со Перибоја.75

Се чини дека едно митско дејствие поврзано со оваа божествена фамилија било овековечено во загубеното дело на скулпторот Диноменес. Според описот на Тациан,76 се работело за статуа којашто ја прикажувала пајонската кралица Бесантис (Безанта) со своето црно т.е. негроидно дете. Оваа необична претстава ја добива целата своја смисла ако се разбере како приказ на некоја пајонска божица со функција на прародилка, т.е. митска кралица на нивниот етност, можеби идентична со пајонската „кралица Артемида“ наведена во други антички извори.77

Ваквото условно кабиричко толкување на прикажаните персонализирани реки повлекува можност за аналогно етикетирање и во однос на античкиот град Стоби, лоциран на самото нивно устие. Ова не се чини како сосема неверојатно ако се повикаме на неколкуте археолошки предмети претставени во овој труд, на кои беа изобразени негроидни ликови: еден сад (T.III: 2а, 2б) и две луцерни (T.VI: 2а, 2б, 3а, 3б). Но од овој град потекнуваат и други наоди кои преку присуството на хтонските ликови би можеле да упатуваат на врските со култот на Кабирите:78

- главниот храм во Стоби најверојатно му бил посветен на Асклепиј - бог зад чиј хеле-

низиран теоним најверојатно стои некој локален хтонски бог (веројатно анонимниот

пајонски бог-лекар, наведен од страна на Херодот);

- во градските некрополи е пронајден голем број керамички статуети на Телесфор, при-

кажан во вид на дете наметнато со туника и шпицеста кукулка (веројатно во функција

на психопомп). Случајно или не, во ова „божествено дете“ се инкарнирани некои од

најсуштестевните обележја на Кабирите, особено ставени во релација со Асклепиј (не-

говиот татко), Хигија (неговата сестра) и култот на мртвите;

- откриени се претстави на света тријада, составена од Асклепиј, Телесфор и Хигија, која

би можела да стои во некаква релација со наведената тријада од стобиските монети;

- констатирани се бројни претстави од „кругот на Дионис“, на кои се присутни ликови

„компатибилни“ со култот на Кабирите (Пан, Пријап, Нимфи, Сатири, џуџести митски

ликови);79

- пронајден е керамички сад, моделиран во вид на машка глава со доминантен нос -

обележје типично за машките хтонски ликови кои се често преставени како црни (хе-

ленскиот Хад, Плутон или Харон, италскиот Харун или Тухулка);80

- одредени споменици, според своите натписи и иконографија упатуваат на култови

поврзани со металургијата (Херакле, Дактили) - стопанска гранка која во Стоби и окол-

ниот регион била мошне развиена.81

Станува збор за обемна и мошне сложена граѓа, поради што тука проектираните релации изискуваат едно посебно истражување и секако многу поопсежна аргументација.*

T.I: 1, 2, 4. Дел од керамички сад, неолит.„Церје“, Говрлево, Скопје, Р. Македонија, Музеј на град Скопје (Чаусидис Н., 1995, 3); 3. Предлог за реконструкција (Н. Чаусидис). 5. Дел од керамичка„маска“, неолит, Караново, Нова Загора, Бугарија (Gimbuta
T.I: 1, 2, 4. Дел од керамички сад, неолит.„Церје“, Говрлево, Скопје, Р. Македонија, Музеј на град Скопје (Чаусидис Н., 1995, 3); 3. Предлог за реконструкција (Н. Чаусидис). 5. Дел од керамичка„маска“, неолит, Караново, Нова Загора, Бугарија (Gimbutas M., 2001, 206 - Fig. 325). 6. Дел од керамичка фигурина, неолит (?), Михајлово, Стара Загора, Бугарија (Петковъ Н., 1941, 311- Обр. 337). 7, 8. Дел од керамичка фигурина, неолит, Русе, Бугарија (Hansen S., 2007, T.I, 240: Abb. 139).

T. I

T.II: 1, 2а, 2б. Златна амфора – ритон, IV-III век пред н.е., депо кај Панагюрище, Бугарија: - композиција на дното; - детаљ со негроидни глави (Китов Г., 1999, 32 - Обр. 11, 33-Обр. 16; Маразов И. 2011, 242). 3а,  3б. Краеви од гердан, Гостиљ, Подго
T.II: 1, 2а, 2б. Златна амфора – ритон, IV-III век пред н.е., депо кај Панагюрище, Бугарија: - композиција на дното; - детаљ со негроидни глави (Китов Г., 1999, 32 - Обр. 11, 33-Обр. 16; Маразов И. 2011, 242). 3а, 3б. Краеви од гердан, Гостиљ, Подгорица, Црна Гора (Петковић Ј., Гржетић И., Јовановић Б., 1995, сл. 1, 2). 4а, 4б. Златна фијала, IV-III век пред н.е., депо кај Панагюрище, Бугарија: - композиција на дното; - детаљ со желад и негроидни глави (Маразов И., 2005, 127, 191). 5. Монета на градот Стоби (реверс), I-III век (Микулчиќ И., 2003, 58).
T.III: 1. Фрагментиран керамички сад, II век, Хераклеја Линкестис, Битола, Р. Македонија (Јанакиевски Т., 1998, 25 - сл. 21). 2а, 2б. Фрагментиран керамички сад, 2. век, Стоби, Градско, Р. Македонија (Anderson-Stojanović V. R., Pl. 65: 543; Pl.174: 5
T.III: 1. Фрагментиран керамички сад, II век, Хераклеја Линкестис, Битола, Р. Македонија (Јанакиевски Т., 1998, 25 - сл. 21). 2а, 2б. Фрагментиран керамички сад, 2. век, Стоби, Градско, Р. Македонија (Anderson-Stojanović V. R., Pl. 65: 543; Pl.174: 543). 3а, 3б. Бронзен сад - балсамариум, II-III век, Мезија. Колекция „Васил Божков“ (Г. Кабакчиева, Изкуство ... , 172: 202). 4. Бронзен сад - балсамариум, II-III век, Мезија. Колекция„Васил Божков“ (Кабакчиева, Г., (Изкуството), 171: 199). 5. Керамички сад (арибалос), VI-V век пред н.е., Грција,„Национален музеј“ - Атина (Andronicos M., 1979, 59: 47). 6. Керамички сад (арибалос), 520 - 510 г. пред н.е., Атика, Грција, Музеј Лувр (Лиссарраг Ф., 2008). 7. Детаљ од гердан, 4. век пред н.е., Большая Близница, Тамански полуостров, Северно Прицрноморје (Маразов И., 2001, 389).

T. III

T.IV: Обетки со негроидни глави, 3-1 век пред н.е.: 1, 2. „Дебој“ - Охрид, Р Македонија; 3. Црвејнца, Охрид. (Битракова Грозданова В. Маленко В., 1998, XIX, XXII); 4. Марвинци, Валандово, Р Македонија (Ивановски М., 2006, 176: 4); 7.„Горна Порта“ – О
T.IV: Обетки со негроидни глави, 3-1 век пред н.е.: 1, 2. „Дебој“ - Охрид, Р Македонија; 3. Црвејнца, Охрид. (Битракова Грозданова В. Маленко В., 1998, XIX, XXII); 4. Марвинци, Валандово, Р Македонија (Ивановски М., 2006, 176: 4); 7.„Горна Порта“ – Охрид (Кузман П., 2009, 35 - сл. 2); 6. Босна; 9. Требеништа, Охрид; 11. Bettona, Италија (Rendić-Miočević D., 1959, T.X: 3,6; T.IX: 5). 8. Селце, Поградец, Албанија (Shqiperia ark., 1971, 47). 5. Родос, мотив од грчка сликана ваза (Нильссон М., 1998, Илл. 24). 10. Шема: негроидните обетки и воскреснувањето на покојниците (Н. Чаусидис).
T.V: Мотиви сликани на антички керамички вази: 1. Теба, Грција (Маразов И., 2003, 244). 2. Теба, Грција (Маразов И., 1999а, 30). 3. Волтера, Италија (Ходза Е. Н., 2006, 160 - Рис. 3). 4, 5. Цртежи од алхемискиот учебник„Бескрајно дело“ на Johan Conra
T.V: Мотиви сликани на антички керамички вази: 1. Теба, Грција (Маразов И., 2003, 244). 2. Теба, Грција (Маразов И., 1999а, 30). 3. Волтера, Италија (Ходза Е. Н., 2006, 160 - Рис. 3). 4, 5. Цртежи од алхемискиот учебник„Бескрајно дело“ на Johan Conrad, Barhusen, објавен во Leyden, 1718 год. (Knjiga o zlatu, 1983, 140, 141). 6. Змеј кој исфрла оган од устата (хералдички мотив). 7. Карта: пунктови на движењето и престојот на митскиот Кадмо; експанзија на култот на Кабирите (Н. Чаусидис).

T. V

T.VI: Бронзени луцерни, римско време, Р Македонија: 1. Хераклеја Линкестис, Битола (Ѓоргиевска А., 2007, 78). 3а, 3б. Стоби, Градско; 4а, 4б. Прилеп (Јеличић Б., 1959, T.IV: 10, 13). Керамички луцерни, римско време, Р Македонија: 2а, 2б. Стоби, Градс
T.VI: Бронзени луцерни, римско време, Р Македонија: 1. Хераклеја Линкестис, Битола (Ѓоргиевска А., 2007, 78). 3а, 3б. Стоби, Градско; 4а, 4б. Прилеп (Јеличић Б., 1959, T.IV: 10, 13). Керамички луцерни, римско време, Р Македонија: 2а, 2б. Стоби, Градско (Mikulčić I., 1973, 77 - Fig. 50). 5. Глишиќ, Кавадарци (Јанев Т., Ѓорѓиева В., 2003). 6. Шема: луцерните и воскреснувањето на покојниците (Н. Чаусидис).
T. VII: 1. Керамичка луцерна, римско време, Салона, Сплит, Хрватска (Mardešić J., 2002, 174 - sl. 41). 2. Керамичка луцерна, хеленистички период, Севтополис, Бугарија (Кузманов Г., 1992, 67: 44,45). 3. Керамичка луцерна, римско време, Бургас, Бугариј
T. VII: 1. Керамичка луцерна, римско време, Салона, Сплит, Хрватска (Mardešić J., 2002, 174 - sl. 41). 2. Керамичка луцерна, хеленистички период, Севтополис, Бугарија (Кузманов Г., 1992, 67: 44,45). 3. Керамичка луцерна, римско време, Бургас, Бугарија (Кузманов Г., 1992, 115: 285). Бронзени луцерни, римска империјална епоха, Бугарија: 4а, 4б. Бутово, Велико Търново; 5а, 5б. Провадия; 6а, 6б. Гиген, Плевен (Кузманов Г., 1992, 148: 433 - а,б, 434 - а,б, 435 - а,б).

T. VII

T.VIII: 1а,1б. Керамичка луцерна, Римско време, Огняново, Пазарджик, Бугарија (Кузманов Г., 1992, 115: 286-б). 2. Керамичка луцерна, римско време, Скупи, Скопје, Р Македонија (Санев В., Соколовска В., Бабиќ Б., 1980, кат. Бр. 447). 3а, 3б. Златна фол
T.VIII: 1а,1б. Керамичка луцерна, Римско време, Огняново, Пазарджик, Бугарија (Кузманов Г., 1992, 115: 286-б). 2. Керамичка луцерна, римско време, Скупи, Скопје, Р Македонија (Санев В., Соколовска В., Бабиќ Б., 1980, кат. Бр. 447). 3а, 3б. Златна фолија, V-IV век пред н.е., Bad Dürkheim, Hunsrück-Eifel, Германија (Aldhouse-Green M., 2004, 197 - Fig. 7.10). 4. Керамичка луцерна, римско време, Стоби, Градско Р Македонија (Municipium, 1994, кат. бр. 111). 6. Керамички предмет (светилка?), бронзено време, Kamnik, Maliq, Албанија (Shqiperia ark., 1971, 15). 5, 8. Керамички светилки, бронзено време, Лопате, Куманово; Радобор, Битола, Р Македонија (Водич, 1992, 36, 37). 7. Керамичка светилка, бронзено време, Радобор, Битола, Р Македонија (Битолски музеј, 6). 9. Керамички предмет, Кокино, bронзено време, Куманово (Станковски Ј., 2010) 10. Предмет издлабен од кремен, неолит, Knowth, County Meath, Ирска (Gimbutas M., 2001, 65-Fig. 102).

T. VIII

Белешки

  1. Во меѓувреме е публикувана една поопшта варијанта на ова истражување во која се вклучени и средновековните и етнографските манифестации на црните митски ликови од територијата на Македонија (Čausidis N., 2009). ↩
  2. Иванов В. В., 1998, 505-540. ↩
  3. Чаусидис Н., 1995, 32. ↩
  4. Балабина В. И., 2001, 15-44; македонски примери: Наумов Г., 2009, 249, 250. ↩
  5. За фигурината: Hansen S., 2007, T.I, 240: Abb. 139. Некои истражувачи, ваквиот изглед на фигурината го толкуваат како манифестација на болест - конкретно на Даумановиот синдром (Радунчева А., 2003, 147). ↩
  6. Praistorija Jugosl., 1979, 437, 438. ↩
  7. Китов Г., 1999, 21 - 22; Маразов И., 1999б, 36, 39, 43; Маразов И., 2001, 385-391. ↩
  8. Snowden F. M., 1970, Abb. 9, 11, 30-33; Andronicos M., 1979, 59: 47. ↩
  9. Anderson-Stojanović V. R., 1992, 78, Pl. 65: 543; Pl.174: 543. ↩
  10. Јанакиевски Т., 1998, 25 - сл. 21, 200, 201 кат. бр. 75 (претставата се идентификува со театарскиот лик Dossenus). ↩
  11. Јанакиевски Т., 1998, 110-122; Микулчиќ И., 2003, 72, 74, 79. ↩
  12. Pausania I., 33, 3; Петровић (Петрушевски) М. Д., 1940, 20. ↩
  13. Кабакчиева Г., (Изкуството) 99, 171, 172. Сличен балсамариум е пронајден во Абритус, а еден примерок се чува и во колекцијата на Регионалниот историски музеј во Плевен. ↩
  14. Арх. муз. Пловдив, 2008. ↩
  15. Посочените мајмунски обележја на фрагментот од Говрлево не ги релативизираат овие врски, со оглед на тоа што и во митовите, како и во нивните ликовни манифестации, чести се релациите меѓу негроидните ликови и мајмуните (Маразов И., 2011, 107, 108, 213, 243-245). ↩
  16. Маразов И., 1992, 150; Срејовић Д., Цермановић А., 1987, 340; Маразов И., 1999а, 30. ↩
  17. Rendić-Miočević D., 1959, 15, 16, 25, 26; Битракова Грозданова В., 1987, 71-73; Ивановски М., 2006, 176-178; Živković М., 1996, 225, 226, 228; Balkani 2007, 174; Shqiperia ark., 1971, 47; Кузман П., 2009, 35. ↩
  18. Одредени толкувања и цитирана литература за ова прашање: Rendić-Miočević D., 1959, 32-37; Битракова Грозданова В., 1987, 73; Živković М., 1996, 228. ↩
  19. Во одредена смисла, еквивалент на Пигмејците се Етиопијаните. Основни податоци за овие митски народи: Pygmaioi, 2012; Срејовић Д., Цермановић А., 1987, 340; Мифы нар. мира, том 2, 312; Snowden F. M., 1970; Маразов И., 1999б, 36-43; Петровић (Петрушевски) М. Д., 1940, 41-43. ↩
  20. За црното како завршен стадиум на регресивната и како почетен стадиум на прогресивната еволуција: Chevalier J., Gheerbrant A., 1987, 75, 76. ↩
  21. Rendić-Miočević D., 1959, 25; Битракова-Грозданова В., 1987, 72. ↩
  22. Chevalier J., Gheerbrant A., 1987, 563-565; Маразов И., 1992, 359-362; Чаусидис Н., 1994, 94- 100. Не е исклучено, ритонот со негроидната глава да алудирал и на фалусот (ритон = corpus; глава = glans; венец на ритонот = praeputium). ↩
  23. Нильссон М., 1998, 83-85. ↩
  24. Чаусидис Н. 2010а, 11-17. ↩
  25. За есхатолошката симболика на златото: Маразов И., 1999в, 225-249, за местото на бршленот во мистериските култови: 124-125. ↩
  26. Маразов И., 1999б, 36 - 43; Маразов И., 2001, 385-391. Авторот го назначува и фалусното значење на желадите, кое добро се вклопува во симболиката што тука ја предлагаме. Аналогни толкувања: Manassero N., 2007, 115-118. ↩
  27. Маразов И., 1994, 80 - 85; Маразов И., 1999в, 119 - 133; Маразов И., 1992, 136-155; Đurić M. N., 1987, 40, 41; Венедиков И., 1992, 187-192. За епитетот „црн“ кај трите хеленски божества: Петровић (Петрушевски) М. Д., 1940, 16, 28; Чаусидис Н., 2012, 73-84. ↩
  28. Есхил во„Хоефори“ (127, 128) ја слави Земјата која ги раѓа сите суштества, ги храни, па потоа ги зема назад како плодно семе. ↩
  29. За ова: Маразов И., 1999а, 26-42; Чаусидис Н., 2012, 80, 81. Присуството на Пигмејци (= децата-црнци) во ритонот или садот, може да го кодира обредот на посветување во кабиристичките мистерии, кој се состоел во„усовршување“ на кандидатот, реализирано преку негово ритуално „варење“ (Маразов И., 1999а, 30; Чаусидис Н., 2012, 81, 82). За аналогно обредно„препекување“ на децата во печка: Чаусидис Н., Рахно К., Наумов Г., 2008, 38-54. ↩
  30. Маразов И., 1999б, 39-40. ↩
  31. Маразов И., 2011, 19, 89, 111, 112; Маразов И., 1994, 84, 85. ↩
  32. Маразов И., 1994, 80-84; Маразов И., 2011, 25-28, 206-208, 272. ↩
  33. За овој накит: Živković М., 1996, 223-229. ↩
  34. За брачната симболика во култот на Кабирите: Маразов И., 2001, 389, 412, 413. ↩
  35. Има разлики меѓу македонските и италските примероци, при што првите (вклучително со оние од Охридскиот Регион) се сметаат за постари. Постојат индиции за локално производство на овој накит во подрачјата околу Скадарското и Охридското Езеро. До ден денешен во науката стои отворено прашањето за потеклото, изработката и дистрибуцијата на овој накит (Živković М., 1996, 226-229). ↩
  36. Цитирана литература за оваа тема: Маразов И., 2011; Чаусидис Н., 2012, 73. ↩
  37. Основни податоци за митот: Срејовић Д., Цермановић А., 1987, 187 - 189. Детално: Katičić R., 1977; Чаусидис Н., 2010б; за релациите меѓу Кабирите и Кадмо: Чаусидис Н., 2012, 84, 85. ↩
  38. Witt R. E., 1973; Маразов И., 1992, 152, 153; Đurić M. N., 1987, 41. ↩
  39. Детаљно за овие теории: Петрова Е., 1996. ↩
  40. Јеличић Б., 1959, 78-80; Манева Е., 1984, 49, 50; Јакимовски А., 2012, 312, 313 - кат. бр. 758. ↩
  41. Кузманов Г., 1992, 54. Познат ни е уште еден примерок, сличен на постојните, кој денес се чува во Националниот историски музеј во Софија (Бакалов И., Томова Н., 2008). ↩
  42. Јанев Т., Ѓорѓиева В., 2003; Јакимовски А., 2012, 300 - кат. бр. 738. ↩
  43. Mikulčić I., 1973, 76, 77, 80; Јакимовски А., 2012, 300 - кат. бр. 737; Mardešić J., 2002, 351- 366. ↩
  44. За примерокот од Бургас: Кузманов Г., 1992, 39. ↩
  45. Кузманов Г., 1992, 17, 67 - сл. 44, 45. ↩
  46. Се смета дека за секојдневна употреба биле употребувани други светлечки направи што користеле поефтина (животинска) маст, восок или некои други запаливи материи (Црнобрња А. Н., 2006, 39-47, 112). ↩
  47. Црнобрња А. Н., 2006, 17-38 (извори), 101, 106, 110 (жртва), 35, 65, 66, 101, 105, 106, 114 (во погребниот култ). ↩
  48. За бронзените луцерни како инвентар во храмовите: Црнобрња А. Н., 2006, 108-110. ↩
  49. Детаљно за овој хтонски т.е. вулканолошки аспект од митологијата на огнот: Лома, А., 2008. Теории (според наше мислење пренагласени) за овој аспект на огнот: Голан А., 1994, особено 188-221. За хтонскиот оган: Chevalier J., Gheerbrant A., 1987, 738-740. ↩
  50. За породувањето на огнот: Чаусидис Н., 1994, 218 - 231; воопшто за концепцијата на исфрлање од устата како еквивалент на породувањето: Чаусидис Н., 2005, 226 - 230. ↩
  51. За Вулкан, Как и Хефест: Hephaistos, 2012; Срејовић Д., Цермановић А., 1987, 88, 89, 189; Мифы нар. мира, 1980, 253, 611; Лома А., 2008, 264, 265, 284 - 288 (види и други аналогни примери од светските митологии). ↩
  52. За огнениот змеј: Слав. Древности, 1999, 332 - 333; Иванов В. В., Топоров В. Н., 1974, 232- 233, 236; Српски мит. речник, 1998, 203 („змај огњени вук“, кој имплицира на лингвистичките релации меѓу волк и вулкан); Лома А., 2008, 274, 275, 286, 287 (за Химера и троглавиот змеј како блујачи на оган). На оваа категорија митски ликови можат да се приклучат и хиндуистичките хтонски богови Вритра (хтонски змеј кој е создаден од оган и сома) и Јама (владетел на светот на мртвите кој на луѓето им го подарил огнот). ↩
  53. Овие митско-симболички структури треба да се земат како парадигма и на циркуските вештини од типот „голтање и блуење оган“ кои можат да се следат од денес па наназад до античките периоди. Притоа е мошне индикативно што до неодомна, како типични протагонисти на оваа точка се јавувале токму припадниците на егзотичните раси (индуси, арапи, црнци) или, пак, белци нашминкани за да личат на нив. ↩
  54. Срејовић Д., Цермановић А., 1987, 88, 89; Мифы нар. мира, том 1, 1980, 253. ↩
  55. Чаусидис Н., 2012, 73, 75, 84, 85. ↩
  56. На пример, грчко-фригиските дактили (Daktyloi, 2013) и германско-скандинавските елфи и цвегри (Мифы нар. мира, Том 1, 1980, 623, 624); Чаусидис Н. 2012, 73, 75. ↩
  57. Сожето за ова, со цитирана литература: Чаусидис Н., 2008б, 226-229; Српски мит. речник, 1998, 241, 456. ↩
  58. За оваа концепција, низ бројни примери (од Европа, преку Месопотамија до Кина и Јужносахарска Африка): Elijade M., 1983; Chevalier J., Gheerbrant A., 1987, 489, 490; Чаусидис Н., Рахно К., Наумов Г., 2008, 56, 57. ↩
  59. Чаусидис Н., 2008а, 20-24; Чаусидис Н., 1994, 218-231. ↩
  60. Спореди: жерав, со српското жеравица (=жар) и жар-птица (= феникс - птица која периодично согорува сама од себе и повторно се раѓа од сопствената пепел). За митското значење на жеравот и за штркот како негов еквивалент: Гура А., 2005, 484-500; Чаусидис Н., 2008б, 226 - 229. За односот со Пигмејците: Маразов И., 1999в, 125 - 129. ↩
  61. Јакимовски А., 2012, 300 - 305; Црнобрња А. Н., 2006, 57, 58. ↩
  62. Петровић (Петрушевски) М. Д., 1940, 16, 17. ↩
  63. Маразов И., 1994, 83, 84; Маразов И., 1999в, 120, 121; Маразов И., 2003, 241, 244; Чаусидис Н. 2012, 69, 71. Во оваа смисла се индикативни релациите меѓу Силените и мајмуните (Бессонова С. С., 1983, 97, 98). ↩
  64. За жртвениот аспект на луцерните: Црнобрња А. Н., 2006, 101, 106, 110, за релациите пламен на луцерната = душа на покојникот / животен континуитет: 33, 38, 105, 106. За раѓањето на мистот претставено како палење на оган: Маразов И., 1994, 81. ↩
  65. Светилката е датирана во римската епоха, а идентификацијата на Атис е условна (Кузманов Г., 1992, 39). Авторот не го апострофира вториот иконографски пласт на предметот што подолу го предлагаме. ↩
  66. За наведениот примери и концепцијата на две слики во една: Aldhouse-Green M., 2004, 196, 197. ↩
  67. Маразов И, 2011, 206, 253, 254; Маразов И., 2002, 12. ↩
  68. Водич, 1992, 36, 37; Битолски музеј, 6; Станковски Ј., 2010; Shqiperia ark., 1971, 15. ↩
  69. Слична иконографија имаат и преносните огништа од овој период, чиј отвор за ложење, дополнет со две симетрични перфорации, им дава на овие предмети изглед на некаков фантастичен митски лик со огнени очи и разјапена уста во која гори пламен. За овие предмети: Рыбаков Б. А., 1987, 78-82; Чаусидис Н., Рахно К., Наумов Г., 2008, 73, постари неолитски примери: 83. ↩
  70. Gimbutas M., 2001, 84, 85, Fig. 102. ↩
  71. За овие аспекти на слепилото: Успенский Б. А., 1982, 89 - 94; Беновска - Събкова М., 1995, 10, 11, 38, 39, 82, 83; Петрухин В., 2003, 149, 183, 217, 239, 285; Чаусидис Н., 2005, 274-277, 280-285. ↩
  72. Маразов И., 1999б, 42. ↩
  73. Mnaseas Schol. Apoll. Rh. i. 916; Burkert W., 1985, 283 фуснота 40; Петровић (Петрушевски) М. Д., 1940, 16, 28; Венедиков И., 1992, 162, 163; Маразов И., 2011, 237-247. Неодамна е публикуван нов напис во кој се спомнуваат „Arxieros“ и„Arxierissa“ (види: Чаусидис Н. 2012, 77). B. Hemberg укажал на врската меѓу коренот axi во овие топоними и реката Axios т.е. Вардар (Witt R. E., 1973, 69), што и ние се обидовме да го аргументираме (Čausidis N., 2012). ↩
  74. Јосифовски П., 2011, 13-19; Микулчиќ И., 2003, 54, 56, 58. ↩
  75. Homeri, Ilias, В. 848-850; П. 287-288; Ф. 139-144, 154-160, 184-186, 190-193. Детални анализи: Čausidis N., 2012. ↩
  76. Tatian, Oratio ad Graecos, 33. ↩
  77. Herodotus, IV, 33, 1. За ова подетаљно: Čausidis N., 2012, 277, 278. ↩
  78. За долу наведените наоди во општи рамки, со посочена литература: Düll S., 1977, 172, 173; Микулчиќ И., 2003, 66; Јанакиевски Т., 1998, 182 - 27; 225 - T.V-2 и натаму. ↩
  79. За култот на Дионис во Стоби: Nikoloska A., 2012. ↩
  80. Чаусидис Н., 2010а, 9 - 12. ↩
  81. Василкова-Мидоска А., 2008; Düll S., 1977, 341. * Овој труд е предаден за печатење во февруари 2013 година. ↩

Summary

The Negroid Mythical Characters on the Archaeological Finds from the Republic of Macedonia - Semiotics and Analogies from the Neighboring Regions

The beginning of this article discusses the question whether the presence of negroid characters of the presented archaeological objects is the result of actual presence of black people in the pointed region or it is the result of mythical traditions where these characters appeared. Further, the black mythical characters are analyzed from semiotic aspect in the frames of the concept of binary oppositions:

white people - white world - this world - up - life - good - clean - humans

black people - black world - that world - down - death - bad - dirty - nonhumans

The presence of negroid characters on the vessels is elaborated first from the archaeological finds. The first presented object is the Neolithic vessel from Govrlevo, near Skopje, with possible cult purpose and a negroid head on the side of the body. Next are two golden vessels from the hoard at Panagjurishte in Bulgaria: the rhyton-amphora with two black people heads and the phiale with multiple heads of the same kind, organized in concentric circles. Also mentioned are the Hellenic aryballoi with a negroid head combined with the head of a white woman. From the Roman samples, there are two finds from the ancient theatres at the territory of the Republic of Macedonia, in Stobi and in Heraclea Lyncestis. Few bronze balsamaria shaped as negorid heads or negroid figures from the territory of Bulgaria are also mentioned.

The second part presents jewellery with the same motif from the Hellenistic period. Those are mainly earrings shaped as a rhyton with negroid head coming out.

Библиографија