Macedoniae acta archaeologica 20 (2011) · стр. 275–281
Надгробен споменик од Исар-Марвинци, Валандово
Во 2010 година, за време на ископувањата на локалитетот Исар кај с. Марвинци, во рамките на римската некропола, откриен е надгробен споменик употребен како покривна плоча на гробот 2568.1 Значи, споменикот бил во секундарна употреба. Гробот 2568, врз кој стоела оваа надгробна плоча, е датиран со монети: една бронза на Гордијан Ш (238-244) и еден антонинијан на Галиен (253-268) (в. сл. 1-4).
Првично, споменикот бил прекршен на два дела. При откривањето е констатирано дека е прекршен на четири дела, што значи дека двете нови прекршувања настанале подоцна.
Споменикот претставува правоаголна плоча од бел мермер со димензии: височина 80 см, широчина 120 см и дебелина 8 см. Висината на релјефот се движи од 2.4-4.5 см.
Плочата има мазна бордура со нееднаква широчина, долу широка 10 см, лево 8 см, десно 8 см, горе 9 см. На работ горе, од задната страна, се наоѓаат три жлеба, горе широки 1 см, а долу 2 см. Страниците на плочата, широки 8 см, се зарамнети со крупно чешлесто длето. Вдлабнатото поле, од трите страни ограничено со заоблена профилација, содржи приказ на сцена вообичаена за надгробни споменици.
На левата страна на плочата е прикажана жена која седи на стол претставена во профил, со незначително подигната глава и поглед упатен кон другите личности кои ја придружуваат. Облечена е во долг хитон кој ги покрива нозете, обликуван во вертикални набори, додека целата фигура е обвиткана со химатион, префрлен преку главата, под кој се назира брановидно обликувана коса. Складно прикажаните детали на лицето формираат допадлив профил. Десната рака, свиткана во лакотот, е положена високо на левата страна од градите, додека левата е спуштена на скутот врз сноп од набори од наметката. Нозете И се положени на ниско столче. Особено интересен е столот на кој седи покојничката. Тоа е богато обликуван стол со низок навалник и ногарки во форма на лавовски шепи. Под столот се наоѓа нејасна претстава.
Пред покојничката стои млада девојка претставена en face, која со десната рака држи голема правоаголна кутија. Облечена е во долг хитон тркалезно обликуван околу вратот, од кој се рспознаваат плитки вертикални набори долж телото. Нејзината едноставна облека и кутијата со накит го определува нејзиниот статус како слугинка.
Веднаш до неа се наоѓа жена значително повисока од девојчето. Претставена е како маркантна фигура во стоечка положба. Жената носи хитон кој се забележува сосема долу околу нозете, претставен во плитки вертикални набори. Химатионот обликуван во плитки набори, префрлен преку главата, го обвиткува целото тело. Под наметката се оцртува десната рака положена на градите, додека левата рака, врз која е префрлен крајот од химатионот. е спуштена долж телото.
Од левата страна на жената стои друго девојче, пониско по раст од претходното. Девојчето е прикажано во лев полупрофил, свртено кон жената, со подигната глава кон неа, во еден гест како да И подава некаков предмет за кој со сигурност не е можно да се установи што претставува. Можеби се работи за лепеза. Во левата рака, спуштена долж телото, девојчето држи торбичка. И кај оваа фигура се забележува складно формирање на наборите од хитонот.
Веднаш до девојчето е прикажана фигура на маж, која ја зазема целата височина на вдлабнатото поле од споменикот. Мажот, во средни години, с прикажан ел face, незначително свртен надесно. Тој стои директно на земјата. Со сигурност не може да се установи дали на нозете има сандали или затворени обувки. Облечен е во тога од која се формирани типични набори кои во маса се спуштаат од десното рамо и лачно го исполнуваат предниот дел од торзото. Неговата десна рака, свиткана во лакотот, го придржува снопот од наметката префрлена преку левото рамо. Со левата рака ја придржува наметката, при што се формирани дијагонални набори во пределот на нозете, додека другиот крај од наметката паѓа во маса вертикално надолу. Под вратот се назира овално обликуваната долна облека. За разлика од жените, кај него добро се распознаваат цртите на лицето, особено фризурата. Косата е волуминозна, моделирана во куси полукружни прамени исчешлани на лева страна, кои полукружно го врамуваат челото, оставајќи ги ушите видливи. На ист начин косата е исчешлана и на темето, со што се формирани три реда премења.
До мажот стои машко дете облечено во куса облека (кошула) која допира до над колениците. Левата рака, свиткана во лакотот, е положена хоризонтално над половината, а десната, налегната на неа, е подигната кон вратот. Косата на момчето е обликувана на ист начин како кај мажот.
На крајот на оваа низа прикажани личности претставен е уште еден маж, по раст незначително понизок од претходмиот. Облечен е во војничка облека: еден вид оклоп(?7) и кусо здолниште, на половината препашан со кожен колан, од каде висат три покуси ремени како составен дел на опремата. На коланот десно виси кус бодеж. Преку рамениците, зафаќајќи дел од градите, има префрлено наметка, долга хламида, која потоа паѓа преку грбот, допирајќи до глуждовите. Мажот стои фронтално, со раширени нозе на кои има сандали. Со левата рака придржува долго копје, верикално поставено. Десната рака е положена на градите. Неговата фризура е обликувана на ист начин како кај претходно опишаниот маж и момчето, со куси полусвиткани прамени исчешлани налево. По се изгледа дека се работи за помладо лице, што делумно може да се забележи и од физиономијата на претставената личност, а особено според неговиот статус на војник - хоплит.
Над главата на покојничката е претставено дрво, односно голема полукружно обликувана гранка, околу која се искачува змија. Во состав на овој мотив, над главата на покојничката, стои приказ на коњ со нагласена грива претставен до градниот кош.
Долната половина на споменикот е исполнета со приказ на архитектонски објект изграден од камени блокови, правилно редени, со забележително пошироки фуги. На средишниот дел од споменикот, десно од девојчето со кутијата, овој зид отсуствува. Оваа празнина се губи некаде зад мажот облечен во тога, од каде продолжуваат блоковите. Се добива впечаток дека се работи за приказ на голема гробница пред чиј влез се одвива прикажаната сцена.
Овој, не така чест надгробен споменик, содржи низа елементи интересни по својата содржина и значење: композиција, место и улога на претставените личности, стилски елементи и датирање.
На прв поглед паѓа во очи значително високиот третман во изведувањето на релјефот, што е особено впечатливо кај главите на двајцата мажи, соединети со задната површина сосема незначително, така што се добива впечаток како да се работи за тркалезна пластика. Наспроти тоа, обликувањето на облеката € изведено во плиток релјеф, со префинети потези кои на релјефот му даваат завиден квалитет.
Композицијата со повеќе претставени личности е појава позната на надгробните споменици. Класичната грчка уметност особено ја негува темата на разделба, каде покрај покојникот се присутни едно до две лица. Типичен пример кај нас е големата стела од Исар-Марвинци и стелата од Скопско Кале, датирани во раниот период на класичната епоха.2 Кај споменикот од Црнобуки покрај покојникот присутни се две жени и дете, најверојатно негово слугинче. Во хеленистичко време, дури и по законот на Деметриј Фалеронски, се јавуваат претстави на theoxenia, тема која во римско време ќе биде често прикажувана, каде покрај покојникот се присутни повеќе личности. Притоа, како по некое правило, лицето кое е претставено во седечка положба е покојничката и неа и се подига споменикот.
Во нашиот случај, според композицијата на фигурите, се добива впечаток дека личностите кои ја придружуваат стојат изолирано, односно како да не учествуваат во збогувањето со покојничката. Дури и девојчето, а тоа е нејзина слугинка, кое ја држи кутијата со накит, не е свртено кон својата господарка. Второто девојче ја подигнало главата кон жената која стои покрај неа и ја држи за ракавот, навестувајќи со тој гест меѓусебна поврзаност. Нејзината скромна облека покажува дека се работи за слугинче.
Зачуваноста на релјефите не е на такво ниво кое би ни овозможило да воочиме повеќе детали во приказот на емоциите кај претставените личности. Но и покрај тоа, на нашиот релјеф се забележува отсуство на органска поврзаност меѓу претставените лица.
Но, оддруга страна, погледнато пошироко, мотивот на разделбата се насетува на друг начин. Со одмерено и возвишено чувство на воздржана тага, со благо подигната глава покојничката упатува поглед кон другите личности, како гест на збогување и разделба. Девојчето до неа е покажано како држи кутија со накит кој и припаѓал на покојничката за време на нејзиниот живот, стои во еден мирен став, кој, пак, одразува чувство на тага ва моментот на разделба. Другото девојче со едно впечатливо движење, свртено кон својата господарка, и ја подава лепезата(2) што неа и припаѓала. Момчето кое стои до својот господар, незначително свртено кон него, ја потпира главата со десната рака во еден помирлив став и воздржано чувство на тага, кое особено е изразено и во неговиот лик.
Мажот облечен во тога, според статусот што е навестен преку неговата облека, типолошки одговара на жената во химатионот, што наведува на помисла дека се работи за брачен пар. Детето кое стои поред него е облечено во скромна облека, куса кошула, што зборува дека е во прашање негово слугинче. Младиот маж, прикажан како хоплит, може да се смета како нивни син.
Во секој случај, независно од композицијата и дилемите кои ги создава, јасно е дека пред нас стојат личности од едно имотно и угледно семејство, за кое е наменет споменикот.
Во историјата на античката скулптура типот на т.н. Голема Херкуланка, во кој е прикажана нашата дама, зафаќа завидно место. Овој тип, за кој некои добри познавачи на грчката уметност сметаат дека е произлезен од Праксителовите дела на кои е претставена Деметра, уште во раноримскиот период е користен за прикажување портрети на познати личности, угледни дами во општеството, практика раширена во римските провинции. Во Македонија е користен во голема мера.
Како пандан, според статусот навестен преку облеката, е мажот претставен како тогатус. Овој тип е карактеристичен за прикажување портрети на мажи во римско време. Во грчката уметност мошне ретко се среќава. Па и нашиот тогатус, без сомнение, бил угледна личност:.3
Левиот горен агол над покојничката е исполнет со претставата на маслиново дрво(?), односно гранка прикажана лачно, околу која е свиткана голема змија, чија глава е допрена до коњот претставен до градниот кош. Присуството на овие елементи на надгробните споменици е честа појава, објаснета како мотив поврзан со смртта. Тие редовно ги следат приказите на Тракискиот коњаник. Во науката преовладува мислењето, за првпат изнесено од А. Фуртфенглер, дека коњот треба да се доведе во врска со смртта и херосот.4 Со други зборови, коњот треба да биде сфатен како хтонски симбол на херосот, односно како знак на хероизираноста на умрените.5 Во тоа својство треба да се сфати нивниот приказ на нашиот споменик, директно поврзан со претставата на покојничката. Жената на нашиот споменик морала да биде угледна личност во градот на Исарот. Прикажана е како седи на раскошен стол. Опкружена е со лица прикажани како угледни личности, за што зборува нивниот приказ во стил на Голема Херкуланка и Тогатус. Тука е и помлад маж во својство на војник - хоплит. Значи, се среќаваме со видно семејство на кое му6 припаѓа покојничката, веројатно заслужна за да биде поставена во ранг на хероизиран покојник. Тука е и приказот на змијата кој го потврдува ова.
Споменикот претставува компилација на елементи типични за грчката и римската уметност. Сцената на разделба (ԁекѕіоѕіѕ) е карактеристична за класичната грчка уметност. Третманот на облеката кај женските личности одразува типичен хеленистички манир. Меѓутоа, појавата на фигура облечена во тога навестува римски манир во прикажување на машки личности, што не е карактеристично за класичната грчка уметност. Притоа, моделирањето на косата кај сите три машки фигури навестува начин на чешлање каков што се јавува на Августовите портрети и на јулио-клавдиевското семејство. Но, и покрај тоа, може да се забележи дека сите три машки лика се унифицирани, со други зборови, претставуваат анонимни ликови, особина карактеристична за портретите на раноримскиот период.
Потезите во приказот на фигурите, почнувајќи со покојничката и малите девојчиња, нивниот став, цртежот на облеката, приказот на коњот, извонредната складност на фигурите на девојчињата, како и приказот на жената во стилот на Големата Херкуланка. откриваат уметник со врвни квалитети. Приказот на машката фигура во тога, неговиот став и особено облеката се исто така квалитети, кои му одат во прилог на уметникот инспириран од хеленистичкиот стил. Воедначената претстава на машките ликови навестува раноримски период, кога ликовите делуваат анонимно, без забележителни портретни особености. На ова рано време упатува начинот на обликувањето на косата кај сите машки фигури, применувана на јулио-клавдиевските личности. И фризурата на жените одговара на ова време. Се на се, мислам дека споменикот припаѓа на раноримскиот период.
VIKTORIJA SOKOLOVSKA
CONE KRSTEVSKI
Museum of Macedonia - Skopje
GRAVE MONUMENT FROM ISAR-MARVINCI, VALANDOVO
Белешки
- Некрополите на Исар-Марвинци зафаќаат огромен простор на локалитетот. Почнувајќи со јужното подножје на акрополот, каде се откриени првите гробови во 1983 година, погребувања се вршени во сите правци на падините, допирајќи до реката Вардар (Југозападна некропола), кон југ - Јужна некропола, во истата насока Лисичин Дол, на спротивниот брег северно од Исарот (Северна некропола). Исклучително голема концентрација на гробови од римско време (Римска некропола) е констатирана на сртот кој се протега источно од каструмот, каде некрополата лежи врз остатоци од населба од постарото железно време. ↩
- Вулиќ H., 26, но. 63; Вулиќ Н., Споменик 71, 240, но. 640; Соколовска В., 1987, 24, сл. 2; Sokoloyska V., 1979, 42, Fig. 1-5; Соколовска В.. 1986, T.39, сл. 1. ↩
- Нашиот град на Исар-Марвинци бил мошне напреден, особено во римско време. Тука постоел конвент од доселени Римјани. Градот комуницирал со царската администрација во Рим. Од градот на Исарот произлегува еден член на македонскиот коинон кој имал седиште во Бероја и кој И подигнал (или обновил) храм на својата татковина, информација епиграфски потврдена. ↩
- ‘Furtfengler A., 1882, 160-175. 5; Woysch-Meautis D., 1982: Neuchatel 1982, 28. ↩
- За портрети на Јулио-клавдиевскиот период, види: Harrison E., 1953. ↩
- Соколовска В., 1987, но. 32, T.18, 1. ↩
Summary
Grave Monument from Isar-Marvinci, Valandovo
The grave monument that we publish here was used as the cover slab of Grave 2568, discovered at Isar-Marvinci in 2010 in the Roman cemetery.
On the stele is represented the scene of dexiosis. The deceased woman, seated on a chair, turns toward the remaining figures who accompany her. The entire scene is shown in relief: the magnificent chair on which the deceased sits, the woman in the style of the Great Herculanea, the man as fogatus, the young male hoplite, and the maidservant who accompanies them, all indicate that it is a grave monument of a notable family.
In the upper left corner, above the seated woman, is shown a large branch of a tree, around which climbs a snake; next to it a horse is represented. The presence of these underworld symbols suggests that a heroized deceased in the image of the seated woman is in question.
The scene takes place in front of an building that probably represents the family tomb. The relief is carved in Hellenistic style, but with certain characteristic features of the Early Roman period.
Библиографија
- Furtfengler A. 1882, Altlakonisches Relief, AM 7, 1882.
- Harrison, 1953, Portrait Sculpture, Princeton New Jersey 1953.
- Sokoloyska Y, 1979, La Stele Funeraire de Maryinci, A/ XIX, Beograd 1979, 42-45. Соколовска В. 1986, Исар-Марвинци и Повардарјето во античко време, Скопје 1986.
- Соколовска В. 1987, Античка скулптура во ср Македонија, Скопје 1987.
- Вулић Н. 1931, Антички споменици наше земље, Старинар 71, Београд 1931
- Вулић Н. 1948, Антички споменици наше земље, Старинар 98, Београд 1948
- Woysch-Meautis D. 1982, La representation des animaux et4 des etres fabuleux sur les monuments funeraires grecs, Neuchatel 1982