Macedoniae acta archaeologica 17 (2006) · стр. 373–375

Јован Ананиев (1947-2003)

Илустрација, стр. 373

Македонската и балканската археологија неодамна изгубија еден свој исклучителен деец. На 17.05.2003 година почина Јован Днаниев, кустос -советник во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Струмица.

Јован Ананиев е роден на 19.08.1947 година дипломирајќи на Одделот за археологија при Филозофскиот факултет - Белград, кај познатиот медиевист, професорот Јован Ковачевиќ.

Набргу по завршувањето на студиите тој се вработува во Заводот и Музеј од Струмица. каде останува до крајот на својот живот.

Неговото стручно надградување и зреење како археолог се поклопува со подемот на македонската археологија во овој период. Со сета своја психичка и физичка стаменост и интелектуален капацитет, без остаток, тој и се предава на својата голема љубов - археологијата.

Самостојно или во соработка со други колеги, учествува во бројни и макотрпни, теренски истражувања. Во вистинската смисла на зборот, за него археологијата беше тврдиот леб со девет корки.

Рекогносцирањето на секоја педа од струмичкиот регион, а нешто подоцна и изработката на голем дел од соодветните каталошки единици во Археолошката карта на Република Македонија, беше огненото крштевање и темелно осознавање на подрачјето со чиешто археолошко наследство ќе се занимава сиот живот. Исклучителното чувство за тимска работа, колегијалноста, дружелубивоста и преданоста во работата, го правеа незаборавно неговото учество во истражувачките кампањи во Хераклеја, Стоби, Керамидарка - Струмица, Опила - Крива Паланка итн.

Но според пожртвуваноста, долготрајноста и исклучителните резултати, Јован Ананиев со своите проекти влезе низ големите врати во македонската археологија: Доцноантичко термално лечилиште - с. Банско и Археолошки ископувања на комплексот Водочки Цркви, Св. Леонтиј - Водоча и двата од регионот на Струмица. Првиот започнат во 1978 година, а вториот во 1979 година ги работеше без прекин, безмалку, до последните денови од животот .

Дваесетина стручни и научни трудови се резултат на неговите археолошки опсервации. Покрај соопштенијата за термалната проблематика од Банско и фунерарната тематика за некрополите од Водоча и Керамидарка, како и за други значајни наоди од локалитетите што ги истражуваше, неговото научно интересирање со текот на времето се повеќе се насочуваше кон византиската нумизматика и особено, кон сфрагистиката, со што стана познат и на поширок, мегународен план.

Неодминливи се и неговите заслуги како музеалец, особено во формирањето на постојаната музејска поставка во Струмица.

Забележителни ангажмани имаше и во заживувањето на издавачката дејност на матичната установа, во работата на Македонското археолошко научно друштво и во активностите на други културни и општествени институции и асоцијации од земјата и надвор од неа.

За неговите залагања во културата, Собранието град Струмица му се оддолжи со Одличје за заслуги во 1984 година.

Со едноставност и добрина што се доблести на човечноста и себепотврденоста, тој го живееше својот живот во којшто покрај работата, најзначајно место заземаше неговото семејство, сопругата, керките, родителите... Секогаш полни со разбирање и љубов за него и неговата преданост на професијата. тие беа извор на дополнителна енергија во неговата исцрпувачка работа. Бескрајно чиста и искрена беше неговата радост за секој откриен наод, за секоја мала или голема археолошка среќа.На тоа се радувавме сите: неговите блиски, пријателите и колегите со коишто ги споделуваше овие чувства.

Кога почувствува дека здравјето му се нагризало, половина загрижено, половина насмеано, но речиси сосема убедено ни објаснуваше дека не смее ништо да му се случи додека не ја заврши истражувачката кампања за таа сезона.

Си замина оставајќи ни голем завет да го довршиме она што тој со децении педантно, упорно, речиси фанатично го разоткри.

Јован Ананиев беше големиот воин на македонската археологија.Тој ги биеше тешките, некогаш и маратонски битки со земјените наслаги, оттргнувајќи ги од нив нишаните од изминатите времиња и освојувајќи го за сите нас,нашето и светското делче од културното наследство.

Храбро навлезе во археолошки непознати епохи, во стручно неразјаснети проблеми, во недоволно откриени појави од времето на доцната антика, средниот век и турското средновековие.

Нам ни останува само да ги вреднуваме достојно неговите откритија, да го зачуваме и негуваме со почит споменот за него и за неговото дело.

Елица Манева