Macedoniae acta archaeologica 19 (2010) · стр. 25–26

Милош Билбија (1948 - 2010)

Илустрација, стр. 25

Последен поздрав за малиот Голем Човек, Милош Билбија

Mors janua vitae - Смртта е преод во живот

Во раните утрински часови на 22.04.2010 година тивко, по кусо боледување, замина нашиот драг пријател и колега Милош Билбија. Впрочем, судбината одредила неговото заминување да е идентично со начинот на кој го проживеа и целиот свој живот - тивок и ненаметлив, но и на некој чуден начин непредвидлив.

Колку и да сме навикнати како археолози смртта да ја прифаќаме како нераскинлив дел од животот, или само како врата - премин во друг живот (Mors janua vitae), сепак кога тој праг ќе го премине некој наш драг човек, сите рационални објаснувања исчезнуваат, а не обземаат најдлабоките тажни чувства.

Роден е на 26. 02. 1948 година во Босанско Грахово, во Босна и Херцеговина. По завршувањето на студиите за археологија на Филозофскиот факултет во Белград и кусото вработување во Травник, неговото животно патешествие во 1975 ќе го донесе во Македонија, каде ќе остане до крајот на својата животна сторија. Тука кус период работи во Заводот за заштита на спомениците на Скопје, а во 1979 преминува во Музејот на град Скопје, каде ќе ја реализира својата вистинска професионална животна мисија. Почетоците на неговиот професионален ангажман се насочени кон проучувањето на неолитските и металодобните култури во скопскиот регион. Подоцна по истражувањата на неолитската населба Слатина кај с. Зелениково, македонскиот неолит ќе стане негова единствена професионална определба, преокупација и љубов. Судбината, т.н. археолошка среќа или професионалниот инстинкт ќе го наведат во пазувите на Водно да ја открие исклучителната неолитската населба Церје во с. Говрлево, која потоа дефинитивно претставува негова стручна и научна идентификација, по која ќе остана запаметен не само во македонската археолошка и културна јавност, туку и пошироко.

Името на археологот Милош Билбија е нераскинливо поврзано со откривањето на неколку исклучителни наоди, од кои посебно го издвојуваме т.н. Адам од Говрлево, но треба да се споменат и единствената Божицата Мајка со нагласен гравидитет, печатот со пиктографски симболи и многу други наоди.

При неговата теренска работа, освен со практичните организаторски способности, особено се одликуваше со голема дисциплина, педантност, а понекогаш дури и неразбирлив перфекционизам и принципиелност.

Она што беше карактеристично за него и го одделуваше како истражувач е што археологијата не ја сфаќаше и не ја третираше како дескрипција, фактографија и хронолошко одредување на одделни предмети, туку како наука за човекот, неговото дело, творење, однесување и суштина. Токму поради тоа негов интерес и цел беше подлабоко проникнување и откривање на пораките од минатотото, суштинско толкување на смислата и значењето на определени појави и предмети кои ги создала човековата рака како одраз на неговата креативна имигинација.

Во текот на професионалната кариера, Милош беше омилен член на теренските истражувања на локалитетите Скупи, Стоби, Чрнче-Маркови Кули, Бањани-Вила Рустика, Матка-Михајлова пештера. Освен во Македонија, во неколку наврати учествуваше и на археолошките теренските истражувања на праисториски локалитети во Славонски Брод и Подравска Слатина, Република Хрватска.

Милош беше неуморен афирматор на македонскиот неолит, преку презентацијата на неговите истражувања и согледувања пред научната јавност на поширокиот балкански простор. но и во Европа. Како резултат на тоа се реализираше и повеќегодишната соработка со Научно- истражувачкиот центар „„Копар“, Универзитет „Приморска“ од Р. Словенија под водство на д-р Митја Гуштин, преку заеднички археолошки истражувања на локалитетот Церје-Говрлево.

Упорно и неуморно се трудеше да го докаже и потврди исклучителното значење на македонскиот неолит за да го добие вистинското место во рамките на европската археологија. Тие негови заложби прават заслужено да го добие епитетот на „Голем Македонец“.

Како свој особен придонес за иднината на македонскиот неолит го сметаше тоа што успеа да „инфицира“, односно „неолитизира“ неколку млади луѓе кои ги едуцира и упати во методологијата на работа, ги насочи и оспособи смело, самостојно да тргнат по неговите стапки и да го продолжат неговото дело. За жал, судбината сакаше тоа да се случи непланирано пребрзо.

Она што не успеа да го стори, а ќе го стореше сигурно да не го спречеше смртта, е големата сеопфатна монографија за неолитската населба Церје - Говрлево, со која требаше да се заокружи неговата професионална кариера и интерес.

Човекот Милош ќе го паметиме по благородниот лик под археолошкото сафари капче, идеализмот, оптимизмот, пожртвуваноста, човечноста, широкиот интерес за голем број теми поврзани и неповрзани со археологијата. долготрајните дискусии. а понекогаш и пријателски конфронтации и разидувања.

Неконвенционален, неформален и непосреден со многу човечка топлина и разбирање за проблемите и слабостите на своите блиски пријатели, колеги, но и обичните познаници. Нашиот Милош тивко и нечујно замина, не остана должен никому, но сигурно е дека многу луѓе му останаа должни.

Се разделуваме од него со голема болка и тага, но сепак помислата дека неговиот живот бил плоден, а неговото дело оставило длабока и неизбришлива трага во македонската археологија и музеологија, ни буди чувство на гордост дека нашиот драг пријател ќе остане запаметен не само во нашите сеќавања туку и во вечноста. Сигурни сме дека го добил заслуженото место во далечните Елисејски полиња покрај неговиот Адам и Големата Божица.

Почивај во мир мал Голем Човеку.

Ленче Јованова