Macedoniae acta archaeologica (None) · стр. –

Основоположник на неолитот во Република Македонија

Воислав Санев е еден од најреномираните археолози-праисторичари во Македонија, високо респектиран од истражувачите во регионот и пошироко.

Роден е во Кочани. Со основно и средно образование се стекнува во земјава, а на Филозофскиот факултет во Белград на Катедрата за археологија го завршува високото образование. Од 1963 година е вработен во Народниот музеј во Штип, каде што подоцна е назначен за директор. Во Музејот на Македонија во Скопје се префрла 1975 година, каде што работи до неговото пензионирање. Тука тој € раководител на Одделот за археологија, а еден период е и в.д. директор. Покрај овие раководни функции, тој постојано се занимава со истражувачка теренска и кабинетска работа, оставајќи зад себе четириесетина отпечатени трудови со широк опус од македонската археологија. Повеќето од нив се однесуваат на праисториската археологија кај нас и корелациите со соседните држави во периодот на праисторијата.

Низ своето археолошко службување извршувал и други функции, како: претседател на Одборот за заштита на спомениците на културата во Штип, член на Одборот за истражувачки работи на Стоби и Скупи, претседател на Македонското археолошко научно друштво (во два мандати), технички директор на истражувањата во Анзабегово, кораководител на проектот Неолитска населба Вршник кај Штип ии др. Во издаваштвото ревносно ги извршува функциите: главен и одговорен уредник, член на редакција, ликовно-технички уредник на Археолошката

карта на Република Македонија, како и на повеќето стручни списанија Macedoniae acta archaeologica, Зборник - Штип. Археолошки зборник на Музејот на Македонија и др.

Многубројни се неговите истражувачките активности, меѓународни и национални во проекти ширум Републиката за неолитските населби: Анзабегово, Горубинци, Велушка Тумба (Битолско), Мала Тумба-Трн (Битолско), а најмногу време и труд вложува во истражувањата на неолитската населба Тумба-Маџари, Скопско, која низ многубројните негови публикувани и филмувани трудови ја популаризира македонската праисториска археологија многу подалеку од нашите граници.

Учествувал на 27 симпозиуми, конгреси и средби на археолози кај нас и на Балканот и е организатор на четири симпозиуми во Македонија, каде научно ги презентира резултатите и анализите од своите истражувања и заклучоци.

Воислав Санев е високо признаен и почитуван археолог од страна на добрите познавачи на праисторијата, особено за неолитот во Македонија и на Балканот. Неговите трудови ќе останат како абецедник за генерациите што ќе се едуцираат во сферата на праисториската археологија.

Ирена Колиштркоска- Настева