Macedoniae acta archaeologica 18 (2008) · стр. 466–467

Војислав С. Јовановиќ (1930- 2005)

Сите оние што во седумдесеттите-осумдесеттите години од минатиот век студирал на Одделението за археологија при Филозофскиот факултет во Белград, ја имаа привилегијата своето стручно образование да го добијат од култната група професори што (денес 3a тоа сме веќе сосема сигурни) ја обележал европската археолошка мисла со своите научни достигања, талентот и педагошката дејност.

Како студент и постдипломец на овој факултет ја имав среќата да ги почувствувам инспиративната големина, интелектуалните капацитети и раскошната информираност на овој исклучителен наставен тим. Затоа до ден денес длабоко во себе го чувам и негувам огромното почитување за нив, за се она што ме научиле или кон што ме насочиле во професијата, но и во животот.

Бранко Гавела, Милутин Гарашанин, Јован Ковачевиќ, Драгослав Срејовиќ, Александрина Цермановиќ-Кузмановиќ, Фанула Папазоглу, Фрањо Баришиќ... може да се набројува уште, а за споменативе кои не се веќе меѓу нас, времето го стори своето ставајќи ги на пиедесталот на најзаслужните за научните дисциплини што ги изучуваа.

Нека ми биде простено што ќе издадам дел од нашите мали студентски тајни, поткажувајќи некои од „прекарите“ смислени за нив: Прометеј, Зевс, лавиште, царица, Велики...

Од оваа дистанца го согледувам наивното, но искрено воодушевување и желбата на најсоодветен начин да се определат атрибутите кои ги заслужувале.

Во таа атмосфера на полетен агон го запознавме и професорот по средновековна археологија, Војислав С. Јовановиќ. Сталожен, одмерен, доброна--мерен, полн со знаења... Го нарековме професор-човек. На теренските дружби тој беше само Војкан. Со него бевме најблиски. Умееше да слуша со непоимливо трпение. А, ние, по тие разговори се стекнувавме со чувството дека тоа што сме го кажале и не е така лошо, па дури, можеби, е добро! Тогаш не знаевме, она што сега ни е јасно, дека со тоа тој само ни ја потхранувал самодовербата."

Ќе откријам уште една од нашите „значајни“ тајни во врска со него. Беше талентиран цртач, а без сомнение - добар психолог. Со голема гордост ги чуваме (или страдаме ако сме ги загубиле) кроките на коишто така вешто не прикажуваше. Туку така, одненадеж, за час ќе го скицираше некого, на парче хартија дури и весник, при што во неколку потези ќе ги прикажеше најсуштинските физички и лични карактеристики.

Иако беше роден белграѓанец, од видно граѓанско семејство, во разговорите со колегите од Македонија честа тема беше неговата потрага по семејните корени кои по таткова линија се од Кичевијата. Во последните години од животот тоа речиси да го окупираше. Навраќаше во овие краеви за да го почувствува амбиентот, или барем пејзажот од каде неговиот дедо уште во XIX век заминал на работа во Белград.

Убаво си приспомнувам за долгите циклуси предавања од по неколку семестри посветени на раното христијанство (од Константинополис до Равена, од Пореч до Стоби) на византиската и словенската археологија (од Котлач (KG6tlach) до Македонија).

Со својата докторска дисертација за словенските некрополи од Србија, Македонија и Бугарија ги постави научните стандарди за средновековната, фунерарна археологија на овие простори. Соодветно на тоа создаваше и продлабочени студии и анализи за накитот, нумизматичкиот и другиот движен материјал... Но и за градовите, црквите, натписите од средновековието. Тој е меѓу првите што навлезе во, до речиси темните зони на археологијата од XV-XVI век.

Кажувајќи го ова, сфаќам дека токму тоа го предавам на студентите од Институтот за археологија при Филозофскиот факултет од Скопје. Тоа се, приближно и археолошките теми коишто ги проучувам.

Нека му е слава на оној што го запали тој факел, кој верувам, грее и осветлува уште многумина од младите археолози што доаѓаат.

Елица Манева