Macedoniae acta archaeologica 18 (2008) · стр. 45–54

Неолит во Македонија

Содржина
  1. Анзабегово-Вршник (I а-с)
  2. Анзабегово-Вршник (П-ГУ)
  3. Анзабегово-Вршник Ш
  4. Анзабегово-Вршник ГУ
  5. Доцен неолит (V-VI)
  6. Западномакедонски неолит
  7. Велушина-Породин I (ран неолит)
  8. Велушина-Породин П-ГУ (среден неолит)
  9. Трнска културна група (доцен неолит)
  10. Културна група Зластрана
  11. Културна група Устие на Дрим
  12. ANTONIO JAKIMOVSKI

Овој текст е настанат во 2000 година со цел да се претстави македонскиот неолит пред студентите по археологија во Словенија. При неговата изработка се користени дотогаш објавените сознанијата, до кои, во голем број има дојдено доајенот на македонскиот неолит, археологот Воислав Санев, кој и директно ми помогна при изработката на тестот. Бидејќи овој број на Macedoniae acta archaeologica е посветен на Воислав Санев, кој остави траен белег во праисторијата на Македонија и кој речиси целата своја кариера ја посвети на овој период, со огромно задоволство и благодарност Му го посветувам овој текст.

Територијата на Република Македонија од најраните фази на праисторијата зазема значајно место во развитокот на човековата културна историја. За тоа своја улога одиграла климата, геоморфологијата и биолошките фактори. Сето тоа приднело за организирано и трајно населување на одредени локации и создавање разни култури чија еволуција се одвивала континуирано во значително голем временски период. Биолошките ресури за исхрана биле основна причина ваквите локации да не се напуштаат. Со својата поволна местоположба во средиштето на природните патишта таа директно посредувала во поврзувањето на двете големи културни сфери: erejcKoанадолската, како јадро на најстарите земјоделско-сточарски заедници со внатрешниот дел на Балканот и средна Европа.1 Во тој поглед најголема улога одиграле природните патишта долж речните корита. Долината на Вардар, надоврзувајќи се со долината на Јужна Морава, овозможувала воспоставување контакти меѓу Беломорскиот Брег и Панонија, долината на Струмешница преку долината на Струма со јужна Тракија и предниот дел на Мала Азија, додека долината на Дрим со јужното јадранско крајбрежје. Со не помало значење биле и патиштата на

планинските превои, како што се оние што го опкружуваат Охридско-преспанскиот басен или на Малешевските Планини и Осогово кои овозможувале комуницирање со културите од Албанија, односно во средниот тек на Струма и централна Бугарија.2

За предисторијата во Република Македонија, особено за неолитот, не се знаело речиси ништо се до педесеттите години од XX век, кога е извршена првата археолошка опсервација и регистрација на археолошките наоѓалишта. Со истражувањата во последните децении разјаснети се основните карактеристики на неолитот - стратиграфски, културни и хронолошки. За неолитот во Република Македонија според определени специфичности во материјалната култура се издвоени три регионални културни групи: Анзабегово-вршничката во источна Македонија.3 Велушко-породинска во Пелагонија“4 и Зластрана во Охридско-преспанскиот басен.5 Независно од нивната самостојност, заемна поврзаност или поврзаноста со некои од соседните културни групи, овие земјоделско- сточарски заедници се појавиле на македонскиот простор кон крајот на седмиот милениум пр. н.е., а нивното егзистирање завршува во втората половина на четвртиот милениум пред н.е. Неолитот кој без малку трае цели три и половина милениуми, според определени карактеристики во материјалната култура е поделен на три основни фази, и тоа: ран, среден и доцен неолит, со неколку интерни потфази. Примената на овој трипериоден систем сосема добро се вклопува во периодизацијата на неолитот во останатите делови на Балканот. Треба да се напомене дека сите фази не се подеднакво проучени. Така, нешто поцелосни се стратиграфските податоци за населбите во источна Македонија, односно Анзабегово-вршничката група, а доцниот неолит е познат само делумно. Еден од проблемите за кои во науката се уште не постои дециден одговор е за генезата на неговите носители. Искажани се две претпоставки - според едната дека можеби се потомци на постаро автохтоно население, а според другата дека можеби се доселеници дојдени од Мала Азија, кои во раниот неолит ја започнале својата постепена преселба од југоисточна Европа. Во прилог на првата одат артефактите од палеолитот кои се среќаваат на територијата на Република Македонија, а упатуваат на присуство на траги од ловец кој на овие простори егзистирал во времето на помладиот палеолит. Во прилог на втората теза одат сличностите во организацијата на животот, како и сличностите во материјалната култура.

Источномакедонски неолит

Анзабегово-вршничка културна група

Во археолошката литература неолитот во источна Македонија е најпрво воведен под името Вршничка група, според резултатите добиени од истражувањата на истоимениот локалитет. Подоцна со ископувањата на Барутница во Анзабегово. во која се откриени поцелосни стратиграфски податоци, доаѓа до промена на името во Анзабегово-вршничка културна група. Така, името Анзабегово-вршничка културна група ќе стане синоним за неолитот во источна Македонија.

Сознанијата за Анзабегово-вршничката културна група, главно, потекнуваат од истражувањата во Вршник кај Таринци,6 во средното течение на Брегалница и во Анзабегово во Овче Поле,7 (според кои топоними е воведена и во археолошката наука), потоа во Руг Баир кај Горубинци,8 исто така во Овче Поле, во Церје кај Говрлево,9 и Слатина кај Зелениково, Скопско.10 Основните сознанија за нејзините културни карактеристики се проширени со истражувањата во Кумановско,11 Скопско, Полог,12 Струмичко и по долината на Вардар, со што прилично добро се заокружени просторните граници и стратиграфски рамки на оваа културна група.

Неолитските населби во источна Македонија покажуваат единство во поглед на стратиграфијата. градителството. стопанисувањето. религијата и слично, што зборува за традиционален начин на живеење и самостоен развиток. Во општата периодизација на неолитот во југоисточна Европа почетоците на културната група Анзабегово-Вршник припаѓаат на раниот неолит, додека подоцнежната еволуција на средниот неолит. Уште со ископувањата на Вршник, во културниот слој од 3.30 м се констатирани четири фази на обновување, стратиграфски и културно издвоени, но истовремено поврзани со одредени духовни традиции.14 Подоцна со истражувањата во Анзабегово се добиени поцелосни податоци и претставата за оваа културна група станува многу појасна. Така, раниот неолит издвоен како фаза Анзабегово-Вршник | е поделен уште на три подфази (I а-с). Фазата Анзабегово-Вршник П е преодна од раниот во средниот неолит, додека фазите Ш и 1V припаѓаат на средниот, со тоа што во него се присутни и доцнонеолитски елементи карактеристични за Винчанската културна група од централнобалканскиот простор.

Доцниот неолит како последна фаза од еволуцијата на неолитот е време на нови општествени и етнокултурни промени, што се поврзуваат со првите раздвижувања на популациите од Винчанската културна група. Во потрага по подобри услови за живот тие навлегуваат на територијата на Македонија, и тоа едни директно од јужноморавските краеви, а други преку долината на Струма. Со тоа доаѓа до прекин на дотогашниот мирен живот и благосостојба на средно неолитското население и воведување нови општествени односи. Од податоците може да се види дека новонаселените етнички заедници, населбите ги граделе над рушевините на средно неолитските, а животот го организирале според своите традиции.

Толкувањето на доцниот неолит во источна Македонија долго време се потпирало на истражувањата на локалитетот Зелениково - Скопско, каде што бил издвоен како културна група Зелениково 1." Подоцна, со истражувањата на локалитетите во Мршевци (Скопско), Лопате (Кумановско). а посебно во Ангелци (Струмичко) и Дамјан (Радовишко), оваа група е надополнета во однос на стратиграфијата, локалните специфичности и вклопувањето во рамките на доцниот Балканско-анадолски комплекс на помладиот неолит. Од овие причини нејзиното име е преточено во културна група Ангелци-Зелениково ІІ.16

Издвојувањето по фази направено е врз основа на типолошките специфичности на керамиката (форми и декорација), култните предмети, како и други археолошки артефакти.

Анзабегово-Вршник (I а-с)

Фазата Анзабегово-Вршник I временски и културно му припаѓа на раниот неолит на Балканско-анадолскиот културен комплекс што го потврдуваат и сличностите со керамиката од другите културни групи. Во Тесалија блиски аналогии наоѓа во керамиката од групата Протосескло17 која подоцна еволуирала во групите Пресескло и Сескло. Застапени се барботинот, импресото и белите сликани скалести орнаменти, типични за Анзабегово-Вршник Гр, според што се заклучува дека раниот неолит во Македонија се појавил на крајот на Пресескло, односно во времето на почетоците на групата Сескло. Исто така, и орнаментиката на керамиката од Анзабегово-вршничката културна група има свои допирни точки со орнаментиката од ранонеолитските слоеви во Тракија (Караново 1), па дури и во Анадолија - Хаџилар П-ГУ (Hacilar П-ГУ), што се гледаат во мотивите на триаголници и меандар насликани со бела боја, како и импресо орнаменти.18 Треба да се додаде дека фазата Іс има свои допирни точки со керамиката од долна Струма (Ковачево III) преку орнаментите во вид на капки, дури и подалеку североисточно во групата Gura Baciului во Трансилванија.19 Ранонеолитската керамика од локалитетите кои припаѓаат на Анзабегово-вршничката културна група се одликува со големо присуство на садови со груба фактура, слабо печени, со невоедначени темни и црвени монохромни тонови, некогаш украсувани во барботин и импресо техника.20 Фината керамика во оваа група претставува помалобројна група. Таа е многу квалитетна, монохромно црвена и украсувана со мотиви во вид на триаголници, меандри, капки, скалила или цветови поставени сами или во комбинација. Украсувањето кај фината керамиката е исклучиво сликана со бела боја врз црвена подлога.

Во раниот неолит во источна Македонија, односно Анзабегово-Вршник I, издвоени се три подфази, т.е. Анзабегово-Вршник la, ГБ и Іс. За прват во la фазата се карактеристични слободно распоредените бели триаголници и флорални мотиви, за 16 карактеристични се скалесто и правилно распоредените триаголници, додека за фазата Іс, покрај нешто полошата фактура, се губат геометриските мотиви, а се јавуваат капките распоредени окулу венецот или слободно распоредени по целата површина на садот.21 Што се однесува до култната пластика, таа е минијатурна, стилизирана, претставена антропоморфно и со стеатопигија.

Со фазата Іс завршува првата етапа, ге. раниот неолит. Се смета дека настанатите промени се должат на појавата на се понагласени влијанија од надвор.

Анзабегово-Вршник (П-ГУ)

Следнитетри фази, односно фазите Анзабегово-Вршник ІТ, ШитТУ му припаѓаат насредниот неолит. Во овој период доаѓа до подобрени и стабилизирани општествени и економски односи кои натаму овозможиле брз развиток, што придонело за создавање материјална и духовна култура со сопствени белези.

Керамиката од фазата Анзабегово-Вршник II, главно, ги задржува старите облици и монохромни тонови од претходната фаза Анзабегово-Вршник I, се јавува т.н. вршничка керамика и садови на високи нозе.22 Доаѓа до промена и во грубата керамика, која станува поквалитетна, а орнаментот барботин организиран. Во начинот на сликањето белата боја која беше карактеристика за предходниот период постепено се губи, а неа ја заменува темнокафеавата. Садовите од фазата Анзабегово-Вршник II се од добро прочистена земја многу добра фактура мешана со ситни зрнца песок. Бидовите на садовите се со воедначена дебелина, цврсти и добро печени. Површината на садот најчесто е премачкана со сивомаслинаста боја, а поретко со црвеникава, кафеава или жолтеникава.23 Сјајот се добива со полирање на површината на садовите. Основните форми на садови и понатаму остануваат исти, но исчезнуваат формите на садови на повеќе нозе со типичната фактура на монохромната керамика. Вертикално издупчените тунелести рачки стануваат поретки, иако во многу редуциран број ќе продолжат да егзистираат и во наредниот период.24 Како нова форма садови се појавуваат благо топчести или биконични садови со високо рамо и низок цилиндричен врат, кој најчесто од рамото с одвоен со хоризонтално вдлабнат жлеб. Друга карактеристична форма претставуваат садовите со тесен и високо цилиндричен врат. Се појавуваат и топчести облици со проширен рамен венец чија еволуција прекинува веќе во Анзабегово-Вршник Ш. Во орнаментиката на садовите од оваа фаза треба да се напомене појавата на вертикални или косо распоредени. паралелни. ребрасти канелури.25 Орнаментиката кај грубата и обичната керамика останува во употреба и продолжува и понатаму, со мотиви изведени во импресо и барботин техника на форми познати од предходните фази. Но и покрај тоа што продолжува истиот начин на барботин украсување. во оваа фаза. како типичен и за првпат се јавува аркадниот барботин со вертикално полулачно завршени, паралелно барботинирани ребра на површината на садовите чиј горен дел непосредно под ободот е глачан дури и полиран. Ваквиот контраст меѓу венецот и долниот дел на садот, но без аркадниот барботин познат е и од предходните периоди. Во овој период се јавува и организираниот барботин. Во сликањето на керамиката, иако поретко. се јавуваат бело сликаните орнаменти, најчесто оние во вид на капки под венецот на садот карактеристични за предходниот период. Во оваа фаза е карактеристична појавата на сликање врз светла основа. Орнаментите се изведени со црна или темнокафеава боја на окер основа. Како орнаменти на оваа керамика се среќаваат темни капки под венецот во хоризонтални редови, како и посебни мотиви, изведени во форма на латинската буква Z. Овие особини, особено орнаментот на капки под венецот, укажуваат на директна поврзаност со доцните елементи на фазата Анзабегово-Вршник 1. Од другите орнаменти се јавуваат и висечки триаголници поставени вертикално на венецот и групи од вертикални паралелни линии често во комбинација тенка-дебела, меѓу кои повремено се среќаваат и мрежести орнаменти. Понекогаш овие линии кон дното на садот се стеснуваат или шират.

Анзабегово-Вршник Ш

Во фазата Анзабегово-Вршник Ш доаѓа до извесно опаѓање на квалитетот на фактурата, при што монохромната полирана црвенокафеава керамика повторно станува најбројна. Доаѓа до пораст на полираната монохромна кафеава во однос на црвената керамика која продолжува и во подоцнежната еволуција. Во оваа фаза доаѓа до зголемување на бројот на темната керамика во фината, обичната и грубата керамика. Интензивно сјајната црна керамика која за првпат се јавува на крајот од Анзабегово-Вршник П се задржува и во фазата Ш, но со помал број. Во овој период доаѓа до опаѓање на квалитетот на фината монохомна црвена и кафеава керамика. Во импресо и барботин украсувањето нема големи разлики меѓу фазите II и IIL. Кај сликаната керамика во овој период припаѓаат последните фрагменти со бело сликани орнаменти на црвена основа кои се јавуваат многу ретко. Само во многу ретки случаи се јавуваат фрагменти со мотивот на бели капки кои беа многу карактеристични за предходната фаза. Керамиката сликана со темни тонови на светла основа продолжува да егзистира и се задржува во подоцната етапа. Мотивите ост ануваат непроменети. Карактеристично за оваа фаза е појавата на првите фрагменти со сликан мотив на спирала изведени со темна боја на светла основа. Се работи за еден фрагмент најден непосредно над рушевината на куќа од фазата Анзабегово-Вршник II, на кој спиралата тече како непрекинат мотив околу целиот стомак на садот, а се врзувала за темна линија која го следи неговиот раб.26

Анзабегово-Вршник ГУ

Во фазата Анзабегово-Вршник IV керамичката продукција го достигнува својот најголем технолошки и уметнички дострел.27 Доаѓа до зголемување на бројот на темните садови, како кај грубата така и кај фината керамика. Темносивите и црните28 тонови бројно се изедначуваат со црвените. Се губат формите на садови-здели со извиен 5 профил, додека садовите со жлеб под венецот се многу ретки. Во овој период, по прекинувањето во фазата Гр, повторно се јавуваат садовите со прстенеста нога. Карактеристични за оваа фаза се наодите на нозе од жртвеници со остар раб понекогаш украсени со врежани орнаменти, кој се поврзуваат со групата Караново III во Бугарија.29 Во орнаментиката кај грубата керамика опаѓа бројот на импресото, додека барботинот се јавува како аркаден и организиран. Темно сликаната орнаментика е почеста, а како мотиви се јавуваат криви линии. спирали и меандри. Во фазата Анзабегово-Вршник IV се појавува сложената спирала која тече по должината на целиот сад под венецот. Од надворешената страна спиралата може да биде ограничена со двојно сликана лента, а понекогаш меѓусебно се поврзани со назабени ленти. Исто така, се појавува спирала со завршеток во вид30 на канџи. Често. спиралните мотиви на горниот дел од садот се поврзуваат на стомакот со вертикални снопови од тенки и дебели линии, кои во геометриските мотиви на темно сликаната керамика се наоѓаат од самиот почеток, но без спиралата, што исто така го потврдува континуитетот на овој керамички вид.

Доцен неолит (V-VI)

Доцниот неолит во источна Македонија ги опфаќа фазите У и VI. За разлика од раниот и средниот, доцниот неолит е многу послабо истражен. Во Скопската Котлина тој е одвоен како културна група Зелениково ІІ,31 а името го добива по локалитетот Слатина кај Зелениково. Со истражувањата во Средсело-Мршевци, Амам-Лопате и особено Дамјан и Ангелци, оваа група се надополнета во однос на стратиграфијата, издвојувањето на локалните специфичности и вклопувањето на доцниот неолит на Балкан и Балканско-анадолскиот комплекс на доцниот неолит, а името е преточено во Ангелци-Зелениково ІІ.32 Керамиката од оваа културна група иако многубројна, е доста еднообразна во формите. Најчесто се јавуваат биконусни и топчести садови кои се со темносиви до темнокафеави монохромни тонови, а украсувањето е со врежување или кане лури. Грубата керамика е со лоша фактура, мешана со зрнца песок кои се видливи на површината на садовите. Преовладуваат топчести облици со големи димензии. Фината керамика е сјајно полирана со темнокафеава до црна боја. Најчести форми се топчестите садови со благо издвоен ниско цилиндричен засечен или задебелен венец. Се јавуваат конични здели и пехари на ниска конусна нога. Украсувањето е со канелури кои речиси по правило се распоредени на рамото на садот. Култната пластика од оваа фаза ги задржува старите духовни традиции. Присутна е стеатопигијата со особено нагласен стомак. Главата е доста стилизирана, така што се состои само од нагласен нос без очи (птичјо лице).

Западномакедонски неолит

Западниот дел на Република Македонија го зафаќа просторот меѓу реката Вардар и планинските масиви кои се протегаат долж македонско-албанската граница. Неолитот во западна Македонија е послабо истражен во однос на источна Македонија. Истражувањата, како и добиените податоци се сведуваат на Пелагонија и охридскиот крај. додека пак останатите региони се познати само од рекогносцирање. Неолитот во западна Македонија се издвојува како културна група Велушина-Породин за раниот и средниот неолит и Трнска културна група за доцниот неолит во Пелагонија, додека во охридскиот крај е издвоена групата Зластрана, односно Устие на Дрим за доцниот неолит.33

Велушина-Породин I (ран неолит)

Податоците за раниот неолит, фазата Велушина-Породин I, главно, се засноваат врз сознанијата добиени од истражувањата во Велушка Тумба, Тумба Карамани и Пештерица.34 Од движните наоди најчеста е керамиката, а се среќаваат и предмети од кремен н камен, предмети од коска, како и култни предмети.

Керамиката од фазата Велушина-Породин | е квалитетна и добро печена. Таа е монохромна со темна и црвена боја најчесто украсена со сликање, како и со импресо и барботин. Керамиката со груба фактура обично е со големи димензии, и тоа ќупови и грниња и полутопчести и плитки чинии. Керамиката со фина фактура е монохромна со црвена боја, сјајна и најчесто украсена со бела боја. Најчесто тоа се украси во вид на точки. капки, триаголници, сигми во хоризонтални редови. ленти групирани во снопови, аглести орнаменти организирани во нејасни геометриски целини. Некои од овие орнаменти како што се дождовните капки и триаголниците сликани со бела боја под венецот се идентични со орнаментите кои се јавуваат кај ранонеолитската керамика од Анзабегово-Вршник35 I. Од култните предмети на оваа фаза И припаѓаат минијатурните стилизирани женски статуети, теракотни животински претстави, како и жртвеници на високи нозе или во вид на куќа.

Велушина-Породин П-ГУ (среден неолит)

Средниот неолит е добро проучен во однос на раниот и доцниот неолит во западна Македонија.36 Тој е поделен на три подфази, и тоа Велушина-Породин II, Ш и IV. Основна карактеристика на средниот неолит37 во Западна Македонија е локалниот традиционализам. Тој продолжува да живее врз ранонеолитските населби со мали разлики во материјалната и духовната култура. поради што е и отежнато јасното стратиграфско разграничување на раниот од средниот неолит. Грубата керамика е бројна и квалитетна и кај неа продолжуваат старите форми на садови, како и техники на украсување. Како новина во оваа фаза се јавуваат топчестите садови со цилиндричен врат. аркадниот барботин, а за сметка на тоа се помало е присуството на импресо орнаментите. Кај фината керамика бојата се движи од монохромни тонови на црвена боја, до сива и кафеава боја украсена со сликање со бела боја. Како најчести мотиви во овис фази се јавуваат развлечените триаголници и широко отворените агли организирани како стилизирани и неорганизирани геометриски орнаменти. Средниот неолит во Западна Македонија, односно фазите Велушина-Породин II-1V не познаваат сликање со темнокафеава боја, кое е карактеристично за соодветните фази во источна Македонија. За разлика од традиционализмот во керамиката, во култната пластика се јавуваат извесни промени. И натаму основата на верувањето е иста, а се настанати промени во начинот на обликувањето, каде што доминираат пластичноста и натуралистичкиот ликовен израз. Тоа е видливо кај статуетите со претстава на божиците на плодноста, каде на телото се нагласени екстремитети и гениталии, како и пореално претставени црти на лицето. Промени се случуваат и кај жртвениците, каде старите форми со високи нозе и отворен реципиент сега се заменуваат со жртвеници во облик на макети од куќи, со покрив на две води на кој има отвор, на кој се надоврзува цилиндер со претстава на човечко лице.

Трнска културна група (доцен неолит)

Крајот на Велушко-породинската културна група не е доволно разјаснет. По ова прашање значајни се резултатите добиени од истражувањата на локалитетот Мала Тумба кај село Трн, каде е констатиран културен слој од 2 метри, со издвоени две фази на живеење.38 Кај првата фаза се работи за среднонеолитска населба која припаѓа на Велушко-породинската културна група. Врз рушевините на оваа населба е подигната нова, која според особеностите на материјалната култура припаѓа на доцниот неолит, а може тесно да се поврзе со културите од јадранските области. Хронолошки може да се спореди со културните групи: Цакран-Дунавец II, Данило II-III, Какањ П-Ш, Винча А2-В1, како и со културната група Ангелци-Зелениково II во источна Македонија.39 Поради карактеристиките во материјалната култура. а и поради тоа што претставува осамен наод, доцниот неолит во западна Македонија, по истоимениот локалитет го добива името Трнска културна група.

Културна група Зластрана

Станува збор за културна група издвоена во охридскиот крај која припаѓа на раниот неолит.40 Од археолошките наоди најзастапена е фрагментираната садова керамика, како и орудија од кремен и камен. Керамиката е главно груба, еднолична, од слабо прочистена глина и е лошо печена. Од формите на садови најчести се плитките и полудлабоките чинии, кои се грубо изработени, како и садовите со полутопчест или топчест реципиент и со мали, најчесто тунелести рачки кои се вертикално поставени. Орнаментите на садовата керамика се едноставни и без поголема инвентивност, а како техники се застапени врежувањето и импресото. Според паралелите со материјалот од другите неолитски култури, а врз основа на начинот на украсувањето и орнаментиката, оваа културна група во пошироки рамки е сместена кон медитеранскиот комплекс во рамките на импресо кардиум (impresso kardium) културната група, односно припаѓа на културните групи од источнојадранската зона: Смилчиќ (Далмација), Зелена Печина (Херцеговина), Црвена Стјена (Црна Гора), како и во средна Албанија.41

Културна група Устие на Дрим

Оваа културна група го означува доцниот неолит во охридскиот крај. Станува збор за две наколни населби кои егзистирале на коритото на реката Дрим. Од наоди се среќаваат мноштво орудија од коска (харпуни, шила, јадици), од кремен (ножеви, стрели, стругалки), како и фрагменти од садова керамика со скромен репертоар на облици и орнаменти. Хронолошки културната група Устие на Дрим е подоцнежна од Трнската културна група, а покажува сродности со културните групи: Коѕ Ш (Kolch ІТ), Вааѕ Ш (Блаз П1), Бутмир ги П (Butmir Ги Ил), Винча/ Плочник (52) и Димини П и Ш (Димини II и по), кои го означуваат крајот на неолитот во овие области од балканскиот простор.42

Антонио Јакимовски

Скопје

antonio_briks@yahoo.com

ANTONIO JAKIMOVSKI

Skopje

THE NEOLITHIC IN MACEDONIA

Белешки

  1. Санев B., 1994, 26. ↩
  2. Санев B., 1994, 26. ↩
  3. Garašanin M., 1979, 79-114; Санев В., 1994, 27-28; Санев В., 1995, 24-29. ↩
  4. Симоска Д. - Санев B., 1975, 25-88. ↩
  5. Кузман П., 1990, 35. ↩
  6. Гарашанин М. и Д., 1959, 61-67; Гарашанин М. и Д., 1961, 7-41. ↩
  7. Корошец J. и П., Барутница-Анзабегово 1973 - Прилеп, преземена фуснота 19 од Санев B., 1994, 25; Gimbutas M., 1976. ↩
  8. Санев B., 1975, 203-246. ↩
  9. Георгиев 3. - Билбија M., 1984.; Bilbija M., 1985, 7. ↩
  10. а Галовиќ Р., 1967; Гарашанин М. - Спасовска Г., 1976, 85-119; Гарашанин М. - Билбија M., 1988, 31-41. ↩
  11. Здравковски Д.. 1988, 43-65. ↩
  12. Саржоски С. - Здравковски Д., 1991, 131-145. ↩
  13. Информација добиена од Санев В. ↩
  14. Гарашанин М. - Спасовска Г., 1976, 85-119. ↩
  15. Санев В., 1994, 31-32; Санев В., 1995, 32-34. ↩
  16. Санев В., 1994, 29. ↩
  17. Санев В., 1994, 29. ↩
  18. Санев В., 1994, 29. ↩
  19. Garašanin M., 1979, 88-90. ↩
  20. Garašanin M., 1979, 89-90; Garašanin D., 1989, 41. ↩
  21. Санев В., 1994, 29-32. ↩
  22. Garašanin M., 1979, 88-90. ↩
  23. Garašanin M., 1979, 88-90. ↩
  24. Garašanin M., 1979, 88-90. ↩
  25. Garašanin M., 1979, 88-90. ↩
  26. Санев В., 1994, 31. ↩
  27. Garašanin M., 1979. ↩
  28. Detev Р.. 1960. фуснота преземена од Garaganin M., 1979, 95. ↩
  29. Garašanin M., 1979. ↩
  30. Станува збор за културна група која во археолошката наука е внесена од страна на М. Гарашанин; Гарашанин М. - Спасовска Г., 1976, 85-119. ↩
  31. Санев В. - Стаменова М., 1989, 9-65; Санев В., 1995, 32-34. ↩
  32. Симоска Д. - Санев В., 1975, 25-88; Кузман П., 1990, 35-50; Санев В., 1995, 36-46. ↩
  33. Санев В., 1994, 32; Санев В., 1995, 39-40. ↩
  34. Garašanin M., 1979, 92. ↩
  35. Симоска Д. - Санев В., 1975, 25-88; Санев В., 1995, 40. ↩
  36. Санев В.. 1995, 40-42. ↩
  37. Симоска Д. - Санев В., 1977, 215-237. ↩
  38. Санев В., 1995, 44. ↩
  39. Кузман П., 1990, 35-50. ↩
  40. Кузман П., 1990, 42. Санев В., 1995, 37. ↩
  41. Санев В., 1995, 45. ↩

Summary

The Neolithic in Macedonia

This text was generated in the year 2000, for the purpose of presenting the Macedonian Neolithic to archaeology students in Slovenia. The evidence published until that time was used during creation of the text. The doyen of the Macedonian Neolithic, Voislav Sanev, was in large part responsible for that evidence; he also assisted me in the writing of the text. Because this number of Macedoniae Acta Archaeologica is dedicated to Voislav Sanev, who leaves a lasting impression on prehistory in Macedonia and who devoted nearly his entire career to this period, with enormous gratification and appreciation I dedicate this text to him.

The territory of the Republic of Macedonia from the earliest phases of prehistory occupies a significant place in the development of human cultural history. Climate as well as geomorphological and biological factors played their role in this development. All of this contributed to organized and lasting settlement of certain sites and the formation of various cultures whose evolution took place continuously over a rather long chronological span. With its advantageous position in the center of natural roads, it directly mediated in the linking of two large cultural spheres: the Aegean-Anatolian one, the nucleus of the oldest agricultural and stock-raising communities, with the interior part of the Balkan and Middle European sphere.

For the Neolithic in the Republic of Macedonia, according to certain characteristics of the material culture, three regional cultural groups have been distinguished: Anzabegovo-Vrsnik in Eastern Macedonia; Velusko-Porodin in Pelagonia; and Zlastrana in the Ohrid-Prespa basin. Regardless of their independence or their interrelationship or connection with some of the neighboring cultural groups, all point to the fact that these agricultural and stock-raising communities appeared in the Macedonian region at the end of the 7" millennium B.C., and that their existence came to an end during the second half of the 4" millennium B.C. The Neolithic, which lasted nearly three and a half millennia, was divided on the basis of certain characteristics in the material culture into three basic phases: Early, Middle, and Late Neolithic, with several internal subphases. The acceptance of this three-period system fits completely into the periodization of the Neolithic in other parts of the Balkans. It is necessary to mention that not all phases have been equally investigated. Thus, the stratigraphical evidence for the settlements in Eastern Macedonia, i.e., the Anzabegovo-Vrénik group, is somewhat more complete, but the Late Neolithic is known only to a certain extent. One of the problems for which a definite scientific answer still does not exist is that of the origin of the cultural bearers. Two hypotheses have been stated: the first that perhaps they were the descendants of the oldest autochthonous population, the second that maybe they were immigrants from Asia Minor, who in the Early Neolithic began their gradual migration into the region of Southeast Europe.

Translated by:

Carolyn S. Snively

Библиографија