Macedoniae acta archaeologica 18 (2008) · стр. 367–380

Префурниум на Големата бања и Мала бања од Баргала

Содржина
  1. Префурниум
  2. Мала бања
  3. Звонко Белдедовски
  4. ZVONKO BELDEDOVSKI

Во текот на 2001 год., на археолошкиот локалитет Баргала, на локацијата Епископиум на градот, беше откриен поголемиот дел од доцноантички термален објект - Голема бања.1 Бањата е лоцирана на просторот долж северозападниот градски бедем, ограничена со дворот на Епископската базилика од југ, Епископската резиденција од исток и објектите од стопански и станбен карактер од североисток.

Се работи за релативно добро зачуван комплексен објект со поединечни простории меѓусебно функционално поврзани, секоја од нив со посебна намена која произлегува од различните процедури на капењето. Констатирани се следните архитектонски елементи: аподитериум (голема сала - соблекувална), фригидариум (студена бања со голем базен), тепидариум (бања со млака вода), лаконикум - судаториум (просторија за потење - сауна) и калдариум (топла бања).

За целосно откривање на објектот во 2002 год. од страна на Завод и Музеј - Штип се преземени дополнителни археолошки ископувања на просторот североисточно од калдариумот, каде според вообичаениот план на античките бањи треба да биде лоцирана помошната - магацинска просторија (просторијата на префурниумот - praefurnium) на термата.

Префурниум

Префурниумите - помошните простории кај доцноантичките бањи вообичаено се со мали димензии. Кај бањата од Баргала оваа просторија како дополнителен дел на објектот е со пространи димензии (7.60 х 7.40 м) и истата имала повеќекратна намена. Покрај тоа што таа имала магацинска функција - складиште за огревно дрво и други материјали, истата служела и како просторија за приготвување храна. Со зид граден од камен и кал, во правец југоистоксеверозапад, просторијата е поделена на два дела - две помали простории, кои преку влез широк 1.20 м комуницираат една со друга (пл. I).

Просторијата го зафаќа крајниот североисточен дел на објектот. Како претходно изградени зидни конструкции за просторијата искористени се: дел од северозападниот зид на Епископската резиденција, југозападниот зид од просторијата поврзана со резиденцијата и југоисточниот зид од малата бања. Влезот е од северозапад (пл. |, сл. 1).

Пл. 1. Префурниум на големата бања и мала бања
Пл. 1. Префурниум на големата бања и мала бања

Во југоисточниот дел на просторијата, до југоисточниот зид и до зидот од камен и кал, лоцирана е фурна за печење леб, месо и други прехранбени намирници. Објектот претставува редок примерок на добро зачувана доцноантичка фурна. Фурната во најголем дел е градена со тули, а употребени се и фрагментирани покривни ќерамиди. Во југозападниот 5ид, каде што е вграден отворот - вратата на фурната, употребени се и камени блокови. Како врзивен материјал при градбата на објектот е користена квалитетна жолтеникава глина. Подот на фурната е поплочен со тули. Целиот објект однадвор е малтерисан со дебел сој од глина. Објектот, т.е. фурната има два мали кружни отвори за одвод на чадот и дел од топлината, вградени едниот над самата врата, а другиот во средишниот дел од северозападната фасада. Фурната е со должина 2.30 м и широчина во североисточниот дел 1.90 м, а во југозападниот 1.60 м. Висока е до 1.20 м. Отворот, т.е. вратата на фурната со димензии 0.40 x 0.42 м се наоѓа на висина од 0.60 м (ел. 2).

При разоткривањето на просторијата на длабочина од 2.70 до 2.80 м, непосредно над подот, во средишниот дел на просторијата, се наиде на насип од од сива и жолтеникава земја. Во . Фурна

Сл. 1. Префурниум на големата бања
Сл. 1. Префурниум на големата бања
Илустрација, стр. 369
Сл. 3. Дрвена резба
Сл. 3. Дрвена резба
Сл. 4. Дрвена резба
Сл. 4. Дрвена резба

насипот се регистрирани: гареж, јаглен и пепел, нагорени животински коски, градежни тули, фрагментирани покривни ќерамиди, пресечено дрво во јагленисана состојба продготвено за ложење на огништето од печката, делови од јагленисани греди, како и голем број јагленисани фрагменти од дрвена резба изведена во длабок релјеф со голема научна, културно-историска и уметничка вредност.2

На поедини фрагменти од резбата претставени се антропоморфни и зооморфни претстави (лав, бик и други животни), како и геометриски и флорални орнаменти и делови од носач Со цел резбата да биде што поскоро преставена на пошироката културна и научна јавност, во првичниот извештај од истражувањето на помошната просторија на бањата, меѓу другото, направен е обид, врз основа на првичните теренски сознанија, без можна подетална анализа на севкупниот фрагментиран материјал, истата да биде хронолошки сместена во пошироки рамки од крајот на III - VI.3

Сл. 5. Дрвена резба
Сл. 5. Дрвена резба

Конзерваторските активности кои Заводот и Музеј - Штип ги изведе врз резбата дадоа дополнителни иконографски и хронолошки сознанија.4 Во овој момент имаме доволно показатели резбата временски да се определи во палеохристијанскиот период, односно од IV5 - VI вск. При конзервацијата на резбата од бројни ситни фргменти добиени се поголеми делови од резба, составена од неколку дрвени плочи кои меѓусебно се спојувале и правеле веројатно една целина. На две плочи констатиран е карактеристичниот ранохристијански геометриски орнамент, непрекината свастика, која формира правоаголни полиња во кои се сместени поедини претстави на животни, како на пример, лав и бик (сл. 3, 4). Орнаментот свастика, како украсна декорација е застапен на поедини ранохристијански подни мозаици, како на пример, на мозаиците од Хераклеја, Царичин Град и Филипи. На еден од поголемите фрагменти во длабок релјеф е врежана човечка претстава во стоечки став со подигната десна рака во која држи меч (зачуван балчакот од мечот). До неговата десна нога е претставена нецелосно зачувана животинска фигура која се уште не е идентификувана (можна претстава на едно од дивите животни или, пак, претстава на јагне), а до левата нога исто така делумно зачувана човечка фигура во клечечки или седечки став (сл. 5). Во овој момент, наведената претстава на резбата можеме да ја идентификуваме со сцената „Борба со животни" или, пак, со библиската сцена од Стариот завет „Аврамова жртва“. Веќе со сигурност може да се констатира дека резбата претставува дел од дрвениот инвентар - столаријата на Епископската базилика, Епископската резиденција или, пак, можеби од дрвениот инвентар на самата бања.

Сл. 7. Фурниум од, од југозапад
Сл. 7. Фурниум од, од југозапад
Сл. 8. Фурниум, акомулационен процтор
Сл. 8. Фурниум, акомулационен процтор

Постојат доволно елементи да се изнесе претпоставката дека можеби се работи за еден вид дрвен иконостас, засега како таков непознат и единствен од времето на раното христијанство. За резбата како уникатен и исклучително значаен и, во секој случај, единствен наод, подетално ќе стане збор во друга пригода.

Покрај дрвената резба, од другите позначајни наоди регистрирани при истражувањето на овој простор ќе ги наведеме следните: поголем број фрагменти од фреско-живопис, бронзена монета на императорот Проб (276 - 282 год.) најдена непосредно до фрагментите од дрвената резба и неколку бакарни фолиси и полуфолиси на Јустинијан 1 (527 - 565 г.) и Јустин П (565 - 578 год.) регистрирани во повисокоите откопи во јужниот дел на просторијата.

Војугозападниот зид на просторијата е вградена големата печка - фурниумот за затоплување на водата и затоплување на хипокаустот на бањата.

Печката како градежна конструкција е зачувана во висина од 2.70 - 2.80 M, а нејзината североисточна фасада е изведена во вид на камин со свод изведен од тули врзани со малтер. Целата конструкција е многу добро зачувана (сл. 6). Отворот (широк 0.90 м) за полнење на огништето со дрва, исто така, во првата фаза бил засводен со тули. Во втората фаза отворот е стеснет и е со правоаголна форма, широк 0.40 м и висок 0.50 м (ел. 6).

Конструкцијата на огништето со димензии: должина 1.10 м, широчина 0.85 м и висина 0.90 м, е изведена од тули врзани со малтер во техника на испуштање на редовите. Таванот на огништето, исто така, е граден од тули и хидростатен малтер со сводна конструкција, во техника на испуштање на редовите. Подот е поплочен со тули врз слој од хидростатен малтер. Отворот за излез на топлиот воздух и чадот кон каналите на калдариумот е широк 0.85 м и висок 0.90 м (ел. 7).

идните маси на печката над огништето се градени со двојни зидови, однатре обложени со фрагментирани тули и дебел слој изолационен хидростатен малтер (0.10 - 0.15 м) (ел. 7). Овој длабок празен простор над огништето во вид на казан, широк до 1.50 м и до 2.00 м, укажува дека горните партии на печката претставуваат простор за акумулација на водата (сл. 8), која по нејзиното затоплување преку оловнаи керамичка инсталација била доставувана до кадите и базените на бањата. При откривањето и чистењето на огништето од печката регистрирана е голема количина стопено олово од оловните цевки на водопроводната инсталација. Во североисточниот зид на печката на висина од 2.70 м е констатиран канал за довод на вода во акумулациониот простор на печката (сл. 6). Југозападниот зид на печката, кој конструктивно е врзан со калдариумот и во кој веројатно биле вградени појдовните оловни цевки за одвод на топлата вода до двете кади во калдариумот е зачуван само во основата. ЅНОТ, граден од тули и хидростатен малтер, е поставен директно на висечкиот под на калдариумот, под кој се наоѓаат каналите за циркулација на топлиот воздух (сл. 7). На северниот и јужниот крај од зидот (на самиот висечки под) биле вградени по еден мал отвор - комин во функција на оддушок. Зачуван с северниот комин (сл. 7).

Прашањето во каков вид садови - казани се акумулирала и загревала водата засега останува нејасно. Според Витрувиј, Десет книги за архитектурата кн. У, гл. 10, врз печките се наоѓале бакарни казани за топла, млака и ладна вода.6 Материјални остатоци од такви казани кај нас не се откриени.

Мала бања

На тесниот простор меѓу помошната просторија од Големата бања и северозападниот градски бедем, со истражувањата во 2002 год., е откриен уште еден термален објект - Мала бања - бања за една индивидуа, мала по димензии со една када. Карактеристично за овој објект е што е граден од разновиден материјал.

Габаритот на објектот зафаќа површина од 4.55 х 3.00 м, ориентиран во правец североисток-југозапад (пл. I, ел. 9). Југоисточниот зид кој истовремено е и северозападен зид на помошната просторија од Големата бања е граден од приделкани и речни камења врзани со малтер. 5идот е долг 4.55 м, широк 0.75 м, а е зачуван во висина од 1.30 м. Однатре е малтерисан со квалитетна глина, а врз неа тенок, фин слој од црвеникав хидростатен малтер. Неговиот краен североисточен дел, кој се спојува со североисточниот ѕид, граден е од камења врзани со кал.

Сл. 9. Мала бања
Сл. 9. Мала бања
Сл. 10. Мала бања, состојба на северозападниот ѕид, од внатре
Сл. 10. Мала бања, состојба на северозападниот ѕид, од внатре

Северозападниот зид. долг 3.80 м и широк 0.40 м, е граден од набој на редови од сива земја во вид на издолжени плитари (тули), врзани со жолтеникава квалитетна глина. Однадвор ѕидот е малтерисан со два слоја глина, а однатре е обложен со тегули, малтерисани со слој од квалитетна жолтеникава глина, врз која лежи тенок слој фин црвеникав хидростатен малтер. Тегулите биле прикрепувани за зидот со железни „Г“ клинови. Вака поставените тегули имале функција на зидно затоплување (сл. 10).

Североисточниот зид со должина од 3.00 м и широчина од 0.70 м граден е од речни камења врзани со кал. Двата зида, североисточниот и југоисточниот, се врзуваат еден со друг без забележителна фуга. 5идовите се градени истовремено. Внатрешното лице на зидот с обложено со тенок слој глина, а врз неа слој од хидростатен малтер.

Југозападниот зид долг 2.90 м и широк до 0.90 м граден е од речни и приделкани камења, а на одделни места употребени се тули врзани со малтер. 5идот © зачуван во висина од 1.70 м. Во конструкцијата на зидот изведен е фурниум - печка со огниште, а над него празен простор со приближно цилиндрична форма во вид на казан со пречник од 0.60 м и зачувана целосна висина до 1.20 м (сл. 11). Евидентно е дека во овој простор бил вграден бакарен или керамички сад за топла вода. Во горниот дел на површината од зидот, непосредно до казнот за топла вода, вѕидано е камено корито, во кое се вградени две оловни цевки (сл. 12, 13). Една од цевките од коритото со ладна вода преку зидот влегува во цилиндричниот простор за загревање на водата, а другата цевка, исто така од коритото со ладна вода, преку ЅНОТ влегува во кадата, вградена во топлата просторија на бањата. Од просторот за загревање на водата (казанот), преку зидот во кадата води трета оловна цевка за довод на топла вода (сл. 13). Овие in Situ податоци во потполност ја реконструираат мрежата за циркулација на ладна-

Сл. 12. Камено корито за акопмулација на ладна вода
Сл. 12. Камено корито за акопмулација на ладна вода
Сл. 13. Оловни цевки за дотек на ладна и топла вода во кадата
Сл. 13. Оловни цевки за дотек на ладна и топла вода во кадата

та и топлата вода во бањата. Однатре зидот е обложен со тегули малтерисани со фин слој на хидростатен малтер.

Во бањата се влегува од север. преку влез широк 0.70 M, во мал ходник (2.00 x 0.40 м). Висечкиот под на оваа просторија е изведен со бипедални тули, поставени врз колонки од керамички цевки - тубули (пл. I, сл 9). Со влез широк 1.10 м ходникот комуницира со топлата просторија на бањата (1.75 х 1.50 м), исто така со висечки под, во која е вградена мала када со димензии 0.80 x 0.65 м и длабочина до 1.10 м (ел. 9 и 14). Кадата е градена од тули, а е малтерисана со квалитетен фин хидростатен малтер. Нејзиниот југоисточен зид е обложен со тегули малтерисани исто така со хидростатен малтер. Во југозападниот агол на ниво на подот од кадата © регистриран тесен отвор - канал за истек на водата. Во североисточниот ѕид на кадата, под подот, е вграден отвор (0.25 х 0.25 м) во функција на затоплување на кадата оздола.

Во југозападниот агол на ниво од висечкиот, горниот под од топлата просторија, е вметната оловна цевка за одвод на отпадните води од просторијата надвор од бањата (сл. 10).

Конструкцијата на хипокаустот на бањата е слична на онаа од Големата бања. Висечкиот под е руиниран, добро е зачуван само на поедини места. Долниот под кој се состои од набиена земја врз камена подлога во вид на калдрма се наоѓа на околу 0.50 м под супструкцијата на горниот под. За носачи (колонки) на горниот - висечкиот под употребени се керамички тубули идентични на оние од Големата бања. Во топлата просторија со кадата се зачувани вкупно 6 колонки од тубули, во два реда по три колонки, а во просторијата на ходникот пред влезот се зачувани пет тубули во функција на колонки, т.е. носачи (пл. I). Тубулите во просторијата на ходникот - соблекувалната се употребувани како половинки со висина до 0.25 м, што упатува на нивна секундарна употреба. Висината на колонките, односно тубулите се движи од 0.48 до 0.50 м. На краевите тубулите завршуваат со прстенесто задебелување. Во зидот, приближно во средишниот дел, тубулите имаат кружни или правоаголни отвори. Супструкцијата на висечкиот под, во топлата просторија со када се состоел од бипедални тули поставени врз колонките од тубули, следи слој на порамнителен хидростатен малтер, а врз малтерот обработени камени подни плочи, зачувани фрагментарно. Кај супструкцијата на висечкиот под во соблекувалната констатирани се бипедални тули и тегули без употреба на камени плочи. Бањата е релативно добро зачувана со сите свои архитектонски елементи кои даваат можност за нејзина целосна реконструкција. Снабдувањето на бањите со вода с изведувано преку керамички и оловни цевки од големата цистерна, лоцирана во непосредна близина на бањите.

Сл. 14. Када
Сл. 14. Када

Големата бања и Малата бања биле во употреба во текот на У и VI век. Не се исклучува можноста на овој простор да постоел термален објект уште во IV7 век.“

Звонко Белдедовски

Завод за заштита на спомениците

на културата и Народен музеј - Штип

ZVONKO BELDEDOVSKI

Institute for protection of cultural monuments and National Museum - Stip

PREFURNIUM OF THE LARGE BATH AND THE SMALL BATH IN BARGALA

Белешки

  1. Белдедовски 3., 2003, 51-67. (столпче). На некои од фрагментите се зачувани врежани букви од подолги натписи. ↩
  2. Белдедовски 3., 2003a, 7-13. ↩
  3. Белдедовски 3., 2003a, 7-13. : ↩
  4. Конзервацијата на резбата ја изведе Бранко Најдовски, виш конзерватор при Заводот и Музеј - Штип. ↩
  5. Цветковић Томашевић Г., 1978, сл. 3, 5, 7, 21, 24, 28. ↩
  6. Иванов T., 1971 , 23-44, 42, забелешка 5, со наведена литература; Vitruvii, 1964, превод од С. Fensterbusch. ↩
  7. Технички и фото прилози: Љ. Кљонкова-архитект, К. Спасов-фотограф и М. Миленковски-археолог ↩

Summary

Prefurnium of the Large Bath and the Small Bath in Bargala

During the archeological researches of the episcopium in the Late Antique city Bargala in the period from 2001 to 2004, 2 thermal objects were completely discovered - Large and Small bath.

The Large bath contains the following architectural elements: apodyterium, frigidarium, tepidarium, lanconium — sudatorium, caldarium, furnium and prefurnium.

The prefurnium — the additional premise of the bath has wide dimensions (7,60 x 7,40 m) and is multifunctional. Besides serving as a warehouse for heating wood and other materials, it also served as a premise for preparing food (PI. I, Figure 1). In the southwestern part of the premise there is a furnace for baking bread, meat and other food (P1.1, Figure 2).

During the exploration of the premise many cindered fragments of woodcarving of great scientific, cultural-historical and artistic value were found on a depth of 2,70-2,80 m (Figure 3, 4 and 5). There are antropomorph and zoomorph representations, as well as floral and geometrical ornaments engraved on the woodcarving fragments. There are letters of inscriptions preserved on some of them. Most probably the discovered woodcarving fragments are a part of the wooden inventory - the carpentry of the episcopal basilica, the episcopal residency or the bath. At the current stage of research of the carving we have sufficient indicators to locate the carving within broader frames of the Paleochristian period - from 4th to 6th century.

In the southwestern wall of the prefurnium there is a large furnace — furnium, built in for heating of the water and warming of the hypocaust of the bath. The furnace is preserved almost in its entire height of 2,80 m. Its northeastern facade is made as a fireplace with arcade construction (Figure 6). The wall masses of the furnace above the fireplace which form empty space of up to 2,00m depth in the form of a kettle are made with double walls. In this space above the fireplace water was accumulated, which was then delivered to the tubs in the bath after being warmed (Figure 7 and 8).

In the area between the prefurnium of the large bath and the northwestern city wall another thermal object was discovered — the Small bath. A bath for one person, with small dimensions (4,55 x 300 m) and one tub (P1.1, Figure 9). The entrance of the bath is from the north side, through a small corridor. The hanging floor of this premise is made with bipedal bricks placed over bearing beams. The corridor is connected with the warm premise with a hypocaust, where the only small tub is built in.

In the southwestern construction of the wall there is a furnace with a fireplace is built in, and behind it there is an empty space in a cylindrical shape in the form of a kettle (Figure 11).

The construction of the hypocaust in the small bath is similar to the one in the large bath. The lower floor which is made of packed ground over a stone underlay is located 0,50 m under the substruction of the upper floor. Ceramic tubes — tubules are used as bearings for the upper — hanging floor (P1.1, Figure 9 and 10). The substraction of the hanging floor consisted of bipedal bricks placed over bearing tubules beams. Over it, there is layer of smoothing hydrostatic plaster and processed stone plates are placed over the plaster.

The bath is relatively well-preserved with all of its architectural elements, which allows its complete reconstruction. The water supply of the baths was performed through ceramic and lead tubes from the great city tank, located near the bath.

Translated by:

Vanja Tomoska

Библиографија