Macedoniae acta archaeologica 20 (2011) · стр. 570–571

Гордана Спасовска Димитриеска (1941 - 2011)

Илустрација, стр. 570

Ars longa, vita brevis

Гордана „Гоца“ Спасовска припаѓаше на групата студенти од Македонија кои во 70-тите години студирал археологија на Универзитетот во Белград. Во таа група ценети и почитувани колеги, меѓу другите, беа и блиските соработници на Гордана, сега починатите Војислав Санев, Милан Ивановски, Јован Ананиев и Звонко Беледедовски. Споменативе и бројни други имаа привилегија и чест да ја „учат“ археологијата кај еминентните професори Бранко Гавела, Милутин Гарашанин, Драгослав Срејовик и други стожери на југословенската археологија.

Овој „нов“ бран дипломирани археолози го понесе товарот на развојот и унапредувањето на музејската мрежа и дејност во рамките на тогашната ср Македонија, а уште поинтензивно во градовите и институциите каде што беа вработени.

Гордана Спасовска е родена во Куманово во 1941 год., во познатата фамилија на „Бирбашот“.

Во текот на студирањето беше анкетирана во истражувањето на загрозените подрачја околу браната „Гердап“ на Дунав во 1964 год., а за време на летните одмори активно учествуваше на археолошките истражувања во Македонија, и тоа: 1965 год., на Маркови Кули во Прилеп, а во 1966 год., на Скупи, на локалитет на кој работеше во континуитет до 1975 год.

Нејзиното прво вработување беше во Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје во 1969 год. Покрај ангажманот кој произлегуваше од самата дејност на Заводот, колешката Гордана интимно ги преферираше археолошките обврски и со задоволство ги водеше истражувањата на неколку археолошки локалитети во Скопје и неговата околина. Теренските резултати и кабинетската работа со материјалот кој произлезе од истражувањата на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, Камник, населбата Влае, Зелениково, Стара чаршија и Камен мост во Скопје во период од 1969 до 1973 год., беа драги спомени на кој често се сеќаваше кога се пресели од Скопје во Кичево.

При крајот на седумдесетите Кичево беше град со напреден економски развој, нов

железнички колосек (стариот ..Киро“ замина во историјата) и град кој доби специјализиран историски музеј, посветен на улогата на Кичево и западна Македонија во периодот на нов од 1941-1945 год., што стана и официјално име на музејската институција. Не може да се заобиколи фактот дека колегата Јовче Ангелески, првиот и долгогодишен директор на Музејот во Кичево, беше заслужен за прифаќањето на Гордана во оваа институција, покрај главниот факт што „колешката Гоца“ со доаѓањето во Кичево го измени и својот брачен статус. Специјализираниот статус на музејот и не одеше во прилог на Гордана да го развие археолошкиот оддел во посакуваниот правец, и тој хендикеп ќе ја следи целиот нејзин работен век, се до пензионирањето. Но Гоца каква што ја познававме, со нејзината нагласена „хронична“ упорност, успеа да ја скицира првата археолошка карта на општина Кичево, регион, дотогаш симболично присутен во археолошката наука. Па така, во континуитет следеше евидентирањето и истражувањето на повеќе нови археолошки локалитети: Градиштето Венец во с. Миокази од 1981 до 1989 год., хеленистичката и доцноримската некропола Кржалица кај с. Карбуница од 1983 до 1988 год., како и на локалитетите Чука, Џума џамија и Калето во рамки на градот Кичево. Со посебен ентузијазам и посветеност пристапи кон истражувањето на манастирскиот комплекс Св. Ѓорѓија, с. Кнежино, познатиот Кнежински манастир. На тој локалитет работеше без прекин од 1998 год., па се до моментот кога здравствената состојба беше толку лоша што очекуваниот епилог беше неминовен.

Целокупниот теренски опус Гоца внимателно и систематски го преточи во бројни студии кои редовно ги презентираше и објавуваше на симозиумите на манд, како и во другите стручни списанија во земјава и поранешниот југословенски простор.

Благодарение на таквиот научно вреднуван опус, Гордана беше и почитуван член на Управата на Сојузот на археолошките друштва на Југославија во период од 1984 до 1988 год.

Мене ми припадна привилегијата да работам со Гоца во Музејот во Кичево од 1985 до 1992 год., каде што под нејзин патронат, успеавме да ја консолидираме и обработиме дотогаш прибраната археолошка збирка и вкупната теренска и кабинетска документација. Со голема радост и искрена колегијална поддршка се одзва на мојот повик да го започнеме систематското истражување на археолошкиот локалитет Вардарски Рид во Гевгелија во 1994 год., иницијатива која во континуитет до денес, Вардарски Рид и Гевгелија ги претвори во познати археолошки дестинации.

Ти благодарам за се во името колегите од музеите во Кичево и Гевгелија, како и во мое лично име.

Бобан Хусеновски Гевгелија, 7 септември 2011 год.