Macedoniae acta archaeologica 19 (2010) · стр. 21–22
Проф. д-р Александар Јовановиќ (1947-2009)
Археолошката наука во септември оваа година од своите редови загуби една исклучителна истражувачка и творечка личност. Меѓу колегите познат како нашиот Сале, тој остави трајни спомени како професор кај своите студенти, истражувач кај своите колеги и пријател со сите. На неговиот благороден карактер сите ќе се сеќаваме и тешко ќе се надополни загубата на личноста на Сале. Извонреден методичар, секогаш подготвен да помогне, како неисцрпен извор им даваше корисни стручни совети на студентите и колегите и ги насочуваше кон есенцијалните елементи во истражувањето.
Александар Јовановиќ е роден на 23.11.1947 година во Белград, каде завршил основно училиште и гимназија. Во 1966 година се запишал на Одделението за археологија при Филозофскиот факултет во Белград, а студиите ги завршил во 1970 година. По завршувањето во 1971 година се вработил како кустос-археолог во античката збирка на Народниот музеј во Ниш каде останал се до 1975 година. Во 1976 година преминал на Филозофскиот факултет во Белград на Одделението за археологија, Катедра за класична археологија, од асистент до редовен професор, предавајќи ги предметите од областа на класичната археологија, историја на уметност на стариот век, античките култови и иконографија и античка нумизматика. Од 1996 година паралено предаваше и на Групата за историја на Филозофскиот факултет во Нови Сад како професор по предметот Археологија.
Со магистерска академска титула се стекнал во 1976 година, а со докторат по археологија во 1982 година. 5
Основните постулати на неговиот научно-истражувачки интерес беа материјалната И духовната култура во античкиот период на Балканот, римската воена организација и урбанизацијата. античката религија, палеоетнографија и нумизматика.
Неговиот богат творечки опус содржи околу 150 научни труда во домашни и странски списанија и неколку книги и учебници. Бил секретар на Српското археолошко друштво (1978 - 1982) и претседател на неговата античка секција (1984 - 1994). Бил активен член на редакции на неколку домашни и странски списанија од областа на археологијата, историја на религијата, историја на уметноста и нумизматиката. Својата научно-истражувачка работа како млад археолог по неколку објавени труда во археолошки списанија ја заокружил со книга која го третира накитот во римска Дарданија (Накит у Римској Дарданији), која е всушност публикуван магистерски труд одбранет на Филозофскиот факултет во Београд во 1976 година, а подготвен и отпечатен во 1978 година.
Во овој обемен корпус кој низ синтетичка и каталошка обработка го опфаќа проблемот на накитот во римската провинција Дарданија, обработен во рамките на видовите на накит, преку типолошка анализа и хронолошки атрибуции, го допира потеклото на објектите во однос на продукциските кругови. Хронолошките рамки на овој материјал е периодот од I до VI век од н.е. Основна содржина на трудот го сочинува материјалот од фундусот на античката збирка од Народниот музеј на Ниш, материјалот од пошироката територија на Скупи, Улпијана и Муниципиум ДД и накитот од територијата на Косово, од Музејот во Прокупље, материјалот од Музејот во Лесковац, како и материјалот од музеите во Косовска Митровица, Врање и Куманово. Освен формите, накитот е презентиран со неговите две специфичности, утилитарната и религиско-естетската. Тоа овозможува преку накитот и неговиот внатрешен еволут ивен процес да се следат регионалните и етничките карактеристики и модификациите настанати од странски влијанија.
Работејќи како асистент на Катедрата за класична археологија при Филозофскиот факултет во Белград, во 1982 година ја одбранил докторската дисертација со наслов „Облици сахрањивања у доба Римског царства на територији Југославије“, а преработен и отпечатен во 1984 година под наслов „Римске некрополе на територији Југославије“. Материјалот за одбраната ги содржи сите типолошки форми на гробните конструкции од целата територија на тогашна Југославија, односно од сите римски провинции во нејзините рамки, содржан во три книги. Применет е методолошки пристап кој ги третира фунерарните комплекси врз основа на утврдување на застапеност на елементи од постарите автохтони сепулкрални традиции, со што се издвоени општите сепулкрални категории, како хоризонти на погребување. обележани со постарите епихорски традиции. Со ваквиот пристап се опфатени основните фунерарни димензии (вид на погребување и форми на гробовите) во различни периоди на ист простор. Со тоа се утврдени и елементите на туѓи влијанија, карактерот на интерполациите и трансформациите кои можеле да ги донесат.
Во 2006 година ја објавил книгата со наслов „Тло Србије - отаџбина римских царева", која претставува корисен материјал, кој дава исцрпни податоци за потеклото на неколку римски цареви кои потекнувале од територијата на Србија.
Неговото последно монографско дело „Огледи из античког култа и иконографија“, објавено во 2007 година, всушност е учебник за студентите на археологија, историја на уметност и класичните науки за новововедениот предмет Култ и иконографија во римскиот период. Книгата претставува сублимат на една од неговите научно-истражувачки преокупации во која, освен длабинските суштински анализи на иконографските прикази на култовите и божествата, нивните атрибути прикажани на керамиката, накитот, надгробните споменици и скулптурите, дава исцрпна литература меѓу која предност имаат корифеите - истражувачи на античките религии од сите простори. Иако се работи за исклучителен научен труд, со скромноста како негова основна доблест, во предговорот укажува дека презентираниот материјал се всушност забелешки и скици за оние кои ќе го продолжат истражувачкиот пат на ова полс.
Ова се неколку нишки од богатото археолошко милја кои беа предмет на интерес и проучување на професорот Александар Јовановиќ кое трајно ќе остане вѕидано во темелите на науката и професијата со која се занимаваше. Како професор ќе остане во сеќавање на многу студенти и колеги како расадник на археолошки кадри со одбранети дипломски работи, магистратури и докторати со теми од антиката во сите нејзини сегменти.
Со заминувањето на таков научник и човек заклучена е една епоха во развојот на античката археологија.
Неговите студенти, соработници и колеги ќе го продолжат патот на својот професор, раководени од неговите благородни идеали.
д-р Звонимир Николовски