Macedoniae acta archaeologica 18 (2008) · стр. 468–470

Д-р Томе Јанакиевски (1938- 2004)

Илустрација, стр. 468

Во екот на летото 2004 година, на 30 јули, време кога вообичаено ги завршуваше своите теренски ископувања, д-р Томе Јанакиевски, еден од најпрепознатливите креативци на македонската археологија, го заврши својот животен пат. Живееше и твореше во времето на формирање на македонската национална археологија и со својата практична и теориска ерудиција даде основен потстрек за нејзино определување и систематизирање, развој и афирмација. Неговиот обемен творечки опус зафаќа широк обем на организациско-технички, истражувачки. музејско-конзерваторски и консултативни активности. На Томе секогаш ќе се сеќаваме како на скромен и чесен соработник и посветеник на археологијата во текот на целиот свој работен век. Училишно дисциплиниран во спроведувањето на методолошките постапки, тој беспоштедно се залагаше за примената на основните начела во археолошките истражувања до завршното претставување на резултатите.

Роден на 20 јуни 1938 година, Томе потекнува од скромно работничко семејство кое е во состојба да му обезбеди самосвест и мирно детство, и со тоа да го подготви за справување со предизвиците што го очекуваа долж трнливиот животен пат. Неговиот прв личен образовен избор, Учителската школа во Битола, каде што матурира во 1957 година, ги одразува неговите основни карактерни особини што го оцртуваат неговиот лик на човек приемчив за информации и пренесување на искуствата низ искрена комуникација. Студиските денови минати на една од во времето најпрестижните школи за археологија, Филозофскиот факултет во Загреб, каде дипломирал 1963 година, ги минува растргнат меѓу секојдневните студентски обврски, поттикнат од определбата да се биде вистински археолог и неговата основна JbyOOB и талент, музиката. Со нејзина помош тој ја обезбедува сопствената егзистенција, воедно, помагајќи го семејството на кое му е целосно посветен. Во раниот период од својот живот, по враќањето во Битола, кога тамошната музичка школа нема соодветен наставник, тој дури и работи како професор по виолончело. Во 60-тите и 70-тите години на XX век Томе Јанакиевски бил активен учесник во бурните трансформации што го профилираа современиот лик на Заводот и Музеј - Битола, несебично давајќи го својот креативен придонес. Својот работен век го започнал 1964 година во тогашниот Народен музеј во Битола, во Одделението за археологија, за наскоро да стане и негов директор (1968 - 1974 год.). Едновремено, тој е и секретар на Одборот за Хераклеја. Тоа се години неодвоиви од појавата на Хераклеја како посебен археолошки ентитет, засновани врз резултатите од претходните ископувања и новите истражувачко-конзерваторски проекти што го профилираат овој локалитет во еден од главните центри за истражување на античката култура и цивилизација на Балканот.

Дури по овие свои први чекори, поттикнат од оригиналната желба и способност студиски да проникне во поединечни сфери, развиени низ повеќегодишната соработка со проф. д-р Дује Рендиќ-Миочевиќ на археолошките локалитети во Далмација, целосно се оддал на истражувачката работа. Во 1975 година магистрирал на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, на тема: Heraclea Lyncestis како музеолошки локалитет in situ, истата година кога археолошкиот локалитет паѓа под надлежност на новоименуваниот Завод за заштита на спомениците на културата и природните реткости, Музеј и Галерија - Битола. Помогнат од вродената умешност да се справи со проблемите, упорен и истраен во своите намери, тој го насочува својот основен научно-истражувачки интерес кон еден од капиталните архитектонски споменици на овој град, античкиот театар, проблем во кој тој ќе го вложи својот основен творечки придонес. Како резултат на неговата самопрегорна работа, поомогнат од соработката со проф. д-р Јержи Роспендовски (Jerzy Rospendowski), како резултат на повеќегодишни истражувања во 1987 година излезе и неговата прва монографија „Театар“. Десет години подоцна, во 1997 година, на Филозофскиот факултет во Загреб, кој претставува котва и репер во неговото професионално работење, тој докторира на темата: Антички театри и споменици со театарска тематика во Република Македонија, труд што ќе го вообличи во самостојна монографија (1998 год..).

Силно изразената систематичност и темелност во пристапот кон истражувачките проблеми на кои им приоѓа во разни фази од своето работење, се основа за плодната кариера на д-р Јанакиевски со корени јасно зацртани од самиот почеток. Античкиот град Хераклеја Линкестис во време на нејзиното создавање и постоење, врската со истовремените населби и крајпатни станици, како и континуитетот на опстојување и прераснување во текот на средниот век, се дел од проблемите што го ангажираат. Неговата приврзаност за Битола и делот на Пелагонија што ја опкружува, кај него развила вид на патриотизам и го насочила во обидите за поблиско определување низа археолошки локалитети. Нивното значење и заемна комуникација, како: Горно Српци, Рамненска Тумба и село Рамна, Долно Егри, Цапарско Поле, Доленци, Суводол, Стрежево итн., тој ги опсервира во редица прилози публикувани во националните периодични изданија (за целосни наслови види во: Библиографија на Македонската археологија 1945 - 2000, приготвено од J. Миладиновска, во издание на манд, Охрид 2001, 124 - 128).

Доминантно место во библиографијата на Томе Јанкиевски заземаат насловите посветени на античкиот театар во Хераклеја. Следејќи низа поединечни аспекти и фази на постоење на театарот, тој се претстави не само пред македонската туку и пошироко пред поранешната југословенска и европска стручна јавност, за особено внимание да им посвети на, според него, последните фази од постоењето на овој град и објект претставени во монографското издание: Доцноантичка микростамбена целина над театарот во Heraclea Lyncestis , отпечатена 2001 година. Свесен за своите способности и можностите што му ги нудеше средината, често 3aдирајќи во проблематика која не претставуваше негов примарен стручен интерес, а воден од убеденоста за неопходност во спроведувањето на целокупниот методолошки пристап во процесот на едно археолошко истражување, тој имаше доблест да каже: „Јас тоа го знам, ако некој знае повеќе нека Ме исправи“. Токму овој дух на истрајност, упорност и бескомпромисност, го принуди да го даде и својот последен прилог кон историјата на Битола.

Покрај истражувачката работа, бројни се неговите учества и ангажмани во разни здруженија и тела. Тој е соработник на разни комисии за прием на проекти од областа на заштитата на културното наследство при Министерството за култура на Република Македонија и Републичкиот завод за заштита на спомениците на култура. Беше активен член на Друштвото за наука и уметност во Битола, Македонското археолошко научно друштво, каде во неколку наврати беше член на Претседателството, како и на Сенатот при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, асоцијации преку кои ја афирмираше археологијата на поширок општествен и образовен план.

Последниот сегмент на својот прфесионален пат од 1999 до крајот на 2003 година, Томе Јанакиевски го изоде како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп, посветувајќи се на определувањето на територијата на средновековна Битола. Иако Проектот беше незавршен, тој побрза да го издаде неговото последно монографско дело: Убикација на средновековна Битола (VII - XIV век). Книгата излезе пред очите на јавноста кон крајот на 2003 година, во време кога болеста почна да го нагризува неговото тело. Меѓутоа, дури ни следната година неговиот дух и детерминираност да се истрае во истражувањата не попуштија, решен да ги спроведе отпочнатите археолошки истражувања на Јени џамија, работа која сепак остана обврска за наследниците.

Дипломатичен и комуникативен, темелен истражувач отворен за соработка. но категоричен и често тврд во своите ставови, се особини кои го издвојуваа Томе Јанакиевски од затвореноста и површноста на околината, поставувајќи го на посебен пиедестал. Овие карактеристики му овозможија плодна кариера и интензивна стручна соработка, особено со помлади колеги, кои тој имаше желба да ги насочи давајќи им основен потстрек и шанса. Тие што остануваат по него имаат долги обврска да го надградуваат неговото дело на патот што тој го трасираше. Неговата принципиелност останува засекогаш да бдее над нескротливиот глад за нови археолошки откритија и опасноста да се згази вредноста што талогот на времето го има закопано во пејсажот пред нашите нозе.

Љубинка Цидрова ну Музеј на Македонија - Скопје