Macedoniae acta archaeologica 14 (1995) · стр. 261–264
Блажо Ѓеорѓиевски
Есента 1994 година, на 31 октомври во вечерните часови, ненадејно и без збогум, замина од овој свет еден од амбасадорите на македонската археолошка импулсија, еден од најталентираните истражувачи во оваа сфера, археологот "од Куманову", Блажо Ѓеорѓиевски. Неговиот животен пат, импулсивен поради љубопитствата кон разните креативни можности што ги нуди животот, а кои ги пројавувал сигурно уште од детството, бил судбински предодреден да биде краток И СОДРЖАЕН, не толку строго во рамките на нагорната линија на себеизградувањето, но секако чесно и во рамките на сопствените ВОЗМОЖНОСТИ, кон кои се стреми и секоја благородна душа на човечката цивилизација.
Роден е на 8 октомври 1957 година во Тополовиќ, Кратовско, но целото негово животно патешествие нераскинливо е врзано за Куманово, гра-НОТ ВО кој му започнува детството, каде што завршува основно и гимназиско образование. во кој постојано живее и работи и каде што конечно ја завршува својата кратка животна сторија. Проширувањето на својот интелектуален дијапазон го обезбедува на Катедрата за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде се стекнува со диплома за високо образование во 1981 година. Како стипендист на Народ-
ниот музеј од Куманово, по завршувањето на студиите - во 1082 година, се
вработува како кустос во Одделот за археологија при оваа институција, на која И го посветува натаму целокупното свое професионално знаење, себенаоѓање и творештво. Надарен со предиспозиции за рационални постапки во практичната работа, како и со исклучителни способности за извлекување заклучоци врз основа на здравата научна логика, Блажо уште како студент беше драгоцен член на стручните екипи што вршеа теренски археолошки истражувања на повеќе значајни локалитети во Македонија (античката некропола "Дрезга" кај с. Лопате, античкиот град Баргала кај Штип, античкото Стоби во времето кога истражувањата ги изведуваше македонско-американска екипа, како и во сите кампањи на истражување на средновековниот археолошки комплекс "Црквиште" во с. Мородвис, Кочанско), каде што се здоби и научи доста многу од постарите истражувачи, но истовремено даде и се вгади со свој оригинален придонес во изработката на теренската документација, во практичноста на методолошките постапки и, воопшто, во вкупноста на истражувачките резултати.
Блажо Ѓеорѓиевски беше особено свесен за својата животна и професионална мисија по вработувањето во Народниот музеј во Куманово. Тој првично исклучително совесно приоѓа кон консолидација, натамошно прибирање, собирање и евидентирање на движниот археолошки материјал, а потоа кон теренска проспекција и рекогносцирање, како и кон помали археолошки ископувања, со што создава една заокружена слика на археолошката карта во Кумановскиот регион. Така, ги поставува основните насоки за развојот на теренската и теоретската археологија во овој дел од Македонија, извршувајќи ги истовремено и сите други обврски што се налагаа во институцијата во која работеше. Со практичните организаторски потфати на Блажо Ѓеорѓиевски, за првпат се извлекол особено вредни археолошки сознанија за неолитските населби во Кумановско: "Чибук Чешма" кај с. Никуштак, "Мијашки Рид" кај с. Пчиња, "На Брег" во с. Младо Нагоричане, "Стара Црква" кај с. Довезенце; за енеолитската населба "Градиште" кај с. Пелинце, за античката некропола "Дрезга" кај с. Лопате, некрополата во кругот на Карпинскиот манастир, како и особено за комплексниот археолошки локалитет "Жеглиговски Камен - Костоперска Карпа"кај с. Младо Нагоричане.
Дека Блажо беше омилен оперативец на археолошките терени покажува и неговото учество во стручните екипи што истражуваа на локалитетите низ Македонија. Така, и покрај зафатеноста со активности што произлегуваа од обврските кон својот музеј и во својот археолошки регион, тој е незаобиколен член на екипата што го истражуваше "Моробиздон" во Кочанскиот реон, како и во екипите што ги истражуваа локалитетите: "Скупи" (Скопје), "Тумба" - Маџари (Скопје), "Виничко Кале" (Виница) и "Таранеш - Селокуќи" (Дебар).
Покрај овој широк спектар на директни археолошки допири со културните слоеви на македонската почва, Блажо беше и неуморен афирматор на археолошките вредности од своето Куманово и неговата околина, држејќи предавања за разни археолошки теми пред средношколската и студентската младина. За целата кумановска културна средина, како и за целокупната македонска археолошка јавност, незаборавни беа двете археолошки изложби што во културните простори на Куманово ги организира Ѓеорѓиевски заедно со своите музејски колеги. односно поблиските соработници. Едната, на тема "Старите градови во Кумановско" (отворена на 11 Март 1988 година), а другата со наслов "Од археолошкото богатство на Кумановскиот крај" (отворена на 2 Март 1990 година), и двете во времето на нивното презентирање регистрирани како централни и превасходни културни настани од таков вид во градот и Републиката. Со својствениот ентузијазам Б. Ѓеорѓиевски особено ја анимираше културната јавност на Куманово, приопштувајќи И серија од четириесетина прилози со археолошка тематика печатени во градскиот весник "Наш весник" (1991/1992), расветлувајќи го минатото на градот и неговата околина од таков аспект и низ една длабока и бурна хронолошка вертикала.
На македонската археолошка наука тој И остави неколку парадигматични стручни прилози, кои сигурно ќе имаат значајно место во археолошката литература како поврзувачки фактор во рамките на определени хронолошки профили од археологијата на македонските простори. Кај него, сосем исправно професионалниот интерес беше насочен кон три истражувачки средишта, исклучително значајни за Кумановскиот регион, важна област во антиката, која "отсекогаш се наоѓала на границата меѓу два различни света, хеленизираниот Југ и варварскиот Север". Негова доблесна проценка е дека во околностите во кои тој работи е потребно истражувањата да се насочат кон расветлување на предисториските, односно античките патни комуникации - како прво, кон утврдените населби или т. н. градишта кои ги контролираат тие патишта - како второ, и целосно систематско истражување барем на еден податлив комплексен археолошки локалитет, заради осознавање на континуирана хронолошка трансверзала на живеење - како трето (во случајов станува збор за лок. "Жеглиговски Камен - Костоперска Карпа", големата професионална опсесија на Б. Ѓеорѓиевски). Доволно за една недостатно истражена област од археолошки аспект, каква што е Кумановската, и доволно за еден истражувачки век на еден археолог.
Обработувајќи ги овие теми врз основа на археолошки согледби, Блажо Ѓеорѓиевски настапи на три симпозиуми од Здружението на археолозите на Македонија (првпат на X симпозиум во Кочани, 1985 година), на еден симпозиум од Античката секција на Сојузот на Археолошките друштва на Југославија (Охрид, 1987 година) и на еден научен собир на млади археолози во Софија, 1990 година.
Проблематиката на патните правци во антиката на просторите од Кумановската област с обработена и публикувана во две негови стручни статии: Римските патишта во Кумановскиот регион, Масеԁ. acta archaeol. 10, Скопје 1989, 153-160, и: Античкиот пат Scupi - Stobi, според податоците содржани во Tabula Peutingeriana, Maced. acta archaeol. 12. Скопје 1991, 211-219, во кои најпрвин констатира (во првата статија), а потоа дава исклучително солидно научно образложение за исправноста на податоците во Tabula Peutingeriana, во врска со T. н. "вишок патни станици" на античката траса Скупи - Стоби, елиминирајќи ги досегашните погрешни толкувања на познати авторитети кои се занимавале со оваа проблематика (во вториот
прилог).
Неколкуте други прилози за македонската археологија на Блажо Ѓеорѓиевски (Праисториските градишта од Кумановско, Масеԁ. acta archaeol. 13, Скопје 1993, 51-68; Жеглиговски Камен - Костоперска Карпа, повеќеслојно наоѓалиште, Arheoloski Pregled 1987, Ljubljana 1989, 56-58; Подземниот објект кај Куманово, Лихнид. Зборник на трудови, Охрид 1989, 95-100) - обилуваат со драгоцени податоци кои за првпат пред стручната археолошка јавност ги соопштува овој археолог. Тие се опремени со беспрекорна научна апаратура и документација, што говори за особено сериозен пристап кон односната материја и максимален ангажман да се извлечат значајни заклучоци истргнати од инаку скудните околности под какви што работеа Блажо Ѓеорѓиевски и целата македонска археолошка сфера.
Така, нашиот човек и нашиот колега се градеше себеси и својот имиџ. Беше член на сите наши дружби, од поодамна член на Здружението на археолозите на Македонија, четири години член на неговото Претседателство, катализатор на заедничките заложби и потфати и елитен браншен претставник, без какви таа и не може пристојно да постои.
Очигледно, македонската археологија загуби човек кој штотуку стапна на сцената од археолошките архиви на македонската почва и кој штотуку го зазеде археолошкиот трон што самиот си го подигна меѓу Дарданија и Пајонија, а веќе мораше да си оди. Очигледно, македонската археологија загуби човек и професионалец без кого ќе биде тажно да се пречека третиот милениум од нашата ера.