Macedoniae acta archaeologica 19 (2010) · стр. 16–17

Во спомен на Милан Ивановски

Помина една година откако од македонската археолошка сцена засекогаш замина нашиот драг колега Милан.

Со својата речиси четиридецениска професионална работа во Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје и поранешниот Републички завод за заштита на спомениците на културата, сега Национален конзерваторски центар, остави неизбришливи траги на полето на археологијата.

Беше раководител на многу заштитни археолошки ископувања при инвестициони капитални зафати во државата, каде се истакна неговата исклучителна организациона способност.

Од дипломирањето на Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Белград, стручното надградување како археолог се поклопува со подемот на македонската археологија во овој период.

Кон работата пристапуваше крајно сериозно, смирено, но внимателно следејќи го процесот на ископувањата. Имаше извонредна истражувачка интуиција и беше перфекционист во изработка на теренската документација и применетата методологија на ископувањата.

На колегите, особено на помладите, делуваше стимулативно, секогаш подготвен да помогне во решавањето на проблемите поврзани со истражувањата, применување на соодветна методологија и секогаш инсистираше на изработка на уредна теренска и завршна документација. Тоа особено го нагласуваше кога вршеше увиди на ископувањата каде што беше секогаш добредојден со своите добронамерни совети.

Не можам, а да не ги споменам големите заштитни археолошки ископувања на автопатот Е-75 кај Велес, Западната некропола во Стоби, по трасата на железничкиот коридор ,,8” на некрополата на К"шла кај с. Коњух и Ба-бунско Маало кај селото Опила, зафатот за хидроакумулацијата „Козјак“ кај с. Здуње, хидросистемот „Злетовица“ и многу други.

Кон проблемите пристапуваше смирено, но со големата внатрешна енергија секогаш успеваше да ги надмине. Во слободно време во кампусите секогаш беше дружелубив, а кон помладите колеги се однесуваше како „татко?“ како што и денес го нарекуваат колегите од Катедрата и од Центарот за археолошки истражувања на Филозофскиот факултет во Белград и сите останати кои студирала и контактирале со него.

Кога од редакцијата на Macedonia acta archaeologica ми понудија и со тоа ми направија чест во овој број да учествувам со прилог кој треба да ја осветли личноста на Милан со кој професионално и приватно бев поврзан повеќе од две децении, оваа задача ја прифатив со големо задоволство. но и со сознание дека нема да можам во потполност, за оваа пригода, да го презентирам како човек и колега.

Милан се одликуваше со силна индивидуалност, комуникативност и умешност со луѓето. Од друга страна, поседуваше длабока емотивност, интроспективност, мудрост и широка стручна наобразба која знаеше несебично да ја пренесе. Со својата професионалност Милан Ивановски влезе на голема врата во македонската археологија.

Зад него остави дваесеттина стручни и научни трудови во домашни и странски археолошки списанија. Забележителна активност имаше и во изда-вачката дејност на матичната куќа, во работата на манд и во активностите на други археолошки здруженија во поранешна Југославија, каде со своето искуство и знаење беше особено почитуван кај колегите.

Замина тивко од своето работно место во Националниот конзерваторски центар, иако со веќе сериозно нарушено здравје, во фаза на подготвување на заштитните археолошки истражувања по трасата на проектот „Отовица“. Со тоа ни остави голем завет да го довршиме она што тој со децении сериозно, со винкелманска прецизност и упорност го разоткри.

Нам, како колеги, ни останува достојно да ја валоризираме неговата работа и со почит да го негуваме споменот за него и неговото дело.

Збогум Миланче и почивај во мир.

Скопје, јули 2010 год. Илчо Бојчевски