Macedoniae acta archaeologica 19 (2010) · стр. 13–15
Милан Ивановски (1946-2009)
На 27 март 2009 година почина Милан Ивановски, еден од најголемите теренски истражувачи, кој со својата неуморна активност остави неизбришлива трага во современата македонска археолошка наука, кој до последниот животен миг сиот свој работен век и го посвети на археологијата.
Милан Ивановски е роден на 10 април 1946 година во Скопје, каде завршил основно и средно образование (гимназија). Дипломирал античката археологија на Филозофскиот факултет во Белград 1972 година.
По дипломирањето. во 1974 година, се вработува во Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје, но две години потоа се вработува во Републичниот завод за заштита на спомениците на културата (Национален конзерваторки центар) каде ќе остане до крајот на својот живот. Целиот свој работен век, речиси 35 години. остана припадник на службата за зашита на споменичкото наследство, посветувајќи се на проблематиката за заштита на археолошкото наследство. По вработувањето бил референт за праисториска археологија се до 1985 година, кога бил назначен за в.д. раководител на Секторот за научни истражувања, студии, проекти и надзор. Веќе од наредната, 1986 година, работи како координатор на Одделението за истражување и заштита, а потоа, во период од 8 години (1991-1999), е главен конзерватор за матични функции и идентификација на културното наследство. Во текот на 1999 година е назначен за стручен работник за средновековна археологија, а во 2002 година за главен конзерватор за археологија.
Во 2003 година беше именуван за помошник-директор на Републичкиот завод, а во периодот од 2004-2005 година, во два наврати едноподруго. беше именуван за в.д. директор на Заводот. Од април 2005 година, па се до неговата ненадејна смрт во 2009 година, работеше како конзерватор-советник за археолошко наследство. Стручното звање конзерватор-советник го добива во 1995 година.
Специфичните аспекти на неговиот професионален ангажман, како припадник на матичната служба за заштита на спомениците на културата, не беа насочени само во областа на археологијата, туку и во вршењето на повеќе комплементарни функции, својствени за споменичката дејност, а предметни за заштитата на археолошкото наследство.
Станува збор за неговата улога и придонес во поглед на идентификација на археолошкото наследство, особено во сегментот на евиденција, класификација, документација, валоризација и ревалоризација на истото. Исто така, мошне е специфична неговата улога во интегрираната заштита, конзерваторското проектирање, конзервацијата и конзерваторскиот надзор, вршењето на матичните функции, особено координацијата на заводите, стручниот надзор, стручна помош и унапредување на дејноста, превенција на археолошкиот криминалитет и слично. Со други зборови, тој не беше само археолог-истражувач туку и археолог-конзерватор и еден од ретките протектолози од археолошката струка. Притоа, како клучен белег на неговиот професионален ангажман се издвојува преокупираноста со проблематиката на превентивната археологија.
Во текот на своето професионално работење Милан има изработено повеќе заштитно-конзерваторски основи. Работеше на археолошки подлоги и конзерваторски режими, односно конзерваторска документација за потребите на урбанистичките планови на повеќе општини (Гевгелија, Виница, Валандово и други). Кон тоа треба да се додадат и увидите на локации за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, изградба на индустриски И други капацитети, поставување на телекомуникациски уреди и постројки. Во 2007 година раководеше и со изработката на Заштитно-конзерваторските основи за Просторниот план за сливот на реката Треска.
Во еден период тој беше задолжен за реституциони истражувања за дисперзираното археолошко наследство од Македонија што се наоѓа во депоата и збирките на белградските музеи. Како резултат на таа спроведена акција, во Заводот беше создадена база на податоци од обработени над 3000 реституциони картони.
Во истражните постапки за сторени кривични дела против археолошкото наследство, што ги водеше Заводот, Милан беше ангажиран како вештак за над 4000 запленети (привремено одземени) архолошки и други предмети, подготвувајќи исцрпни елаборати за потребите на надлежните судови. Забележителна е и неговата ангажираност на полето од превенцијата на археолошкиот криминалитет, особено во соработка со органите на прогонот и царината, како и за потребите на поранешната заводска служба за безбедност на културното наследство.
Уште на почетокот од својата богата кариера, еден е од творците на пионерскиот зафат за целосното евидентирање и рекогносцирање на македонското археолошко богатство, кое подоцна ќе се преточи во Археолошка карта на Република Македонија со над 200 новооткриени археолошки локалитети.
Со исклучително чувство за тимска работа и стручност, без кои не може да се замисли работата на ниедно теренско археолошко истражување, организатор е и раководител на повеќе од 30 археолошки ископувања на локалитети низ целата територијата на Република Македонија, додека како кораководител или член на стручни екипи на многубројни други археолошки истражувања. Севкупно неговиот истражувачки опус заслужува видно место во македонската археологија, од кое само може да се црпи неизмерна енергија и да служи како пример на помладите колеги.
Во неговиот археолошки дневник се забележани истражувањата на локалитети, како што се Старата Скопска митрополија, Баргала, Скупи, Јокуш, Таранеш, Матејче, Здуње, Вардарски Рид, Милци-Гевгелија, Смоквица, Македонски Брод, Крушево, Стоби, Опила, Ранковце, Хидросистем Злетовица и последниот Отовица за кој интензивно се подготвуваше, но не успеа да го реализира поради ненадејната смрт. Cera, кога македонската археологија е во зенитот од својата истражувачка дејност, со сите потребни услови за работа и со целосни стручни екипи на истражувањата, само можеме да ги претпоставиме тогашните заложби кои биле потребни за да може да се реализира едно теренско истражување. Со сета почит и скромност можеме слободно да констатираме дека Милан ја задолжи македонската археологија и служи за пример како непоколеблив, истраен и беспрекорен во извршувањето на задачите кои беа поставени пред него. Се уште ги паметам неговите зборови кои слободно ќе ги интерпретирам: „Не може да се работи археологијата ако не се сака и целосно не И се предаде и посвети“.
Покрај големиот број реализирани теренски истражувања, видно место во неговиот археолошки опус заземаат 30-ина научни и стручни трудови објавени во списанија од областа на археологијата во земјата, како и меѓу најзначајните стручни списанија во Словенија, Хрватска и Србија. На тоа посебно беше горд заради големата почит што му беше укажувана од неговите колеги на тие земји. Се присетувам, по секое одење во Белград, тој се враќаше со пакет полн стручна литература која несебично ја поделуваше со своите колеги. Тешко ќе можат да се заборават таквите митови. Во секое време спремен да помогне на кој било начин, беше полн со почит кон помладите колеги, која неизмерно му се возвраќеше. Така го доби епитетот и теренската археолошката титула „Ничо Милан“.
Учесник е речиси на сите симпозиуми организирани од манд во Македонија, како и на други конгреси и средби на археолози надвор од нашата земја, каде ги презентира резултатите и анализите од теренските археолошки истражувања. Поаѓајќи со голема стручност, неговите текстови се одразуваат со научна темелност во обработка и анализа на темите, што го вбројува меѓу втемелувачите на македонската археолошка научна мисла.
Целиот работен век беше посветен на археологијата. Затоа животот што го живееше не беше залуден. Тој зад себе го остави своето дело во кое спаѓаат бројните теренски истражувања и објавените научни трудови, кои ќе бидат водич за наредните генерации. Но освен тоа, тој на помладите колеги го наметна сопствениот начин на соработка со својот стручен тим и пристапот кон локалитетот што се истражуваше, кој секогаш се одликуваше со сериозен, одговорен и непристрасен начин на работа, секогаш поврзан со неодминливата методолошка прецизност.
Прераната смрт го прекина да ги реализира многубројните проекти што го очекуваа и мирните пензионерски денови кои му следуваа. Прераната смрт го прекина и во начинот на кој ги решаваше проблемите од секојдневниот живот. Прераната смрт го прекина мирниот, сталожен и секогаш полн со искра надеж живот на нашиот колега Милан.
Затоа најмногу од се ќе ни недостасува човекот кој знаеше да направи ритуал од подготвување на неговата цигара, пиењето на црвено вино, уживањето во добрата храна, начинот на кој даваше совети на помладите колеги, па се до трпеливоста во обработка на откриените наоди и нивно студиозно приоѓање.
Поради тоа неговиот лик и дело ќе останат вечно забележани во антологијата на македонската археологија, а на сите нас останува да го чуваме споменот на него и да го почитуваме неговото дело.
Киро Ристов