Macedoniae acta archaeologica 20 (2011) · стр. 283–298

Просопоморфни садови од Скупи Разгледи околу феноменот "сад со лице"

Содржина
  1. Опис
  2. Феноменот „сад со лице“
  3. Што се и чии се лицата од садовите?
  4. Завршни разгледувања
  5. IGOR KUZMANOSKI

Во последните години со археолошките ископувања изведени на Северозападната и Југоисточната некропола во Скупи.1 меѓу стандарниот гробен инвентар се појавија извесен број предмети кои го дополнија нашето познавање за материјалниот и духовен светоглед на локалните жители кои живееле и делувале во овој антички град. Од нив посебно внимание привлекува една необична група предмети, преку кои можеме да реконструираме еден интересен аспект од нивниот поглед и верувања поврзани со задгробниот живот и трансцедентното егзистирање на душата после смртта.

Се работи за специфичен тип римска култна керамика позната под името садови со лице т.н. face pot, со пластична декорација на цртите на човечко лице-маска налепени врз основната форма на садот, најчесто наоѓана во гробовите и тесно поврзана со погребниот култ.2 Нивната рудиментарна изведба се издвојува од античката уметничка традиција на антропоморфни вази и садови кои најчесто се изработувани во калап и всушност прикажуваат цели глави, обично на богови и божества од класичната митологија.

Во Скупи досега се откриени седум примероци, сите од неговите некрополи, од кои три се целосно зачувани, други два се во добра состојба и на кои претставеното лице речиси целосно се согледува, а останатите два се во сосема мали фрагменти кои не даваат доволно елементи за реконструкција и на ликот и на садот. Најпрво ќе следи нивен опис.

Опис

1. Првиот примерок (тер. инв. 2703) е целосно зачуван и потекнува од затворена гробна целина? (сл. 1 и 2). Садот е изработен рачно, од црвено до кафеаво печена глина со примеси на ситен песок и поголема количина момирок. Има форма на пехар, со издолжено јајцевидно тело, рамно дно незначително прстенесто извлечено од телото и раб благо извиен кон надвор. Висината на садот е 12 см, ширината на работ 10 см. а на дното 8 см. На телото од садот има траги од опожарување.

Сл. 2.
Сл. 2.
Сл. 1.
Сл. 1.

Човечкиот лик е моделиран директно од истата глина на садот, пред печењето. Веѓите се поставени веднаш под работ, благо релјефно извлечени, со попречни куси врежани цртки кои ги означуваат влакненцата. Очите се претставени со две полукружни испапчувања на кои има по една длабока хоризонтална цртка за означување на клепките. Носот е долг, тенок, извлечен во висок релјеф, со мали засеци странично за ноздрвите. Брадата е кусо потстрижана, во горниот дел означена само со куси врежувања, додека долната половина е предадена во низок релјеф, повторно со врежани цртки. Устата е тесна и благо отворена, постигнато со мало вдлабнување, а под неа има мала вертикална брадичка. Меѓу3 веѓите и брадата се предадени ушите со две лачно извиени ленти, на тој начин заокружувајќи го целосно ликот на садот. Ликот е моделиран на горната половина од пехарот, вешто користејќи ја заоблената форма на садот која соодвествува на човечкото лице, на тој начин што всушност садот се јавува како глава, односно се доживува како пластична целина. Деловите на лицето, иако предадени шематски и како скица, покажуваат извесен натурализам, како и изразени портретни црти подвлечени со блага карикатуралност, со што овој сад укажува на индивидуална работа на вешт занаетчија-грнчар. 2. Вториот примерок (тер. инв. 5182) е исто така целосно зачуван и пронајден во затворена гробна целина4 (сл. 3 и 4). Изработен е на грнчарско тркало, од портокалово печена пречистена глина со црвено премачкување. Телото е со јајцевидна форма поставено на тесна, висока конична нога и косо извлечен нанадвор лентест раб. незначително профилиран со хоризонтални бразди. Садот е висок 16 см, пречникот на дното е 6.5 см, а на работ 11 см. Телото под стомакот е профилирано со стеснување на обемот и се добива впечаток дека садот е изработен од два посебни компартименти.

Сл. 4.
Сл. 4.
Сл. 3.
Сл. 3.

Човечкото лице е моделирано на горниот дел. Затворено е во срцевидна форма дефинирана од веѓите и брадата која на долниот крај завршува во тесна, косо извлечена козја брадичка, нагласена со долги закосени зарешки. Лачните веѓи и страничната брада се изработени од тесна релјефна лента избраздена со ситни врежувања, а слични врежувања се изведени и по работ на релјефно извлечените уши кои се перфорирани и на кој висат бронзени обетки со листовиден приврзок.5 Очите се предадени со два концентрични круга со точка во средината, а устата преку еден хоризонтален засек, на кој едвај се насетува долната усна. Над неа се претставени мустаќите со плитки кружни печатени вдлабнувања во кои има релјефни брадавички, а истиот орнамент е групиран и под ушите во гроздовидна форма, веројатно повторно со намера да прикаже прикачени обетки. Во средината на лицето доминира голем релјефно извлечен нос, кој на ликот му дава нагласен гротескен изглед.6 3. Третиот целосно зачуван сад (тер. инв. 8700), кој исто така потекнува од затворена гробна целина, е изработен на грнчарско тркало од сива пречистена глина" (ел. 5 и 6). Има форма на пехар со овоидна форма, ниска прстенеста ногаи раб косо извлечен нанадвор. Висината на садот е 15.5 см, ширината на работ 9.6 см, а на дното 5.6 см.

Сл. 5.
Сл. 5.
Сл. 6.
Сл. 6.

Човечкиот лик е моделиран на горната третина од садот. веднаш под работ. Озгора е обрамен со веѓите претставени преку7 широка лачна релјефна лента, незначително избраздена за назнака на влакненцата. Лево и десно од неа се ушите кои се високо лачно извлечени. Очите се кружни, релјефно аплицирани, а меѓу нив е носот со остар клунест профил. Устата е предадена со високо извлекување на горната усна, благо лачно подвиена надолу, давајќи му сеопшт патетичен изглед на ликот.

Следните два примери се фрагменти кај кои, иако не постојат доволно елементи за целосна реконструкција на садот, во голема мера може да се согледа изгледот на човечкиот лик.

4. Фрагментот со Тер. инв. 5174 е пронајден во отпаден депозит на просторот од Северозападната некропола (кп. 94/4). Изработен е на грнчарско тркало, од портокалова пречистена глина со слабо присуство на момирок и црвен премаз. Има изглед на шолја со благо извиен кон надвор обод, на кој цртите на човечкото лице се дополнително налепени преку целото тело на садот. (цртеж 1)

Сите детали на ликот се релјефно извлечени. Веѓите се предадени со две лачни ленти кои се слеваат во силно истакнат, тесен нос. Лево и десно од него се бадемастите очи на кои се претставени и зениците, а увото е со полукружна форма. Устата, со благо сензуалните усни е појако отворена и на ликот му дава општ впечаток на изненадено лице. 5. Вториот фрагмент со тер. инв. 7798 потекнува од Југоисточната некропола (КП 925), меѓутоа. не се врзува за одредена гробна целина.8 Фрагментот претставува дел од валчесто тело на сад изработен на грнчарско тркало од сиво печена пречистена глина (цртеж 2).

Црт. 2.
Црт. 2.
Илустрација, стр. 287
Илустрација, стр. 287
Илустрација, стр. 287

Фацијалните црти залепени за зидот на садот откриваат високи, хоризонтално споени веѓи, чии влакненца се назначени со збиени и закосени кратки врежувања, нормален благо извиен нос и релјефна лента за ушната школка. Карактеристично е што во овој случај очите не се воопшто претставени, иако овој недостаток визуелно се надополнува преку густите врежувања на извлечените веѓи.

Останатите два примери се само два мали фрагменти кај кои не постојат доволно елементи за целосно согледување на изгледот на ликот:

6. Фрагментот со тер. инв. 3886, пронајден во отпадниот депозит од Северозападната некропола (КП 94/4), потекнува од сад со вертикален лентест раб профилиран со бразди од надвор, на кој има и една лентеста рачка исто така профилирана. Изработен е на грнчарско тркало, од портокалово печена пречистена глина, со црвено премачкување и фирнајс. Пречникот на работ е 8.4 см (цртеж 3).

Единствен зачуван елемент од претставата на човечкото лице е левото уво, залепено во висок релјеф на рамото, покрај рачката. На задниот дел од садот се забележува трага од вдлабена лента, веројатно остаток од декорација за косата.9 7. Последниот пример е фрагмент со тер. инв. 1873, од слојот со отпадна содржина на просторот од Југоисточната некропола (kn. 328/2). Изработен е на грнчарско тркало, од сива пречистена глина со црно премачкување (сл. 7).

Од човечкото лице се зачувани само делови од неговата десна половина: големо лачно уво, тенки врежани црти за влакненцата на веѓите, валчесто релјефно испапчување за претставување на окото и четири вертикални врежани цртки под него.

Не навлегувајќи во детална формална и типолошка обработка на овие садови, на следните страници ќе се обидам да изнесам некои сопствени согледувања поврзани со појавата, функцијата и значењето на овој феномен, како и предлог за можна идентификација на лицата претставени врз зидовите на овие садови.

Феноменот „сад со лице“

Во однос на останатите керамички форми просопоморфните садови се многу ретки, меѓутоа, ги има во речиси сите римски провинции. Се појавуваат во доцнорепубликанскиот и Августовиот период, и тоа најпрво во северна Италија од каде што се извезувани источно кон балканските провинции и западно по градовите на медитеранскиот брег. Од средината на | век од н.е. бројни примери се наоѓаат и во јужна Италија во Кампанија, во рајнската област, по Дунавскиот лимес и балканските провинции, а посебно на британскиот остров каде што имаат континуитет се до почетокот на У век од н.е. Откривањето на овие садови во Скупи ја дополнуваат сликата за нивната застапеност и распространетост во рамките на провинцијата Горна Мезија,11 а не помалку придонесуваат и кон збогатувањето на севкупниот корпус на овој тип керамика во границите на Римската Империја.

Кај просопоморфните садови од римскиот период цртите на човечкото лице се аплицирани релјефно врз стандардната форма на садот. Најчесто се во форма на пехар или шолја, која може да има и една или две рачки, обично со мали димензии од десетина сантиметри до стомни со поголем формат. Изработувани се рачно или на грнчарско тркало со цртите аплицирани во техника на барботин, пластично обработени од самиот зид на садот, но и со врежувања и печатени интервенции врз деталите од ликот. Стилски, обработката на ликот се движи од едноставни, сумарнии стилизирани црти до поелаборирани, реалистични детали кои понекогаш одат и до изразен натурализам, давајќи My на ликот печат на портрет. Лицето може да биде со брада и коса, но може да биде и без нив. Сепак, кај поголем број од овие садови имаме нагласени деформации на извесни детали од ликот кои му даваат карикатурално-гротескен изглед, со што јасно се подвлекува улогата на апотропејска маска. Лицата може да бидат со нагласени очи, деформиран, свиткан нос, исплазен јазик, со прикачени обетки на ушите, но не ретко придружени и од други детали аплицирани врз нив како што се фалус, гуштер, змии и друго, кои го зголемуваат апотропејското значење на претставениот лик. Диспозицијата, пак, на лицето може да биде преку целата површина на садот, со што визуелно самиот сад добива форма на глава или вообичаено се поставува на горната половина ако се работи за поголем сад.

Апликацијата, односно маската на стилизирано човечко лице врз зидот на садот се појавува не толку долго по керамичката револуција на неолитот H се среќава речиси во сите балкански и подунавски неолитски култури, како и подоцна во енеолитскиот период, каде повеќезначната симболика на овие садови имплицира речиси исклучиво култна намена.12 Меѓутоа, набргу со промената на погребниот ритус од инхумација во кремација во доцниот халколит и раното бронзено време се проширува специфичната улога на овој тип садови, сега најчесто употребени како урни кој станува доминантен принцип при пронаоѓањето во археолошкиот контекст.13 Тука се карактеристични просопоморфните садови од тројански тип во западна Анадолија од раното бронзено време со аналогните типови од баденската култура и кипарскиот доцен халколит, како и примерите од јужна Скандинавија, Данска и северна Германија во доцното бронзено време.14 Последни маркантни примери од употребата на овие садови како резервоар за пепел пред појавата на римските типови се т.н. „канопи“ урни во Етрурија и урните со лице од железновременската култура во Померанија во северна Полска.

Иако врз појавата на римските просопоморфни садови можеби влијаеле широко распространетите типови на антропоморфни вази од класичниот и хеленистичкиот период со сета нивна придружна симболика и неретко впрегнати во погребниот ритус, се чини дека тие повеќе се врзуваат за оваа силна традиција присутна во повеќето праисториски и протоисториски култури од европскиот континент и пошироко во сферата на Медитеранскиот Басен во која се јавува слична манифестација на овој феномен употребен во сличен сепулкрален контекст. Токму затоа сметам дека овој уникатен стилски израз на керамичкото производство од римскиот период е изворно и генерално поврзано со погребниот ритус и култ. Тоа впрочем го потврдуваат и најголемиот број од овие садови кои се пронајдени токму на некрополите, во самото гробно место, како гробен прилог или како урна, или во неговата непосредна близина.

Праисториските просопоморфни урни, заклучно со етрурските „канопи“ често при концептуалното вообличување на складишниот сад се водени од претставата на самото човечко тело, при што фацијалните детали и поединечните екстремитети се само рудиментарно назначени. Сфаќањето, односно перцепцијата на садот како метафора за човечкото тело заедно со симболите иманентни на него, повеќе отколку чистата декоративна функција, се чини дека одиграла клучна улога во појавата на овие антропоморфни садови, конечно и на садовите со лица.15 Поврзани со погребниот ритус, тие ја имале токму16 оваа функција, да овозможат вечна субституција на минливата егзистеција на телото, а посебно нужна и нагласена при неговото целосно физичко декомпонирање извршен со чинот на кремација.

Визуелното издвојување, пак, единствено на главата и лицето врз садот во подоцнежниот период, а особено на римските примери, покрај тоа што е водено од попрактичното искористување на формата од садот како компактна елиптична (орМа,'® се чини декасе и обременето со дополнителни есхатолошки значења, тесно поврзани со култот на главата. Практикуван уште во праисториските општества, а во римскиот период широко распространет на средноевропскиот континент и посебно кај келтските племиња, овој култ преку блискиот контакт со римското општество можеби силно влијаел врз идејната перцепција на римските садови со лице во нивниот постмортарен контекст. Споредбените етноархеолошки истражувања на материјалната и духовната култура на примитивните заедници од Африка и Океанија покажуваат дека круцијална интенција на овој култ е да се зачува, односно да се зароби духот на покојникот токму во главата, сфатена како таинствен центар на витални и животворни сили кои имаат регенеративна моќ да ја обноват душата и да и овозможат вечна егзистенција во задгробниот свет.17 Во контекст на римските просопоморфни садови употребени како урни, преку визуелното издвојување на главата, се чини дека се потенцира токму оваа симболика, односно со депонирањето на остатоците од покојникот во садот да се обезбеди вечност на душата со помош на таинствените сили на главата.

Што се и чии се лицата од садовите?

При досегашните прегледи на овој тип садови многу малку е посветено внимание на проблемот околу идентификацијата на лицата претставени на нив, како и на прашањето што претставува всушност нивната визуелизација.18 Во античките извори не е зачуван ниту еден помен поврзан со појавата и значењето на овој феномен. Претпоставките произлегуваат од самата иконографија на садовите и од нивниот контекст.

Во основа на визуелното истакнување на просопоморфните црти на човечкото лице врз садот лежи феноменот на маската.19 Впрочем маската е присутна и во самата генеза при појавата на лицата врз садовите на италско тло. На најраните урни од типот „канопи“ во Етрурија, маската со човечко лице се аплицирала дополнително врз зидот на керамичкиот сад.20 Изнесено е мислење дека и керамичките маски кои се пронајдени во римските гробови или во нивна близина и потврдени во многу области од Римското Царство во периодот од | до Ш век биле дополнително прицврстувани врз зидовите на урните.21 Нивната апотропејска улога, засилена преку гротескните изобличувања и поставена во рамките на погребниот култ да го штитат и чуваат духот на покојникот, е исто така подвлечена.22 Извесен аспект од оваа функција е несомнено навлезен при идејното вообличување на римските садови со лице.

Сметам дека кај голем број од лицата-маски се согледува суштествена и формална сличност, која предочува постоење извесни стандардни типови кои им биле познати на занаетчиите што ги изработувале овие садови подеднакво, според сопственото сеќавање или прототип, или според упатствата на нарачателите во основа тие прикажуваат типизирани ликови чии карактеристики и атрибути ги наброивме подолу во текстот. Сепак, една широко присутна појава воочлива на прикажаните лица досега не била посериозно разгледувана при иконографската обработка на овие садови. Се работи за лицата кај кои доминира мртовечкиот из3- глед, нагласен преку затворените очи и неретко подотворената уста и кај кои е очигледна тенденцијата да се претстави почината индивидуа, со што обликуваното лице добива печат на посмртна маска (како кај примерот бр. 1). Тоа не води кон обидот да се претстават оние кои веќе го пречекориле прагот на овоземната егзистенција и преминале во сферата на сенките, те. предците од задгробниот свет, кои традиционално заземале високо место во почитувањето на римскиот популус. И додека оваа атрибуција се чини неспорна, објаснувањето за подеднакво бројната застапеност на лица со „жива“ експресија по се изгледа дека треба да се бара пошироко, во религиозните идеи поврзани со посмртната судбина на покојниците, но и преку начинот на кој се сфаќал и практикувал самиот култ на предците во римскиот период.

Во римската есхатологија, според зачуваните сведоштва, нашироко било прифатено гледиштето дека сепак постоела извесна форма на егзистенција на душата по смртта и дека светот на живите и мртвите преку комплексниот систем на ритуали и верувања можеле заемно да си влијаат едни на други.23 Во пораниот период природата на ова задгробно живеење било разбирано како колективитет, без зачувување на индивидуалноста, каде починатите биле генерално обожувани како предци и чија инвокација во погребните обичаи била сумирана преку формулата Diis Manibus. Од доцнорепубликанско и Августовото време постепено се случувала промена во која се повеќе се истакнувал зачуваниот идентитет на починатите, намногу забележлив преку истакнувањето на името на покојникот на спомениците и чија тенденција, според некои проучувачи, како крајна последица ќе има постепено преовладувањето на инхумацијата во однос на кремацијата.24

Почитувањето на предците преку нивниот повозвишен статус на Мани или на нивниот трансформиран ентитет во вид на домашните заштитници: Лари, Пенати и Гении отсекогаш бил важен чин во секојдневниот живот на античкиот човек и преку должното негување на нивниот култ тој ја измолувал нивната заштита во овоземниот и задгробниот свет. Двата, пак, најважни празници коишто биле посветени на душите на предците можат да ни дадат определена слика за претставата којашто Римјаните ја имале околу25 карактерот на нивната природа. Тоа се фестивалите на добронамерните Паренталии, чие влијание било благотворно кон идните генерации и на злобните и осветольубиви Лемури или Ларви кои ги опседнувале живите со разни неволји. И во двата случаи претставата за нивниот карактер била формирана во зависност од негувањето или запоставувањето на сепулкралниот култ при комеморацијата на мртвите.

Сметам дека токму ова разбирање за добрата, но и лоша природа на задгробните души со кое била исполнета религиозната свест на обичниот човек во римското општество можело да изврши силно влијание при ликовното вообличување на имагусот на предците врз ЅНОТ на керамичкиот сад. Притоа, нивното активно и „живо“ партиципирање во овоземниот свет резултирало со жив израз на лицата, додека гротескните гримаси би можеле да бидат одраз на претставата за темната, злобна страна на запоставените души од задгробниот свет. Тука не е исклучена можноста при идејните решенија на овие изобличени лица да бил впрегнат богатиот репертоар на гротескни лица и маски со коишто изобилувал античкиот свет.26

Друга доминантна струја која е воочлива преку реалистичкиот израз и присуството на натуралистички детали на лицето покажува тенденција кон портретна изобразба на претставениот лик. Постојат несогласувања меѓу научниците искажани за рудиментарната изведба на лицата кај овој тип садови, во поглед на тоа дали се работи за вистински портрет на индивидуи од посебен ранг и статус или за воопштен лик на кој се сумирани цртите на лицето.27 Притоа, аргументот кој најчесто се користи во докажувањето на портретниот карактер на ликот е фактот што на садовите не се среќаваат две подеднакво идентични лица.28 Меѓутоа, отсуството на повторување на претставените ликови може да се објасни со причина што изобразбата на фацијалните црти се извршувала исклучиво рачно и според индивидуалната вештина на мајсторот грнчар потпрен врз сопствената фантазија во креирањето на ликот, а заснована врз значењето на идејата за просопоморфниот сад.

Сепак, не е невозможно во одредена фаза, кај извесен број примери да е остварена намерата за налепување на некоја карактеристична црта од претставената персона која ја воздигнува појавата на ликот до степен на портрет.29 Портретните особености се особено забележливи кај садовите чии лица имаат нагласен посмртен изглед и врз кој несомнено влијание извршила речиси истовремената појава на гипсените веристички маски кои биле калапени директно од лицата на покојниците и поставувани исклучиво во нивните гробови.30 Тука веќе сме во можност да детектираме една намера кон портретирање на повисокиот ентитет од егзистенцијата на едно битие, можеби генијот на самиот покојник, кој како инхерентен и бесмртен елемент на секоја личност е поставен тука за негова вечна и бесмртна егзистенција. ?!

И додека типизираните ликови можат да се сфатат како одраз на сфаќањето за колективниот ентитет на задгробните души, појавата на портретни црти врз овие садови, а секако и на гипсените маски par excellence, би можело да ја изразува вербата во зачуваниот идентитет на починатиот во светот на мртвите. Сепак, и покрај изразената намера за индивидуализирање, односно за портретирање на одредени индивидуи, погребниот контекст во кој се наоѓаат ги поставува лицата „од онаа страна“, во друштво на предците и маните од оној свет.32

Маската-портрет, почитувањето на предците и погробниот ритуал се сумирани во една традиција која во основа е чисто итало-римска и ноторно поврзана со римскиот нобилитет. Се работи за восочните маски на предците на аристократските семејства, чија главна цел била преку често јавно прикажување, сеедно во домот каде што биле презентирани или уште позначајно, со учество во спектаклот на погребните поворки, да се манифестира моќта и континуитетот на одредени семејства чиј легитимитет бил условен токму преку „живото“ присуство на предците и заштитата што ја овозможувале тие. Маските се калапеле директно врз главите на носителите на оваа привилегија и оттука тие биле изразено натуралистички. Иако науката денес нема дадено конечен одговор дали овие маски биле посмртни или се изработувале додека лицата биле се уште живи, се смета дека двата типа биле подеднакво застапени и употребувани во гореспоменатите цели.33 Во тој случај, не е исклучена можноста за нивно влијание врз иконографското разнообразие на ликовите од просопоморфните садови (живи лица, лица со мртовечки изглед, портретни црти итн.). Сепак, независно од изразената портретна појавност, нивниот масовен збир во јавното презентирање создал широка основа за оформување типизирана претстава на предците, чија моќна инфлуенца се чувствувала и во овоземниот и во задгробниот живот.34

Затоа сметам дека овие лица врз садовите кои се поставени покрај остатоците на покојникот се лицата на предците, односно маните кои овозможуваат мирна и непречена егзистенција на душата во задгробниот живот и истовремено ја штитат од лошото влијание на злите сили. Оваа заштитна функција се засилува со апликација на разни апотропејски симболи на кој се надоврзува изобличеното лице-маска како апотропејон.:“

Во конкретниот случај, на гробниот аранжман од гробот бр. 1057, во Југоисточната некропола на Скупи каде е откриен целосно зачуваниот сад со лице, силниот впечаток за при-СУСТВОТО На предците заедно со должното почитување што им се поклонувало дополнително се наметнува и преку иконографската претстава на луцерната што е пронајдена во истиот гроб. На неа се претставени две афронтирани змии замотани околу стеблата на две дрвја кои пристапуваат кон даровите поставени на жртвеник меѓу35 нив. Змијата како хтонски симбол имала доста широк обем на религиозни асоцијации во римската митологија и во конкретниот случај нејзиното појавување може да се сфати како субституција на душите на предците, односно Маните кои исползуваат од подземниот свет и се гостат од даровите кои им се принесени во нивно име. Од иконографски аспект, претставата на луцерната во комбинација со просопоморфниот сад потсетува на програмите од куќните олтари во Кампанија, каде се славеле домашните заштитници во вид на статуетки и бисти покрај речиси редовно насликаната претстава на змии кои посегнуваат кон подароците на жртвеникот. Воопшто, севкупниот аранжман на гробот ја изразува искрената почит и доверба која им е доделена на покровителството на предците во заштитата на душата во задгробниот свет, но и на самото гробно место како вечен дом на покојникот.

Интересен пример на изразено слична манифестација во декорацијата, употребата и значењето на овој тип садови може да се пронајде и во рецентната светска културна историја. Се работи за застрашувачките гротескни керамички глави-садови од областа Еџфилд во Јужна Каролина, изработувани во средината на XIX век од страна на африканските робови кои биле донесени на северноамериканскиот континент. Бидејќи на робовите не им било дозволено да подигнуваат надгробни споменици, понекогаш овие гротескни садови им служеле како нивни гробни маркери. Тие претставувале сублимат на традицијата на почитување на предците,38 вуду магијата и стекнатото христијанство. Според кажувањето на носителите на оваа традиција, нивните лица требало да бидат доволно грди за да го истераат Ѓаволот од гробот, со што душата слободно можела да оди на небо.39 Сето ова говори во прилог на тоа дека, иако споредени со социо-културни анахронизми, појавата, значењето и функцијата на римските просопоморфни садови, покрај очигледниот апотропејски карактер, можеби треба да го бараме во фунерарниот ритус и во тесно поврзаниот со него култ кон предокот.

Завршни разгледувања

Регионот на северна Италија во кој се појавуваат римските просопоморфни садови на преминот од старата во новата ера се наоѓа меѓу две територии, струрската и пошироката балтичка област, каде во текот на | милениум пр. н.е. е евидентирана истовремена и слична манифестација на овој феномен употребен во симиларен погребен контекст.40 Најраните просопоморфни садови од северна Италија, преку чија територија се одвивала оваа размена, и воопшто сите римски примери се јавуваат како амалгам на редуцираната стилизација на померанските урни со реалистичните тенденции присутни во етрурските „канопи““ и грчките антропоморфни вази. Сепак, големата хронолошката разлика, како и отсуството на евидентни примери меѓу појавата на померанските и етрурските, од една страна, и римските примери, од друга страна, ја негира засега непосредната врска и влијание меѓу нив.

Рапидната дифузија на римските садови насекаде низ европските провинции во текот на | век од н.е. се објаснува со движењето на римската армија водена од освојувачките војни, но и со масовната релокација на нејзините легии, која завршува некаде на почетокот од П век н.е. Поврзаноста на овие садови со римската армија е неминовна, меѓутоа, ја исклучува можноста за ексклузивен војнички карактер. Поверојатно се работи за индивидуални носители во рамките на римската војска, кои заедно со трговците што ја придружувале пренесуваат низа италски елементи во новоосвоените територии.

Најголем процент од пораните просопоморфни садови, особено целосно зачуваните, се пронајдени на некрополите, односно во гробовите и затоа сметам дека нивната првична појава е тесно поврзана со погребниот култ.41 Како гробни наоди се исклучиво поврзани со кремациите каде се јавуваат како гробни прилози или во улога на урни.

Сите примери кои ги претставивме од Скупи потекнуваат од територијата на неговите некрополи, три од нив откриени во затворени гробни целини. Тие тука се донесени од римската војска и трговците што ја придружувале во текот на I век од н.е. Нивната северноиталска провиниенција е потврдена и преку големиот број предмети пронајдени како гробни дарови, чие потекло е токму од тој регион, но и од присуството на дедуцирани ветерани, кои претежно потекнуваат од средна и северна Италија.42

Најраното сигурно потврдено присуство на овие садови на некрополите во Скупи е датирано кон крајот на | и почетокот на II век од н.е. Нивните носители биле современици на првите години од егзистирањето на градот како римска колонија. Од трите примери кои се откриени во затворени гробни цслини, два се пронајдени во гроб со кремација од стажсн тип - гробна форма која од повеќето истражувачи е определена како автохтона и во која се закопувало населението од поширокиот централнобалкански регион.43 Сето ова говори во

прилог на тоа дека и покрај силната романизација, која е евидентна во материјалната култура, многу брзо е започнато и со прифаќањето на специфични култови елементи карактеристични за италското тло. Во поглед, пак, на социјалниот статус и функција на носителите на ова специфично обележје. засега не може поблиску да се определи, иако според случајот со примерот бр. 3, откриен во централниот гроб од градбата означена како Меморија 4, може да им се припише извесно поголемо општествено значење.

Мора да се истакне дека сите горномезиски примери кои се откопани во гробовите, вклчително и скупските, не служеле како урни, туку како гробни прилози. Тоа, иако може да значи промена во функцијата на овие садови прилагодена на автохтоните традиции, може да се сфати и како проширување на просторното значење на самото гробно место како вечен дом на покојникот во кој е поставен садот да го штити истиот од влијанието на лошите сили.

Мојата идентификација на лицата од садовите како лица на предците е само еден можен обид да се проникне во разрешувањето на нивниот тешко допирлив идентитет. Култот кон предокот, заедно со неговите бројни ентитети, како типичен итало-римски обичај би требало да биде сосема очекуван во една римска колонија како што е градот Скупи и во кој најсилно се чувствуваат ефектите на романизацијата.44 Оваа атрибуција веројатно може да ги објасни и бројните фрагменти пронајдени во населбинските слоеви во другите провинции, имајќи ја предвид религиозната преокупација на секојдневниот римски живот, најчесто фокусиран во домашната средина и каде бројните ентитети на предците се почитувале како куќни заштитници.45 Овој апотропејски аспект засега останува единствена сигурна подлога при гносеолошката потрага во функцијата и значењето на овој тип садови.

За крај би сакал да посочам кон еден епиграм составен од Мартијал во последниот квартал од I век од н.е., којшто најверојатно може да се доведе во врска со нашите садови. Тој, иако не нуди разрешување на таинствениот карактер на овие садови, сепак најдобро го илустрира визуелниот израз на нивните лица. Текстот гласи вака:

Sum figuli lusus russi persona Batavi:

Quae tu derides haec timet ora puer.46

Се чини дека пред авторот на овој епиграм стоел токму еден ваков сад или маска со изразено гротескно лице, меѓутоа, тој тука ја извлекол само нивната заштитна улога, односно улогата да застрашуваат која ја поистоветил со функцијата на германските Батавијци, а кои како исклучителни воини биле едни од најценетите во изборот за непосредна заштитна гарда на императорот. Овој епиграм е засега единствениот алузивен приказ кој може да се пронајде меѓу античките текстови и кој може да даде извесна потврда за апотропејскиот карактер на просопоморфните садови.

Игор Кузманоски

ЛУ47 Музеј на град Скопје

Мито Хаџивасилев-Јасмин бб, 1000 Скопје igorkuzmanoski@mand.org.mk

IGOR KUZMANOSKI

Museum of the City of Skopje

PROSOPOMORPHIC VESSELS FROM SCUPI

OBSERVATIONS CONCERNING POTS WITH REPRESENTATION OF A FACE

Белешки

  1. Во постарата и рецентна литература овие некрополи се водат како Западна и Источна, меѓутоа со цел за посзактно позиционирање во однос на положбата на градот Скупи извршено е нивно преименување во Северозападна и Југоисточна некропола. Раководител на истражувањата на Скупските некрополи е Ленче Јованова, кустос-советник во Музеј на град Скопје, на која во оваа прилика и се заблагодарувам поради одстапениот материјал. ↩
  2. Митова-Џонова Д., 1972, 203-211; Brukner O., 1981, 35-36; Braithwaite G., 1984, 99-131; Nikolić S. - Raičković A., 2008, 135-153. За жал, капиталното дело на G. Braithwaite (Faces From the Past: A Study of Roman Face Pots from Italy and The Western Provinces of the Roman Empire, 2007) каде таа ги сумира своите долгогодишни истражувања на овој тип на садови ми беше недостапно. ↩
  3. Пронајден е на Југоисточната некропола (кп. 160/2), во гроб со кремација од етажен тип (бр. 1057), и тоа во долниот етаж меѓу други гробни прилози кои опфаќаат една монета, две бронзени кружни плочки (можеби огледала), два керамички сада (унгвентариум и стомна) и една луцерна. Долниот етаж исто така бил исполнет со поголема количина на пепел и горетини и мал број на кремирани коски. Анализата на предметите го датираат гробот кон крајот на ги почетокот на П век од н.е. ↩
  4. Потекнува од Југоисточната некропола (Kn. 925), во гроб со кремација во обична јама (Г-1564), каде просопоморфниот сад е пронајден положен на дното врз поголема количина на пепел, со поголема концентрација на кремирани коски околу него. Покрај овој сад, во гробот се пронајдени уште една стомна, коскена игла и фрагмент од луцерна. ↩
  5. Просопоморфни садови со перфорирани уши на кој висат обетки се карактеристични за Италија, иако се среќаваат и во другите провинции: Nikolié 5. - Raigkovié A., 2008, 137. ↩
  6. Типолошки за формата на садот, но и според некои стилски елементи во обликувањето на човечкото лице, нашиот пример, иако во поголеми димензии, е сличен со примерот бр. 3 (Виминациум, Србија) од каталогот на наодите од Горна Мезија датиран од средината на II до средината на III век н.е.: Nikolić S.-Raičković A., 2008, 141, Т.І, 3. ↩
  7. Потекнува од Југоисточната некропола (кп. 925) во гроб со кремација од етажен тип (Г-2314), централно поставен во правоаголна градба со низок ограден зид означена како Меморија 4. Вториот етаж беше затворен со две големи обработени камени плочи кои ја покриваа речиси целата површина на дното од првиот етаж. Просопоморфниот сад заедно со уште една луцерна и монета беа пронајдени во вториот етаж положени врз голем број недоволно кремирани коски распоредени по целата површина на дното, мала количина на горетини и незначително пепел. Гробот според луцерната со печат LITOGENES е датиран на преодот од | Во II век н.е (за датирањето на работилницата со печат LITOGENES која има северноиталска провиниенција види: Dorin Alicu, Opaitele Romane, Bucuresti 1994, 28). ↩
  8. Фрагментот е пронајден во исфрлената земја северно од Г-2358, по расчистувањето на истражената површина со тешка механизација, со што се отежнува потрагата по вистинската локација и функција на овој сал. ↩
  9. Најверојатно се работи за сличен или идентичен тип со примерите бр. 11 (Азања, Србија) и бр. 12 (Виминациум, Србија) од каталогот на наодите од Горна Мезија, датирани од средината на И до средината на III век н.е.: Nikolié S.- Raitkovi¢ A., 2008, 141-142, T. IH, 11, 12. ↩
  10. Brukner O., 1981, 35; Митова-Джонова Д.. 1972, 209: Braithwaite G., 1984, 126-127. ↩
  11. Митова-Джонова Д., 1972, 208-209; Наумов Г., 2009, 15-32, ↩
  12. Познати се случаи кадешто овие садови се употребени како гробни дарови, како во примерот со мегалитските гробови од јужна Скандинавија и Данска кои се се уште во неолит околу 3000 год. пр. н.е. и кои се со инхумација: Christopher T., 1996, 273. ↩
  13. Peltenburg E., 2007, 150; Aasbae M., 2008, 105-114. ↩
  14. S За симболичната врска помеѓу садот и човечкото тело: Christopher T., 1996, 318; Наумов Г., 2009, 15-32. ↩
  15. Во тој поглед непосреден претходник имаме во развиениот тип на етрурски „канопи“ каде керамичката глава конечно е одделена во посебен сад - капак со кој е покриено „телото“ на садот: Brendel О.Ј., 1978, 107. ↩
  16. Види: Janson H.W., 1996, 22-25. ↩
  17. Генерално се поврзуваат со ликови од кругот на Дионисовиот култ (Nikolié 5. - Raitkovié A., 2008, 138, забелешка ↩
  18. , иако е изразено и сомневање во обидот воопшто да е претставено некое одредено божество (Braithwaite G., 1984, 126). Во последно време Н. Чаусидис, анализирајќи поширока група на предмети со лица во кој се вклучени и римските просопоморфни садови, а кои имаат заедничко обележје - доминантниот нос, им определува општ хтонски карактер на претставените ликови (Чаусидис Н.. 2010. 8-22). ↩
  19. Митова-Джонова Д., 1972, 208-209; Brukner O., 1981, 35; Braithwaite G., 1984, 126. ↩
  20. e Brendel O.J., 1978, 107. ↩
  21. Зотовин Jb. - Јордовиќ 4., 1990, 33. ↩
  22. Toynbee J.M.C., 1971, 34. ↩
  23. Toynbee J.M.C., 1971, 34-35. ↩
  24. За празниците види: Cermanović A. - Srejović D., 1996, 315, 424. ↩
  25. Меѓу нив најголема сличност се пронаоѓа во иконографијата на струрскиот Харун чиј страшен изглед, посебно големиот извиен нос, можел да биде инспиративен мотив при обмислувањето на ликовите од римските просопоморфни садови: Чаусидис Н., 2010, 8-22 (со примерите). ↩
  26. За спорноста на портретниот карактер кај етрурските „канопи“ види: Mansuelli О. A., 1966, 50. ↩
  27. За померанските примери види: Gimbutas M., 1963, 79. ↩
  28. Неколку примери имаат и врежано име на задниот дел на садот кој освен можноста тоа да се однесува на грчарот, има голема веројатност да го означува и името на покојникот: Nikolić S.- Raičković A., 2008, 137, T.I, 4. ↩
  29. Carroll M., 2006, 38-39. ↩
  30. Во неговото хумано вообличување генијот може да ги носи портретните црти на својот штитеникот: Muscettola 5. А., 2004, 106. ↩
  31. Во таа смисла, се подразбира и случајот на групно пронаоѓање на повеќе просопоморфни садови во еден гроб, евидентни во праисториските некрополи од померанската култура (Gimbutas M., 1963, 75), но и кај некрополите од римскиот период (Nikolié S.-Raitkovi¢ A., 2008, 139). ↩
  32. Опширна дискусија за овој проблем со цитирана литература види кај: Pollini J., 2007, 237-285. ↩
  33. Лицата, односно маските на предците се претставувале и на штитови на заслужни римски граѓани (imago clipeata) кои исто биле јавно изложувани и каде можеби најсилно е слеан заштитниот аспект на предците со основната функција на штитот: Plin., Nat. Hist., XXX, 3 (3); 4. ↩
  34. Можеби во нив треба да се најде зачетокот на популарните гротески глави од продуктивното производство на knидската релјефна керамика чиј еден примерок е пронајден на некрополата во соседно Стоби: Величковић М., 1957, 117. ↩
  35. е за овие примери со илустрации види кај: Muscettola 5. A., 2004, 106-111. ↩
  36. Кај многу народи змиите што живееле во куќите се верувало дека ги претставуваат душите на предците кои носеле просперитет на домот: Тресидер Џ., 2001, 79. ↩
  37. Во Африка слични репрезенти вклучени во култот на обожување на предците имаме во тотемските фигуричувари со застрашувачки лица поставени да ги штитат черепите на предците и чија функција е да го заплашат секој којшто ќе се обиде да го наруши нивниот мир. Види Janson H.W., 1996, 25-27. ↩
  38. Повеќе за овие садови види во: Baldwin С. K., 1990, 16-20. ↩
  39. Интензивната трговска размена на добра, посебно на килибарот, која се одвивала помеѓу овие две оддалечени регии е добро документирана и не е исклучена можноста за појавата на овој тип на садови во нивните култури како резултат на остварениот контакт и взаемните влијанија: Gimbutas M., 1963, 71-72; Aasbøe M, 2008, 112. ↩
  40. ТИ во провинцијата Горна Мезија половината од сите познати наоди имаат сепулкрална провиниенција: Nikolié 5. - Raitkovié A., 2008, 138-139. ↩
  41. Микулчиќ И., 1999, 135, 142. ↩
  42. Јованова ЈІ. - Михаилова ЈІ, 1999, 205-207, со цитирана литература за оваа проблематика. ↩
  43. Од друга страна. евидентно е отсуството на овој тип садови во останатите делови од денешна Република Македонија, каде што постојат посилни автохтони традиции. ↩
  44. Значајниот број примери откриени во населбинските слоеви, иако поголем дел од нив од несигурно идентификуван контекст, може да имплицира и промена во значењето и функцијата на овие садови: Braithwaite G., 1984, 123-125. ↩
  45. Mart. XIV. 176; Јас сум измислена игра на грнчарот, маска на црвенокос Батавиец. Иако ти се потсмеваш на нив, детето се плаши од овие лица. (Во оваа прилика би сакал да изразам благодарност до м-р Маја Басотова за помошта при преводот од латински). ↩
  46. Фотографиите ги изработи С. Неделковски. а цртежите И. Кузманоски. ↩

Summary

Prosopomorphic Vessels from Scupi Observations Concerning Pots with Representation of a Face

From the archaeological excavations carried out in recent years in the Northwest and Southeast Cemeteries at Scupi, among the standard inventory of grave goods appeared a certain number of objects that fill out our knowledge of the material and spiritual outlook of the local inhabitants who lived and worked in this ancient city. Our attention was caught by a particular type of Roman cult pottery, known as vessels with face, or “face pots48, displaying in rudimentary moulded decoration the features of a face-mask attached to the basic shape of the pot. They are most frequently found in graves and are closely49 associated with burial cult.

Compared to other ceramic shapes, prosopomorphic vessels are very rare; nevertheless they are found in nearly all Roman provinces. They appear in the Late Republican and Augustan period, first in northern Italy, from which they were exported to other European provinces. The rapid diffusion of these pots during the 1“ century B.C. is explained by the movement of the Roman army in wars of conquest, as well as by the massive relocation of its legions, a trend that ended around the beginning of the second century. At Scupi until now seven examples have been discovered, all from its cemeteries; of these, three are completely preserved. All the examples from Upper Moesia that were excavated in graves, including those from Scupi, did not serve as urns but as grave offerings.

I believe that these faces on pots that were placed next to the remains of the deceased were the faces of ancestors, i.e., the Mani, who enabled a peaceful and free existence of the spirit in the life beyond the grave and at the same time protected it from the harmful influence of evil powers. This identification is only one possible attempt to see through to the disentangling of their difficult-toreach identity.

Библиографија

Извори