Macedoniae acta archaeologica 13 (1993) · стр. 291–294

Алојз Бенац (1914 - 1992)

Илустрација, стр. 291

Ненадејно, на 6 март 1992 година во Сараево почина академикот Алојз Бенац, една од водечките личности во археолошката наука, сестран истражувач, организатор и координатор на научноистражувачката дејност, втемелувач на праисториската археологија во Босна и Херцеговина, личност со врвна научна репутација во археологијата на доскорешна Југославија и во светската археологија. Смртта го затекна не така долго од деновите на чествувањето на неговата седумдесетипет годишнина од животот и работата што му го приреди научната и културната јавност на бих, како благодарност за големиот придонес што го даде во истражувањето и афирмацијата на културната историја на оваа република. Го затекна во атмосфера исполнета со скромно лично задоволство, со многу жалби и планови во натамошната работа но и со еден притаен немир, загриженост и страв од војната што го зафаќаше просторот и средината во кои живееше, а кои толку многу ги почитуваше и сакаше. Роден е на 20 октомври 1914 година во Плеханов кај Дервента. По завршувањето на гимназијата во Загреб се запишал на Филозофскиот факултет во Белград на групата за класична филологија и археологија, на која дипломирал во 1937 година. Докторската дисертација на тема „Неолитската населба Небо и проблемот на бутмирската култура“ ја одбрани во 1951 г. на Универзитетот во Љубљана.

По завршувањето на студиите работел како професор по латински и грчки јазик во гимназиите во Требиње, Врање и Мостар. За време на војната, во 1943 г. бил член на илегалното движење во Мостар а подоцна и борец во оперативните единици на нов. Во 1947 г. се вработил во Земањски музеј на Босна и Херцеговина задржувајќи се таму полни две децении. Доаѓањето на А. Бенац во музејот, како што вели Б. Човиќ, претставува пресуден момент како за неговата научна кариера така и за археологијата на Босна и Херцеговина. Имено, уште од првите години целосно се посветува на истражувачката дејност раководејќи со истражувања сконцентрирани на праисторијата, посебно на проблемите на неолитот и енеолитот. Како шеф на Праисториската збирка, потоа, началник на Одделението за археологија и особено како директор на Музејот (1957-1967), своите заложби и организаторски способности ги насочил кон долгорочното планирање на работите, прибирање и остручување на кадарот, реинтеграција на иституцијата и осовременувањето и унапредувањето на издавачката дејност. На тој начин, под негово раководство Земањскиот музеј прераснува во врвна научноистражувачка, културна, образовна и педагошка установа од највисок ранг.

Покрај археолошките и музеолошките активности А. Бенац презел врз себе и други обврски и функции, извршувајќи ги на високо професионално и академско ниво. Така, уште во 1954 г. бил професор по археологија на Филозофскиот факултет во Сараево, а од 1967 г. преминува за негов редовен професот по историја на стариот век и археологија. Од 1962 до 1965 г. предавал археологија на Филозофскиот факултет во Задар, а во зимскиот семестар на 1965 г. во Минхен. Основач е и директор на Центарот за балканолошки испитувања во Сараево од 1962 до 1989 г. За редовен член на Академијата на науките и уметностите на бих е избран во 1967 г. во кој долги години обавувал секретарска и претседателска функција. Во еден мандат бил претседател на Советот на југословенските академии на науките и уметностите. Академик Алојз Бенац имаше и други југословенски и меѓународни функции. Беше член на Југословенската академија на науките и уметностите, Словенечката академија на науките и уметностите, Српската академија на науките и уметностите, Војводинската академија на науките, Црногорската академија на науките како и на археолошките институти во Германија, Италија и Австрија. Бројни се неговите обврски во стручните асоцијации, општествените и државните тела и органи. Бил прв претседател на Координациониот одбор на археолозите на Југославија (подоцна Сојуз на археолошките друштва на Југославија), претседател на Археолошкото друштво на бих, претседател на Собранието на републичката заедница за култура и член на Советот на Република Босна и Херцеговина.

Научно дело на академик Алојз Бенац е поврзано со повеќе од двесте научни трудови, во најголем дел посветени на праисторијата на бих, Југославија и југоисточна Европа, Практично, првите ископувања на неолитските населби Небо и Мујевине во долината на реката Била како и на енеолитските населби Хрустовача кај Сански Мост и Алихоца во Билај, го најавуваат неговиот научен интерес. Внесувајќи нов методолошки приод, преку населбата Небо доаѓа до драгоцени податоци за осветлувањето на генезата и развитокот на бутмирската култура. Истражувања извршил и на неолитски наоѓалишта во заднината на источниот јадрански брег, во Херцеговина и Црна Гора (Лисичиќи кај Коњиц, Зелена Пеќина над изворот на Буна, Црвена Стјена кај Никшиќ). Од големо значење се откритијата на палеолитските и мезолитските слоеви во Црвена Стјена преку кои успеал да ги објасни тековите на неолитизацијата во овој дел на Балканот. Со сите овие истражувања, по пат на извештаи, студии и монографии, ја поставил и денес важечката културна стратиграфија на неолитот во западниот Балкан и неговите позиции во рамките на неолитот на Медитеранот. Кон крајот на шеесеттите години раководел со ископувањата на Обри | и Обри II во централна Босна со кои го осветлил развитокот на неолитот во овој простор.

Како добар познавач на неолитот во бих, академик Алојз Бенац со особено внимание и интерес ги следел и користел научните резултати од истражувањата на неолитот во другите балкански простори на југоисточна Европа, се со цел да навлезе во осветлувањето на проблемите поврзани со уточнувањето на генезата и развојните процеси на неолитските култури како и лоцирање на нивните матични јадра во просторот. Во тој поглед не заостанува неговиот интерес и кон неолитот во Македонија, особено во нејзините западни делови. Прифајќи ги констатациите за поврзаноста на Трнската култура и Устието на Дрим со истовремените култури од јужната зона на источниот јадрански брег, во соопштението поднесено на Тркалезната научна маса во Скопје 1987 г. поналгасено ќе ја определи улогата на оваа зона во настанувањето и развитокот на доцниот неолит во Охридско-преспанскиот басен и Пелагонија, издвојувајќи ги истовремено како простор во кој се судираат и испреплетуваат јадранско-медитеранските и балканско-анадолските влијанија.

Во научната работа на А. Бенац не помало значење имаат и истражувањата на енеолитот. Преку ископувањата во Хрустовача и Зецови кај Приедор го заокружува проучувањето на Вучедолската култура во Босна, укажувајќи на нејзиното фундаментално значење за развитокот на бронзенодопските култури во северозападниот Балкан. Исто така, преку истражувањата на Пивнице во Поточани кај Оџаци, ги утврдил и дефинирал орнаменталните карактеристики на Костолачката култура, а со што дал особен придонес во културната стратиграфија на помладиот енеолит во Босна и средното Подунавие.

Покрај работите на неолитот и енеолитот А. Бенац наоѓал време да им се посвети и на проблемите на бронзетото и железното време. Уште во педесеттите години заедно со Б. Човиќ ја разработиле нивната хронологија за подрачјето на Гласинац, коешто претставува прв чекор во натамошното истражување на овие две епохи. Преку Центарот за балканолошки испитувања ја организирал истражувачката работа на населбите - градини во бих. Непосредно раководел со научен проект за истражување на овој тип населби и во областите на северна Далмација (Гламоќ, Дувно, Ливно и Бушко блато). Од овие работи ќе произлезе неговиот голем придонес за проучувањето на овие населби а истовремено и за проучувањето на проблемот на Илирите и нивната етногенеза.

Секако, во кусото претставување на истражувачките преокупации и постигнувања, треба да се наспомне и неговиот придонес во средновековната археологија на бих. Прв ги отпочнал работите врз проучувањето на средновековните надгробни споменици – Стечци. Со објавувањето на бројните расправи и студии, практично, ја поттикнал истражувачката работа на овој културно-историски период.

Паралелно со истражувањата академик Алојз Бенац повеќе од дваесет години неуморно работел врз организирањето и унапредувањето на науката, вложувајќи ја сета своја енергија, време, љубов и организаторска способност. Како ретко кој умеел да ги согледа потребите, да ги постави и организира работите, да го прибере околу себе врвниот научен кадар и што е најважно, да создаде и остави зад себе врвни остварувања. Под негово водство Земањскиот музеј на бих, Научното друштво при Академијата на науките и уметностите на бих, а посебно Центарот за балканолошки испитувања ќе ја достигнат својата полна научна афирмација во рамките на оваа република, Југославија и пошироко. Благодарение на неговата рационалност, доследност и настојчивост во Центарот за балканолошки испитувања, а во соработка со соодветните институции при академиите на науките од Полска, Србија и Бугарија, ќе бидат успешно реализирани бројни меѓународни симпозиуми, тематски псоветени на илирологијата, на феномените во материјалната и духовната култура кај праисториските популации помеѓу Балканот и Балтикот, како и на палеобалканските племиња помеѓу Јадранското и Црното Море.

Академик Алојз Бенац исто така со голем успех ја организирал и водел и издавачката дејност. Под негово раководство, како главен уредник и член на редакцијата, од 1965 до 1985 г., биле подготвени и објавени повеќе броеви од Гласникот на Земањскиот музеј, 25 свески од Годишникот на Центарот за балкансколошки испитувања како и повеќе посебни изданија. Меѓу нив се наредува и објавувањето на петтомното монументално дело „Праисторија југославенских земаља“ (1979–1987) кое стрпливо го организирал и уредувал повеќе од десет години.

За долгогодишната плодна работа и се она што A го даруваше на науката и културата историјата академик Алојз Бенац добил повеќе одликувања и признанија, меѓу кои: Орден за заслуги за народ со златен венец, Орден на Републиката со златна звезда, Орден Al Терито della Republica Italiana, наградата на ЗАВНОБИХ, како и наградата АВНОЈ.