Macedoniae acta archaeologica 20 (2011) · стр. 205–214

Лисиче, населба од раното железно време

Содржина
  1. TRAJANKA JOVČEVSKA
  2. People’s Museum - Veles
  3. LISICE, ASETTLEMENT FROM THE EARLY IRON AGE

При земјените работи за изградба на брана со придружни објекти и акомулационо езеро на реката Тополка над с. Лисиче, со отстранување на хумусниот слој на делот кој го зафаќа браната, на делови целосно или делумно е оштетет археолошки локалитет, а сега целиот се наоѓа под вода.

Зачуваноста на културниот слој од темнокафена земја, со веќе изведените земјени работи значително е отстранет. Делумно е зачуван на делот поблиску до реката. Овде, на делови зачуваноста на културниот слој е од половина метар, а на поголемиот дел од локалитетот едвај достигнува до десетина сантиметри. На горните делови од терасата културниот слој целосно е отстранет.

На локалитетот изведени се археолошки истражувања од заштитен карактер. Иако истражувањата се изведувани под исклучително неповолни временски услови, сепак истражениот простор даде задоволителни резултати. Со поставување седум сонди на поширокиот простор, на кој разнесениот археолошки материјал ја определува распространетоста на локалитетот, истражени се речиси 100 м?, со што е потврдено постоење на населба од железното време..1

Населбата е подигната на мала тераса, од десната страна од реката Тополка, далеку од главните комуникации. Повлечена во внатрешноста на планинските масиви, на тешко пристапен терен, на 380 м надморска височина, сместена на мала падина, населбата од сите страни е омеѓена со високи ридести масиви. Реката, шумата и малкуте плодна почва околу коритото на реката, но и плодната котлина што ја затвора планинскиот венец во поширокиот појас, сосема се доволни малата населба добро да живее.

Првите показатели за организацијата на населбата се потврдија во сондата 2, каде што се откриени делови од внатрешноста на куќа. Присуството на огниште не наведе да направиме проширување на тој дел со уште три нови сонди и контролни профили меѓу нив со цел да се открие што поголем дел од куќата. Огништето е со кружна форма. затворено со плиток венец од црвена земја, со дијаметар од 1.20 м и длабочина од 12 см. Во големата концентрација пепел во огништето, до самиот венец, најдени се делови од голем сад помешани со поситни и покрупни камења (Т.І-1). Во непосредна близина на огништето најдена е амфора во фрагменти, поставена во вкопана јама која кон внатрешноста се стеснува (Т.1.3-5). На истото место во фрагменти е најдена уште едена амфора. Западно од огништето, на подот, стоел поголем лонец, од кој ние најдовме само дел. Голема концентрација пепел го покрива целиот простор околу огништето.

Присуството на огниште со големи складишни садови се дел од инвентарот на куќа присутна на тој простор. Големите оштетувања на теренот не дозволија да ја определиме основата на куќата. Неколкуте поситни парчиња лепеж дозволуваат да заклучиме дека куќата е од типот колиби и има мала зафатна површина, изградена од лесен материјал.

Ова согледување го потврди и откриениот дел од друга куќа, во сондата 6, каде што во подот е вкопан голем питос за складирање храна и три помали јами. Јамите се мали и со кружна форма, исполнети со пепел од изгорените дрвени греди. како дел од конструкцијата на куќата (Т.І-2). Под пепелта кај двете куќи присутен е под од набиена црвена глина.

Основен градежен материјал за подигање на куќите всушност било дрвото. Многу лесно можело да се исече и донесе од првите ридови, во чие подножје е подигната населбата. Конструкцијата од наредени греди премачкани со потанок слој кал, се единствениот градежен материјал за формирање на зидовите на куќите. Минималното присуство на лепеж и големата концентрација пепел го поткрепува ова согледување. Од малкуте зачувани фрагменти лепеж може да се види дека потенки греди се поставувани едени до други. Само носечките греди на покривната кострукција се подебели. На вака оформените зидови од двете страни налепена е кал, со што зидовите целосно се обликувани. Куќите секако дека имале покрив покриен со слама.

Што се однесува до архитектурата, останатите сонди не дадоа поголеми резултати.. Единствено што можеше да се забележи е дека културниот слој од темнокафена земја, лежи врз здравица од жолтосива земја помешана со песок.

За она што е најдено како покуќнина во куќите на населбата Лисиче веќе кажавме во погорните редови. Тоа се четири големи сада кои служеле за чување резерви храна и еден голем питос. Од помалите садови користени за секојдневни потреби најдени се само фрагменти, но доволно да разликуваме неколку форми. Најдени се и неколку макари, еден кружен тег, прешлен за вретено и мал купест капак.

Пред да ги определиме застапените форми садови, ќе кажеме дека квалитетот на изработка на садовите е доста лош. Надвладува грубата керамика, изработена од непрочистена глина со големо присуство песочни зрнца. Печењето на садовите е со нијанси од светлокафени, окер и сиви до црни тонови. Иако процентуално далеку помалку, застапена е и керамиката со пофина фактура, изработена од попрочистена глина со присуство на ситни зрнца песок. Овие садови се сиво печени, со сиви до црни тонови, но и црвено печени. Сета пронајдена керамика е рачно работена. Кај керамичките садови застапени се неколку основни форми, а варијантите зависат од самата декорација, формата на држалките или од тоа како е изработен венецот на садот. Носечка форма кај керамиката е грнето, како најпрактичен сад за секојдневните потреби, со една или две лентести држалки. зделите, амфорите, длабоките лонци, питосите, пураноите. Основна карактеристика на грнето е топчестиот стомах, а варијантите зависат од должината на вратот, од оние со многу кус врат до оние со нешто подолг завратени кон надвор. Кај оние со потенки зидови венецот завршува рамно, но и полукружно или, пак, косо е извлечен кон надвор. Кај два фрагмента со помош на радло е изведена декорација од кратки вдлабнувања поставени во линија. Кај едниот фрагмент оформуваат две хоризонтални линии од внатрешната страна на вратот, а кај другиот по една линија од двете страни на делот каде што стомакот поминува во многу кус врат. Кај грнињата со подебели зидови исто така должи-Од грне со подебели зидови најдена е оштетена лентеста држалка, која поаѓа од самиот венец. Кај фрагмент од грне со сива боја на печење, вратот на внатре се стеснува и преминува во кружен потесен вебнец. Овој сад од внатрешната страна на вратот има декорација од вертикално поставени плитки канелури.

Илустрација, стр. 207

Кај грнето со една или две држалки кои го надвишуваат венецот држалките се масивни, понекогаш со коленичест израсток или свиткани речиси под прав агол и овален пресек.

Зделата е застапена со единствената полутопчеста форма во повеќе варијанти, во зависност од тоа дали венецот е повеќе или помалку завратен кон внатре, а завршува полукружно или рамно. Варијантите зависат и од додадените елементи, држалки и декорација. Зделите со две лентести хоризонтално поставени држалки под венецот, завратени навнатре, се изработени од непрочистена глина.

Застапени се и зделите со заоблен или рамен венец завратен навнатре и пластично јазичесто проширување на венецот како држалка. На пластичното јазичесто проширување кај некои примероци е изведена линеарна декоразија од втиснати кратки цртички со помош на радло. На најширокиот дел од стомахот може да има поставено и пластичен јазичест или брадавичест израсток.

Зделата со завратен венец навнатре и јазичести брадавици поставени на самиот венец е исто така застапена, како и оние со завратен венец навнатре украсувани со плитки канелури кои од венецот косо или во лак завршуваат на наширокиот дел од стомакот. Кај еден примерок полето од канелури е издвоено со пластично тенко ребро, вертикално поставено. Реброто може да тргнува од самиот венец или под него.

Амфората е застапена во две варијанти. Амфора со крушковиден стомак и подолг и нанадвор извлечен врат, со рамен венец, на стомакот под вратот има четири лентести хоризонтално поставени држалки и рамно дно. Држалките имаат овален пресек, а кај една изработена од попрочистена глина и сиво печена, од горната страна има декорација од паралелно поставени линии, изведени со врежувања од радло, а по страните фланкирани со попречна, исто така оформена линија. Втората форма на амфора е со крушковиден стомак и подолг нанадвор извлечен врат и рамен венец. Садот има две лентести држалки, поставени вертикално на делот под устието и почетокот на стомахот.

Длабоките лонци се со полутопчеста форма и рамен венец завратен навнатре, а дел од нив имаат издолжен, речиси цилиндричен горен дел. Како по правило, овие садови се украсувани со пластични ленти, исполнети со коси или кружни вдлабнувања. Пластичните ленти се поставени на самиот венец или под него, понекогаш и по две хоризонтално поставени или, пак, во комбинација, со вертикално поставени ленти. Садовите имаат и држалки во форма на јазичести. потковичести или брадавичети форми. Декорирањето со пластична лента, продолжува и на држалката, кај оние со потковичеста форма поминува во понагласена една или две брадавици. Оваа форма на сад е користена за чување храна.

Питосот, исто така, има крушковидна форма, со проширен стомак и извлечен навнатре долг врат. Венецот е задебелен, додека дното се стеснува и завршува во остар полн полукружен завршеток. Од друг питос со средни димензии е најден само долниот дел од стомакот и дното, кое завршува во форма на извлечен полн квадрат. На питосите со средни димензии им припаѓаат и држалките со петличеста форма, понекогаш со втиснување во средината или со зарешки по работ на држалката. Со долниот дел од телото питосите се поставени во вкопани јами во основата на подот.

Пураноите како составен дел од инвентарот на куќата ја имаат својата стандардна форма, украсени со хоризонтални и вертикални пластични ребра со кружни или долгнавести вдлабнувања, понекогаш поставени и околу отворите за воздух. Држалките имаат јазичеста форма или, пак, се валчести, со задебелување И вдлабнување на надворешниот дел.

Ограничениот број железнодобни населби на кои се изведени археолошки истражувања само делумно ја отсликуваат вистинската слика на развојниот пат на градењето и организацијата на населбите во овој период. Извесни согледувања дозволуваат потврдените населби од железното време на локалитетот Вардарски Рид кај Гевглија, Исар кај с. Марвинци, Глоска Чука кај с. Грчиште. Тоа се податоци за одредени фази на развојот на архитектурата во Вардарски Рид Ш со слоевите 13 и 14 е определена како населба од раното железно време. Населбата е обновувана најмалку двапати. Куќите се со дрвена скелетна конструкција, облепена со кал или глина. Полуземјанката со откриени остатоци во слојот 14 делумно е вкопана, а во горните партии изработена е од дрвена конструкција и плет. Од ист лесен градежен материјал е изграден објектот во слојот 13, со подно ниво од набиена глина.

Вардарски Рид IV со слоевите од 9 до 12, како населба од полното и доцното железно време, датирани од VIII до VI век пр. н.е. познава многу појак интензитет на живеење.2 Архитектурата € со доста солидни градби, со остатоци од две простории како дел од поголем објект, најверојатно организирана како комплекс. зидовите во долната зона се изведени со камен И кал, а горните партии од непечени тули и под од набиена глина.3

Железновременската населба Глоска Чука кај с. Грчиште има три последователни културни слоја, од крајот на раната фаза и од полното железно време, датирана од VIII до VI век пр. н.е. Најстарите остатоци се од куќи со дрвена скелетна конструкција облепена со глина, фундирани на т.н. темелни греди фиксирани со речни камења и носечки столбови за покривната конструкција. Помладата градежна фаза ја има истата лесна архитектура, со дрвена скелетна конструкција облепена со глина и редење на камења во најниската зона.4

Од она што како архитектура е потврдено на населбата Лисиче, може да се поврзе со лесните градби од населбата Вардарски Рид III, која временски е определена во X-!X век пр. н.е., како населба од раното железно време.

Застапените форми садови од населбата Лисиче влечат корени уште од раното бронзено време. Така, грнето со една или две држалки кои го надвишуваат венецот се типична форма за раното бронзено време, а ги следиме и низ целото бронзено време. Кај нас ги сретнуваме на локалитетите Висои-Беранци, Требеништа, Криви Дол-Радање.5 На Кастанас се доста прецизно определени. од нивното појавување до нивното отфрлање од употреба.6

Зделата со својата основна полутопчеста форма е позната уште од раното бронзено време. Но според определени детали на зделите од Лисиче можеме да направиме потесно датирање.7 7 Со пофина рачна изработка и сива или сиво-бледоцрвена боја ги сретнуваме на локалитетите Три Чељусти и Вртуљка.8 Зделата со завратен кон венец навнатре и јазичести брадавици поставени на самиот венец, ја сретнуваме на Криви Дол кај Радање.9 Здели украсувани со плитки канелури кои од венецот косо или во лак завршуваат на наширокиот дел од стомакот, некои со брадавичест или издолжен израсток меѓу канелурите. на населбата Кастанас се присутни некаде после 1100 г. пр. н.е.,10 па се до 700 г. пр. н.е. Во истите временски рамки ја сретнуваме и амфората со хоризонтално и вертикално поставени држалки, само што амфората со вертикално поставени држалки под венецот се задржува покусо, до 900 г. пр. н.е.11

Варијантите на длабоки лонци, на долномакедонските локалитети исто така се сретнуваат уште во раното бронзено време.12

Во истите временски рамки се вклопуваат и питосите, во овој случај според формата на дното.13

Керамиката од населбата Лисиче е груба, изработена од неквалитетна земја, со желба за разубавување. Канелурата најмногу се сретнува кај зделата, поставена косо под венецот. Кај фрагмент од грне од внатрешната страна на вратот ја сретнуваме во вид на плитки вертикално поставени канелури (Т.П-6). За украсување на садовите се користи и назабена алатка радло, со кое се изведува декорација од куси вдлабнувања кои формираат линии“14 (Т.П.1-3, 5). Само еден мал фрагмент е украсен со плитки густи врежани линии, поставени до вертикално пластично ребро (Т.П-4). Додека, пак, кај садовите со големи димензии, пластичните ленти со кружни или коси вдлабнувања ја украсуваат надворешната површина на садот (Т.11.7-8).

Во обидот да направиме потесно датирање на постоење на населбата Лисиче, според посебните обележја на поедини форми садови се покажа дека временскиот распон на користење не е мал. Според истите форми садови, најдени на населбата Кастанас, се движи од 1190 г. пр.н.е., па се до 700 г. пр. н.е. Иако користењето на некои форми завршува порано, сепак не се пресудни за временското определување.

Движните наоди од населбите на Вардарски Рид, од некрополата кај Радање, Стар Караорман, дел од наодите од Три Чељусти и Вртуљка-Требениште и добро истражените локалитети од Егејска Македонија, пред се, на резултатите од населбата Кастанас, дозволуваат јасни согледувања во развојниот пат и извесните промени во процесот на изработка на керамиката.

Слоевите на раното железно време на Вардарски Рид се со сиромашни материјални докази, керамиката е доста неквалитетна рачно работена и црвено печена.15 Кај керамиката од слоевите на полното железно време е присутна грубата рачно работена и црвено печена Керамика. Сепак, доминира керамиката изработена од фина прочистена глина, рачно работена и сиво печена од слојот 11 и сива, но со доминација на црвено печење16 од слојот 10. Во слојот 8, покрај садовите изработени од неквалитетна глина и рачно работена, кај фината керамика сега доминира работената на грнчарско колце, главно, црвено печена.!З

Кај керамичкиот материјал од локалитетот Три Чељусти и Вртуљка преовладува грубата керамика, голем дел поддржувајќи бронзеновременски форми. Во поглед на бојата преовладува темносивата до црна и сивата, во однос на бледо црвената и црвената боја на печење.

Керамиката од железновременските локалитети по среден и горен Вардар и по долината на Брегалница (Дубиче. с. Волково, Дабици, с. Сопот, Орлови Чуки, с. Стар Караорман и Криви Дол, с. Радање), работена е, главно, на рака. Дури во текот на VI век и прифаќањето на сивата технологија на печење, широко се прифаќа и грнчарското колце.17

Илустрација, стр. 211
Илустрација, стр. 211
Илустрација, стр. 211
Илустрација, стр. 211
Илустрација, стр. 211
Илустрација, стр. 211

Се покажа дека керамиката од населбата Лисиче е само дел од веќе потврдените согледувањата за особеностите на керамиката од раното железно време. Таа е само дел од непрекинатиот развој на старите домашни форми уште од бронзеното време, надоградени со поедини нови елементи прифатени однадвор. Подоцна, со поедини регионални особености, тие ќе учествуваат во формирањето на керамографијата на полното железно време.18

Формите на садови од населбата Лисиче се одраз на железното време во Македонија. Поедини елементи, особено во украсувањето, се блиски на поморавските.19 Особено се нагласува значењето на групата медијана во рамките на големите историски настани.20

Керамиката од групата медијана е работена во фина и во груба фактура. Фината керамика е работена од земја помешана со зрнца песок, со сива до сивоцрна, смеѓа или црвеникава боја. Грубата керамика е со дебели зидови, често лошо печена, со иста боја и нијанси, изработени од земја помешана со камчиња.21 ?!

Во поновите научни осврти овие настани и промени во материјалната култура се поврзуваат со Брњичката културна група, измешани со елементи од Подунавјето и Поморавјето.22

За јужноморавските локалитети кај орнаментиката карактеристично е канелирањето, пред се, во стилот на Белегиш П-Гава и за двете фази на периодот Брњица ІІ.23 Канелирањето повремено се користи и во Брњица 1, но тие канелури или се доста благи или се доста нагласени и најверојатно оваа декорација е од локален карактер.24 Додека, пак, на локалитетите во Македонија, особено оние во басенот на Пчиња, кај наодите определени како брњички, доминираат орнаменталните техники и орнаменталните мотиви на шрафирани тријаголници и линии изведени со назабено тркало, кои само повремено се регистрирани кај керамиката од истата култура во басенот на јужна Морава. Канелираната керамика на македонските локалитети очигледно дека е поврзана со влијанија од јужна Морава, додека керамиката украсена со линии (тесни ленти) изведени со назабен инструмент и техиката на шрафирање, во басенот на јужна Морава според М. Стоиќ, ги репрезентира влијанијата од североисточна Македонија.25

Затоа мислењето на Н. Тасиќ дека определувањето и распространетоста на садовите кај кои орнаментот е изведен со назабено тркало или мотив од шрафирани висечки тријаголници, се совпаѓа со територијата која се смета за Дарданска во доисториско и историско време, не можеме да го земеме за точно.26 Тоа се препознатливи обележја за керамиката, присутна на населбите определени како пајонски, особено врежаните тријаголници кои долго време ќе бидат носечкиот мотив во орнаментирањето на керамиката. Извесни елементи и влијанија од север секако дека се присутни и прифатени, но тие само се надоградиле на традиционалните форми.27

TRAJANKA JOVČEVSKA

People’s Museum - Veles

LISICE, ASETTLEMENT FROM THE EARLY IRON AGE

Белешки

  1. Сонда 1 (5 x 5 м); сонда 2 (4 x 4 м); сонда 3 (4 x 4 м); сонда 4 (3 x 3 м); сонда 5 (4 x 3 м); сонда 6 (3 x 3 м): сонда ната на вратот варира, но обично е задебелен и преминува во кус или рамен проширен венец. железното време. ↩
  2. Митрески Д..2001.23-25.; Митрески, Д., 2005, 18.; Папазовска, A., 2005, 115-157. ↩
  3. Папазовска A., 2005,126-127; 137-138; 145-146. ↩
  4. Митревски Д., 2010, 135 сл.11-13; 137 сл.14. ↩
  5. Mikulčić, I., 1966, T.IV. sl.7b.; Кузман, П. .1985, 47,Т.VIII.1, 2; Т.В.1, 2.; Гарашанин, М.,- Гарашанин, Д., 1959, 14, сл.15. ↩
  6. Hochstetter A., 1984, 129, Abb. 34. Кантаровидниот сад кај кој држалките појдуваат од самиот обод и оние со држалки поставени до ободот се сретнуваат од 1000 г. пр. н.е., а вторите од 1190 г. пр. нее., па се до 700 г. пр. н.е. Грнињата со коленичести држалки свиткани речиси под прав агол се појавуваат од слојот 12 и се задржуваат кусо до крајот на слојот 11, до 1000 г. пр. н.е. ↩
  7. Hochstetter, A.,1984, 94. Abb.24., T.138-1. Идентични на зделата со две лентести хоризонтално поставени држалки под ободот, на Кастанас се застапени од 900 до 700 г. пр. н.е. ↩
  8. Кузман П., 1985,49, Т.XVI,3. ↩
  9. Гарашанин. М - Гарашанин Д., Д. 1959, 28, сл. 8. ↩
  10. Hochstetter, A.,1984, 89. Abb.22: T.116-5.: 193. Abb. 193. ↩
  11. Hochstetter, A., 1984, 45. Abb.10, T.105-2, T.83-5. ↩
  12. Hochstetter, A., 1984, 129. Abb.34. На Кастанас ги сретнуваме од 1190 г np. н.е., а блиски на овие од Лисиче за првпат се јавуваат во слојот 12, по 1100 г. пр. н.е. и се користени до крајот на слој 10, односно до почетокот на 900 г. пр. н.е. Лонците, пак, со потковичести држалки се сретнуваат до крајот на слој 7. некаде околу 800 г. пр. н.е. ↩
  13. Hochstetter, А.. 1984, 152. Abb.40. Дното со форма на полн извлечен квадрат на Кастанас се појавува за првпат во слојот 11, околу 1100 г. пр. н.е., а се сретнува завршно со слојот 6, некаде пред 700 г. пр. н.е. ↩
  14. Hochstetter, А..1984, Т.5-3. Овој начин на украсување на Кастанас се сретнува уште во слојот 19. ↩
  15. Папазова, А., 2005, 145-148. ↩
  16. Кузман П., 1985, 47. ↩
  17. Kilian, K., 1965, Taf.56.; Микулчиќ, И., 1960, 56-58.; Гарашанин M.,- Гарашанин Д., 1959, 27-39. ↩
  18. Митревски, Д., 1997, 110-113. ↩
  19. Митревски, Д., 1997, 121-122. ↩
  20. GaraSanin, M., 1983, 766. Населбите од групата медијана се подигнати на речни тераси, крај речни корита или малку оддалечени од нив. Куќите (медијана Г) се лесни колиби со слаба конструкција, подигнати врз поголеми многу плитки јами. ↩
  21. GaraSanin, M., 1983, 767-769. Застапена е зделата со вовлечен венец на стомакот некои имаат пластично, издолжено ребро и можат да бидат без орнамент, со фацетиран венец или обод украсен со коси ребрести канелури - турбан диск. Последната варијанта на здели се појавува од фазата ІТ. Пластичните држалки, брадавичасти, јазичести и потковичести, се јавуваат претежно кај грубата керамика, вклопени во орнаментот на пластичното ребро. ↩
  22. Митревски Д., 2003, 20. ↩
  23. Stojié M., 2003, 131.; Stoi¢, M., 2000, 22-24 T.VI/1-6; XVI/4, 5, 7-11; XVII b. ↩
  24. Stoić M., 2000, T.VIII/9; IX/1-7; XIV/2,3,14,15; XVIIa/2,3; T.4/20. ↩
  25. Stoié M., 2003, 131. ↩
  26. Tacuh H., 2003, 50-51. ↩
  27. Митрески, Д., 2003, 21-27. ↩

Summary

Lisice, a Settlement from the Early Iron Age

The Iron Age settlement at Lisiée was raised on a level terrace, on the right side of the Topolka River. Withdrawn into the interior of the mountain massif, accessible with difficulty at 380 masl, and situated on a small slope, the settlement was cut off on all sides by high mountains.

After the site plan had been determined by investigatory trenches, it and the portable archaeological material were quite sufficient to state certain perceptions. The houses in the settlement were small and built of light material, of the cottage type. From the preserved wattle-and-daub, one could see that thin poles had been placed close together. Only the supporting beams of the roof construction were thicker, The walls created in this way were plastered on both sides with mud. A fireplace, with large storage vessels around it, formed part of the assemblage of one of the houses.

The quality of the ceramic vessels was quite poor. Coarse pottery predominated, manufactured from unpurified clay with a large quantity of grains of sand. Although the percentage was quite small, pottery of finer fabric was present, manufactured from better purified clay with less sand. These pots were fired to a gray color, with gray to black shades, and also fired red. All of the pottery found was handmade.

Several basic shapes were present among the pottery vessels; variations depended on the manner of decoration, shape of handles, or form of rim. The fundamental form was the pot with one or two strap handles, as the most practical vessel for daily use, along with bowls, amphorae, deep pots, and ригапот.

The pottery from the settlement at Lisiée fits into the already confirmed perceptions of the pottery of the Early Iron Age. It is only a part of the uninterrupted development of the old domestic shapes from the Bronze Age, built up with new elements adopted from outside. The presence of the ribbed and engraved (with instrument) ornamentation of the pottery should be noted, as well as the inclusion of the finer, gray fired pottery, of which not one sherd was worked on the potter’s wheel. Although the percentage of finer pottery compared with the coarse ware is very small, the settlement at Lisiée is included in the settlements from the Early Iron Age, i.e., 10th-9th centuries BC.

Библиографија