Macedoniae acta archaeologica 14 (1995) · стр. 265–266
Ксенија Вински-Гаспарини
Во летото 1995 година, ненадејно, по кратко боледување, почина Ксенија Вински-Гаспарини, научен советник во пензија од Археолошкиот музеј во Загреб.
Ксенија Вински-Гаспарини е родена во Задар, каде што и докторирала во 1970 година, на тема "Културата на полиња со урни во северна Хрватска". Сиот свој работен век го поминува во загрепскиот Археолошки музеј, со тоа што од 1944 до 1966 година делува во Праисториското и Средновековното одделение, за потоа конечно да се определи за праисторијата, каде што останува се до пензионирањето во 1979 година.
Резултатите од нејзиното работење на полето на музеолошките и конзерваторските проблеми се навистина маркантни, како впрочем и на институцијата во која работеше и која е една од најеминентните во југоисточна Европа.
За одбележување е и ангажманот на Ксенија Вински-Гаспарини околу реномираното археолошко списание Vjesnik, во издание на Археолошкиот музеј од Загреб.
Забележителни се и нејзините бројни археолошки теренски активности и самостојни ископувања, кои се изведувани со големи одрекувања, педантност и ерудиција.
На стручната и научна јавност во Македонија таа е позната по множеството значајни текстови од областа на металното време, од енеолитот до латенот, но и по впечатливите трудови од средновековниот период, главно резултат на заедничката работа со нејзиниот сопруг - проф. Зденко Вински. Така, нивната студија за словенското "земјено" градиште (Х-ХШ век) од локалитетот "Мрсуњски Луг" во Славонија, истражувано во првите години по Втората светска војна и објавено во Historiski zbornik 1950 година во Загреб, и денес не изгубило од својата актуелност, туку - напротив - останува како еден од позначајните трудови за средновековните утврдувања воопшто кај Јужните Словени.
Познанството со Ксенија Вински-Гаспарини започна посредно во 80-те години, кога се одвиваше мојата интензивна соработка со проф. Зденко Вински. Во тој период често престојував во нивниот дом во Загреб, користејќи ја огромната домашна библиотека и, секако, нивните стручни и пријателски упатства и совети. Не можам, а сепак да не го споменам неодминливиот впечаток што се добиваше при средбите со оваа извонредна личност. При првиот контакт изгледаше (можеби поради нејзината фасцинантна убавина и одмерено однесување) по малку резервирана и затворена, па затоа уште повеќе изненадуваше нејзиниот едноставен, срдечен и топол однос со кој не дочекуваше дома. Фрапантна беше, исто така, и нејзината пожртвуваност и грижа околу сопругот.
Со својата работа и начинот на живот, таа како да беше избрана да ни ги покаже доблестите на силна и рафинирана личност, како во професионалниот така и во приватниот живот.