Macedoniae acta archaeologica 20 (2011) · стр. 572–573
Звонко Белдедовски (1948 - 2011)
По кусо но тешко боледување на почетокот од септември замина во вечен мир нашиот колега Звонко, совентик-археолог во Заводот и музеј - Штип, кој во македонската археологија ќе остане засекогаш запаметен по неговите истражувања за античкиот и средновековниот период во Брегалничкиот Басен.
Звонко Белдедовски е роден 1.1.1948 година во Берово, каде што завршил основно и средно образование. Во 1967 година се запишал на Одделението за археологија при Филозфскиот факултет во Белград, а студиите ги завршил во 1974 година.
Во 1974 година се вработува како кустос-археолог во Народниот музеј во Штип, каде останува до крајот на својот живот. Од почетокот на неговото работење, па се до кадровското комплетирањето на Археолошкото одделение при Заводот и музеј - Штип, тој сам со голема JbyOOB и ентузијазам, ја комплетираше, обработуваше и се грижеше за целата археолошка збирка, на институцијата.
На почетокот на својата работа тој ги започнува и првите археолошки ископувања, на археолошките локалитети: Баргала, село Горен Козјак и Кале, село Крупиште, на почетокот како член на стручна екипа а подоцна како раководител. Покрај тоа што врши археолошки ископувања во Брегалничкиот Басен, тој активно како член на стручна екипа се вклучува и во археолошки ископувања на локалитетот Стоби, а и на многу други локалитети во Македонија. Покрај ископувањата, Звонко со своите колеги учествува во голем број рекогносцирања во Брегалничкиот Басен, од каде како траен белег ќе остане археолошката карта на општина Штип и Виница. Во рамките на рекогнсцирањето на територијата на Виница тој го открива неговото најзначајно археолошко откритие, теракотните икони од локалитетот Кале-Виница. Долгодишната кабинетска и теренска работа на територијата на Брегалничкиот Басен во 1990 година ја крунисува со неговата книга Брегалничкиот Басен во римскиот и раниот средновековен период.
Звонко е еден од ретките археолози кој учествувал во сите досегашни симпозиуми на манд. Тој, исто така, има учествувано и на голем број меѓународни симпозиуми.
Исто така, учествува и во голем број емисии од областа на археологијата, како на националните така и на локалните телевизии. Покрај големиот број објавени научни трудови, активно учествува и во организирањето на археолошки изложби, од кои посебно ќе ја издвоиме изложбата „Накитот низ вековите“, каде е еден од авторите, организирана од страна на Заводот и музеј - Штип во 2001 година.
Во 2005 година Заводот и музеј - Штип ја отвори постојаната археолошка поставка, каде тој се појавува како еден од авторите на поставката за античкиот и средновековниот период.
Звонко од 2007 до 2011 целосно го истражи акрополниот дел на тврдина Исар-Штип. Во рамките на овие истражувања тој ја открива и црквата Св. Власие во подножјето на тврдината. Тој, иако тешко болен успеа да го подготви Извештајот од неговите последни археолошки истражувања на тврдината, но, за жал, не успеа резултатите од неговите последни истражувања да ги публикува.
Затоа, нека биде како завет од него, неговите истражувања на Исарот во Штип да бидат публикувани во негово име од неговите помлади колеги.
д-р Трајче Нацев