Macedoniae acta archaeologica 10 (1989) · стр. 304–308
Благој Јевремов
Пролетва наврапито отиде животот на археологот Благој Јевремов, Македонец во Словенија, Љубљанска археолошка школа, кустос за античка археологија во Покраинскиот музеј - Птуј, директор на истата установа во еден неодамнешен период и член на Археолошкото друштво на Словенија.
Умре на 4 април 1989 година, во педесет и првата година од животот, во градот на кој му1 го посвети најплодниот дел од својот живот, во градот каде што заснова свое семејство, во поетичниот Поетовио на кого остави свој белег, во подножјето од возвишението на чиј врв се наоѓа замокот на грофот Херберштајн, на левиот брег од реката Драва во Штаерска Словенија.
Животописот на Благој Јевремов е една од сентименталните приказни на Македонците во недалекиот свет. Роден е 1938 година во поднебјето на оризовите полиња во Кочани. Гимназија завршува во родниот град со особено видливи наклоности кон хуманитарните науки, со цврста определба да ги истражува далечно-минатите човекови времиња. Таа желба, во отсуство на катедра за археологија при Скопскиот универзитет, го одведува дури во Љубљана каде што се запишува на студии по археологија и каде што ги слуша предавањата на Јосип Корошец, Клеменц, Франц Старе и др. Студиите по археологија ги завршува во лѕто 1965 година. Животната судбина на младиот Јевремов натака е своевидна. Не навлегувајќи подлабоко во околностите или случајностите во животот и егзистенцијалната потрага по сопственото место под сонце, два мотива се сигурно од поголемо значење за донесувањето на одлука да се живее и работи подалеку од своето првобитно огниште: едниот е, сентиментален, да се биде, барем привремено во близината на избраната животна сопатничка, птујчанката Маријана, а вториот, како утеха и верба, во врска со професијата - археолошките наслаги на било која точка од земјината топка се подеднакво важни за човештвото и науката.
Патот до вистинската археолошка посвета на Благој Јевремов беше заобиколен и подолготраен. Најпрвин се вработува како професор по историја и социологија на педагошката гимназија во Марибор. поради неизвесноста и дополнување со соодветни знаења, се запишува на студии по социологија. Засновувајќи брачна животна заедница со Маријана Томанич, кустос за праисториска и средновековна археологија во Покраинскиот музеј во Птуј, Јевремов станува жител на овој град и најпрвин се вработува во Птујскиот ученички дом, а потоа, во летото 1970 година во Покраинскиот музеј како кустос на одделението за народна револуција кое го водел се до летото 1974 година. Желбата да добие работно место како археолог не го напуштала за целото ова време. Конечно, таа желба му се исполнува во летото 1974 година кога го добива ресорот за античка археологија во Птујскиот покраински музеј. Веднаш потоа започнува неговата најрешавачка битка на полето на археологијата. Имено, токму тогаш започнува и акцијата на птујските урбанисти и градските власти за урбанизација на просторот од локалитетот Рабелчја вас со намера да се изгради комплекс од новоградби - станбени блоковик за потребите на современото население од градот. Но тоа е и просторот на источниот дел од римскиот Поетовио. Постапувајќи според законските прописи за заштита на археолошки локалитети и во рамките на чесноста која произлегува од професионалната етика, Благој Јевремов, со анимација на целата словенечка стручна јавност успева, во една подолготрајна кампања, да ја отпочне акцијата за спасување на еден дел од римскиот Поетовио и за спасување на угледот на археологијата, да отпочне со археолошки ископувања пред самиот налет на булдожерите од градбените претпријатија, понесувајќи ја притоа сета тежина на археолог-домаќин во сиот тој комплекс на „птујските археолошки џешки настани“. Така, Птуј во времето од 1974-1981 година претставува една своевидна „југословенска археолошка работилница“, југословенска археологија „во мало“ бидејќи на Рабелчја вас беа собрани археолози скоро од сите краишта на Југославија. Од некои конзервативни снаги на градот Птуј, тогаш, нашиот Благој Јевремов беше прогласен за „непријател“ на развојот на градот и „кочничар“ на неговата натамошна перспектива. Но, резултатите од истражувањата беа над сите очекувања, за голема несреќа на скептиците. Резултатите од тие истражувања подоцна беа презентирани во повеќе поставки на „увид“ пред јавноста, меѓу кои една посебно се издвојува како презент-отчет на Благој Јевремов: „Занаетчиската дејност на подрачјето од римскиот Поетовио“. Освен тоа, со наодите од Рабелчја вас, Птуј е презентиран и на сесловенечката археолошка изложба „СПАСЕНО АРХЕОЛОШКО НАСЛЕДСТВО“.
Во периодот од 1981- 1985 година Благој Јевремов беше директор на Покраинскиот музеј во Птуј. Тогаш поголемо внимание му посвети на обновување на изложбената дејност на Музејот. Притоа, наоѓаше време за активности и во рамките на својата професија обработувајќи и подготвувајќи материјали за публикување и верификација пред стручната јавност.
Големо внимание и признание кај словенечките археолошки кругови предизвика изложбата: „Накитот низ археолошките периоди“ окоја Б. Јервремов ја подготви заедно со Маријана Томанич Јевремов во 1983 год. а по повод 90-годишнината од постоењето на Покраинскиот музеј - Птуј. За истата беше изработена и придружна студиско-каталошка публикација во која Јевремовата преокупација беа римските фибули од Поетовио. Најобемно дело на Благој Јевремов е „Водич низ лапидариумот“ (Vodnik ро lapidariju) каде што се обработени камените предмети и епиграфските споменици - денес една од најбогатите и најцелосните збирки во Покраинскиот музеј која била долго време предмет на интересирања на повеќе познати словенечки античари и епиграфичари. Во скратен облик овој труд на Јевремов излезе и во рамките на публикацијата „Културни и историски споменици на Словенија“. Непосредно пред да го нападне тешката болест, Б. Јевремов за печат предаде уште два стручни труда: едниот, во „Археолошки вестник“ - тематски број посветен на новите наоди од бронзеното време во Словенија (Лендавски колоквиум на Словенечкото археолошко друштво, 1987) каде Благој ги презентира резултатите од истражувањата на гробовите од тој период кој ги открил на лок. Перутнина - Птуј , и другиот, во Зборникот посветен на споменот на д-р Јарослав Шашељ, за позлатените бронзени фибули од античкиот Поетовио.
Не можеме а да не ги назначиме и некои од нашите контактни спомени коишто своевидно ќе ни го доближат ликот и делото на археологот Благој Јевремов. Во времето на големата акција за заштита и презентација на дел од римскиот Поетовио, а и потоа, Благој беше „трн во око“ не само на властите од градот во кој живееше, туку и на повеќемина од неговата непосредна работна средина. Излишно е во овој момент причините за тоа да ги бараме само во неговата личност. Веројатно подоцна тоа се рефлектирало и на неговата дилема која во еден период од неговиот живот го мачеше: да остане во Словенија или да се врати во Македонија. Тоа е и разбирливо ако се земе во обзир дека секој човек одвоја од својот роден дом, ако не постојано, барем повремено е оптоварен со носталгија кон родното огниште. Благој се интересираше за cé што работеа неговите колеги во Македонија, беше редовно информиран за резултатите од археолошките истра жувања од оваа јужна археолошка оаза на Југославија. Во времето кога во Љубљана се одржуваа „Деновите на македонската археологија во Словенија“ Благој и Маријана беа единствените археолози надвор од љубљанскиот круг кои допатуваа со единствена желба да ги проследат предавањата и настаните на македонските археолози. Благој беше жеден за дружба со нас, жеден по мелодијата на неговиот мајчин јазик, жеден да се вклопи во повеќегласјето на омилената му песна „Болен ми лежи Миле Попјорданов“.
Остана неостварена и неговата желба да се доближи до македонскиот археолошки колотек преку понудата да ја презентира тематската археолошка поставка „Накитот низ археолошките периоди на Птуј“ најпрвин во Охрид, а потоа и во некои други градови на Македонија.
Накрај, Благој Јевремов ќе остане во сеќавањата на Птујчани како човек кој со својата работа оставил зад себе видлив траг. Оставил дел од себе, а засадил и нов корен - своето семејство и потомство. Можеби беше привилегија и чест за Благој Јевремов да живее и работи во Птуј, словенечката археолошка оаза, но привилегија, чест и насушна потреба за Птуј е исто така во него да живеат и работат археолози каков што беше Благој Јевремов.
Белешки
- MAA заштитата, конзервацијата и реставрацијата на музејските предмети како и на ↩