Macedoniae acta archaeologica 14 (1995) · стр. 267–271
Драгослав Срејовиќ
Од неодамна не е меѓу живите еден од великаните на археолошката наука, европски интелектуален и хуманист од елитните кругови, ingenium acutum со висок стил и со суверено место во рамките на светската духовна аристократија.
Академик Драгослав Срејовиќ почина на 29 ноември 1996 година, во време кога во неговата Србија се случуваа бурни историски собитија и во време кога митскиот Балкан којзнае по кој пат удира по дамарите на светската историја.
Роден е во Крагуевац, 1931 година. Таму се здобива со основно и средно образование, а со високо - на Катедрата за филологија при Филозофскиот факулет во Белград, 1954 година, каде што останува да работи од 1955 година наваму. Во 1958 е избран за асистент, откога и почнува интензивно да се занимава со научно-истражувачка работа. Во 1964 година ја брани дисертацијата под наслов " Неолитска и енеолитска пластика во Југославија", со што се здобива со титула доктор на историски науки. Следната година е избран за доцент, во 1970 година за вонреден, а во 1976 година за редовен професор по праисториска археологија на белградскиот Филозофски факултет. Од 1980 до 1982 година бил и декан на овој факултет.
Во 1974 година е избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите, а во 1979 година за дописен член на германскиот Археолошки институт во Берлин. Во 1983 е избран за редовен член на сану, а во 1994 година за нејзин потпретседател, на која должност. како и на должноста директор на Галеријата на сану, го затекнува и смртта. Откритијата под негово раководство и силниот научен подем се причина и повод да учествува на многу научни собири и конгреси во Југославија и светот и да држи предавања на универзитетите во Лондон, Мадрид, Прага, Келн, Саутемптон и др.
За својата успешна работа ги добива Октомвриската награда на Белград во 1970 година, Седмојулската награда на Србија во 1990 година и Вуковата награда во 1992 година.
Автор ¢ на 160 научни трудови и книги, од кои најпознати сс : Praistorija, Mala istorija umetnosti, Beograd, 1967: Лепенски Вир, Нова праисторијска култура у Подунављу, Београд. 1969; Речник грчке и римске митологије (со Александрина Цермановиќ-Кузмановиќ), Београд, 1979; Umetnost Lepenskog Vira (co Jby6unka Бабовиќ), Beograd, 1983; Leksikon religija i mitova drevne Evrope (со Александрина Цермановиќ-Кузмановиќ), Beograd, 1992, Римски царски градови и палате у Србији, Београд, 1993. Она што Срејовиќ не успеа да го стори, а ќе го стореше сигурно да не го спречеше смртта (покрај, веројатно, многуте други замисли), е големата монографија за Гамзиград, какои најавуваната книга есеи за археологијата воопшто, што на некој начин го оствари со неодамна излезената публикација "Празно поље" (Београд, 1996), книга за радостите и тагите на археологот по повод неговите големи откритија, како и за ред други преокупации на еден интелектуален од таков ранг, книга со која тој всушност се збогува со современиците, меланхолично и потресно, би се рекло, ако се има во обзир сознанието за минливоста на животот во жестоката околност на свеста за присутноста на неизбежната болест.
Инаку, со личноста на акад. Драгослав Срејовиќ се поврзани неколку грандиозни придобивки на археолошката наука во европски и светски рамки: откривањето на праисториската цивилизација "Лепенски Вир" на Дунав и нејзините достигања како една пресудна хронолошка меѓа, за развојот на европските цивилизациски текови и царската палата во Гамзиград Felix Romuliana, резиденција на римскиот император Галериј, како друга монументална хронолошка меѓа, пресудна за развојот на она што денес се вика европска цивилизација. Имено, епохалното откритие на Лепенски Вир (1965-1970), метрополно средиште на една од најдострелните и најсложени праисториски култури во времето од 8000 до 6000 год. пред H. €,, со остварени ремек-дела на праисториската уметност: монументални камени скулптури и гравури на камен и плански градени светилишта, отсликува едно многу значајно пресвртно време за човечката цивилизација, мезолитскиот период во археологијата, времето кога започнува големата општествено-економска и културна револуција, кога човештвото го напушта традиционалниот начин на живеење и мислење и преоѓа од непроизводствената ловечко-собирачка кон производствената земјоделско-сточарска економија. Со Лепенски Вир, всушност, Европа го добива своето сопствено цивилизациско извориште, наспроти старата теза дека првите цивилизирани човечки заедници, заедно со нивните целокупни вредности на Балканот и во Европа, дошле главно преку Дунавската Долина, од Ориентот или Блискиот Исток.
Лепенски Вир е "првата археолошка среќа" на Срејовиќ, неговата голема "археолошка судбина", и покрај тоа што тој локалитет можел да биде откриен и од некој друг, но "никогаш не би бил она што е, без интерпретацијата на Срејовиќ. Никој немаше таков талент, таква моќ, таква сјајна имагинација да ги протолкува скулптурите на Лепенски Вир, енигматското значење на симболите од коскените и камените алатки и каноните во изработката на куќите-светилишта" (Н. Тасиќ).
За името на Срејовиќ нераскинливо се врзани и многу други значајни расветлувања на праисториски култури што егзистирале на Централен и Западен Балкан, главно како претходница или последователен континуитет на Лепенски Вир, како што се: Власац на Дунав (3 км низводно од Лепенски Вир, денес исто така потопен), каде што се откриени почетоците на раѓањето на културата Лепенски Вир, потоа - пештерата Одмут во кањонот на р. Пива во Црна Гора (денеска потопена), каде што се откриени драгоцени археолошки податоци за праисториските луѓе со хронолошки континуитет на живеење од 8000 до 3000 год. пред н. е., палеолитски наоѓалишта по долината на р. Морача, како и низа други археолошки локалитети и комплекси на овој дел од Балканскиот Полуостров.
Другата маестрална интерпретација на Срејовиќ, непосредно по неговите големи откритија во рамките на археолошкиот комплекс од Гамзиград кај Заечар, се однесува до одгатнувањето на функцијата на грандиозната царска палата од времето на доцната антика, нејзиното изворно име (Felix Romuliana), царот кој ја подигнал (Галериј, совладар на Диоклецијан) и зошто тоа го сторил (во чест и слава на неговата мајка). Ова е исклучително значајно особено поради тоа што станува збор за репрезентативен монумент, единствено компаративен само со Диоклецијановата палата во Сплит, од едно време што означува втор пресуден пресврт за европскиот човечки род, време што означува крај на еден свет, античкиот свет, крај на тој систем на мислење. неговата етика и религија, односно - време по кое следи она што е наречено раѓање на западната цивилизација, европската, а оттука и нашата, во тој контекст.
Искажани се мислења дека академик Срејовиќ, археолог-сонувач, занесеник, поет, есеист и виртуоз во интерпретациите на археолошките откритија и археологијата воопшто, претставува брилјантен продолжувач на делото на Милое Васиќ, родоначалник на српската археолошка наука. Едниот, постариот, меѓу двете светски војни. ја подигнал српската археологија до светско ниво, додека другиот, помладиот, надминувајќи го својот професор, ја прославил таа археологија во светот.
Драгослав Срејовиќ е еден од најхрабрите толкувачи на модерната археологија. Според него, денес археологијта е фундаментална наука за човекот - творец, со што "се проширува полето на археолошките истражувања за активностите на луѓето во сите времиња и пространства. Практично, археологијата станува наука за човекот, неговото дело и однесување". Оттука, "главната цел на оваа наука не е утврдување на апсолутната старост на одделни предмети или утврдување на траењето на дадена култура (дескрипција, фактографија, хронолошко определување), туку откривање на пораките, смислата и значењето на определени појави и определени форми што човековата рака ги создавала и ги оставала зад себе..."
Срејовиќ сметаше дека судбината на човештвото не се третира подеднакво од археологијата и историјата. Историјата минатото "го дознава од субјективни искази и таа е приморана субјективно да го толкува, бидејќи историчарот секога и афективно е врзан за предметот на своите истражувања... Историчарот "ги гледа" водачот и деталите на збиднувањата - преку другите историчари. Кај археологот предметот на истражување не е намерен, туку случаен.." Бидејќи не ги знае актерите на збиднувањата што ги истражува, археологот е многу малку пристрастен, односно — страста му е ублажена."
Видувањата на Срејовиќ, очигледно, се смели, но длабоко осмислени и, во секој случај, напредни, почнувајќи од основното сознание за праисторискиот човек дека тој, како и денешниот, бил длабоко заинтересиран да ја разјасни и истражува тајната на природата, имал иста желба да го сфати светот околу себе, дека неговите откритија исто така се производ на човечкиот дух, ум, дека тој веќе не е некаков дивјак, туку творец рамноправен на денешниот - па се до поимањето за суштината на односот на современиот човек, интелектуалецот, кон општеството: "Секој интелектуален, без оглед на тоа каква е власта, каква е политиката... мора да биде во опозиција. Дури и кога режимот е најблиску до неговите сфаќања. Зашто, интелектуалецот би требало да биде оној што предвидува нешто подобро, без оглед на тоа колку моментната состојба е добра или лоша. Неговата потреба за хуман свет не може ни најдобрата политика да ја преточи во практика. Со самото тоа, секој интелектуален е опозиционер."Ова се само фрагменти од богатиот спектар размислувања со какви зрачеше опусот на археологот Драгослав Срејовиќ, опседнат со вечноста и ископот на антропоматеријата и нејзиниот однос кон другата материја.
Што се однесува до откритијата и собитијата во македонската археолошка сфера, овој археолог немал прилика како другите од нашиот северен сосед да истражува во Македонија но, будно следејќи ги археолошките откритија во овој дел на Балканот, искажал мислење: "Многу нешта ме импресионираат во археологијата на Македонија. А тоа се, од една страна, новите значајни и сензационални вредности, а од друга страна што мислам дека е мошне, мошне важно дека во Македонија се создава еден нов млад кадар кој ќе биде во состојба овие откритија правилно да ги протолкува и правилно да ги пласира."
Срејовиќ како особено значајни откритија од поново време ги истакнува архитектонскиот објект — пајонската гробница кај Бразда, Скопско, и релјефните претстави на глинените икони од Виничко Кале, за кои потенцира дека припаѓаат кон еден центар каде се водела некоја определена политика преку една таква иконографија. Зашто, има толку малку аналогии, толку е тоа специфично, толку е поврзано со една секта, со нешто што се случувало во рамките на христијанската црква, така што би било значајно да се види - што било тоа, каков објект им бил наменет на овие икони..." Во врска со постарите археолошки наоди на почвата од Македонија, Срејовиќ посебно ја нагласуваше некрополата кај Требеништа, Охридско. Компарирајќи ја со некрополата кај Синдос, Солунско, тој особено го нагласуваше фактот што и двата локалитета се наоѓаат на важната магистрала Вија Егнација, односно "во тој контекст треба да се бара сличноста меѓу наодите од Требеништа и Синдос. И токму во уметничкото богатство најдено кај Требеништа, каде што се откриени најдобри изведби на архајската култура, какви што ги нема во цела Грција, треба да се посматраат оние моќници што ја контролирале магистралата Вија Frнација. И токму на овие релации (овде се мисли на големата патна траса што функционирала и пред нејзиното обновување во римско време, 3. н.), каде што минувале бројни карвани, се одржувал еден мошне жив контакт, се одржувале односи со тогашните најцивилизирани пунктови на светот. Така, Требеништа и натаму секојдневно добива во својата археолошка вредност и значење."
Човекот што конечно се пресели во светот на археолошките царски одаи, по кои одамна трагаше, последен пат беше гостин во нашата средина во 1985 година, кога во изложбените простори на Музејот на Македонија во Скопје беа презентирани импресивните камени скулптури од Лепенски Вир. Тогаш тој, Драгослав Срејовиќ, одржа едно од своите најелоквентни предавања за значењето на лепеновирската прастара европска цивилизација. по кое остана запаметен кај поширокиот круг археолози и љубители на археологијата во Македонија.
Оваа година, 1996, проф. Срејовиќ требаше повторно да дојде во Македонија на покана од Македонското археолошко научно друштво. Тој вети, но не дојде. Не дојде, затоа што мораше ДА ЗАМИНЕ ЗАСЕКОГАШ.