Macedoniae acta archaeologica 21 (2019) · стр. 221–229
Симболика на пчелата претставена на златната маска од Требениште
На една од златните маски пронајдена во с. Требениште, охридско, меѓу очите на покојникот е претставена пчела (сл. 1, 2).1 Се чини дека изборот на токму овој мотив за еден предмет со ритуална функција во погребна церемонија воопшто не е случаен. Пчелата не е само обичен декоративен елемент, таа пред cè има симболичко значење.
Во одбид да ја разбереме нејзината симболика, во овој текст ќе разгледаме два вида на извори: пишани текстови кои говорат за значењето на пчелата и предмети од античкиот период кои се украсени со овој мотив. Најпрво би се свртеле кон информациите кои се содржат во старите пишани текстови кои упатуваат на верувањата распространети во хеленскиот свет, а кои подоцна се среќаваат и кај Римјаните.
Кај Хелените, сфаќањето на пчелата како суштество кое комуницира со хтонската сфера е длабоко вкоренето. Имено, се верувало дека пчелите се поврзани со божицата Деметра. Познато е дека Деметра е хтонско божество и се смета за една подоцнежна форма на првичното женско божество кое условно се именува како Големата Богинка Мајка. Нејзината врска со подземниот свет е многу сликовито изразена со митот за нејзината ќерка Персефона која била грабната од богот на подземјето Хадес. Схолијастите на Пиндар забележуваат дека постои одгледување на свети пчели кои ѝ се посветени на божицата Деметра,2 а свештеничките на оваа божица биле нарекувани мелисаи, пчели3. Во почетокот, тоа биле нимфи кои според легендата ги убедиле луѓето да се хранат со плодови од дрвјата и ги одвратиле од канибализам. Прва која наишла на една кошница со мед и вкусила од него се викала Мелиса и по неа и останатите нимфи го добиле ова име. Според схолијастите и Порфириј, чистотата на инсектот придонело името мелисаи кое најпрво се однесувало на свештеничките на Деметра, да се пренесе на сите останати свештенички. Порфириј исто така вели дека медот е симбол на нимфите Нереиди, дека душите на нимфите се наречени пчели и дека медот е симбол на смртта и дека затоа на боговите на подземјето им се принесуваат либации со мед.4
Митовите во кои пчелите се претставени како многу значајни суштества главно се поврзуваат за Крит, Ефес и Делфи. Додека некои извори забележуваат дека свештеничките на Деметра се нарекувани мелисаи, во Ефес, пак, мелисаи се нарекувале свештеничките на Артемида.5 Потврда за поврзаноста на пчелата со божицата Артемида се наоѓа и на статуата која е копија од римски период на познатата статуа на Артемида од Ефес. Имено, пчелата е воочлив декоративен елемент на нејзиниот фустан.6
Во еден стих од четвртата Питиска ода, Пиндар ја нарекува Питија Пчелата од Делфи.7 Свештеничката на Аполон го носи овој назив најверојатно под влијание на името со кое се нарекувале свештеничките на сестрата близначка на Аполон, Артемида, а можеби и поради улогата која Крит ја имал во основањето на Делфи, на кое укажува митот за основање на светилиштето од самиот Аполон кој претворен во делфин, се појавил пред еден кораб со морнари Критјани.8 Сепак најзначајно место пчелата зазема во митовите во кои главен топос е островот Крит. Така, според некои верзии на митот за Ѕевсовото раѓање, богот како бебе бил хранет од пчели, поради што го добил епитетот Мелисаиос.9 Според една поинаква верзија, Ѕевс имал син кој се викал Мелитевс, кој бил хранет од пчели.10 Една трета верзија пренесена од Лактантиј вели дека првиот крал на Крит се викал Мелисеј и дека тој имал две ќерки – Мелиса и Амалтеа кои го хранеле Ѕевс со мед и млеко и дека инспирирани од овој мит поетите пееле дека пчелите слетувале на устата на новороденчето и директно му го сипувале медот. Мелиса, продолжува Лактантиј, го добила од татко си статусот на свештеничка на Големата Мајка и дека подоцна името Мелиси било пренесено на сите свештенички на Големата Мајка.11 Многубројни археолошки наоди на кои е присутна пчелата како декоративен мотив, а кои потекнуваат од островот Крит, сведочат за важноста која пчелата ја имала во митската матрица на ова културно подрачје. Таа се јавува како декоративен елемент на предмети употребувани во погребни церемонии најдени во некрополи, посебно на накит. Меѓу најпознатите артефакти со претстава на пчела секако е и добро познатиот приврзоксо две пчели од Малиа, пронајден во некрополата кај Хрисолакос.12. Но, една група наоди недвосмислено укажува дека таа не е само обична декорација, туку пред cè симбол. Така во толосот бр. 2 од Перистерија пронајдени се повеќе мали фигурини на пчели во лет.13 Според Кук, микенските гробници-толоси се со форма на пчелини кошници, додека и самите микенски зборови за толос-гробница се со значење или на„пчелина кошница“ или на„трезор“.14
Пчела се јавува како декоративен елемент на монетите кои потекнуваат од регионите кои ги споменавме погоре. Дека пчелата е симбол на градот Ефес јасно укажуваат монетите кои се ковани во овој град почнувајќи од 7 век пр. н.е.15 Градот Хиртакина во југозападниот дел од Крит ковал монети во 4 век пр. н.е. на кои е претставена пчела.16 Името на самиот град е доведено во врска со критскиот збор за пчела, ὕρον.17 Градот Мелитеја во Фтиотида, Тесалија, кој според митот е основан од Ѕевсовиот син Мелитевс, ковал монети со претстава на Ѕевс на аверсот и пчела на реверсот.18. Пчела се јавува и на некои т.н. трако-македонски монети, кои датираат од 5 век пр. н.е. Сепак, пчелата на овие монети не е претставена гледана озгора, туку странично.19 На сите овие предмети пчелата, иако конкретен декоративен елемент, сепак не е единствен.
Што се однесува до пчелата и нејзината поврзаност со божицата Артемида, интересно е да се напоменат и две етимолошки објаснувања. Едното го дава филологот Кук и се однесува на името Βριτομάρτις со кое Критјаните ја нарекувале Артемида.20 Имено, според него придавката βριτύ која се употребувала на Крит и која значи „сладок“, според сведочењето на Хесихиј, има исто етимолошко потекло со глаголот βλίττω кој значи „цедам мед од саќе“ и со името на нимфите кои го вовеле Аристеј во апикултурата и кои се нарекувале Βρίσαι. Така, според Кук, префиксот βριτο- значи пчела и епитетот со кој Критјаните ја нарекувале Артемида значи Девојка-пчела.21 Филологот Г. В. Елдеркин, пак, го анализира епитетот Ефеска со кој е придружено името на Артемида, и кој на лидиските натписи е предаден како Ibsimsis. Оваа придавка тој ја разложува на компоненти, од кои, благодарение на Хесихиј се знае дека ibu е лидиски збор за грчкото πολύ, зборот si го поврзува со првиот дел од грчкиот зборот συμβλός што значи пчелина кошница и заклучува дека si е лидискиот збор за пчела. Останатиот дел од зборот е суфикс кој служи за формирање на посвојна придавка. Така, според него, лидиското име за Ефес било со значење Град со многу пчели.22 Овие две теориски објаснувања иако не можат да се прифатат без извесна доза на сомнеж бидејќи во голем дел се потпираат еден единствен пример, односно на еден слог од тој пример, сепак заслужуваат внимание бидејќи многубројни други наоди говорат во нивен прилог.
Кај Римјаните пчелата не е толку распространет декоративен елемент. Сепак, на пчелата и е дадена хтонската димензија, како што може да заклучиме од два примера кои ќе ги наведеме. Имено, два поети го изнесуваат верувањето кое постоело во врска со магискиот начин на возобновување на изумрен рој пчели - Вергилиј и Овидиј. И двата поети го евоцират митот за Аристеј, синот на Аполон и на речната нимфа Кирене. Митот вели дека Аристеј е богот кој го научил човечкиот род на многу активности од доменот на земјоделството и сточарството, меѓу кои и на културата на одгледување на пчели. Аристеј бил вљубен во Евридика, сопругата на Орфеј, и бил причина за нејзината смрт. Имено, за да избега од Аристеј, Евридика случајно стапнала на змија која ја каснала. За да се одмаздат, нимфите го казниле со тоа што му го убиле целиот рој пчели. Во своите Георгики, поетот Вергилиј детално ја изнесува постапката како да се створат пчели. Тој укажува дека треба да се примени постапката на Аристеј: да се избере место на кое ќе се жртвува бикот, да се загради со четири ѕида врз кои ќе се стави покриви да се направат четири прозорци свртени кон четирите ветрови. Прозорците треба да пропуштаат искосена светлина. Потоа се избира млад бик од околу две години кој веќе има свиткани рогови, му се затнуваат ноздрите и се убива. Потоа се вадат органите без да се оштети кожата. Телото се покрива со гранки, со мајчина душица и со ловор. Сето ова, според Вергилиј, се работи пред почетокот на пролетта. Кога крвта на жртвуваното животно ќе се стане млака и ќе почне да ферментира, ќе се појават пчели кои во роеви ќе се вивнат во воздух.23
Поетот Овидиј пеејќи за тоа од каде и од кога потекнува принесувањето на животно како жртва, во своите Фасти изнесува дека Аристеј, во длабока болка по загубените пчели, по совет на мајка си, го консултира морското божество Протеј за да дознае како да си ги врати пчелите. Советот кој го добива е да жртвува млад бик и да го покрие со земја. Аристеј постапил по советот и од телото на жртвуваното животно се створиле роеви пчели. Од една жртва, нагласува поетот, се раѓаат илјада животи.24
Интересно е да се напомене дека за претскажувачите на иднина, таа главно е лош предзнак. Сепак, некои автори, меѓу кои и Плиниј, јасно наведуваат дека нејзиното појавување посебно во јато, некогаш е добар предзнак.25 Интересен е примерот за толкувањето на појавата на рој пчели кој се среќава во Ајнеида на Вергилиј. Имено, Вергилиј пее за кралот Латиниј и неговата ќерка Лавинија, идната сопруга на Ајнеј, за чија рака се заинтересирани момчиња од многу видни семејства. Во дворот на Латиниј имало едно дрво, ловор, кое Латиниј го затекнал уште пред да ја изгради куќата и му го посветил на Аполон. Еден ден, рој пчели се спуштиле на лисјата и штом ги спуштиле ножињата, на дрвото се створил пчеларник. Пророкот овој знак го протолкувал како најава дека некој странец, придружен од мажи се упатува кон нивните краишта. Заедно со идниот знак кој ќе се појави, од таткото на Латиниј, Фаун, ќе биде протолкуван како показ дека Лавинија не треба да се омажи за некој од додворувачите кои се од нејзиниот народ, туку за странец и дека нејзината судбина ќе биде исклучителна. Идните поколенија родени од тој брак ќе го видат целиот свет поклонет пред нивните нозе.26 Уочлива е врската меѓу ројот пчели и дрвото посветено на Аполон кој меѓу другото е и бог на пророштвата. Римскиот ретор Филострат, опишувајќи една уметничка слика во своето дело кое носи наслов Слики, го изнесува верувањето дека кога Атињаните тргнале кон Јонија да основаат колонија, ги воделе Музите претворени во пчели.27
Меѓутоа, за пчелата да биде сметана за посебен инсект, за суштество кое има посебна моќ секако допринеле и својствата на медот кои добро им биле познати на старите народи. Постојат податоци дека на хеленските простори медот бил употребуван во медицински цели. Така на пример, Плиниј сведочи дека на една планина на Крит пчелите прават еден посебен вид мед кој е многу ценет во медицината.28 Старите забележале дека медот има конзервирачко својство. Познато е дека медот се користел за мумифицирање во Египет. Римјаните исто така го користеле за сочувување на телото при транспорт. Така, телото на Аристобулос II од Јудеја кој бил отруен во Рим во 49 г., било сочувано во мед и така му било вратено на неговото семејство во Јудеја.29 Такит пишува дека телото на сопругата на Нерон, Попаеа, не било спалено според римските обичаи, туку било третирано како што бил обичајот кај кралевите од некои други земји.30. Месопотамиските текстови зборуваат за употреба на медот како состојка во мешавини за лечење на разни воспаленија и рани, употреба на која упатуваат и текстовите од Стариот Завет. Во овие библиски текстови, именката мед многу често служи како метафора и е ставен во асоцијација со мудроста и учењето.31
Порфириј сведочи дека при некои мистерии на посветениците им се прочистуваат рацете со тоа што им се сипува мед врз нив и на тој начин симболично се одвратуваат од нечисто дејствување. Во ваквите прочистувања медот ја заменува водата бидејќи не се заканува да го угасне огнот кој исто служи за прочистување.32 Во Египет медот се сметал пред сѐ како храна за боговите и за кралевите. Неколку претстави во египетските гробници укажуваат на подготвување на медот како храна за покојникот. Меѓу човечките фигури кои ја подготвуваат храната насликани се и пчели. Пити од саќе со мед и вази со мед биле ставани како дар за кралевите.33 Пчелата е еден од симболите на Долен Египет. Во ходниците на храмот во Едфу во Египет испишана е формула за припремање на „скапоцен“ балсам во која минералите кои влегуваат како состојки се мешаат со мед. Со овој балсам се мачкаат претставите на богот Мин кој е бог на житариците и вегетацијата и потоа се закопуваат за да подоцна се откопаат. Старите Египјани сметале дека балсамот придонесува за оживување на богот. Медот му бил принесуван на богот Мин и како дар. Постоеле и свештеници кои биле специјализирани за одгледување на пчели и можеби и такви кои собирале мед од диви пчели. Еден висок функционер на Рамзес IV меѓу другите титули, ја носел и титулата „доставувач на мед на Мин“.34
Хелените ги сметале пчелите за чисти суштества поради тоа што не се спаруваат како другите животни за да го продолжат родот туку или настануваат од мршата на мртво животно, како што верувале старите, или младите ги носат на свет со тоа што ги собираат јајцата со уста. Така, нивната раса е бесмртна.35 Верувањето за нивното чисто раѓање било преземено од христијаните кои нивниот начин на раѓање го сметале за алегорија на Христовото раѓање. Во ранохристијанскиот период кај Коптите и кај Етиопјаните медот е еден од состојките кои се давале при евхаристијата, а употребуван е и при извршување на мистериите при крштевањто.36 Сепак, изгледа дека позитивната улога на пчелата во некои верзии на Библиските текстови воглавно е пренесена од хеленското и египетското подрачје. За ова сведочи фактот дека во Книгата на Поговорките во Септуагинта се среќаваат пасуси во кои се фали работливоста и мудроста на пчелата, и се вели дека нејзиниот производ го користат кралевите и обичните луѓе за здравјето и затоа е почитувана и фалена од сите. Овие пасуси не се во согласност со хебрејскиот текст каде пчелата е синоним за непријател и е наведена како штетен инсект. Токму овие пасуси се наведуваат меѓу показателите дека преведувачот на Септуагинта потекнувал од александриската културна сфера.37
Меѓу археолошките извори кои сведочат за хтонската димензија која и била давана на пчелата ја вбројуваме и маската од Требениште. Златните маски од Требениште се дел од богатиот наод од гробовите кои датираат од крајот на 6 и почетокот на 5 век пр. н.е. Бројноста и профилот на наодите, пред сѐ материјалот од кој се изработени, недвосмислено укажуваат на високиот општествен статус на покојниците. Гробниците се квалификувани како „кнежевски“ или „кралски“. Досегашните разгледувања на наодите од Требениште вклучуваат секако и обиди за повлекување на паралели помеѓу овие наоди и наодите од Медитеранскиот басен, па и пошироко. Маските и оружјето најдени во гробовите од Требениште се многу слични на оние кои се најдени во Микена. Секако, првиот и најголемиот проблем што се појавува при повлекувањето на оваа паралела е хронолошката и географската дистанца помеѓу двата локалитета. Хеленските вази од друга страна укажуваат на остварени комерцијални контакти со хеленските простори на југ.38 Неминовно, локалната аристократија развива вкус за продукти со висококвалитетна изработка и логично е дека истата се опкружува со производи изработени од хеленските мајстори. Научниците ги истакнуваат стилските врски на некои од предметите со Источниот Медитеран.39 Локалните мајстори ги имитираат овие производи. Кога станува збор за маските преовладува мислењето дека тие се изработени од локални мајстори, што е сосема логично со оглед на фактот дека тие претставуваат отисок од лицето на покојникот на кој се интервенира за да се нагласат некои детали.40 Самата употреба во погребната церемонија укажува дека тие се одраз на верувањето на локалното население. Ние би нагласиле дека историските настани поврзани со регионот треба во секој случај да се имаат предвид, а главното случување е доаѓањето на Персијците на Балканот. Односно, последната деценија од 6 век пр. н.е. е обележана со навлегувањето на Персиската војска на просторот на Тракија, како и со освојувањата кои Македонците ги вршат источно од нивната првобитна територија, на сметка на територијата на Пајонците кои се повлекуваат кон север.41 Сосема веројатно е дека присуството на Персијците во регионот кое ќе трае и после нивниот пораз кај Маратон, значајно влијае на присуството на вешти занаетчии во трако-македонскиот, односно пајонскиот простор. Овие настани би можеле да го објаснат мешањето на стилските карактеристики од исток со оние од хеленскиот југ.42
На крај би се обиделе да извлечеме некои заклучоци, или прашања, кои се наметнуваат од паралелите кои ги подвлековме. Изворите, пишани и археолошки, недвосмислено укажуваат дека пчелата е во директна врска со хтонските божества – Деметра и Персефона. Сите извори кои ги споменавме укажуваат на пчелата како дел од сферата на мистичното, од сферата на прорекувањето и како на врска помеѓу реалниот, човечки свет од една страна и божескиот свет и/или светот на мртвите од друга. Вергилиј, повикувајќи се на легендата со Аристеј, постапката за која зборувавме погоре ја наведува како практичен совет како треба да се постапи доколку дојде до изумирање на пчелите. Овој факт ни укажува колку за Старите е реална можноста за инкарнација на пчелите од мршата на жртвуваното животно. Според Н. Теодосиев, претставата на пчела на златната маска можеби укажува дека покојникот бил свештеник – пророк.43 За ваков заклучок не постојат доволно аргументи. Пчелата, како што видовме ја симболизира душата и нејзината способност да трансцендира. Таа е тука за да напомене дека животот се обновува. Ова верување ги засега сите смртници и не е ексклузивна привилегија на свештениците. Сите сведоштва кои ги имаме зборуваат за поистоветување на свештенички со пчели, а не на свештеници. А гробот во кој е најдена маската, без сомнение е машки гроб.44 Така, значењето на пчелата претставена на маската на еден покојник воопшто не е загатка за луѓето кои припаѓале на оваа културна сфера. Таа претставува врска помеѓу надземниот и подземниот свет и во исто време ја симболизира душата на покојникот, па, од тука, го симболизира и обновувањето на животот.
Белешки
- Се работи за златната маска што денеска се чува во Археолошкиот музеј во Софија, а која е пронајдена во гробот бр. 1. Cf. Filow B, 1927, Tafel 1, 1; Соколовска В., 1997, 45, сл. 58. Авторот на овој текст во оваа прилика му изразува благодарност на С. Александров кој љубезно ги достави фотографиите. ↩
- Schol. Pind. IV, n° 60, n° 160. ↩
- FHG III, 150. ↩
- Porph., De anttro nymph., 17-18. Inschriften von Ephesus, 2109. Cf. Аристофан, Жаби, 1273. Римската копија се чува во музејот во Неапол. ↩
- Pind., Pith., 4, 60. ↩
- Malkin I., 2000, 69-71. Според митот, Аполон ги довел овие морнари во неговото светилиште и тие станале првите службеници во неговиот храм. ↩
- Hesych., s.v. ↩
- Antoninus Liberalis, 13. ↩
- Lactantius, Divinae Institutiones, I, 22. ↩
- Demargne P., 1930, 411 sqq, и Pl.19. приврзокот се наоѓа во Археолошкиот музеј во Хераклион. ↩
- Lafineur R., 1985, 245-266. ↩
- Elderkin G.W., 1939, 209. ↩
- Head B.V., 1892, 47 sqq, Pl. IX; Le Rider G., 1998, 90-91 (n° 62). ↩
- Wroth W., 1886, 50, Pl. XII, 5. ↩
- Elderkin G.W., 1939, 209. ↩
- Forrer L., 1924, n° 2875-6. ↩
- Tzamalis A.P., 1998, 18, n°s 59-64, Pl. II. ↩
- Hesych., s.v. Cf. SIG, 527, 29. На овој натпис кој датира од 3 век пр. н.е. стои епитетот во акузатив, Βρίτομαρτιν, и се однесува на Артемида. ↩
- Cook A.B., 1895, 15. ↩
- Elderkin G.W., 1939, 204-206. ↩
- Verg., Georg. 4, 281-314. ↩
- Ovide, Fastes, 1, 363-380. ↩
- Plin. Nat. hist., XI, 18, 1; Cic., De divinatione, I, 33. Just., XXIII, 4, 7. ↩
- Verg., Aen., VII, 59-106. Вториот предзнак за кој било консултирано пророштвото на Фаун е тоа што по настанот со пчелите, додека ги палела светите факели покрај олтарот, на Лавинија ѝ се запалила косата заедно со круната. ↩
- Philostrate, Galerie des tableaux, II, 8. ↩
- Plin. Nat. hist., XXI, 46. ↩
- Joseph. Bell Iud. 1, 148 ; Ant. Iud. 14, 124. ↩
- Tac., Ann.., 16, 6. Познато е дека медот при ваквите церемонии се употребувал во Египет и на исток. ↩
- За подетална библиографија cf. Forti T., 2006, 333-336. ↩
- Porph., De antro nymph, 15. Плиниј и Кикерон пренесуваат дека се зборувало дека на Платон додека спиел му слетале пчели на устата и дека затоа неговиот говорнички талент бил со изразита благост. (Cicero, De divinatione, I, 36, cf. Plin, Nat his., XI, 18, 1). ↩
- Kuény G., 1950, 84-86. ↩
- Montet P., 1950, 22-25. ↩
- Verg., Georg., IV, 200. ↩
- Fredrikson N. I., 2003, 70. ↩
- Forti T., 2006, 332-333. ↩
- Vulić N., 1934, 86-104 ↩
- Popović Lj., 1958, 149 sqq. ↩
- Theodossiev N., 1998, 345. ↩
- Hammond N.G.L., 1979, 96-97, ја разгледува македонската експанзија и ја дели на три фази. Според него, пајонските градови источно од Аксиос биле заземени од Македонците во 510-505 г. пр. н. е. ↩
- За четирите златни маски пронајдени во Требениште и едната во селото Беранци кај Прилеп cf. Mikulčić I., 1966, ↩
- Theodossiev N., 1998, 361. ↩
- Filow B., 1927, 4 sqq. ↩
Summary
Symbolics of the Bee Depicted on the Gold Mask from Trebenište
One of the golden masks found in the necropolis of Trebenište near Ohrid has a representation of a bee between the eyes. The text analyses the ancient written sources that mention bees as well as some archaeological evidence with a representation of this insect aiming at interpreting the meaning of this symbol. It is accorded the most importance in Crete, Ephesos and in Delphi, but there are also coins from the “Thraco-Macedonian” region with a representation of a bee. The bee is certainly connected with Demeter, Artemis and Apollo who is the god of prophecies. The idea that the deceased in which grave the mask had been found was a priest is to be rejected because it can be concluded from the texts that only the priestess were called “bees” and the deceased was a man. The bee symbolises the soul of the dead and maybe even perpetuity of life. This representation confirms the southern and the eastern influence on the craftsman working in the region, which can also be observed on other archaeological material from Trebenište. The presence of the Persians in the nearby regions in the period to which the masks date may have drawn craftsmen and artists from Southern and Eastern Greece.
Библиографија
- Cook A. B., 1895, The Bee in Greek Mythology, JHS Vol. 15, 1-24.
- Demargne P., 1930, Bijoux minoens de Malia, BCH 54, 404-21.
- Elderkin G. W., 1939, The Bee of Artemis, The American Journal of Philology, vol. 60, n° 2, 203-212.
- Filow B., 1927, Die archaische Nekropole von Trebenischte am Ochrida-See, Berlin-Leipzig.
- Forrer L., 1924, The Weber Collection, vol. 2: Macedon. Thrace. Thessaly. Nort Western, Central and Southern Greece, London.
- Forti T., 2006, Bee’s honey: from Realia to Metaphor in Biblical Wisdom Literature, Vetus Testamentum, vol. 56, fasc. 3, 327-341.
- Fredrikson N. I., 2003, La douceur et l’amertume dans le langage spirituel des saveurs, Vigiliae Christianae, vol. 57, n° 1, 62-93.
- James E. O., 1960, The Cult of the Mother-Goddess, London (reprint 1994).
- Hammond N. G. L., 1979, A History of Macedonia II, Oxford.
- Head B. V., 1892, Catalogue of Greek Coins [in the British Museum], vol. 16: Ionia, London.
- Kuény G., 1950, Scènes apicoles dans l’Ancien Egypte, Journal of Near Eastern Studies, Vol. 9, n° 2, 84-93.
- Lafineur R., 1985, Iconographie minoenne et iconographie mycénienne à l’époque des tombes à fausse, BCH Suppl. 11, p. 245-266.
- Le Rider G., 1998, Un trésor hellénistique de monnaies d’argent trouvé en Syrie en 1971 (CH II, 81), Syria, T 75, 89-96.
- Malkin I., 2000, La fondation d’une colonie apollonienne : Delphes et Hymne homérique à Apollon, BCH Suppl. 36, 69-77.
- Mikulčić I., 1966, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza: Od egejske seobe do Avgusta, Skopje.
- Montet P., 1950, Etude sur quelques prêtres et fonctionnaires de Min, Journal of Near Eastern Studies, vol. 9, n° 1, 18-27.
- Popović LJ., 1958, La vaisselle d’argent de la nécropole de Trebenište, Živa Antika VIII, 1, 149-154.
- Proeva N., 2006, The Engelanes/Encheleis and the Golden Mask from the Trebenište Culture, Homage to Milutin Garašanin (ed. Tasić, N – Grozdanov, C.), Belgrade, 561-570.
- Соколовска В., 1997, Етничките носители на Требенишката некропола, Скопје.
- Theodossiev N., 1998, The Dead with Golden Faces: Dasaretian, Pelagonian, Mygdonian and Boeotian Funeral Masks, Oxford Journal of Archaeology, 17(3), 345-367.
- Tzamalis A. P., 1998, Uncertain Thraco-Macedonian Coins, Part II, Nomismatika Kronika 17, 15-22.
- Vokotopoulou I., 1985, Σίνδος: Κατάλογος της έκθεσης, Θεσσαλονίκη.
- Vulić N., 1934, Novi grobovi kod Trebeništa, Spomenik LXXVII, Belgrad, 86-104.
- Wroth W., 1886, Catalogue of Greek Coins [in the British Museum], vol. 9: Crete and the Aegean Islands, London.