Macedoniae acta archaeologica 20 (2011) · стр. 245–253

Виничко Кале во раната антика

Содржина
  1. CONE KRSTEVSKI
  2. Museum of Macedonia - Skopje
  3. VINICKO KALE IN EARLY ANTIQUITY (5th c. BC)

Долината на реката Брегалница, како директна комуникациска врска меѓу Македонија и Тракија, припаѓа на регион каде што се одвивале крупни историски настани во сите времиња, особено изразени во доцната антика и ранохристијанскиот период. Предодредена судбински како дел од регионот, населбата на Виничко Кале, чие идентификување е се уште предмет на разни мислења и коментари во науката, морала во голема мера да учествува во тие настани, да ги следи и да се вклопува во актуелните збиднувања. Рудното богатство на регионот условило посебен развој во физиономијата на населбите во одредени периоди и во исто време влијаело во формирање на одбранбен систем кој може да се следи по течението на реката. Покрај информациите зачувани во историските извори, за регионот на Брегалница и историските прилики во кои бил учесник највпечатливото сведоштво е зачувано на теренот, чии видливи траги како предизвик на интересот на истражувачите археолошката наука перманентно ги открива, ги регистрира и проучува. Еден од најзначајните пунктови во оваа смисла е тврдината на Виничкото Кале.1

Локалитетот Кале се наоѓа југозападно од градот Виница, на еден повисок рид кој доминира над околината, покрај Градешка Река, на чија јужна страна се протегаат разгранетите врвови на Плачковица, додека од спротивната лежи пространото Кочанско Поле. Она што го прави првиот впечаток е утврдувањето на градиштето со јаки одбранбени зидови, при што е оформен издолжен неправилен полигонален простор врз платото кое се протега во правец север-југ. Просторот од околу 25000 м² е обиколен со цврст бедем кој ја следи природната конфигурација на теренот. Калето е стрмно од сите четири страни, со тоа што југоисточната нуди попогодни услови за пристап.

На Калето се констатирани двојни бедеми, при што надворешниот е граден од кршен камен со натрупана земја, систем применуван кај сите гратчиња во тоа време во Македонија. Изграден во времето на раната антика, тој утврдувал населба со површина од приближно 3.5 хектари. Внатрешниот бедем е помасивен, изграден од камен врзан со малтер. Тој настанал во IV век и оградувал кастел голем околу 2 хектари. Овој бедем е обновен во VI век, кога се изградени и неколку кули со дефанзивна улога. Се забележуваат поправки кои се направени во текот на времето, при обновувањето на тврдината.2

Илустрација, стр. 246

Виничкото Кале се наоѓа на комуникациска траса по средното течение на Брегалница, која во антиката поврзувала два региона со специфични културни и духовни манифестации: тракиско-медиски и пајонско-македонски.3 Во текот на долгите векови од антиката, а како последица на географските околности, тука се одвивале крупни историски настани - промена на етноносителите во зависност од моќта на едните или другите или под дејство на надворешни фактори кои ги диктирале актуелните настани.

Меѓутоа, покрај Виничко Кале врвел и друг пат кој. Поаѓајки од Штип, одел по јужната страна на Брегалница, минувал покрај Баргала, Мородвиз и Виница и преку Малешево избивал во долината на реката Струма до Св. Врач во Бугарија, античкиот град Партикопол. Преку оваа траса брегалничкиот регион, а со тоа и населбата на Виничко Кале, е поврзана со Егејскиот Басен, што ќе се покаже како значаен фактор во економскиот и културниот развој на регионот, особено впечатлив во времето на раната антика.

Територијата која е предмет на нашето излагање е населена со племето Дерони. За нивното присуство на овој географски ареал зачувани се сигурни епиграфски потврди во монетоковањето на ова, како што изгледа. моќно пајонско племе. Монетите што ги издавале, како и тие на соседното племе Лајаи, се јавуваат меѓу најстарото монетоковање во антиката. Ова врвно цивилизациско постигнување се должи во прв ред на природните ресурси со кои располага овој регион и контактите со градовите на егејското крајбрежје. Ова монетоковање се доведува во врска со Абдера, град на Егејскиот Брег, кој имал големо влијание врз трако-македонскиот простор. Монетоковањето на Дероните и Лајаите, всушност, е под директно влијание на овој стар абдерски стандард, односно постарата фаза на абдерското монетоковање. Ова се неспорни факти кои говорат за директните контакти на осоговскиот регион со егејското крајбрежје уште во крајот на VI век пр. н.е.4

Следниот настан кој се одиграл на пајонскиот простор, поврзан со источна Македонија, се случил во времето на раната антика. И овојпат се работи за доселување на население од егејските простори, при што големи групи население од јужните региони се насочиле далеку во внатрешноста на Балканот. Овој настан, посведочен кај античките историчари, е проследен со основање градови на стратешки важни пунктови (каков што е, на пр., Амфиполис) и во региони богати со рудни ревири, за чии производи постоел голем интерес (каков што е Дамастион). Врските на брегалничкиот регион со егејското крајбрежје сега повторно можат да се согледаат во времето на раната антика, кога доаѓа до населување на поголем бран од јужните егејски простори. Како што се чини, нивно дело е храмот/светилиштето/трезорот изградено во крајот на У век. Елементите за кои ќе зборуваме подолу наведуваат на заклу-УОК дека се работи за култен (?) објект на туѓо население, кое, населувајќи се во новото окружување, имало потреба од објект кој ќе одговара на нивните потреби. Дали овие доселеници при овој бран на населување и го дале на населбата на Виничко Кале името Армонија или тоа се случило значително порано?“5

Истражувањата на Виничко Кале се уште не овозможуваат целосно согледување на остатоците, односно на материјалните траги од постарите епохи. Имајќи предвид дека во одредени периоди, особено во доцната антика се преземани големи градежни зафати на локалитетот кои ги уништувале постарите културни слоеви, не може да се очекува дека ситуацијата ќе биде подобрена. Ќе мора да се задоволиме со остатоците од постарите епохи на кои повремено се наидува во вид на мали затворени целини. Но, исто така, треба да се смета на градежните елементи кои излегуваат на површина при ископувањата, кои можат да бидат јасен показател за постоење одделни градби од постарите епохи. Таков случај претставува откривањето на темелните партии на градба со неколку архитектонски елементи, кои навестуваат дека тука постоел храм или светилиште, односно објект со определена намена изграден во времето на раната антика (сл. 1).

При ископувањето на просторот источно од ранохристијанската базилика откриени се два капители и неколку парчиња релјефни архитектонски украси изработени во глина:

- два капитела, делумно оштетени, декорирани со разгранети палмети, изведени со исклучително прецизен цртеж во плиток релјеф (сл. 2);6

- една целосно зачувана акротерија, односно антефикс, со релјефна претстава на палмета Декорацијата е изведена со калапење. Веднаш паѓа во очи прецизноста на цртежот и начинот на изведбата. Листовите на палметата се изведени релјефно, со пластично нагласен надворешен раб. Долниот дел на палметата е во вид на хоризонтално поставена осумка. Во средината на осумката има релјефно претставен ромб, каков што се наоѓа и на врвот од палметата. Зачувани се уште три примероци од потполно исти акротерии во фрагменти (сл. 3);7 - две парчиња со претстава на грифони во релјеф. Подобро зачуваниот примерок го прикажува животното свртено на десна страна, со оштетен клун, при што неговото крило има шилеста форма. Релјефот е прикажан во вдлабнато поле, при што горниот и долниот раб се знатно издадени. Се добива впечаток дека се работи за дел од фриз или правоаголна метопа

Сл. 2. СЛ
Сл. 2. СЛ

- едно парче (во два дела) со приказ на животно клекнато на предните нозе налево, со главата свртена en face и со опашка свиткана во круг. Во прашање е веројатно химера со тело и глава на коза и масивна опашка, која би можела да биде змија (сл. 5). И овој релјеф е прикажан во вдлабнато поле со издадени рабови. И во овој случај се работи за дел од фриз или правоаголна метопа;

- Еден фрагмент со вегетабилен орнамент во релјеф.

Елементите со кои располагаме овозможуваат да се заклучи дека овие теракотни релјефи припаѓале на објект кој претставувал храм или светилиште или објект со за нас недоволно јасна намена. Тие биле аплицирани на фасадата на објектот во вид на метопи или во форма на фриз, значи, декоративни елементи какви што содржат грчките храмови, а овде изведени во локален манир, при што како основна суровина е користена глината. Дека тие навистина припаѓале на објект може да се потврди со откривањето на основата на објектот во чии рамки се најдени овие теракотни фрагменти, на кој ќе се навратиме подолу.

Во контекстот на целиот наод, посебен интерес побудува претставата на грифонот на наведените два фрагмента, мотив кој, без сомнение, има подлабоко значење, па, според тоа, бара соодветен пристап и објаснување.

Грифонот како митско чудовиште е претставен со тело на лав и глава на орел и како таков во себе соединува две насилни суштества - орелот како намоќна птица и лавот како најмоќно животно. Спојот на овие две силни суштества го создал неговиот карактер, при што му е припишана улогата на чувар на трезорите, односно на златото. Во вакво свој ство почитуван е во Индија, каде што, според преданието, грифоните сами правеле гнезда за своите малечки и ги спречувале луѓето да дојдат до овој драгоцен метал. Како симбол на голема анимална снага, грифонот е претставуван на монети, на вази и на други предмети.9 Потеклото на грифонот како митолошко суштество се поврзува со Истокот. Почитуван е во градовите на Јонија во Мала Азија, односно во Асирија, Вавилон, во Хетитското Царство, како и во Египет. Со посредство на Крит, каде неговите претстави се јавуваат уште во XVII и XVI век пр. н.е., пристигнува на хеленското копно.

Сл. 3. Сл. 2.
Сл. 3. Сл. 2.

Истражувајќи ја појавата на грифонот на Виничкото Кале, нашето внимание го сврте присуството на грифонот на монетите од Абдера, град расположен на егејското крајбрежје. Основан на Тракискиот Брег од населението на Теос, кое под притисок на Персијците во 544 година мигрирало на Балканот, особено се развил во текот на VI век пр. н.е. Градот го должи својот подем на трговијата со жито и статусот како главно пристаниште за трговија со внатрешноста на Тракија, а, како што изгледа, и на другите региони на Балканот. Во неколку наврати (513, 512 и 492 година пр. н.е.) Абдера е освојувана од страна на Персијците. Подоцна станува дел од Делоската лига, со статус на град трет по богатство во неа. Позната по своето богатство, Абдера била цел на ограбувачки походи. Еден таков настан кој се одиграл во 376 година пр. н.е. е познатиот поход на Трибалите, често коментиран во стручната литература. Подоцна, во 350 година пр. Н.е., е освоена од страна на Филип II. Како таква, Абдера имала големо влијание врз трако-македонскиот регион.

На монетите на Абдера грифонот се јавува како маркантна претстава. Тие се, всушност, копија на монетите на нејзината mother-city Теос, што значи дека населението кое преминало на Балканот го донело грифонот на монетите од својата метропола. Покрај големите парчиња, т.н. булјони со тежина од 460, односно 230 грама според феникиски стандард, во времето од 408 до 350 година од н.е. Абдера кова статери со тежина од 175 грама, триоболи со тежина од 44 грама и др., според персиски стандард. На аверсот е прикажана главата на Аполон. На овие монети грифонот е претставен со шилести крилја, каква што е претставата на виничките релјефи - метопи.!д10

Меѓутоа, присуството на ова митолошко суштество на територијата од Пајонија е од интерес. Како што е познато, на Вардарски Рид е најдена една релјефна апликација со претстава на грифон. Едно пелике од атичка провениенција, најверојатно од раниот IV век, откриено на Југозападната некропола на Исар-Марвинци со ископувањата од 2009 година, содржи претстава на грифон и амазонка. Ако овие наоди ги сместиме во категоријата увоз, сега, по третпат грифонот го среќаваме како фриз-метопа на статичен објект изграден на Виничкото Кале во раноантичко време.

"Истражувањата на објектот продолжуваат. Присуството на грифонот како мотив на фризот-метопите аплицирани на објектот се јавува како индикативна појава. Верувам дека не се работи за случајност или лесен избор на мотивот применет во случајов. Тоа е појава која има подлабоко значење и која можеби ќе осветли за нас непознати моменти од историјата на Виничкото Кале, виничкиот регион, односно средното течение на Брегалница.

Како што спомнавме погоре, се смета дека потеклото на грифонот се врзува за Јонија, од каде е пренесен на егејските острови и балканското копно. Го спомнавме грифонот кој се јавува како маркантна претстава на монетите на Абдера ковани во периодот околу 408-350 година пр. н.е. Тоа е време кога е изграден нашиот објект - храм/светилиште/трезор (?) - на Виничкото Кале. Можеби е смело да се прават заклучоци, но и во оваа фаза на истражување можеме да претпоставиме дека група или дел од граѓаните на Абдера во потрага по благородни метали со кои обилуваат овие краеви, а во исто време како бегалци по освојувањето на нивниот град од страна на Персијците, ја напуштиле Абдера и се населиле на Виничкото Кале, а секако и во околината. Изборот за нивното ново живелаиште не бил случаен. Врските на овој регион богат со рудни ревири датираат еден век порано. На овие простори се наоѓале ковниците каде што биле сечени монетите на Дероните и Лајаите. Така, новодојдените заради своите потреби набргу изградила објект украсен со мотиви кои за нив имале суштествено значење.

Објектот за кој станува збор бил лоциран на најдоминантна позиција на Виничкото Кале, кој во тоа време претставувал акропол на раноантичката населба. Неговите основни блокови кои ја формираат основата лежат директно врз карпата. Неговите димензии можат приближно да се согледаат. Објектот се протега во правец исток-запад. Покрај основните блокови вкопани во карпата како темели, кон внатрешноста на објектот од двете страни се протегаат вдлабнати камени блокови во вид на канал. Што се однесува до улогата што ја имал овој објект, засега не би можеле да кажеме нешто поодредено. Судејќи според каналите кои претставуваат составен дел на објектот, низ кои се слевала вода, треба да се претпостави дека тука се вршеле некои активности за кои била потребна инсталација низ која се сливала некаква течност. Кога се има предвид доминантната локација на објектот и околноста дека објектот бил однапред плански обмислен со посебна намена, на фасадата декориран со релјефи, чија покривна конструкција ја носеле столбови со капител на кои во релјеф се изведени богати палмети во висок стил на изведба и врвна уметничка креација, мораме да заклучиме дека се работи за исклучително значаен објект. Помислуваме дека се работи за еден вид трезор, односно место каде се чувало златото и среброто и другите метали добиени со експлоатацијата на осоговските рудници на благородни метали или Пеклане како златоносен извор во непосредната близина.11 Затоа, релјефите на фризот, односно метопите, содржат приказ на грифон како заштитник на вакви вредности.

Што се однесува до времето кога овој објект бил изграден, мораме да се потпреме на датата на која и припаѓаат монетите на Абдера со приказ на грифонот со наодите од керамиката, за која нема сомнение дека с увезена од јужните халкидички, односно олинтски керамичарски работилници или ним соседните центри на егејското крајбрежје. Веруваме дека се работи за самиот крај на У или почетокот на ГУ век пр. н.е., време кога доаѓа до населување на Грци од Атина и други градови од грчкиот Југ во внатрешноста на Балканот, кои ја носат со себе оваа керамика. Овие грчки колонисти основаат свои населби на пајонскиот простор, за што наоѓаме потврда во случајот со Стене кај Демир Капија, во градот на Исарот кај с. Марвинци и, како што можеме сега да констатираме, на Виничкото Кале по средното течение на Брегалница. Да се потсетиме дека и таинствениот Дамастион е населен и основан во ова време од доселеници, односно бегалци од Менде и Халкис. Иако се работи за мошне оштетени делови од декорацијата: капители, акротерии, фризови-метопи, се забележува дека тие се работени прецизно, со извонреден цртеж и висок уметнички стил, од добри мајстори, што упатува во прилог на нашето датирање.

На ваква рана дата, дури и за нешто порано време, зборува околноста што се однесува на декорацијата од која се зачувани спомнатите делови од релјефната декорација. Познато е дека скулиторските фронтонски и метопски украси на архајските храмови се работени во техника на теракота, не само заради украс на објектите туку како заштита на дрвените конструкции на гредите. Таков керамички материјал кој имал декоративна, но и конзерваторска улога, е откриван на старите храмови во Олимпија и Атина, околност која се совпаѓа со објектот на Виничко Кале, чии релјефни теракотни делови се изработени со калапење, што зборува за вообичаената практика во декорацијата на храмовите во овој период практикувана во Грција.

Ова откритие на остатоци од раноантички објект е проследено со керамика чие потекло се врзува за егејските керамичарски работилници, како и со истовремената сива керамика со грчки форми, локално изработувана, која се среќава на сите пајонско-агријански простори. Одделни форми и варијанти се датирани сигурно кон крајот на V век пр. н.е., додека други форми и типови се општа појава на ГУ век. Нејзиното датирање кон крајот на У и почетокот на IV век пр. н.е. го определува времето на подигањето на објектот на Виничко Кале.

Кога го имаме овој хронолошки момент како сигурен, можеме да кажеме дека градот добил свој прв заштитен бедем непосредно пред изградбата на објектот. Бедемот е граден од камен во сувозид, чии делови се добро зачувани на теренот. Овој одбранбен зид затворал површина од се 3.5 хектари на раноантичката населба.

Неколку зборови за керамичките наоди. Во културните стратуми на Калето, претежно во пониските слоеви, откривана е т.н. грчка монохромна керамика. На одделни парчиња се забележува добар квалитет. Декорацијата на дното се состои, главно, од втиснати палмети. Ист начин на декорација е применет и на сивата керамика, за која се мисли дека е локално изработувана. Колку што знаеме во моментов, атичката керамика не е присутна на Калето, но тоа не значи дека во иднина нема да се појави некој наод. Сепак, тоа зборува дека потеклото на керамиката на Калето треба да се бара во керамичарските центри на егејското крајбрежје. Сивата керамика која ги имитира грчките форми започнува рано да се изработува на Калето, судејќи според некои форми од постар тип. Сепак, на Виничко Кале не е застапена во онаа мера каква што би требало да се очекува.

Од керамичките наоди треба да се спомнат теговите во форма на астрагали, како постари, и пирамидалните тегови кои всушност егзистираат истовремено.

з Според увид во керамичкиот материјал.

CONE KRSTEVSKI

VIKTORIJA SOKOLOVSKA

Museum of Macedonia - Skopje

VINICKO KALE IN EARLY ANTIQUITY (5th c. BC)

Белешки

  1. Крстевски Ц.-Белдедовски 3., 1978; Балабанов K., 1986; Балабанов К.-Крстевски Ц., 1991: Крстевски Ц., 1993; Димитрова E., 1993; Димитрова E., 2000. ↩
  2. Микулчиќ И., 1999, 163. ↩
  3. За Пајонците воопшто, види: Кацаров Г., 1921; Маркер И. 1965; за материјалната култура на Пајонците, види: Венедиков И., 1943: Венедиков И., 1948: Гарашанин М. - Гарашанин Д., 1958-1959; за територијалната распространетост на пајонските племиња, види: Соколовска B., 1990: Петрова E., 1999: Во меѓувреме, Пајонците се антрополошки дефинирани, види: Вељановска Ф.. 1994, ↩
  4. Svoronos J. H., 1919, 1 и н., Pl. III, 7 и 9, Pl. II, 1-4; Соколовска В., 1990, 9 и н. ↩
  5. Крстевски Ц., 1993, види карта. ↩
  6. Крстевски Ц., 1993. ↩
  7. Крстевски Ц., 1993. ↩
  8. Крстевски Ц., 1993. ↩
  9. Информациите ги користам според: Срејовиќ Д.-Цермановиќ A. 1979, 99. ↩
  10. Белдедовски 3.. 1979, 1АЗин. ↩
  11. За проблемот на Дамастион и неговото монетоковање, види: Соколовска В., 1990, ди н. ↩

Summary

Viničko Kale in Early Antiquity (5th c. BC)

Viniéko Kale is located on the road through the Bregalnica River valley, which in antiquity connected two regions with specific cultural designations: the Thraco-Maedian and the Расопјап-Macedonian. Cultural development of this region rich in mineral resources depended to a considerable extent on exploitation of the mineral wealth. Dependent on these circumstances, the region attracted the attention of the population to the south, which in its quest for mineral resources appeared in this area very early, leaving visible traces of its presence. Mycenaean matt-painted pottery with its characteristic shapes discovered at Viniéko Kale and other sites in the area indicates connections with the southern Balkan regions.

The appearance of coinage of the Deroni and the Laiaians in the Archaic period suggests direct contacts with the Aegean coast, on which the influence of Abdera appears striking.

Now, for the third time, in early antiquity, the connections of the Osogovski region with the Aegean coast already suggest lasting settlement of the immigrants, who for their material and spiritual needs built structures with characteristic features.

The investigations at Vini¢ko Kale are continuing, but at this moment it is possible to point out traces of the presence of southern colonists. Right next to the basilica on the acropolis of Vini¢ko Kale were uncovered the remains of a building whose foundations were preserved in part. Found there were capitals, relief fragments from metopes or a frieze, antefixes that belonged to the building (figs. 1-5). All these pieces indicate that the building in question was constructed in early antiquity by immigrants from the Aegean coast, colonists, who in search of mineral resources settled at Vinitéko Kale and constructed a building designed to meet their needs, i.e., temple, sanctuary, treasury. The griffin as a decorative element of the building suggests connections with Abdera, on whose coinage it is found as a symbol, brought from Teos, their mother-city, when the residents of that city, under pressure from the Persians, were compelled to leave Asia Minor and to settle at Abdera.

The presence of the griffin as a decorative element of the building and its significance as guardian of mineral wealth leads to the idea of a treasury in which were stored precious metals derived from exploitation of the mineral resources of the region. Several features point to the late 5" century as the time when the structure was built. To that period belong the coins of Abdera with representation of the griffin. As is known, at that time Greek temples were adorned with terracotta elements, and to that time belong also the fragments of imported pottery and their imitations.

Whether on this occasion the immigrants from Abdera gave the name of Harmonia to the settlement at Vini¢ko Kale or that had happened significantly earlier, we shall never know. Nevertheless Vinički Kale shows that from the time it originated as a fortified city, it received settlers from the south and maintained contacts with cities on the Aegean coast.

Библиографија