Macedoniae acta archaeologica 18 (2008) · стр. 13–15
Воислав Санев 1938-2007, пријател и другар од студентски денови
Со Воислав Санев или како што едноставно го нарекувавме Војче или Војчо, првпат се сретнавме 1957 година на Филозофскиот факултет во Белград („Кнез Михајлова“ бр. 40). Групата за археологија се наоѓаше на исти кат со Групата за историја на уметност и ние имавме заеднички другарски средби и свечености, на коишто доаѓаа и студентите од класична филологија и етнологија. Честопати влегувавме во нивниот семинар, а тне во нашиот. Историчарите на уметноста полагаа испити по класична археологија или праисториска археологија според програмата на Филозофскиот факултет. Воислав Санев спаѓаше меѓу најпопуларните студенти, не само на археологија туку и меѓу другите групи што веќе ги спомнав. Приредувавме заеднички другарски вечери со читање хуморески инспирирани од нашиот студентски живот. Се приредуваа и игранки на коишто доминираше најдобриот играорец за класични игри, Воислав Санев. Секогаш расположен, ведар, пријатен и драг собеседник. По смртта на професорот Милоје Васиќ, кај кого следев настава, познати професори беа: Бранко Гавела, Душан Глумац, младиот доцент Јован Ковачевиќ и асистентот Драгослав Срејовиќ. Подоцна дојде и познатиот Милутин Гарашанин, на чија сметка археолозите често кажуваа добронамерни шеги, коишто ги кажуваа и низ нивните хуморески. Како на пример, лека професорот Гарашанин пред да почне наставата морал да сврати во кафеаната „код знак питања“ каде му била неопходна „една чашка српска лута ракија“ за да биде инспиративен во својот говор. За исклучителната меморија на професорот Гарашанин се кажуваа дури и митолошки приказни, што не беше далеку од стварноста. Го паметам времето кога на Катедрата за археологија се очекуваше доаѓањето на големиот француски археолог Шарл Пика, за кого слушавме од професорите на своите предавања. Набргу, меѓу асистентите беше и Владимир - Владица Поповиќ којшто се врати од француската специјализација, но заради неговото граѓанско потекло не беше добро гледан од актуелните официјални претставници на власта. Со сите нив Војчо Санев беше близок и драг собеседник, а тие го анкетираа за актуелните терени во Македонија.
По завршувањето на студиите и воениот рок Воислав Санев се врботи во штипскиот Музеј, додека јас работев во Охридскиот народен музеј. И во таа стапа од нашето живеење бевме блиски: јас го посетував во Штип, а тој мене во Охрид. Потоа, двајцата се вработивме во Скопје и нашето другарување продолжи со истата срдечност. Санев гостуваше на разни локалитети во Македонија, особено во Скопје и Хераклеја и раководеше сектори во доменот на праисториската археологија (неолит). Професорот Милутин Гарашанин инсистираше да го има во своите екипи затоа што при ископувањата, покрај научниот аспект секогаш се значајни теренските приспособувања, набавка на исхрана, сместување на екипата и сл.
Кога се наоѓавме во Скопје неговата сопруга д-р Ксенија беше наш домашен лекарски консултант, а Вера Битракова Грозданова, археолог, беше колешка на Санев и драгоцен дискутант за професионални прашања. Воислав Санев пишуваше луцидно, едноставно и јасно, со големи сеопфатни опсервации врз неолитската култура на широки простори, особено групацијата Азабегово-Вршник, а во Пелагонија Велушина-Шуплевец-Бакарно Гумно. Ние, неговите колеги и пријатели, очекувавме Воислав Санев да ја направи и синтезата за неолитот во Македонија, но неговата претпазливост беше постојано присутна и како да чекаше тоа да биде неговото тестаментарно кажување за овие професионални преокупации.
Со мојот пријател Воислав Санев особено се зближивме во време кога моравме заеднички да работиме на издавањето на едицијата „Археолошката карта на Македонија“. Повеќе години поимите и локалитетите за ова драгоцено издание беа собирани во ману од академик Димче Коцо, којшто сесрдно се трудеше сите тие материјали да бидат објавени во издавачката дејност на оваа угледна научна и културна институција. Меѓутоа, во текот на работата академик Димче Коцо почина, а јас, како најблизок до професијата, бев замолен од тогашниот претседателот на ману академик Ксенте Богоев да го преземам редактирањето на речиси 5000 локалитети и други поими од областа на археологијата на Македонија. Настојував да се изземам од овој сложен потфат како историчар на уметноста. Археологијата е блиска, но не и идентична на мојата професија. Но навистина во ману немаше ниту археолог, ниту историчар на уметноста којшто би бил задолжен за издавање на Археолошката карта на Македонија. Знаев дека претходно колегата Воислав Санев работеше на ова толку значајно издание, со собирање материјали од сите релевантни институции во Републиката. Му се обратив на Војчо Санев за помош во редактирањето на расположливиот материјал. Тој тоа го прифати со голема посветеност, акрибија и интимна желба да се биде завршено и редактирано. Се состанувавме повеќепати и дојдовме до прифатливата сруктура на регионите, околните и азбучниот систем на идното издание. Во тој поглед Воислав Санев покажа, за мене, изненадувачко знаење и владеење со широкиот простор и сложеноста на материјата. По неколку месеци, со компјутерска обработка беше завршен текстот што би бил печатен во првиот том со општи теориски теми, беа номинирани и авторите што ќе ги сочинат воведните текстови, а потоа дојде сложеното редактирање на локалитетите и поимите. Тоа успешно го изведовме. Бевме под постојан притисок на медиумите во Македонија, дека Македонија доцни со издавање на археолошка карта, иако тој проект беше порано општојугослвоенски, но ниедна од републиките под дисолуцијата на поранешна југословенска заедница не го реализира. Колку што се сеќавам, само Република Словенија успеа да го оствари овој значаен проект. Во меѓувреме, претседателот на ману, академик Ксенте Богоев, постојано ме прашуваше во која фаза се наоѓа завршувањето на овој проект. Воислав Санев ги избираше и фотографиите со кои ќе бидат илустрирани двата тома, како и комплетноста на библиографијата што ќе биде приложена за секој поим. Кога се приведе кон крај целата таа благородна, но сложена и тешка задача, заедно со Војчо Санев и компјутерскиот техничар го посетивме тогашниот секретар на ману да го известиме дека ракописот може во двата тома да биде реализиран, односно даден во печат. Меѓутоа, тој не одби со образложение дека ману за тоа нема средства. Воислав Санев и јас бевме очајни и се прашувавме зошто ни беше потребен тој голем напор, кога ова драгоцено издание не може да биде реализирано. По неколку дена побарав објаснување од претседателот на ману. академик Ксенте Богоев, со тоа што го запознавме со мислењето на секретарот на ману. Академик Богоев ни рече дека тоа не треба да биде наша грижа и дека тој за неколку дена ќе ни го даде својот, најверојатно позитивен одговор. Така и се случи. Бевме известени дека можеме веднаш да го предадеме ракописот во печатница, колку што се сеќавам, тоа беше во Киро Данаро во Битола. Набрзо излезе првиот том од печат. Академик Богоев само ни рече дека станува збор за средства надвор од буџетот на ману и ни рече дека е замолен од донаторот неговото име да не се соопштува. Ние така и постапувавме, се додека непознатиот донатор веќе го немаше меѓу живите, а потоа мене ми го соопшти и неговото име Данчо Шутурков, директор на Македонија табак. Вториот том, многу пообемен наиде на голем интерес во јавноста. Го барал сите релевантни институции во поранешната југословенска заедница. Особено на тоа инсистираше Балканолошкиот институт на сану којшто доби поголем број примероци. Изданието беше буквано разграбено, а се појави како заеднички потфат со Музејот на Македонија и неговиот Оддел за археологија. Така ние бевме меѓу првите што го реализиравме овој амбициозен проект, во којшто влогот на Војчо Санев беше од непроценливо значење. Двата тома беа промовирани во ману и се сеќавам дека Републичкиот заводот на заштита на спомениците на културата на Република Македонија на промоцијата искажа мислење дека тој поседува уште неколку илјади локалитети коишто не се опфатени во нашите книги. Заедно со Санев ги поканивме тие веднаш да објават посебен том, независно од Академијата. Се разбира, Републичкиот завод тоа никогаш не го стори.
Во следните години колегата Воислав Санев често доаѓаше во ману и беше наш драг гостин. Се интересираше за издавање на неколку текстови што ги напишали објавил и за нивно печатење во посебна книга. Го замолив да ги редактира и да ги понуди за печат. За жал, тоа никогаш не го стори како што не ја напиша и својата синтеза за неолитот во Македонија којшто долго, со децении го преокупираше. Тој помислуваше и на одбрана на докторат со темата „Неолитот во Македонија“, а јас го замолив академик Милутин Гарашанин, со кого Санев имаше долгогодишна соработка да се заложи за неговото докторирање. Имав впечаток дека физичката кондиција на мојот драг пријател полека се трошеше, а во времињата пред неговиот физички крај беше по малку отсутен.
Го испративме со голема болка, како пријател, другар и колега којшто многу сторил за археолошката и музејската струка во Македонија, и тоа чувство и ден денешен не не напушта. Беше приврзан кон археолошкиот сталеж, кон Научното друштво на археолозите и годишното списание што тоа Друштво го издаваше. Мислам дека беше и еден од неговите редактори. Се што работеше беше крајно совесно и со голема професионална одговорност. Должни сме да го негуваме споменот кон нашиот пријател, колега со големи заслуги за науката и музејската дејност во Македонија и во другите поранешни југословенски простори.